March 31, 2010

Lost 6x10 - The Package

После минатата, знаев дека нема да ме изненади филер епизода, иако се толку малку до крајот. Ништо значајно не се случи, и покрај тоа што беше ваква епизодата, нема да мрчам, зошто ова се последните моменти од Lost и се трудам да уживам колку што можам.

Лок/Чадот/Флок отиде на другиот остров, се виде со Витмор и не ја пројде сонарната ограда што ја знаеме од претходните сезони. Се спомна и DHARMA конечно, и едвај чекам да ја доработат таа приказна со детали. Дезмонд е дојден со Витмор, како што претпоставуваме сите. Сајдфлешот на Сан и Џин ми беше досаден, единствено интересно беше појавувањето на Микаил. Закон лик. Сега уште Еко да се појави...

Нема уште многу до крај, 5-6 епизоди се. Годиниве се приврзав за Lost и неможам да замислам колку ќе ми фали. Следната недела очекувам солидна епизода, со одговори.

March 30, 2010

Зараза на месецот: Pure Pinball 2.0 Redux

За жал, приморани сме да играме пинбал на компјутер, зошто времето на вистинските пинбал машини одамна пројде. Пинбалите умреа заедно со аркадните игри уште пред години, барем кај нас. Незнам кога последен пат сум видел негде пинбал во Скопје, најверојатно нема.

Pure Pinball 2.0 Redux е најдобрата пинбал симулација што сум ја играл до сега и сигурен сум дека е најдобра што може да се најде за PC. Сум играл неколку и никогаш не сум сретнал нешто волку реално. Детално изработено, куглата се однесува реално, па некако можам да ги оправдам скршените Shift-ови на тастатурава.

Има вкупно три различни машини, секоја со куп мисии и разни фори за правење милиони. Не е вистински пинбал, ама кога се нема...

Играва ја има по Репидшер и торенти, лесно се наоѓа и е околу 200 мегабајти.

March 24, 2010

Lost 6x09 - Ab Aeterno

Ова е епизодата што се чекаше долго време. Една од најдобрите 10 епизоди во целата серијата. Конечно одговори на мистерии што се влечеа со години. Дознавме за Black Rock, како е дојден на Островот, зошто статуата е скршена, и најбитното - кој е Ричард Алперт и од кога не старее и носи испеглани кошули со засукани ракави.

Епизодава ме поремети скроз и сум пресреќен што најпосле го гледам расплетот на мистериите. Останува клучната работа, дали Џејкоб и Човекот во црно се иста личност, зошто изгледа како да неможе да се убијат меѓу себе, кој е што, кој е добар, кој е лош и секако, што значат тетоважите на Џек? Не, сериозно, има уште седум епизоди до крај и се надевам дека ќе продолжат со епизоди како оваа. Не ми се верува колку добро беше се склопено.

Незнам што друго да кажам за епизодава, некако ме остави без зборови. Многу пати се прашував како сценаристите ќе се извадат од мистериите во кои ја заплеткаа серијата, и еве го одговорот - тука, пред нас. Следната недела, очекувам се, освен филер... Немаат ни време за тоа. :)

March 23, 2010

Chuck: Прва сезона

Chuck ми е новата омилена серија. Има крајно сомнителна приказна, која на прв поглед делува ефитно, но e далеку од таква.

Чак е сосема обичен дечко, работи во продавница за бела техника и има прилично нормален живот, се додека во неговиот мозок (со тајна владина технологија), не се најдат сите тајни на Американската влада. Бидејќи, единственото место каде што се складирани тие тајни информации кои помагаат да се одржи националната безбедност, Чак мора да биде заштитен по секоја цена, па ЦИА и НСА назначуваат по еден агент кој ќе се грижи за него.

Агентите, Кејси и Сара, се постојан дел од секојдневието на Чак, и покрај тоа што го заштитуваат додека се обидува да го живее животот како претходно, често е задолжен да им помогне, со самото тоа што е преполн со информации кои ги знае само тој.

Ја сакам серијата поради генијално напишаните ликови и ситуациите во кои се наоѓаат. Чак е приморан да држи се што знае во тајност, како и идентитетот на Кејси и Сара кои се постојано пристуни, во секоја ситуација. Покрај тоа, се ствара огромна сексуална тензија помеѓу Чак и Сара, што често влијае на мисиите кои ги добиваат. Од главните ликови, тука е и Морган, најдобриот другар на Чак, кој цело време наивно се обидува да биде дел од сите негови случувања, најчесто кога не треба. Акциониот дел од серијата, не е ништо посебно, ниту примарно, туку е присутен само колку да ја надополни приказната. Покрај тоа, серијата е комедија, и треба да се гледа како таква.

Првата сезона летна за неколку дена, а почнувам да ја гледам и втората.

March 18, 2010

Star Wars пропаганда

Постерите се дело на Joy Corroney, објавени беа на slashfilm. Премногу се добри за да не ги линкам тука.

March 17, 2010

Lost 6x08 - Recon

Пред да почнам да зборам за новава епизода, морам да кажам нешто друго. Последнава сезона на Lost ми беше ептен чудна, конфузна, хаотична и некако осеќав дека серијава оди стого по надолна линија. Одговори добиваме малку, а покрај тоа никнаа и многу нови мистерии, на само десетина епизоди до крај. Вчера почнав да гледам епизоди од петта сезона што ги имав подзаборавено и сега сфаќам колку е се поврзано со моменталните настани и како точките се спојуваат. Директни одговори нема да добиеме, дефинитвно, а и не е во духот на Lost тоа. Сигурно нема ново orientation video каде што ќе ни кажат, "Да, бројките се тоа и тоа."

Серијата оди постепено од самиот почеток и нема зошто да го менуваат темпото, кога и онака се се отплектува, само што е толку суптилно и бавно, што не приметуваме. А, одговори има. Последнава сезона ја гледав површно, ко што вика Љубиша, и се согласувам со тоа. Ни сам незнам каков крај очекувам од серијава и затоа се плашев да не се разочарам. Факт е дека најголемите мистерии се отплеткуваат. Мечките се објаснети, чадот знаеме што е, бројките ги објаснуваат моментално... Фалат само уште неколку детали, за целата Lost сложувалка да биде комплетна. Треба само да се обрне поголемо внимание на претходните епизоди (од кои јас имав заборавено куп ствари) и да се забележи како се си доаѓа на место.

Темата "право на избор" некако ја засенува "црно-белиот" правец во кој продуцентите не упатуваат. Зошто Лок е тоа што е денес? Лок избра да си замине од островот и покажа некои особини кои ги немаат другите 'кандидати'. Баш поради тоа мислам дека е во оваа моментална состојба, зошто беше навистина 'специјален' во однос на другите.

Е, сега, денешнава епизода беше просечен филер, меѓутоа првпат сајд-флешот да ми биде толку интересен. Соер ми е еден од омилените ликови и ми се свиѓа неговата приказна моментално, како на островот, така и во алтернативниот универзум. Витмор дојде на островот со подморница и нешто ми кажува дека го носи и Дезмонд со себе, па наскоро конечно ќе ја видиме кулминацијата на неговиот лик. Како што знаеме од претходно, Островот сеуште не заврши комплетно со него. Епизодава и немаше баш многу работи за зборење, но следната ќе биде за Ричард, па очекувам конечно нешто повеќе за него.

Преглед на Rise of the Eldrazi

Rise of the Eldrazi е новата Magic: The Gathering едиција, која ќе го комплетира Zendikar блокот. За разлика од претходните едиции кои содржат помалку карти од првата во сетот, оваа ќе има вкупно 228 плус 20 basic land, што значи дека ќе може самостојно да фукнционира на constructed турнири, односно драфтови.

Датумот на излегување е 23-ти април. Веќе се познати неколку карти, како и обвивките за бустерите, а има и некои слики од карти кои сега за сега се непознати.

Kozilek, Butcher of Truth беше првата позната карта од оваа едиција и една од многуте Eldrazi видови на суштества кои ќе бидат застапени. Картите се безбојни, што значи дека би можеле да бидат корисни во разни декови. Kozilek искрено ми е некако претерена карта, осеќам дека повеќето нови декови ќе се базирани на ова. Мислам, прави толку многу работи што отвара безброј опции за играње. Ќе функционира и во Control декови како замена за други карти кои сега се користат за победа.

Пририлисот ќе биде една недела пред официјалното пуштање на Rise of the Eldrazi во продажба, се надевам ќе можеме и тука да играме тогаш. Периодов ќе има уште новости за едицијава, па ќе ги постирам.

March 14, 2010

Alice In Wonderland (2010)

Денес беше премиерата на Alice In Wonderland. Бев, и само што се прибирам. За среќа, не отидов со преголеми очекувања, зошто како што се појавуваа трејлери и слики од филмот, се повеќе се сомневав во квалитетот што ќе го понуди. На крај, заклучокот е дека Alice In Wonderland е баш таман и држи некаков просек.

Тим Бартон ми е еден од омилените режисери, добро сум запознаен со неговите способности и удобно ми е во светот кај што ги сместува неговите филмови. Знаев што ќе гледам и сега. Приказната е сместена 13 години по настаните од оргиналната, но сепак се задржани многу елементи, дијалози и сцени, така што не би го нарекол ова продолжение, туку ре-имагинација во умот на Бартон.

Земјата на Чудата претрпела одредени промени од последната посета на Алиса, па сега повеќе личи на свет во кој на неколку километри е куќата на Вили Вонка или Готам. Ликовите се сите тука, кои и не се разликуваат многу од нивната оргинална интерпретација, меѓутоа имам замери за Лудиот Шапкар. Знаеме сите дека Бартон не прекинува да го форсира Џони Деп и знаеме дека и понатаму ќе биде точка околу која ќе орбитира се останато во неговите филмови. Исто е и тука. Покрај тоа што шминката, костимот и се околу неговиот изглед е катастрофално, некако ја засени Алиса со неговото присуство. За друго, немам замерки, освен тоа што формулата по која Бартон ги прави филмовите е веќе досадна и ништо неможе да изненади.

Океј филм, ништо посебно, но сепак вреди да се гледа. Ефектите не би ги коментирал многу, само ќе кажам дека ми е мило што немаше некои претерувања какви што сме навикнати да гледаме последниве неколку години, туку беа умерени и фино изведени.

И да, киноно во Рамстор плаче за нова опрема, ако ништо друго, барем за ново платно...

March 13, 2010

Аниме на месецот: Bleach

Bleach ме купи уште со првите епизоди. Ветувачка приказна, интересни ликови, јапонски хумор што им е смешен само на јапонците (посмешно е кога ги замислуваш како се смеат на тие финти) и фина анимација. Приказната почнува со Ичиго Куросаки, млад дечко што откако знае за себе, може да гледа духови. Еден сосема нормален ден, се сретнува со Рукиа, Шинигами (death god), која доаѓа од Soul Society, каде што живеат останатите од нејзиниот вид и се борат против злите духови, познати како Hollow. Силата на Шинигамите е поврзана со нивните мечови (Soulslayers) кои имаат сопствен идентитет и моќ. Инцидентно, моќтта на Рукиа е пренесена на Ичиго и самиот тој се здобива со силата и целите на Шинигамите.

Првите дваесетина епизоди приказната се развива во градот на Ичиго кој е под постојани напади на лоши духови кои можат да ги видат само оние со некакви спиритуални моќи. Паралелно со борбите, се развива и силната пријателска врска помеѓу Рукиа и Ичиго, дознаваме повеќе за ликовите, и тука веќе се убедив дека се работи за многу поквалитетно аниме од што мислев. Борбите на почетокот ми делуваа како да се излезени од глупостине правени за реклама на играчки, грицки и подлажување деца, но развојот на приказната и ликовите некако ми го докажуваа спротивното.Околу 20-та епизода, се случува голем пресврт, откако Рукиа е уапсена од нејзините претпоставени од Soul Society, бидејќи пренесувањето на моќи на човек, се смета за најголем криминал казнив со смрт.

Оттука, приказната се сели во тој свет таму, и во наредните 20 епизоди, Bleach станува подосадно и од Dragon Ball Z. Никаков развој на приказна, комплетна трансформација на ликовите и идиотски борби од кои една трае по неколку епизоди. Нормално, пропратени со лош дијалог меѓу ликовите кои учествуваат во борбата, односно вербално мерење на.. хм.. мечови. Од аниме што навистина го засакав и ми стана навика да го гледам пред спиење, се претвори во катастрофална бљувоштина од која не можам една епизода до догледам до крај. Прекинав со гледање на 40-та епизода, Рукиа не успеаа да ја спасат од затворот, зошто нешто што можеше да се разреши за 10 минути, го влечат 15 епизоди.

Тука веќе ми стана јасно зошто Bleach до сега има повеќе од 250 епизоди и сеуште се снимаат нови. Незнам во кој правец се движи понатаму, ниту кога завршува приказната што не стигнав да ја догледам, а и не ме интересира сега за сега. Штета, почнува супер, а понатака е толку многу напорно за гледање. Од што е досадно, да...

March 11, 2010

Lost 6x07 - Dr.Linus

Интересна епизода, меѓутоа само поради Бен. Ликот е толку добар, што и најлудата идеја за спин-оф кој нема потреба, а и никогаш нема да се случи, ми изгледа примамливо. Бен отсекогаш бил занимлив лик, крајно сомнителен и носел на грб цели приказни во серијата. После оваа епизода, некако ми се чини дека Бен ќе ја одигра клучната улога на крај за разрешувањето на одредени мистерии на Островот.

Веќе знаеме дека Џејкоб има на список неколку кандитати кои треба да го завземат неговото место, и баш ме занима зошто Бен не е еден од нив. Можеби Бен е совршениот избор, но случувањата во алтернативниот универзум, делуваа аналогно со оние на Островот, па такво нешто најверојатно и нема да се случи. Кој е тогаш најкомпетентниот кандидат? Тоа сега за сега останува непознато.

Епизодава содржеше куп елементи кои претходно ги имаше во Lost, но не беа одамна споманти. Пример, бродот Black Rock, една од најголемите мистерии на Островот. Памтиме кога Лок/Флок му рече на Ричард дека е убаво што го гледа без синџири, па тука се поставува прашањето: дали се тоа синџирите на бродот или е некаква скриена метафора? А, можеби само сценаристите намерно не носат во погрешен правец. Битно, дознавме зошто Ричард не старее, останува уште да се открие како. Исто така, треба и објаснување за Black Rock.

Крајот не го очекував, можеби зошто некако го имав подзаборавено Витмор и неговата улога во целата приказна. Имаат уште десетина епизоди до крај, и некако се плашам дека нема време да се објасни се, или па дека ќе натрупаат млитави одговори на крај. Сметам дека и приказната на DHARMA не е целосно комплетирана. Има премногу прашања, а некако времето за одговарање на сите, ми е некако кнап. Lost се движи со исто темпо како порано и незнам колку е тоа добро. До сега во сезонава, добиваме само делумни одговори на прашања кои ја засегаат целата публика.

Следната епизода веројатно ќе биде сконцентрирана на луѓено во Храмот. Приметувам дека така, наизменично ја билдаат приказната. Тие и баш не ми се интересни, па се надевам дека конечно ќе има целосен одговор на било што.

March 8, 2010

Нов Iron Man 2 трејлер

Новиот трејлер за Iron Man 2 е веќе тука, а се наближува и мај, односно премиерата на филмот. После трејлеров, убеден сум дека ова филмот на годината за мене. Има одличен негативец (Мики Рурк е Whiplash), за Роберт Дауни Џуниор веќе знаеме дека е совршениот избор за Тони Старк/Iron Man, а и Семјуел Л. Џексон како Ник Фјури ќе добие поголема улога во филмов.

Приказната верувам дека е добра и очекувам навистина солидно продолжение. Првиот дел и новиов трејлер некако успеваа да ме убедат дека ќе видам супер филм. Сега имаме и уште едно кино што работи во градов, па се надевам дека таму ќе се гледа, наместо на лоша кино-снимка.

/film го имаат трејлерот, 'исецкан' на повеќе од 100 слики со голема резолуција. Клик тука.

Law Abiding Citizen (2009)

Law Abiding Citizen некако успеа да ми се слизне минатата година, и го гледав дури сега.

Откако семејството на Клајд Шелтон (Жерард Батлер) е брутално убиено, а поради мааните на правносудниот систем во САД, правдата не е сосема задоволена, Клајд решава да тргне сам против сите и да им пресуди на оние кои ги смета виновни. Спремајќи ја својата одмазда 10 години, Клајд ја почнува својата борба, која не запира и покрај тоа што и самиот набргу ќе се најде позади решетките.

Со точно испланирани потези, Клајд е способен да направи хаос во општеството додека е во затвор. Одмаздата ја истура на сите, од тие кои се директно инволвирани во смртта на неговото семејство, до оние кои раководат со првниот систем кој поради одредени дупки во законот, дозволува криминалците лесно да се извлечат од казната. Дури и самиот тој ќе успее да се огради од обвиненијата, со самото тоа што едноставно нема материјални докази за делата кои ги извршил.

Феноменален трилер, одличен избор на актери, и приказна која иако не е ништо ново, начиниот на кој е реализирана е уникатен. Крајот мене ми е супер, налетав на многу лоши критики токму за завршувањето на филмот, меѓутоа воопшто не влијае на пораката која ја носи Law Abiding Citizen. Еден од најквалитетните филмови снимени минатата година.

March 3, 2010

Lost 6x06 - Sundown

Имам некое чувство дека Lost ја "скока ајкулата" оваа сезона. Се почна кога воведоа СФ елементи во серијата, откако сите бевме убедени дека на сите прашања ќе добиеме логични и приземни одговори. Сезонава имаше неколку добри моменти до сега, меѓутоа претеруваат со филер епизоди и креирање на нови мистерии, кои не само што не ми се забавни, туку и ми се некако ефтини. Се плашам дека последнава сезона ќе се претвори во ужасната втора сезона на Heroes, кога се отиде по надолна линија...

Ништо ново или значајно епизодава, освен тоа што Лок (Флок) успеа да влезе во храмот и да направи покољ. Од што се плашеа луѓето? Кој и што доаѓа натака? Се некако ми се чини дека тоа што доаѓа, се всушност ликовите од алтернативната реалност. Кога сум веќе кај тоа, тие сцени во епизодава беа прилично досадни. Се случува нешто не толку битно, има интеракција на ликовите кои таму не се познаваат, но сигурен сум дека ќе има момент кога алтернативната реалност ќе се преклопи со ова што моментално се случува на островот.

Како и да е, луѓето позади Lost се мајстори за вадење од гомна, па ќе видиме како ќе се извлечат овој пат. Сеуште верувам дека ќе добиеме добра сезона каква што заслужуваме. Или барем добар крај...