August 31, 2014

Кратко за првите шест броеви на Saga

Честа работа што ја слушав пред да почнам да читам, e дека доколку ти се свиѓа Star Wars, ќе ти се свиѓа и Saga. Можеби ти се свиѓаат и шајки во пенисот, меѓутоа тоа никако не мора да значи дека е слично со Star Wars. Океј, да речеме дека е, со Attack of the Clones, меѓутоа Saga, во ниту еден панел до сега, не ми даде причина за асоцијација со Star Wars. Да, се случува на фиктивни планети, е некаква вселенска бајка, постои некоја интергалактичка нетрпеливост, но не е ни приближно за споредување. 


Saga почнува прилично наивно и лабаво, да не речам шаблонски. Марко и Алана, се војници од двете завојувани страни, кои се заљубуваат, им се раѓа бебе и, нели, таа забранета љубов ги врти нивните луѓе против нив и се приморани да бегаат за да си ги спасат газовите. Она што понатаму го гради Брајан К. Воган околу оваа иницијално позната ситуација, е мајсторско кршење на сите познати правила, прописи и очекувања. Покрај тоа што главните ликови се интелигентно напишани и повеќеслојни од самиот почеток, Saga располага со најуникатните споредни ликови и негативци. Како концептуално, така и визуелно. Првите три броеви се сосема доволни за да се види целата таа креативност и имагинација истурени тука. Овации за Фиона Стејплс за живописното пренесување на хартија.

Големината и епштината на Saga доаѓа во моментите кога шаренилото и возбудливиот хумор ќе се преклопат со шок и мрак и работите ќе станат сериозни како нож во грб од близок. Тука веќе ти е јасно дека не е стрип за деца, и тоа не само поради изобилието од интерпланетарни дилдоа и оргии во некое крајно сомнително ќоше од галаксијата. Но, симпатичната нарација на ќерката на Марко и Алана, успева дури и тие моменти некако да ги исполира. Тој детал уствари ми е еден од омилените во Saga

Овие шест броеви за кои се обидувам да се воздржам од спојлери, имаат добиено и Хуго во 2013 за најдобра графичка приказна, што ете ако веќе бараме, секако е поиздржан маркетинг од споредбите со Star Wars, Lord of the Rings и Game of Thrones. Или не? Моментално стрипов ми е третиот што го следам од Image, заедно со Spawn и The Walking Dead. Од март 2012 до сега, излезени се 22 броеви, така што не е тешко да се стигне. Брзо се чита, забавно е, и е одличен материјал за мал одмор од суперхерои.

August 25, 2014

Први впечатоци од Питер Капалди како новиот Доктор

Дремам десетина минути и се мислам како да го почнам постов. Дали уште еднаш да го обжалам заминувањето на Мет Смит, дали да почнам со тоа дека имавме доволно време да го прифатиме фактот дека Питер Капалди е новиот Доктор, не знам. Второво некако не ми функционира така. Едно е битно, дека Капалди изгледаше како добар избор уште на сликите и тие неколку секунди од првото промо. Уште тогаш бев убеден дека е Докторот. Години пред воопшто да почнам да гледам Doctor Who, претставата што ми беше во глава за кој и што е Докторот, визуелно се поклопува со Питер Капалди. Повозрасен, со посериозна фаца, позади која се кријат стотици години искуство и мудрост стекнати низ времето и просторот. После три помлади доктори, Питер Капалди не само што ја отсликува "километражата" на Стивен Мофат, туку и става некаква прикладна боја на самиот лик. А, за транзицијата да биде уште поприродна, епизодата има изненадување кое тотално не го очекував, ама ќе скокнам детали поради спојлери.


Митологијата која првата епизода од новиот серијал ја нуди, умешно се вклопува во целата историја на Докторот, додека паралелно го користи целиот капацитет на Капалди, вклучувајќи го неговото шкотско потекло и акцент, кои свесно се вметнати во новиот идентитет. Во моментот кога Докторот излегува дезориентиран од Тардисот после регенерацијата, Капалди ги потврдува сите мои очекувања. Дури ни Мет Смит не го прифатив волку брзо. Единствено нешто за кое што верувам дека немаше време да се случи, е да ја прифатам Клара како новиот придружник. Клара е пристуна епизоди наназад, меѓутоа не сум уште решен да ги пуштам Ејми и Рори. Иако приказната на Клара е феноменална, некако не ми е доволно вдомена во Тардисот. Можеби ќе треба уште некоја епиозода, не знам. Ми се свиѓа и новата атмосфера на серијата која дојде со новиот Доктор. Меѓутоа, колку и да е помрачна, успева да се избалансира со речиси детската наивност која дури и кај Капалди не изостанува.

Епиозодата беше супер, ама бев некако презафатен со новиот Доктор, па доколку се создаваше класична епизода пред мене, изгледа пропуштив. Со секој нов Доктор, серијата завзема нов тек, поголем арк што се расплетува за време на присуството на актуелниот Доктор, па така и тука. Едвај чекам да видам која страна на Докторот ќе ја чепне овој серијал. Кулминацијата на Мет Смит со Трензалор беше епска, а како серија што константно еволуира на секое поле, довербата пак ќе си ја оставам кај Мофат.

Во следната епизода Капалди ќе се соочи со Далеците. Секогаш е интересно кога новиот Доктор се среќава со нив, така што многу ме занима каква ќе им биде средбата сега. Патот за новиот Доктор е отворен, моето тело е спремно и неделното попладне ми е резервирано за она што следните месеци има да ми го фрли Doctor Who.

August 17, 2014

Гласини за негативците во Star Wars: Episode VII што прават смисла

Денес се разбудив затекнат од нови гласини (или детали) за негативците во Star Wars: Episode VII. Уште откако продукцијата започна поинтензивно, почнаа и разни гласини кои се секогаш составен дел од нешто големо како Star Wars. Во последната тура ваков печат, многу од точките почнаа да се спојуваат, и тоа благодарение на Latino Review. Дечкиве од таму, често настапуваат со вакви "гласини" кои подоцна испаѓале дека се точни. Не можам да се сетам на конкретен пример во моментов, меѓутоа сигурен сум дека било така. Подолу следуваат спојлери, кои не мора да се точни. 

Најголемиот негативец во Star Wars (лево) и Џ.Џ. Абрамс

Раните гласини на темава, зборуваа за исчезнувањето на Лук по настаните во Jedi, потрагата по него и наоѓањето на лајтсејберот, новиот сопственик на Фалконот, и... појавувањето на Дарт Вејдер. Последново дури мислам дека и Џ.Џ. Абрамс го имаше спомнато некаде, дека бил битен дел од Star Wars и не можеле така лесно да се откажат. Како поинаку ќе го искористиш Вејдер освен во флешбек? Било што друго би немало поента, затоа што така би се поништил моќниот завршеток на оргиналната трилогија, нели? Последните муабети зборуваат баш за тоа. Според нив, Лук си има проблем со Инквизиторите, ловци на преживеаните Џедаи, испратени на должност од Вејдер лично. Инквизиторите би требало да бидат главните негативци, а нивната приказна ќе биде раскажана преку краток флешбек. Тука доаѓа Вејдер, и тука во сликата доаѓа ќерката на Кери Фишер за која се зборуваше дека ќе ја глуми младата Леа. Покрај тоа, главниот негативец во Star Wars Rebels ќе биде ист таков Инквизитор, така што ништо чудно вака да го врзуваат новиот канон.

Мене ова ми прави смисла, и делува интересно. Звучи многу посериозно и помрачно од било што во приквел трилогијата. Indie Revolver објавија и слика од Инквизитор и скршен шлем на Вејдер за чие протекување на интернет имало отпуштања од продукцијата на филмот. Пред некој ден, Indie Revolver објави и слики од новите Стормтрупери.

Доволно сум нахајпан за да се радувам на секоја ваква вест. Далеку сме од филмот, и секој ден ми се зголемува довербата, иако очекувањата моментално ги држам под контрола. Не верувам дека ќе дозволат нешто лошо, зошто имаа доволно време за фидбекот од публиката. Сакале или не, како што ќе се наближува датумот на премиерата, Star Wars ќе биде насекаде. Дури повеќе и од сега што е.

August 16, 2014

Компетитивен Кантер

Ја имам Counter-Strike: Global Offensive повеќе од една година и за тоа време имам изиграно над 100 саати. Ми влијае некако катарзично и секако е подобро отколку да употребиш вистинско оружје после напорен ден. Мирен човек беше, би рекле комшиите. За тие што одамна ги напуштиле играчниците (самите газди на играчниците исто) CS: GO е апгрејд на онаа Кантер на која што мојата генерација своевремено ги оставаше сите пари, време и муабети. Енџинот е апгрејдуван, има нови мапи, измени на старите, додека останатото е отприлика исто. 

Издигнувањето пред епскиот пад

CS:GO има повеќе модови во кои нема да наглегувам во детали, зошто тука сум да се исплачам сега, така што за модовите друг пат, океј? Неделава, почнав интензивно да го играм компетитивниот мод, на турнирските мапи што најчесто ги избегавам поради мапите со заложници. Пошто кежуал е за пичиња нели, а во последно време веќе не ми беше предизвик. За да влезеш на глобалната ранг листа, потребни се 10 компетитивни победи. Лесно, нели? Нели? Мислам, играм сега и со снајпер, без да пијам апче да ми се смири раката, добар сум, креирај ајде!

Тие што имале прилика да ми ги запратат пцовките додека возам, сега буквално би си ги затнале ушите. После две победи, мојата тазе кариера во компетитвниот CS гејминг отиде по патот на кариерата на Де Ниро. Во партиите кај што не играв катастрофално лошо, тимот ми беше составен од руси, сомнителни германци и обавезно бот што пополнува место на некој што се исклучил после првиот хедшот. Едвај се комуницира на англиски, па координацијата е тешка дури и на мапи каде што најосновната работа што треба да ја прави тимот е да ги чува глупите заложници. Кога во тимот немам играчи што се викаат ПсихоУбийца02 (да речеме бројката е година на раѓање), имам такви со една рака и едно око.

И, така. Постот си ја направи поентата. Ми требаше да напишам дека можеби е време за ново хоби што намалува стрес. Пример, балет.

August 14, 2014

Warlords of Draenor синематик, датум и мали панични напади

Денес, за некој беше обичен четврток, а за друг откривање на ствари што ќе му залепат осмех на фацата до крајот на годината. Еј, малите нешта се битни, нели? Пред само неколку минути, Blizzard на мал ивент (стримот беше од Лос Анџелес) го објавија тоа што се чекаше уште од моментот кога ја тргнаа прекривката од Warlords of Draenor. Датумот за новата експанзија е 13-ти ноември 2014, една година откако ја најавија. Со оглед на стварите што ќе ги понуди, очигледно е дека ќе го оправда долгиот период без нова содржина. Од финансиски аспект, не се во никаква загуба, имаат две нови игри, и покрај тоа што многу играчи, меѓу кои и јас, решија да се стрпат до експанзијата. Или да не стрпам.. стрпат!


Blizzard секогаш биле мајстори за синематици. Знаат како комплетно да ја доловат атмосферата од експанзијата, да раскажат моќна приказна во неколку минути, да стават сублиминални пораки (веројатно додека го допишам постов ќе уплатам два месеци) и да остават нечиј монитор во лиги, солзи и [едитирано]. Добар дел од приказната во синематикот е позајмена од Rise of the Horde книгата, со малку поинаков твист кој инволвира патување низ време. Да не го тупам, еве го:


Пред да биде прикажан синематикот, покажаа краток анимиран, прв дел од неколку, во стилот на The Burdens of Shaohao. Само што почна и полека почнав да губам свест, стримот прекина (зошто во телекабел работат хрчаци на парни компјутери) , па додека се оправи веќе беше завршен. Така што еве го, првиот дел од Lords of War.


За да биде комплетна промоцијата на експанзијата, во тек е и бесплатен стрип што ја дополнува приказната. Моментално, сум комплетно избезумен околу Warlords of Draenor. Секој ебан детал околу експанзијата ветува, па очекувањата ми се огромни. Самиот факт што ќе ја полираат играта и визуелно и основните механики, е доказ дека се решени уште долго да останат на Тронот (Тронот, get it? Артас?). Ги намалуваат спеловите за баровите да не изгледаат како самолепливи сликички за велигденски јајца, и ги намалуваат бројките кои веќе забегаа во цифри што веќе почнавме да ги читаме како Маријана Станојковска

Браво Blizzard. Земете ги париве ајде, душата одамна ми е на вашите сервери!

August 10, 2014

Џурасик Пост

Пред некој ден налетав на неискористени постери за првиот Jurassic Park од легендарниот Џон Алвин, па ми текна што не сум гледал со години. Batman & Robin. И Jurassic Park трилогијата. Викендов ја изгледав цела трилогија, и испадна дека супер се наоѓа за мамурно попладне, додека го потиш етанолот (возможно исто колку што Спилберг има застрелано трицератопс). Иако првиот е ненадминлив за тоа што е, вториот и третиот се доволно интересни за да не ги исклучиш на пола, иако се полни со дупки низ кои би можело да прелета јато птеросауруси. Од прееска сум аматер-палеонтолог, така што имам доволно самодоверба да ги користам овие референци во текот на денов. Како и насловот на овој пост.

Она што е многу битно за првиот филм, е што и по дваесет години, делува свежо. Како со идеите, така и со целата реализација и ефекти. Во времето во кое е излезен, немало ништо слично, барем не таква комбинација на квалитетни практични и компјутерски ефекти. Спилберг не штедел на ништо. Не знам колку е верен на книгата, ама не е ни битно, затоа што воопшто не ни знаев на што се базирани до пред некоја година. Идејата за клонирање на диносаурси наменети за ексклузивен забавен парк е толку оргинална, што наскоро пак ќе ја искористат, а јас не можам да најадам проблем во тоа овој пат. Ќе преживееме уште едно рециклирање на формулата каде група луѓе на изолиран остров, панично бегаат од компјутерски генериран Тираносаурус, додека врне поројно.

 "Њеееееееее"

Вториот, The Lost World, е директен продукт на успехот на оргиналниот. Дури и самиот автор на книгата, бил притиснат од Спилберг лично да напише продолжение и уште еден остров, каде што всушност диносаурусите биле создавани и растени пред да ги донесат на островот од првиот филм. Бла, бла, сфаќаме, има успешен филм уште пред да има филм. Макар и без Сем Нил и со тон нерационални потези на главните ликови. Не носиш мал повреден Т-Рекс во ебаната приколка која ти е веројатно најбезбедното место во моментот, кога знаеш дека ќе дојде големата накурчена мајка по него. Крајот на филмот, во Сан Диего, градот без никаква логистика за справување со дивеење Тираносаурус низ спокојните маала, е нешто што денес го прифаќам само затоа што е испишано "девеести" врз него. Ова, и некои други детали, меѓу кои и Џеф Голдблум, за жал не го прават филмот толку безвременски како кецот.

Третиот, Jurassic Park III (да!), го дознав сигурно две години откако излезе. Не памтам никаква галама околку, додека влијанието што го имаше првиот и периодот додека The Lost World беше актуелен, ми е кристално бистар. Не верувам дека сум го пропуштил, колку што немало агресивен маркетинг. Дури и самиот филм е таков, со Б шмек и делува како нешто што денес би излегло диретно на ДВД, и покрај тоа што буџетот за него е најголем. Спилберг тука ја предава улогата на Џо Џонстон, чие име доби поголема тежина после Captain America: The First Avenger. Филмот е баш онака трет дел. Или ќе ги носиш диносаурусите во урбана средина, или ќе најдеш начин да ги вратиш луѓето и Сем Нил назад на некој од островите. Првото е глупавата опција, така што третиот дел го остава тоа да почива со ужасниот Godzilla римејк од 1998. Критиките за филмот се лоши, иако ги правда средства, но ја става целата франшиза на пауза до 2015. Лично мене, ми е еднакво забавен со вториот, меѓутоа ликовите со ниско ниво на интелигенција и моќ за расудување се присутни и тука.

Сакам да видам што денес може да понуди Jurassic Park. Со оглед на тоа колку беше популарно пред петнаесетина години, имам впечаток дека не го измолзеа колку што можеа. Среќен сум што Jurassic World нема да биде римејк, барем не онаков стандарден. Иако приказната ќе биде генерално таа, со тоа овој пат, забавниот парк ќе биде функционален.

August 6, 2014

Guardians of the Galaxy (2014)

Кога веќе доминацијата на Marvel со блокбастерите стана сериозна и објавија план за фази на филмови што и моите внуци ќе ги дочекаат, ретко кој веруваше дека ќе ископаат нешто како Guardians of the Galaxy од нивната палета на (супер)херојски тимови. Мислам, кои се Guardians of the Galaxy воопшто? Колку пошироката публика, која да бидеме реални, е цел на овие филмови, знаеше кои се Чуварите пред да биде најавен филмот? 

Но, репутацијата што Marvel ја стекна со претходните екранизации, го намали ризикот за нешто што во поинакви околности можеше да биде класично коцкање. Со неизвесен исход. Иако е глуп аргумент, повеќето екранизации на детски книги кои се своевремено обидоа да се шлепаат на популарноста на Хари Потер, завршија толку неславно што не би можел да дадам повеќе од два примери, а имаше многу повеќе. Поентата ми е, дека самодовербата на Marvel е толку силна, што можат да продадат ракун што зборува, и тоа со многу повеќе од агресивен маркетинг и промоција. 

Guardians of the Galaxy не е ништо ново. Присутно е уште од 1969, кога хартијата за принтање стрипови трпела сешто, но останало маргинализирано некаде до 2008 каде што тимот полека ја завзема структурата како во филмот. Мојот прв контакт со овие ликови на хартија, беше пред неколку месеци, со Marvel NOW рестартот на насловот од 2013. Таа постава на Чуварите од филмот, плус Ајрон Мен за да се привлече полесно вниманието. Дури и во филмот било планирано камео на Роберт Дауни Џуниор, меѓутоа поради неизвесноста за продолжување на договорот или нешто, не било возможно да се случи. Како и да е, сакав да ги запознаам ликовите пред филмот, чисто да имам претстава што ме очекува. За изненадување, од филмот добив многу, многу повеќе. И, иако се случува далеку, далеку од Земјата, пак природно се вклопи во филмскиот универзум на Marvel!

Чуварите не се секојдневните Марвелови херои кои се навикнавме на да ги гледаме. Воопшто не се ни херои на почетокот, туку криминалци и преверанти кои претежно работат за сопствени интереси. Еј, ама толку се харизматични што не можеш да ги обвиниш. Можеш нешто лошо да кажеш за Хан Соло или екипажот на Серенити? Мора да јадат од негде, ок? Ок. Самиот сетинг и ваквите ликови, тука овозможија да дојде до израз хумор кој никогаш не бил до овој степен застапен во филмскиот универзум на Marvel. Не можеш да имаш напнат ракун што мрчи цело време и хуманоидно свесно дрво за кое Вин Дизел 1000 пати снимил три збора (на повеќе јазици, да не го синхронизира друг), и да го продаваш како сериозно. Дури и кечер од WWE протнаа со изведба која ја брише секоја секунда од Д Рок воопшто. До сега, Marvel во ниту еден случај не потфрлија со кастингот. Зборам за филмовите врз кои нивното студио има тотална контрола и се дел од истиот универзум, не за новиот Спајдермен. 

Уште еднаш, средниот прст е вперен во генералната насока на нивниот најголем ривал, кој патем што туку го помести датумот на Batman v Superman, кој храбро беше закажан во ист ден со третото продолжение на Captain America. Не се плашат од ништо, веќе знаат како, и верувам додека има публика што ќе гризе, можат да си дозволат да фрлат било што. Еј, прават Ant-Man, филм. Си играат со Хауард Д Дак. Што сакаат прават. Guardians of the Galaxy е сигурно најдостапниот филм што Marvel го понудија до сега. Обилниот хумор, веселиот саундтрек, шарените ликови и локации и неприкнатата забава што ја нуди се баш за сите генерации. Барем за оној дел од публиката што не е со стап во газот и верува во двочасовно лабаво кино-искуство.