March 20, 2015

Почеток на последната сезона на Community

Ах, Community. Немам видено серија што се има толку упорно борено за да остане во етерот. Таман кога помислив дека ќе замине во историја со пет сезони, Yahoo! Screen им излезе во пресрет за да си ја остварат "шест сезони и филм" мантрата. Филмот можеби е далеку од реализација, меѓутоа сезоната веќе е во тек и секој вторник (или среда, за нас со торентите) ќе излегува нова епизода. Шестата сезона почна со две. Уште од самиот почеток, се осеќа дека нешто не е како претходно. И тоа не е само поради дел од ликовите кои тука недостасуваат. Community и Ден Хармон, некако одбиваат да се соочат со крајот и да продолжат понатаму. Претходно, самото тоа беше многу посимпатично. Епа, веќе не е.


Секаде каде што ќе клизнеше нешто околу Community, често се потпираа на мета-заебанции, Абед ќе го пробиеше "четвртиот ѕид", ќе намигнеа на публиката, па некако засмеани ќе прогледавме. Овој пат, секоја комуникација на серијата со тебе како гледач, веќе делува бајато. После шест години, она што е останато од екипата уште е на Гриндејл, иако веќе никој од нив не е студент. Има некои полу-причини зошто се таму, ама тоа е најмалку важно. Хуморот во првите две епизоди е исфорсиран до непријатно чуство во стомак, а мета-финтите на Абед делуваат како некој со сила да го донел Дени Пуди на сет. Дури ни деканот веќе не може да те шокира како претходно. Ченг ми е неподнослив веќе неколку сезони наназад, така што и тука нема промени на ова поле. Другите некако премногу се обидуваат да бидат тоа што биле некогаш, а сепак на моменти изгледаат како да поминале пет години измеѓу ова и претходниот пат кога биле пред камера.

Сепак, давам шанса. Толку гребеа за преживеат, па ете, да видиме што му остана на Ден Хармон да докажува, освен инатот према NBC. И, претходната сезона почна лошо, па како што течеше, некако успеа да се оправи и да испорача неколку незаборавни епизоди. Да, и оваа сезона ќе има пејнтбол епизода. Се надевам дека ова е последната битка на Community и дека достоинствено ќе заминат, па нека прави после Хармон филмови со пластелин колку сака.

No comments: