Од сите стриповски адаптации оваа година, најмалку бев возбуден за The Wolverine. Има нешто во серијалот што ми е крајно труло. Колку и да се трудат, резултатот никогаш не ми е комплетно добар. Не зборувам за верноста кон оргиналниот материјал, туку како посебни филмови не ми се некако целосни. За разлика од другите адаптации на Marvel стрипови, кај овие се осеќа времето. Особено кај првиот X-Men. Вториот е веројатно најдобар, третиот не се ни догледува. First Class, без оглед на тоа колку е плукан, има фина приказна и е забавен. Актерите таму се супер. Origins, како што спомнав еднаш, со секое наредно гледање сфаќаш дека е лош.
The Wolverine се наоѓа некаде на средина. Не знам колку е близок до изворниот материјал, ама како посебно дело е просечен. Приказната и идејата се феноменални што првиот саат од филмот бев убеден дека ова е најдобрата адаптација на ликот. Потоа се претвори во аркадна игра каде што веќе беше предвиливо со кого Вулверин ќе ги вкрстува адамантиумските канџи. Не барам длабочина таму каде што ја нема, ама приметувам кога некој се обидува да ми продаде нешто што не е како на сликата. После погребот на Јашида, The Wolverine се претвори во досаден акционен филм со сцени кои ми беа крајно неубедливи. Не се жалам за акцијата, освен кога е волку вештачка и отскокнува од природниот тек на филмот. Да, Вулверин филм е и не може без тоа, ама кога Punisher: War Zone делува како лекција за акциони сцени во споредба со ова, што уште да зборам.
Хју Џекмен, каков таков, создаде општа слика дека е Вулверин. Тука се гледа дека комплетно го прифатил ликот и дека ова му најдобро претставување на филм. Реално, не ми текнува кој друг би можел да е Вулверин, затоа и сум рекол океј е, одиме со Хју Џекмен. За разлика од првиот X-Men, овде се гледа дека му е удобно во ликот.
Појавување на Џин Греј беше ефективно на почетокот. Добра финта која некако стануваше заморна со секое наредно појавување. На моменти делуваше како Фамке Јансен дома сама да се снимала и им ги праќала сцените да ги убацат. Или можеби горчливото чувство што го остави X-Men: The Last Stand не допушти да ги сфатам овие сцени сериозно.
Филмот едноставно трае предолго. Трендов со два-три саата лимонада филм, очигледно нема намера да сопре. Секогаш овие филмови имаат 30-40 минути вишок. Скрати бе на акција, не го трупај филмот со филери. Од истото страда и Man of Steel. Таман ќе почне добро, си има некаков тек (дури и со лошо сценарио), и ајде ќе убацат пола саат непотребни акциони сцени. Можеш и без тоа да раскажеш приказна. Или прави ги културни. Зошто не ми смета акцијата во The Avengers, на пример?
Сцената на крај беше врвот, во секој случај. Фина најава за Days of Future Past. Е, ова можеби има некаква шанса. Доколку ги земат сите добри елементи од претходните шест, може ќе испадне фино. Плус, Брајан Сингер имаше време да види што чини, а што не.
No comments:
Post a Comment