June 26, 2017

Музичка плејлиста за 2017 (втор дел)

Ако ништо друго, годинава ми е исполнета со музика. Многу, многу музика. Ми влетуваат албуми што не ги очекував во 2017, албуми што ги чекав со години и буквално одбројував до датумот кога ќе се појават на интернет, како и некои за кои првпат слушнав и бев фино изненаден. На пола од 2017 веќе го имам и фаворитот кој беше во тесна конкуренција со DAMN. на Кендрик и Migration на Bonobo, но успеа да излезе како победник.

За досадните нема да губам време овој пат, па затоа во вториот дел од музичката плејлиста ќе се позанимавам со четири од различни жанрови кои ми се сместија во листата со најомилени и најслушани за оваа година. Драм ен бејс сцената исто така е опожарена од новитети, баш додека го пишувам ова ми свири новиот на Hybrid Minds во позадина. Но, за тие изданија веројатно ќе посветам една жанровска листа некогаш во иднина.



Поминаа седум години откако првпат ја почувствував креативната струја на Брајан Бетс. Инстантното навлекување на музиката која ја снима со другарчињата зад зајачките маски под името Sleep Party People, беше причината секое следно издание да го дочекувам со неопислива возбуда. Оваа година Бетс го објави четвртиот албум насловен Lingering, според него најсериозниот материјал до сега, не само во однос на процесот на создавање, туку и лирички. Темите како и претходно се крајно енкриптирани, меѓутоа поради чистите вокали полесно може да се стигне до нивната суштина.

Со минатиот албум, Бетс иако ја задржа иконографијата на Sleep Party People, одлучи да го одмори вокалниот процесор кој со години придонесуваше кон уникатниот звук. Доколку тоа звучеше чудно на феноменалниот Floating од 2014, oвде неговиот "човечки" вокал е природно наталожен врз колажот од амбиенталните психоделични мелодии и префинетиот поп. Бетс секогаш наоѓал удобност во помеланхолична територија, а со Lingering нуди спокој на секој оној кој не се плаши да пристапи во неговиот анкциозен свет. 

Иако трагите од раните денови на Sleep Party People бледаат од сопствената еволуција, Lingering е уште едно беспрекорно издание. Она што минатата година ми го приреди Tell Them It's Winter сега го доживувам со овој албум кој до овој момент ми е омилениот од 2017. Планирам наскоро да го имам и на плоча.

Слушни: "The Missing Steps", "The Sun Will Open It's Core", "Fainting Spell" и "Figures"


Onyx и Dope D.O.D. повремено соработуваат уште од 2013, а оваа година решија нивото на пријателство да го подигнат во цел албум кој верувам дека ги задоволи фановите на секој табор поединечно. Како лажен рапер, повеќе ме интересира страната на Dope D.O.D. и затоа ќе си земам за право да извлечам заклучок од мојата аматерска анализа дека ова им беше најдобриот потег што можеа да го направат откако го изгубија Доупи како член. Дури ја имав и таа среќа или несреќа да го проследам вториот концерт откако останаа без него.

Албум без еден член сигурно ќе звучеше многу попразно. Shotgunz in Hell вака појачан со Onyx е како да се отвориле портите на пеколот. Но, заслугата е секако на двете страни, а во еден момент гостува и Доупи чисто за да потсети дека и покрај неговиот дискутабилен талент, тотално недостасува во целата приказна. Дрога, насилство и секс врз највалканите дабстеп и трап битови. Материјал лишен од било какви морални норми, но зарем не е ова тоа што отсекогаш ја правело оваа дружина толку забавна?

Слушни: "PIRO", "XXX" и "Playa"


Не можеш да ги избегнеш оние романтичари на социјалните мрежи што упорно ја постираат "Nothing's Gonna Hurt You Baby" во различен контекст. Тоа и беше мојот прв контакт со бендов пред неколку години. Оваа депресивна американска багра пред неколку недели го издаде првиот албум кој го носи само името на бендот. Крајно скептичен се одлучив да го преслушам и сега мислам дека ми е во топ музика за оваа година. Не знам дали воопшто има поента да се обидам да си помогнам. 

Ако ништо друго, ова е најтажниот албум што сум го слушнал во последниве години, а ќе признавам дека повремено го вртам I'm Wide Awake, It's Morning од Bright Eyes. Само што досвире "K." со која Cigarettes After Sex решиле да ја почнат оваа аудио агонија, ми стана јасно дека ме чека издание што ќе се обиде да ми ги избоде чувствата со скршено стакло. Браво. Ова ми е веројатно најголемото музичко изненадување последниве месеци. Потсети се на албумов следниот пат кога ќе лежиш мамурен, дехидриран и со ново остварување во низата од сомнителни животни одлуки. А, доколку се осетиш малку емаскулирано, секогаш е тука Shotgunz in Hell да те стане на нозе.

Слушни: "Each Time You Fall In Love", "Sunsetz" и "Flash"



Лондонските Pumarosa ги открив преку една епизода на Flaked каде што свиреше "Priestess". Серијата има феноменална музика во секоја епизода, ама ова некако најсилно успеа да ми се залепи. После толку преслушувања на The Witch уште не можам да ги добројам жанровите кои ги комбинира. Пост-рок, електроника, трип-хоп, поп, фанк... Обично на ваквите бендови им се лепи "инди" етикета и се спремни за носење, само што ми се чини дека The Witch одбива било какво класифицирање. 

Крајно интересен бенд и албум. Ова им е прво издание, а веќе покажуваат исклучителна смелост за експериментирање со звук. The Witch колку и да е емотивен ролеркостер, успева да истера разиграно и динамично од почеток до крај со едвај некоја пауза за колку да земеш воздух. Искуство ми покажа дека The Witch е најефективен кога се слуша во кола од дома до работа во гужвите.

Слушни: "Dragonfly", "Priestess" и "Honey"

June 4, 2017

Wоndеr Wоmаn (2017)

Веројатно имам изгледано повеќе од сто филмови во кино. Никогаш до сега не сум станал ни да се измочам, без разлика дали траеле четири саат или биле 50 Shades of Grey. Трпам сè и сешто, памтам дека на The Force Awakens бев готов да го извадам во кофата со пуканки. На Wonder Woman не само што бев да ја ослободам бешиката, туку ќе станав и ќе си отидев од филм првпат во животот. Лоши филмови како Suicide Squad се забавни баш поради тој факт што се лоши. Можеш да си прилегнеш и да се смееш на глупостите. Wonder Woman е секој заморен Марвелски шаблон до сега, игра безбедно и ако уште можеш да уживаш во ствари видени милион пати претходно, тогаш е океј. Во спротивно, и не баш.

Една работа е сигурна, DC конечно се на добар пат, дури и економски. Точно, и претходните филмови имаа солидна заработка, меѓутоа критичарите и публиката не им беа баш наклонети. Не можам да ги обвинам, иако стварно многу го сакам Batman v Superman: Dawn of Justice. Можеби главниот проблем со Wonder Woman е тоа што ликот никогаш не успеа да ме придобие до степен да ми биде грижа. Комплетно сум рамнодушен кон сè што претставува. Во Dawn of Justice беше океј, веројатно зошто се појави само кратко, но овде ми беше премногу. 


Досаден. Тоа е единствениот збор со кој би можел да го опишам филмот. Не е лош, ама е толку линеарен и предвидлив што и тие малку возбудливи сцени бидуваат потиштени. Има и хумор што повремено функционира, меѓутоа често неколкуте штосови се репетитивни, па ја губат поентата. Да, јасно ни е дека Дајана е дојдена во свет кој не го разбира, но само неколку пати може да се смешни нејзините несмасни испади кои ја потенцираат културолошката разлика. Со Капeтан Америка тоа го правеа многу посимпатично и умерено. Затоа е уште толку смешно кога ќе му даде бакшиш на Ник Фјури во The Avengers

Режисерката се обидува да го емулира визуелниот тон од претходните филмови во новиот филмски DC универзум, што значи има еден куп затемнети сцени каде што само можеш да претпоставиш што се случува. Но, зошто веќе го имаш гледано истиов филм многу пати претходно и не е некој проблем. Поголем проблем е претераната употреба на слоу моушн за акционите сцени. Арес како негативец е повторно шаблон, заедно сосе задолжителниот говор против човештвото кое не го заслужува светот. Што треба да се случи за главниот негативец барем еднаш да има некој поинаков мотив? 


Актерите, барем оние главните, се сосема океј. Можам да се сложам со сите добри работи некогаш кажани за Гал Гадот. Крис Пајн е одличен како Стив Тревор. Баш ми е мило што не го гледав капетанот Кирк во неговиот лик. Типот има харизма и талент кои знае како да ги користи без разлика на тоа со какво сценарио треба да работи. За жал немам забелешки за остатокот од екипата зошто едноставно не ми беа доволно впечатливи. Имаше неколку ликови кои филмот се обиде да ги протне како битни, меѓутоа не успеав да се поврзам со нив.

Не знам дали Wonder Woman може да послужи како осигурување дека ќе гледаме добар Justice League филм на есен. Иако изгледа како DC конечно да научиле од грешките, ми личи како да прават други, но еј, тоа е тоа што публиката сака да го види додека си фрла пуканки во усната шуплина. Justice League филмот и онака поминува низ глупости во кон крајот на продукцијата, не толку како The Batman, но пак постојат големи шанси да е хаотичен кластерфак. Кој секако апсолутно ќе ми се свиѓа зошто Бетмен и Супермен ќе бидат во ист филм. Се задоволувам со малку.

Ако ништо друго, додека трае општава падавица околу Wonder Woman ќе заќутат оние што им се бесат за јајца на DC последниве години. Не биле како Marvel? Епа ете, сега го адаптираат стилот да го задоволи твојот префинет вкус за досадни блокбастери. Сигурно и Ant-Man ти се свиѓа, нели?

June 2, 2017

Впечатоците од The Fidelio Incident

Кога пред некој ден излезе The Fidelio Incident си помислив дека конечно ќе играм нешто слично на Firewatch. Уште па и со приказна инспирирана од Фиделио операта на Бетовен за која не знам многу детали зошто сум недоволно едуциран, сместена во модерно време? Звучи како формула што квалитетно ќе ти потроши неколку саати, зар не? Погрешно. Освен преубавата графика и музика, The Fidelio Incident е несмасен склоп на повеќе идеи кои или се репетитивни или Act 3 Games не знаеле како да ги развијат во нешто поинтересно. Оној дел со Фиделио на Бетовен е присутен само како маркетиншка фора која претпоставувам дека влегла во концептот некаде кон крајот на развојот на играта. Но, тоа е најмалку битно. 

Главниот лик со кој играш, Стенли, доживува авионска несреќа со неговата жена Леонор на еден мал снежен остров во Исланд. Малото авионче е распрскано на сите страни низ островот, а Леонор е во остаток од авионот паднат на некоја ебана планина, каде што треба да стигнеш и да ја спасиш како не би премрзнала од студ. Почетокот е забавен зошто механиката ти е уште тазе. Главен непријател ти е неповолната клима, па за преживееш се топлиш од гејзерите што веќе се на островот и на запалените остатоци од авионот кои ги има во нереално огромен број на секој чекор. Сериозно, околината е како да се срушила цела флота авиони. 


Повремено комуницираш преку радио врска со Леонор која ти кажува дека пред да ја спасиш, треба да собереш страници од нејзиниот дневник кои се исто расфрлани на островот за во случај некој да ве најде, да не ви ги открие тајните идентитети. Тука е точката каде што играта се допира со операта на Бетовен, минатото на Стенли и неговата кутра жена е базирана на дејството од Фиделио и отприлика тоа е тоа. Можело да биде било што друго, или барем нешто поинвентивно што би ја направило причината за постоење на мистериозни бункери на островот повозбудлива. 

Да, во еден момент талкаш и низ напуштени бункери каде што играта користи прилика да ти уфрли нова механика - вртење вентили. Вртиш вентили за да пуштиш пареа од цевки да се стоплиш, ама вртиш и вентили за истата таа пареа да набрка рој инсекти додека се движиш по едно вертикално дрво на островот. Тука некаде веќе бев изгубен и тотално ми опадна интересот. Очекував дека ако веќе се наоѓам во бункер на мистериозен остров ќе бидам почастен со некој пресврт, но не. Само свртев неколку вентили и се најдов пак на островот за да го правам истото што го правев последниот саат. Да се топлам на пареа, оган што е отпорен на ветар и да поврзувам механизми што испуштаат друга пареа за бркам инсекти зошто еј, нема друг пат освен низ ројот бубачиња. Животот е суров, дечки.


Најсмешниот момент беше кога се најдов во некои флешбеци или ме фатија некои мистериозни ликови на островот и бев под некакво психотропно дејство. Со овие секвенци играта веројатно очајно проба да ме фасцинира, ама тука веќе зевав и задоволно се смешкав што не ја платив. Таман кога помислив дека ова е големото финале, се најдов пак надвор на островот кој сега беше цел опожарен и пак морав да вртам вентили за да пуштам вода и да го изгасам огнот.  Разбирам дека не треба којзнае каква механика за ваков walking simulator, ама ова е премногу досадно. Или правиш приказна што ќе ти удри некоја сентиментална нота, или барем малку ќе си малку попаметен со механиката. 

Не знам како The Fidelio Incident добива позитивни рецензии и спореби со Firewatch. Доколку ова беше VR игра верувам дека искуството ќе беше поинакво. За жал, нема таква верзија, ниту пак верзија што е доволно оптимизирана за да функционира со тастатура и маус. Среќа имам контролер и играм во полу-лежечка положба, па можев да ја искористам играта и за да дремнам малку. Не вреди за цената, а не вреди ни за времето. Првите петнаесетина минути се океј, но после тоа веќе имаш сè видено. Стенли се жртвува на крај за да ја спаси жена му зошто му правела друштво да бега од законот. Сега е слободна, јеј.

Види такоѓе: