February 28, 2022

Мини-серијата Midnight Mass

Мајк Фланеган си гази последниве години. За многу кратко време ги освои симпатиите на хорор публиката. Му изгледав неколку ствари, пишував за Gerald's Game и Doctor Sleep, па сосема јасни ми се неговите вештини и талент. Очигледно е дека го познава и сака жанрот и се осеќа неговиот ентузијастички пристап. Му ја прескокнав The Haunting of Hill House серијата и директно отидов на Midnight Mass. Ова му е некој апла личен проект што одамна се обидувал да го реализира, со години наназад. 

Прво идејата била замислена како книга, која патем се појавува како реквизит во два негови филмови, па подоцна се обидел приказната да ја понуди како филм и серија, меѓутоа бил одбиван од разни продукции. Конечно лани кога неговото име е веќе многу позвучно на сцената, Нетфликс му дава шанса со која Midnight Mass оживува како мини-серија од седум епизоди. 

Не знаев ништо за серијата освен тоа што можев да го видам од постерот и описот. Така е и најдобро ако почнуваш да ја гледаш. Затоа и ќе се потрудам да ги пренесам впечатоците без спојлери. Midnight Mass се случува на еден мал изолиран остров каде што во црквата доаѓа нов свештеник на замена кој бргу го придобива малубројното локално население со неговите миси. Но, заедно со неговото присуство, островот го затекнуваат низа мистериозни настани и чуда. 

Не би сакал да навлегувам повеќе во приказната, ама ќе спомнам дека на исклучително интересен начин третира извесни религиозни агли. Иако не е онаква директна средношколска критика кон екстремните догматски аспекти, воспоставува некој баланс и нуди различни перспективи, религијата и нејзиното поискривено толкување е еден од најсилните мотиви на серијата. 

Малку бев скептичен после првата епизода. Серијата почнува многу побавно од што можеби очекував, така и си тлее додека не почнат да отплеткуваат клучните точки и мило ми е колку добро успева да се заокружи. Фланеган мајсторски ја одржува непријатна атмосфера. Хоророт го спроведува споро и поетски, па додека си задлабочен во долгите дијалози и трагаш по некаква експозиција, ќе те затекне неспремен со неочекуван пресврт. Внимателно го делка секој лик и го позиционира на начин на кој ја прави сечија приказна ефективно емотивна. Сè во Midnight Mass има сопствена тежина и важна улога во големата слика.

Судбините на некои ликови се многу пострашни од традиционалните хорор елементи што ќе ги сретнеш во Midnight Mass, баш и поради тоа ми е привлечен овој стил на Фланеган. Си има најдено некој препознатлив тон што успешно го користи во повеќето работи што му изгледав. Знае како да ги врамува стварите што ќе те прогонуваат многу повеќе од евтините преплашувања што ќе затекнеш во слични дела. Не дека комплетно е изоставен визуелниот хорор, меѓутоа фокусот е на некое друго, позаебано место. Кастингот е исто така феноменален, иако појма немам кои се повеќето од овие луѓе. Комплетно се претопени и убедливи во нивните ликови.

Откако ја изгледав серијата на неколку места затекнав муабети дека ова е најдоброто екранизирано дело на Стивен Кинг кое нема никаква директна врска со него. Можеби инспирацијата е ненамерно позадински присутна, темите  и мотивите кои се провлекуваат или па едноставно историјата на Фланеган со неговиот ангажман во адаптации на Стивен Кинг ги оддава тој впечаток, ама ќе се согласам дека не е комплетно погрешен. Има некоја Стивен Кинг нишка што ќе ти се види позната и тоа е сосема супер.

Одлична серија. Темата не е воопшто нова, ама начинот на кој што Фланеган ја третира нуди некоја свежина и уникатност што одамна ја немав сретнато во ваков материјал. Приказната секако би можела да функционира и како книга, дури и како графичка новела, ама овој формат е некако најсоодветен. Седум епизоди се сосема доволни, во ниту еден момент нема да осетиш дека серијата се тегави или губи време на небитни нешта за да пополни простор. Сега мора да седнам и да ја изгледам The Haunting of Hill House. Фланеган е дефинитивно новиот најјак мангуп во хорор жанрот и едвај чекам да видам за што друго е способен. 

Види такоѓе:

February 20, 2022

Петтиот Scream

Никогаш ништо нема да успее да успори успешен хорор серијал. Без оглед на тоа во каков облик е еволуиран жанрот, секогаш некој ваков култен слешер наслов како Scream ќе се обиде да си обезбеди простор за ново продолжение. Се разбира, мотивот е претежно профитот кој го носи препознатливоста на брендот, ама барем Scream никогаш не се доживувал себеси премногу сериозно за резултатот да е нешто безобразно лошо како Halloween Kills. Баш тој лежерен мета-наратив му дозволувал на Scream да се извлече со некои работи кои не се толку функционални кај сличните вакви филмови.

Тоа "редефинирање" на слешер хорорите се случува многу ретко, па приликите да се остане свеж играјќи по веќе воспоставени правила се релативно ограничени. Петтиот Scream што излезе оваа година е сосема свесен за тоа, како што и секогаш биле филмовите во овој серијал, па затоа и лесно е да претпоставиш до кај ќе се спружи и што може да направи со себе. Ако премногу се дистанцира од сопствената формула веќе нема да биде Scream филм. Претежно намерно се придржува, некогаш е едноставно несмасен, ама пак успева да овозможи исклучително забавно искуство.

Главниот штос на Scream филмовите кој го озвоможува поголемиот дел од забавата е да погодиш кој е новиот маскиран убиец или убијци. Нема Џејсон, нема Мајкл Маерс, секогаш е некој нов од ликовите во кругот на главниот протагонист. Како што пишува на самиот постер за петтиот Scream - убиецот е на самиот постер. Само чекаш до крај да видиш дали ти се точни предвидувањата. Измеѓу, филмот те пренасочува и те подлажува, а во случајот на овој нов Scream, те шлапа со носталгија и повремено кршење на четвртиот ѕид со мета-референци. 

Невозможно е петти пат да го правиш истото, а да не се позезаш на своја смета. За среќа, Scream во случајов тоа го прави многу културно и симпатично, без да те јаде туѓ срам како во случајот со The Matrix Resurrections. Отсекогаш и било така со Scream, со тоа што овој пат се пројдени повеќе од десет години од претходното продолжение, па филмот располага со нови начини да се референцира себе во жанровски контекст. Понекогаш настојува да биде и сериозен со критиките кон денешната "токсична публика", меѓутоа Scream филм никогаш не би можел да се снајде во таква насока баш поради сопствената мека природа и хуморот што мангупски умее да го протне. Доаѓа до некоја точка повремено, ама никогаш со доволно тежина да ја прејде и прецизно да поентира.

И, тоа е сосема океј, бидејќи филмот поуспешно функционира на други полиња. Најважното е што и покрај стандардните елементи, успева да биде забавен и тензичен Scream филм. Ниту еден Scream филм не успеал да го повтори хоророт од првиот, можеби не ни треба, ама пак има доволно за да биде повеќе од носталгична комедија која се референцира себе. Дури прави и некои храбри потези кои апсолутно не очекував дека ќе ги затекнам, па ете може да се каже дека има и едно смело скршнување од формулата што ми приреди фино изненадување.

Младата актерска екипа е супер, ликовите се интересни, харизматични и добро си играат меѓусебно. Иако се обичните тинејџери што треба да бидат искасапени во текот на филмот, нивната хемија е одлична и се многу повпечатливи од оние во Scream 4. Џек Квејд од The Boys серијата ми е можеби омилениот дел од филмот. Дечкото изгледа дека максимално се забавува со улогата и на моменти го товари цел филм на грб. Алал.

Како што е редот, тука се и старите оригинални ликови кои преживеаа четири продолженија, меѓутоа просторот е воглавно отстапен на новата генерација која ефикасно го користи како Сидни, Гејл и Дуи некогаш. Се надевам во следното продолжение кое почнува да се снима летово ќе видиме барем дел од новава екипа. Спремен сум дури и за мали отстапки од формулата, иако верувам дека би сркал и повеќе од истото. Забавни ми се сите Scream филмови, па нека дадат што ќе дадат.

Не очекував дека толку ќе ми биде кул петтиот Scream, искрено. Често пати оди на тенка жица, ама некако успева да се избалансира и да не се сруши. Вес Крејвен за жал го нема, меѓутоа луѓето зад овој филм добро го разбрале серијалот за да ги искористат неговите елементи без да ја оштетат суштината. Безбедно и функционално. Топла препорака ако си фан. Не измислува ништо ново, а постоечкото го послужува добро и уредно како и секогаш. 

Види такоѓе:

February 6, 2022

Фрливме некоја коцка во World of Warcraft: Wrath of the Lich King

Пред да почне вистинската пандемија, играв Pandemic: Reign of Cthulhu ко ненормален. Една од малкуте друштвени игри е што ги поседувам и ја користев секоја прилика да се собирам со друштво додека не се излижаа картите од играње. Играта е базирана на оригиналната Pandemic, ама е тематски е обоена во амбиент базиран на Х.П. Ловкрафт. Никогаш не стигнав да напишам нешто повеќе на Crapwerk за Reign of Cthulhu, ама главната естетска разлика е што наместо вирусна пандемија, кооперативно треба да спречите да се истури космички хорор врз таблата. 

Има по некоја различна механика од оригиналната Pandemic секако, како и речиси сите наслови базирани на тој систем, ама пак идејата е дека здружено се натпреварувате против самата игра која станува покомплицирана после сечиј круг. Затоа и се превозбудив за новата World of Warcraft: Wrath of the Lich King која се потпира на истиот Pandemic систем, меѓутоа со некои позначајни разлики од Reign of Cthulhu. Ја набавив во првата прилика и конечно се собравме за неколку партии.

Она што прво ќе го приметиш во World of Warcraft: Wrath of the Lich King е дека е за некоја нијанса поблага во однос на Reign of Cthulhu. Барем така ќе те подлаже. Во Reign of Cthulhu се случувало партијата да трае пократко отколку што ќе потрошиш време за да ја наместиш играта затоа што има многу повеќе начини да те заебе и да изгубите. Затоа и ни требаше толку време за да ја "победиме". World of Warcraft: Wrath of the Lich King има малку поинаква динамика што можеби најизразено ја дистанцира од класичниот Pandemic систем, меѓутоа не е ни отприлика лесна.

Секој од играчите бира еден од неколкуте понудени херои со уникатни способности со кои треба да ја спречите инвазијата на Лич Кинг во Нортренд. Механиката се основа на четири акции по круг, движење, борба, влечење карти и случајно одредување на каде следната инвазија. Дополнително е тоа што има и неколку мисии чие завршување ја прогресира играта кон кон финалното соочување со збудалениот Артас, па стратегијата е значително изменета во корист на неколку фини RPG елементи.

Таблата при секое играње се мести различно, непријателите се позиционирани по случаен избор, заедно со мисиите и наградите што ги добивате ако ги исполните. Ниедна партија нема да е иста како претходната. Борбата со непријателите не е само автоматска акција, туку се фрлаат коцки за одредување на исходот, што иако е уште еден елемент базиран на среќа, што некако ја прави поинтересна и повозбудлива од Reign of Cthulhu. Дополнително е тоа што картите кои ги влечеш на секој круг имаат функција - ти помагаат при напад, одбрана, движење низ таблата, придонесот кон мисиите и слично.

Она што ми е најпривлечно кај овој Pandemic систем е како стратегијата може да се пренасочи од круг во круг. Колку и да мислиш дека следниот чекор ви е добро испланиран, со влечење на една погрешна карта ("The Scourge Rises") може да се измени текот на целата игра. Наместо да си го завршиш квестот, играта ќе те однесе на друг крај од таблата каде што мора да го спасуваш другарчето да не изгине или да спречуваш поголема инвазија. Има толку многу ситници на кои треба да се пази и некогаш се случува многу побргу да ја изгубиш трката со бруталните ситуации во кои играта непредвидливо ќе те вовлече. 

Нема правилен начин кон победа или стратегија што може да ја следиш за да победите. Некогаш се случува работите непоправливо да се свртат во корист на играта баш во моментите кога сте тргнале накај Лич Кинг да ја заокружите вечерта. Некогаш е исклучително фрустрирачки, ама па тоа е и идејата на играта, победата да биде речиси невозможна. Ете, и Reign of Cthulhu нè истормози цела година пред конечно да ја победиме со истото друштво. Мислам да не ја пипнавме пак од тогаш.

Колку и да се кооперативни овие игри, пак е сосема возможно токсичноста од обичната World of Warcraft да се пренесе на маса и од PvE да стане барем вербален PvP. Не секогаш одлуките на еден играч се поклопуваат со замислата и акциите на другиот, па пријателската атмосфера може лесно да ескалира во арената Гурубаши. Мислам, зависи со кој играш. Јас играм со воглавно компетитвни луѓе со кои долго време имаме поминато во вистинската World of Warcraft, ама и покрај неизмерната љубов знаеме да си ги ископаме очите.

Од "технички" аспект, World of Warcraft: Wrath of the Lich King борд гејмот е предобар. Минијатурите се убави и детални, а Нортренд е одлично пресликан во овој формат. Важно ми е ваков тип на игра да ми биде привлечен за гледање, можеби затоа обичниот Pandemic упорно го избегнувам поради одбивниот визуелниот аспект. Не дека има некоја голема разлика во гејмплејот, ама преферирам нешто поубаво дизајнирани табли и фигури. Баш би сакал да видам и друга ваква верзија на World of Warcraft со Pandemic систем, нешто како The Burning Crusade или Mists of Pandaria.

Не знам колку е потребно да имаш чувства за оригиналната компјутерска Wrath of the Lich King експанзија за да уживаш во оваа нејзина итерација, ама сигурен сум дека помага. Играта е базирана на веќе воспоставен систем во серијал на игри, па можеби е само тоа доволно. Има доста различни елементи и механики кои се повеќе од естетски и ја прават поуникатна. Не купуваш само Pandemic игра префарбана како World of Warcraft. Од тоа што го видов до сега, вреди за секоја пара и едвај чекам некогаш да успееме да ја завршиме и да почне да фаќа прашина до некој следен пат. Далеку позабавна е од актуелната вистинска пандемија.

Види такоѓе: