За месец и нешто го пакувам мојот бел газ за Софија, како конечно би ги гледал Dope D.O.D. во живо пред да станат досадни и бајати. Или да умрат од комбинација на хероин, кокаин и екстази. Картата ми е спремна уште пред некој ден. На неа, покрај моето име и Dope D.O.D. пишува и The Four Owls. Како самопрогласен познавач на музика ископана од најзабутаните ќошеви на подземјето и лажен рапер, се зачудив како е можно никогаш да не сум ги сретнал The Four Owls. Барам да проверам која е предгрупата што ќе отвори за господата од Гронинген и гледам четворица белци, секој со був маска на него. Пуштам ствар продуцирана од DJ Premier и додека свири ми тече пена од уста додека барам да симнам албум.
Ден четири. Natural Order ми свири без престан од секој уред што може да пушти музика. Неверојатно е ова што ги снајде моите прекрасни уши. Најдобриот албум што излезе до сега оваа година. Најрап што може да биде, рап како што би требало да звучи, како што звучел некогаш. Како што очигледно уште звучи некаде во андерграундот. Но, и покрај целиот тој старошколски звук, The Four Owls успеваат да звучат свежо. Го свртев и првиот албум неколку пати, Nature's Greatest Mystery, истото е. Заразни бум-бап битови и четири вокали што флоуаат беспрекорно врз нив, како тоа да им е последното нешто што ќе го направат во животот.
Не знам како успеале да ми останат скриени до сега. Сега кога стигнаа до мене, гледам дека важат за некакви легенди во Велика Британија, а ги ословуваат и како најдобрата хип-хоп банда што излегла од тоа тло. Секој од членовите покрај маската и пседонимот кој оди со фазонот на бендот, има и соло кариера, што значи дека тек допрва ќе ги откривам кој е кој и како се снаоѓа без јатото. Како што се ближи датумот на концертот, некако сум повеќе возбуден за The Four Owls отколку за хедлајнерот. Dope D.O.D. ќе ги гледаме ако воопшто ги преживееме овие, Бојане.
Напрај си услуга, дозволи им на бувовиве да ти слетаат во слушалици или на вуферот во стојадинот. Неколку примери зошто? Еве, "Silent Flight", "Defiant", "Old Earth", "Life in the Balance" и "Rice Torture". И, ова.
No comments:
Post a Comment