May 30, 2010

Chuck: Втора и трета сезона

Chuck е една од најдобрите серии што сум ги гледал во последно време. Ме купи уште со прва сезона и за кратко време изгледав се што се имаше прикажно, па последниве епизоди си ги следев секој вторник. Втората сезона сега за сега ми останува омилена, ја изгледав наеднаш и уживав во секоја епизода. За разлика од првата сезона што е феноменална во секоја случај, втората отсконува од шаблонот по кој се правени епизодите и нуди покомплексна приказна (во споредба со првата сезона, секако) која се развива низ целата сезона. Дешавките се сконцентрирани на Fulcrum, тајна терористичка шпиунска организација која трага по Интерсектот, системот кој се наоѓа во мозокот на Чак и ги содржи сите владини тајни. Се откриваат многу работи за минатото на Чак, татко му кој е исчезнат со години (Скот Бакула) и се развива врската помеѓу Сара и Чак која конечно доживува кулминација во трета сезона. Финалето на втората сезона всушност било наменето како крај на серијата, што се осеќа во последната епизода, но сепак, во последен момент серијата е продолжена за уште една сезона. Сценариото не е многу изменето од оргиналот, зошто се приметува како некои детали се додадени колку да се отвори пат за трета сезона. Како и да е, последната епизода од втора сезона е одлична.

Трета сезона некако отскокнува од стандардот за Чак кој се наметна во претходните две. Серијата како да беше веќе завршена, па првите епизоди делуваат многу исфорсирано. Чак има нов Интерсект, кој покрај пристапот до информации, му овозможува да "флешне" и боречки вештини. Чак најпосле станува вистински агент, покорисен е на мисиите од било кога, а двете агенции, ЦИА и НСА се соочени со поопасна закана од претходно - The Ring. Да, организација која е главна на огранокот Fulcrum. Знам како звучи, но воопшто не е лошо. Баш оваа сезона ми е доказ како се спасува серија пред да тресне на дното.

Има нови ликови, еден од нив е Брендон Рут и веројатно ова му е најдобрата улога што некогаш ќе ја игра. Скот Бакула е повторно присутен, а се појавуваат и многу гости како на пример Кристофер Лојд, кој ја игра улогата на психијатар кој се грижи за ЦИА агенти. Повторно куп референци до geek културата, што е баш во прилог со дел од ликовите, а и за публиката на која Chuck суптилно се обидува да се наметне.

Најдоброто нешто во Chuck се ликовите. Ретко се наоѓа серија во која сите, буквално сите ликови имаат хемија меѓу себе, одлично се дополнуваат, феноменално се осмислени и постојано се развиваат. На крајот на третава сезона, се почуствува колку многу ликовите созреале. Не е како во многу други серии, каде што имаме статични ликови кои воопшто не го менуваат карактерот или начинот на однесување низ седум сезони. Тоа е тоа што ја прави Chuck генијална серија. Плус, и самата приказна има напредок и лесно се извлекува кога ќе заринка. После третава сезона, Chuck дефинитивно влезе во мојата листа на 10 омилени серии и тоа на висока позиција.

Четврта сезона, ќе има. За жал, серијата поради чудната идеја од која е започната и луѓето на кои им звучи глупаво, страда од низок рејтинг, меѓутоа успева да истурка нова сезона секоја година. За следната сезона, сигурни се 13 епизоди, со опција за уште 9, доколку рејтинзите се задоволителни. Со оглед на тоа како заврши третава сезона, убеден сум дека ќе видиме уште подобра четврта.

За крај, ќе кажам дека Chuck е моментално најзабавната серија што се прикажува и дека дефинитивно заслужува шанса.

May 26, 2010

Haunt, новиот стрип на МекФарлејн

Haunt е новиот стрип на творецот на Spawn, Тод Мекфарлејн, реализиран во соработка со Роберт Киркмен, шизикот кој е потпишан на The Walking Dead, Ultimate X-Men и Marvel Zombies. Тоа што го знаев претходно за Haunt, ме натера да си го оставам настрана оптимистичкиот пристап и да видам што навистина има да понуди. Дали поради љубовта кон Spawn, неможам објективно да гледам на она што излегува од работилницата на МекФарлејн - незнам, но ќе бидам искрен и ќе кажам дека Haunt навистина позитивно ме изненади.

Haunt потсеќа на претходните ликови на МекФарлејн, како на пример Spawn и Venom, меѓутоа не значи дека е лошо. Напротив. Фетишот на МекФарлејн за (анти) херои со симбионти очигледно ќе биде присутен уште долго време, па на публиката и останува да го прифати, или да земе во рака нешто друго за читање.

За што станува збор во Haunt? Главните ликови се двајца браќа, Курт и Даниел Килгор. Едниот е свештеник, другиот е таен агент и во главно се занимава со убивање луѓе. Курт на последната мисија, дознава повеќе отколку што треба, и е убиен под крајно сомнителни околности од уште посомнителни ликови, организации кои се инволвирани во тајни експерименти со луѓе. Некако, духот на Курт е сеуште на Земјата и единствен кој може да го види е брат му Даниел. Силната врска помеѓу двајцата браќа, го создава Haunt, суштество со неверојатна моќ, која ја има свеста на Курт и Даниел. Браќата, иако се блиски, се сосема спротивни, па така нивните конфликти се одразуваат и на Haunt, бидејќи двајцата се истовремено дел од него. Моментално, целта на Курт е да открие зошто е мртов, а публиката е соочена и со друго прашање - што навистина е Haunt? Од каде доаѓа и зошто се случува тоа што се случува? Идејата за Haunt како лик, на прв поглед можеби и не делува којзнае колку интересно, но реализацијата ја прави да навлекува.

Интересни заплети, браќата се феноменални ликови, а екипава зад стрипов има уникатен начин за нивниот развој. Многу ме интересира што ќе се случува понатаму, па со нетрпение го чекам новиот број. До сега, излезени се седум. Верувам во новиве реализации на МекФарлејн, очигледно сака да си ја спаси компанијата и да ја задржи публиката. Прво го рестартираше Spawn, а потоа и ова... Haunt веќе ме има мене како редовен читател, а и сигурен сум дека ќе ме задржи.

May 24, 2010

Lost 6x17 / 6x18 - The End

Ова беше финале? Ова? Сериозно, ова? Вака заврши? Каква врска имаше ова со било што до сега? Останав буден цела ноќ за да го гледам ова? Тотално промашување. Само што се испомочаа на цела серија. Што беше поентата на финалето? На серијата? Lost заслужуваше многу подостоен крај од ова. Срамота.

За жал, Lost останува без крај, со многу отворени прашања и без поента. Благодарен сум за се што ми приреди серијава изминативе години, што ме држеше заинтересиран и ме возеше низ генијални моменти толку долго време. Крајот нели, требаше да заокружи се што беше оваа серија низ годините, меѓутоа не успеа тоа да го направи. Факт е дека воопшто не е лесно да завршиш серија како Lost. Толку многу ликови, мистерии, случувања, и илјадници луѓе, секој со своја претстава за нештата. Колку што е ова добро, толку е лошо, зошто на никој нема да успееш да му го погодиш крајот. Но, сепак, можеше барем малку поокеј.

Знаев дека нешто не е во ред уште од магичната пештера. Одговори не добивме на ништо, наместо тоа Линделоф и Кјуз, немајќи излез од сопствените гомна, ја завршија серијата со уште повеќе прашања, за кои искрено ме здоболе. Ме здоболе и за бројките, за светилникот, за DHARMA, за се. Сите прашања се сега во вода, заедно со Островот... Не ме интересира што е, како е, толку. Заврши.

Имаше скриена порака во сценариото. Или барем ја така го протолкував муабетот на Кристијан Шепард. Толку е. Идеме понатаму. Крај.

Еден саат до финалето на Lost...

Не ми се верува дека за саат од сега почнува последната епизода. Моментално го стримувам рикепот (фала Иван), сецка, нетов ми е ужас, се надевам дека ќе се среди. Многу чудно го доживувам крајов. Серијава ми е дел од секојдневието со години. Толку муабети, теории, чекање нови епизоди... Lost ќе влезе во историјата како ТВ феномен и ми е мило што сум дел од ова. Сигурен сум дека нема да го има истиот ефект после години.

Најдоброто нешто што идело на телевизија. Серија што шест години тераше толку луѓе напорно да размислуваат, да пишуваат и да се грижат за нејзината содржина. На крајот и краиштата, како и да заврши, нема многу да влијае на тоа што Lost го постигна изминативе години.

Иван крена и IRC канал (#lostmk на UnderNet), таму сме десетина луѓе, се дискутира за Lost. Фино ми дојде и ова, кога ќе се земе во предвид дека IRC не сум користел три години најмалку. :)

May 22, 2010

30 години The Empire Strikes Back

Поминаа цели триесет години од премиерата на The Empire Strikes Back. Често пати кажувам дека ова е мојот омилен Star Wars. Од почеток до крај, филмот блеска од совршенство. Од дете, до денес, сцената со АТ-АТ вокерите на Хот го предизвикува истото чувство на воодушевување кај мене. "Do, or do not... there is no try" ми е омилена филмска реплика со години... Вејдер му открива на Лук дека му е татко, врв моменти на Хан Соло ("I know"), го има Лендо, нема Евокси, нема Џар Џар... Цели генерации се облежани со ситниците кои би набројал.

The Empire Strikes Back е можеби и врвот во филмската индустрија и пример за како се прави блокбастер. Интересна приказна, која иако е дел од трилогија, функционира и независно. Интелигентно сценарио, милион реплики за памтење, и неверојатна хемија меѓу ликовите. Нема елемент од филмот што би можел да го одвојам како најквалитетен, зошто се има придонес во крајниот резултат. А, најфасцинантно е тоа што и после триесет години, The Empire Strikes Back е свеж, како да почнал да се прикажува пред недела. Да направиш нешто толку безвременско воопшто не е лесно, а малкумина успеваат. Покрај тоа, филмот го нуди истиот жар секое гледање и никако не здосадува. Вакви филмови се прават еднаш и остануваат за генерации. Каков Avatar - ова е тоа. Ремек дело. Фак оф.

Деновиве ја анализирав новата трилогија. Паѓа на најбитната работа - нема душа. А, мала споредба на било што од старата со новата, вади уште низа други недостатоци. Не дека не го знаев ова, туку упорно игнорирав некои ствари кои се баш слон у соба. За ова ќе зборам повеќе, откако маратонски ќе изгледам пак.

May 20, 2010

Lost 6x16 - What They Died For

Претпоследната епизода Lost. Колку чудно ми звучи ова, не можам да замислам како ќе се осеќам следната недела. Ќе го скокнам делот кај што мрчам за претходната епизода, тоа ќе го направам по финалето кога ќе сум убеден дека се што гледавме нема смисла. Во секој случај, Lost беше феноменално искуство и вакво нешто, телевизијата нема долго да види.

Интересна епизода. Успеаа да вметнат еден куп работи што требаше да ги видиме претходно. Пак умреа многу луѓе, некои дури и прерано и преглупо. Видмор? Што беше неговата улога? Веројатно не била толку значајна како што мислев. Ричард? Зошто Ричард? Кјуз и Линделоф изгледа стигнале да напишат нешто повеќе само за Џек, па решиле сите други да ги убијат на брзина и да не се замараат со нив. Мотивите на MiB се јасни и очигледно никој неможе да го сопре (освен Џек во последната епизода, нели?), Бен е сеуште себично манипулативно копиле, а другиве... другиве што? Освен Џек, претпоставувам сите ќе умрат, нели наједноставно да им се завршат приказните.

Џејкоб конечно прозборе пред Кандидатите, им објасни неколку ствари што требаше да ги знаат уште одамна. Многу исфорсирано и површно. Као ајде, дај да ја завршиме серијава, еве ви. Зошто Хуго не го праша Џејкоб како бројките биле добитна комбинација за лотаријата или сите го заборавија тоа? Јебига, има ситници што носеа на грб цели сезони и сега ни трага од нив. DHARMA толку? Египетските мотиви што го преплавуваат Островот, не а? Има уште милион прашања што нема да бидат одговорени, а наместо тоа во финалето ќе видиме како Џек ќе ја чува магичната жолта пештера што ги претвара луѓето во црн чад. Fail.

May 18, 2010

Spawn: Endgame

Последниве години, компанијата на Тод Мекфарлејн профитот го вади од играчки, додека стриповите полека им умираат. За жал, Spawn е единствениот стрип на Image Comics што колку толку успева да се одржи, и тоа благодарение на успехот во 90-тите.

По Армагедон аркот, Spawn и немаше баш кај и да оди, веројатно и МекФарлејн го сконтал тоа уште тогаш, меѓутоа му требаа години да се обиде да го мрдне стрипот од мртва точка. По Армагедон аркот, имаше лош обид да се рестартира приказната, дури и буквално. Откако светот е уништен, Спон наоѓа начин да го врати назад комплетно со помош на мистични фактори, измислени веројатно во последен момент, во фрка, кога сценаристите барале начин како да продолжат понатаму. Во реконструираниот свет, приказните не се воопшто сјајни, а за да биде полошо и Никс е сеуште присутна. Искрено, се надевав дека некој ќе види колку е лош и исфорсиран ликот уште во првите неколку броја откако се појави. Веројатно МекФарлејн со вакви глупости, wicca, вампири и слични инфантилни теми (претставени во најкатастрофална форма) се надевал на гот/емо/твајлајт публика. Сценаристите упорно се губат во наоѓање некаква замена за Ког, еден од најдобрите ликови кои се имаат појавено во Spawn. Откако ќе го снема, квалитетот на Spawn значително се намалува.

По крајно чудната приказна (лоша е, но си има моменти достојни за внимание) за Ал Симонс и неговата трансформација во Хелспон, МекФарлејн го прави најхрабриот чекор во 15 годишниот развој на стрипот, го убива Спон. Баш делуваше некако симболично, Симонс со последни сили успева да си ја разнесе главата и конечно да умре, како што МекФарлејн со последни сили прави обид да го врати сјајот на Spawn.

Со смртта на Ал Симонс, почнува Endgame аркот каде што симбионтот и моќта се префрлаат кај Џим Даунинг, пациент кој со години бил во кома и нема никакви сеќавања. Под сомнителни околности, во болницата, исчезнати се сите информации за Џим Даунинг и се води како "Пациентот 47". Единствената личност која му е блиска е медицинската сестра Сара, која се грижела за него додека бил во кома. По Џим трага тајна организација, а со добивање на симбионтот и разни ентитети од рајот и пеколот, меѓу кои и Кловнот (The Violator) кој се враќа назад во стрипот по години отсуство. Џим полека почнува да се трансформира во Спон, незнае што му се случува и е во постојана потрага по одговори, како за новите физички промени, така и за сопствениот идентитет. Постепено дознава за необичните моќи, симбионтот и Ал Симонс и на крај конечно станува комплетен Спон. Во меѓувреме, дел од болните од болницата каде што престојува Даунинг мистериозно се излекувани. Вака завршува Endgame аркот од неколку броја, а од тогаш излезе само еден нов.

Endgame го рестартира Spawn, многу поуспешно од претходно. Приказните во Endgame во духот на првите броеви, кога главна движечка сила на стрипот беше развојот на главниот лик и неговата емотивна страна. Искрено, ми беше тешко да ја прифатам смртта на Симонс, иако сум сигурен дека во иднина некако ќе се врати. Друго битно за спомнување е тоа што МекФарлејн се враќа како сценарист, додека Грег Капуло (според мене, најдобриот Spawn цртач) е исто назад со насловните и еден број комплетно негов. Да, маркетингшка фора за колку да се привлече назад старата публика, но и последниот обид на МекФарлејн да си го спаси она што го направи богат и познат.

Искрено, ми требаше две читања на Endgame за да видам дека сепак има некаква вредност и надеж за Spawn. Со малку повеќе креативност и труд, наместо шарено чкрабање демонски ентитети со смешни имиња, Spawn ќе блесне повторно и ќе може да се надеваме дека некогаш ќе видиме нов филм или анимирана серија. Ќе следам редовно што се случува, ме интересира до каде ќе оди приказната и како ќе се расплетуваат мистериите околу Џим Даунинг. Враќаат многу од старите ликови, како Сем и Твич, па може МекФарлејн ќе се договори Нил Гејмен за Колиостро.

May 12, 2010

Lost 6x15 - Across the Sea

Lost изминативе години имаш еден куп моменти каде што бев решен да прекинам да гледам. Сепак, некако успеваа да ги наместат работите и да ме задржат, иако серијата претрпуваше огромни промени од сезона до сезона. Се сеќавам кога се збореше дека сценаристите немаат претстава каде одат со серијата и дека се е измислено по пат и во зависност од реакцијата на публиката. Прекинав да верувам во ова, кога точките почнаа да се сврзуваат и да се решаваат мистериите. Сега кога дојде најбитното за објаснување, Островот, изгледа дека е точно.

Океј, што е сега Островот? Извор на живот? Затка што го држи злото затворено? Временеска машина? Очигледно, Островот е од се по малку. Верувам дека кога ги пишувале последниве епизоди, претходните сезони не ги гледале ко што треба. Кога ја видов пештерата (види слика) со светлината, мислев дека гледам некоја ефтина серија од 90-ти. И како MiB станува чадот? Така е, Џејкоб го фрла во пештерата! А, како функционира тркалото што ги телепортира луѓето надвор од Островот? Што е битно, MiB е "посебен" и така го направил. Зошто Островот патува низ време? Каква врска има тоа со пештерата и светлината? Што е злото на островот? А, дали некој го памти Светилникот?

Дали сега сакаат да се задоволиме со ова? Сега гледам колку е рендом цела серија и колку ништо нема смисла. Моментот со Адам и Ева на крај беше исфорсиран, зошто сум сигурен дека во прва сезона немале идеја чии се и како дошле скелетите. Да ги немаше камчињата, сигурно и ќе ги заборавевме. А, останаа како мистерија зошто во прва сезона правеа мистерии од се.

Не знам што ќе видиме во последните две епизоди. После ова, некако не ме ни интересира, нека праат што сакаат. Веројатно Џек ќе остане да ја чува пештерата (секогаш кога ќе ми текне ќе се смеам, затоа и ја стаив сликата), MiB ќе умре, уште некој ќе умре и така...

Жалосно. Мизерен завршеток за серија што ја сметав за најдобра.

May 5, 2010

Lost 6x14 - The Candidate

По две недели пауза, новата епизода Lost. Речиси и да не се открија многу нови работи, но епизодата успеа да добие позитивна оцена кај мене поради тоа што храбро ја завршија приказната за некои ликови. Уште од почетокот беше јасно дека секој може да умре на Островот, па дури и главните ликови. До сега, не памтам каде во друга серија сум видел како умираат три главни ликови.

Саид се жртвуваше за доброто на другите, човек кој цел живот го поминал како убиец. За Џин и Сан верував дека имаат некаква поголема цел на Островот. Двајцата беа разделени со години, па нивната единствена цел беше да се најдат еден со друг, грижејќи се за ништо друго освен тоа. Откако најпосле се најдоа, ликовите немаше уште којзнае колку да понудат, ниту пак беа интересни за Кандидати. Иако не беше неопходно, сценаристите ги убија, со тоа правејќи ја (доволно) емотивната епизода, потресна. Џек е Кандидатот кој Џејкоб го бара и тоа е тоа.

Во алтернативниот универзум, Лок е кандидат за операција на р'бетот која ја одбива, зошто се обвинува себе за ситуацијата која го довел и татко му, Ентони Купер (оргиналниот Соер од оргиналниот универзум). Купер и Лок имале заеднички живот, сосема спротивен на оној во оргиналниот универзум. Лок го урнал малиот авион со кој управувал, оставајќи го него и татко му инвалиди за цел живот.

Добра епизода, можеби да не прочитав спојлери за се што се случуваше, ќе бев многу повеќе изненаден. А, прочитав и за следната, па друг пат ќе припазувам. :)

Ах, да. Денес прочитав, финалето е продолжено за 30 минути, значи вкупно два и пол часа со реклами.

May 4, 2010

150 епизоди Family Guy

Ете, и Family Guy стигнаа до јубилејот од 150 епизоди. Family Guy e серија што успеа да ги истисне South Park од моето прво место на анимирани ситкоми и знае да ме насмее и расположи во секое време. Суров хумор, кршење на секакви граници, често без осет и мерка.

Се што правеа Family Guy до сега, си држеше некаков стандард. Вчерашната епизода, не само што отскокна од претходните, туку беше тотално без вкус и крајно дебилна. Знаев дека МекФарлејн си има стил на хумор што го одржува, ама никогаш не помислив дека ќе отиде толку далеку како вчера. Брајан ја изеде содржината од пелената на Стјуи? Имал пиштол за да се самоубие? Океј, кога е смешно е смешно. Кога не е, е трагично. А, ретко Family Guy да предизвикаат негативни чувства кај мене. Имаа одлична подлога за добра епизода, што донекаде е искористено после првите десетина минути, кога е веќе касно, зошто епизодата е усрана уште на старт. Епизодите со Брајан и Стјуи секогаш биле феноменално напишани и ликовите биле максимално искористени, па затоа сум запрепастен од мизерните триесетина минути што ги видов. Ах, да. Другото се песни што (наводно) претходно не сме ги виделе, таму веќе изгасив зошто ме фати срам уште толку.

Дно епизода и очаен обид да се шокира публиката. South Park го направија тоа фраерски во епизодите "200" и "201". Family Guy се удрија од земја...