September 27, 2015

Преглед на The Stanley Parable

Има денови кога импулсивно купувам, и купувам, или разгледувам што да купам, па купувам, игри од Стим. Тој сум, од тие што паѓаат на попусти. Како жена што има две соби необлечени чевли. Некогаш ќе се изненадам од тоа што го имам две години откако ќе го пуштам. Некои купувања ми се промислени, со читање рецензии, со претходно спремање, а ако не е некој наслов што свесно го чекам или ми е близок од пиратските денови, претпазливоста ми е необично голема. Таков случај е The Stanley Parable. Минус рецензиите и видеата, поради спојлери кои ќе се потрудам да ги избегнам и во постов. Тоа што го знаев за играта, беше доволно за да ме привлече, но некако ме успоруваше мислењето што си го создадов од целата таа претенциозност која мислев дека ја носи со себе. Лани кога конечно се решив да фрлам пари, сфатив дека сум направил правилен избор. И, нормално, дека малиот сомнеж бил неоснован.


Бидејќи играта нуди петнаесетина можни завршетоци базирани на одлуките што ќе ги направиш (или нема), завршив некако прерано при првото играње. Во моментот кога помислив дека сум ја сконтал поентата, ја баталив за некое друго време. Тоа време дојде деновиве, кога сум најрасположен за вакви нестандардни игри. Деновиве играв нешто подолго од дваесетина минути и успеав да ја завршам на неколку начини. Не броев колку, ама сите беа различни, претпоставувам дека останува уште третина?

Главниот лик во играта е Стенли. Или не. Ти си Стенли? Или гласот што ги нарира сите твои чекори уште пред да ги направиш е можеби главниот лик? Тоа е првата нестандардна работа што ќе ја приметиш. Играта почнува во мала канцеларија, каде што Стенли, или вработениот број 427, вредно робува на капитализмот, притискајќи копче и чекајќи нови досадни, репетитивни задачи. Во моментот кога ќе забележи дека неговите колеги ги нема, решава да направи нешто во неговиот досаден живот и да талка и истражува низ празната голема зграда на компанијата.
 

Шармантниот британски глас го нарира сето тоа од самиот почеток. За кратко време, играта ќе ти понуди избор, пример две врати, нараторот кажува дека Стенли тргнува низ левата, но твој е изборот дали ќе ја следиш нарацијата или ќе влезеш низ десната врата. Со секој ваков избор, исходот е различен. Некогаш ќе одиш по истиот пат, но мало скршнување ќе те доведе до нешто сосема поинакво. Нараторот, во главно, се потсмева на твојата илузија за изборот и последиците, ги коментира твоите погрешни постапки во играта и надвор од неа, секојдневните стравови, расфрлајќи се со социјални коментари низ сатира, мета референци и кршење на "четвртиот ѕид".


Ако не го сфатиш хуморот и си чуствителен, веројатно ќе сакаш да го задавиш нараторот и целиот тим зад играта. Некогаш со постапките ќе успееш и да го натажиш, да го уплашиш, но на крајот пак си ти тој што завршува таков. Често збунет и со прст на глава. Затоа и прашањето, кој кого и што игра во The Stanley Parable, ако целото искуство ти е усогласено со мислите што те држат буден доцна во ноќта? Затоа играта ми е толку импресивна, не само поради нелинеарноста."Овој свет не е создаден за ти да го разбереш".
 

Со минимални спојлери, најголем впечток ми оставија три завршетоци. До првиот дојдов преку искусување на други игри во самата The Stanley Parable. Да, во еден момент нараторот е толку изнервиран поради тебе, што почнува да ти мрчи за игрите што ги играш и за тоа колку оваа е над нив, па ќе те префрли на кратко во нивоа кои имитираат две многу познати игри. Другиот е во музеј составен од сите асети на играта и одлуките што си ги правел. Играта тука е веќе целосно мета, воведувајќи и друг наратор кој зборува за твоето искуство со главниот. Третиот, веројатно најтажниот, ѕирка внатре во просечниот човек за кој нема ништо надвор од кутијата. Те држи тебе, Стенли, нараторот или што и да сакаш да мислиш, во ситуација во која немаш, или изгледа дека немаш избор. Стискаш копче за да ѝ кажеш на сопругата дека ја сакаш, стискаш копче за да отидеш следното утро на работа и копче за да останеш досаден роб. На крајот, културно те замолува да умреш, рестартирајќи ја играта од почеток.


The Stanley Parable е апсолутна десетка. Едно од најдобрите гејмерски искуства. Дури и Стим ачивментите се дел од тој мета концепт. Има ачивмент кој се добива ако пет години не ја уклучиш. Нормално, можеш да ја "прелажеш" играта, но самото тоа што те поттикнува на такви ствари е доволно јако. Или ачивментот со кликање пет пати на вратата број 430. Мислеше дека е толку лесно? Епа, не е баш. Не можам доволно да ја препорачам. Играј ја. Трае толку колку што сакаш да трае, завршува во моментот кога ќе посакаш да заврши. Макар и да е со упорно скокање од високо додека нараторот те моли да престанеш.

Види такоѓе: 

September 25, 2015

За човекот кој има сè

Во 1985, нешто кратко пред Watchmen да бидат претставени на светот, Алан Мур и Дејв Гибонс ја објавуваат култната Супермен приказна, For the Man Who Has Everything (Superman Annual #11). Историјата ова го има запишано како еден од најдобрите третмани на ликот, а ако ме прашаш во момент на интензивен Супермен занес, веројатно ќе ти одговорам дека ми е омилениот. Да, тој All-Star Superman на Грент Морисон што има статус на библија кај глобалната стрип заедница никогаш не успеа да ми кликне, дури и во периодите на опсесивно читање на сè што има Супермен низ страниците.


Бетмен, Робин и Вондер Воман одат со подароци кај "човекот кој има сè" по повод неговиот роденден, само за да го затекнат во вегетативна состојба, обомотан околу градите и вратот со вонземско растение наречено Black Mercy. Додека се обидуваат да откријат што се случува со несвесниот Супермен, ги пречува Могул, чиј подарок намерно го онеспособил славеникот кој му стоел на патот кон освојување на Земјата. Им открива дека растението го држи Супермен во транс и реалност која е создадена од "она што срцето го посакува". Додека хероите се обидуваат да го победат Могул и да го спасат Супермен, тој "живее" среќен живот на Криптон кој никогаш не бил уништен, со деца, со фамилија, со живи родители. Сè она што го нема на Земјата. 

Алан Мур со едноставна приказна и идеја успева да создаде потресно четиво за пожртвуваност и херојство, едно од најемотивните што стрип како медиум ги има износено. Какво растение треба да бидеш за да не ти створи таа грутка во грло кога Black Mercy ќе се закачи за Бетмен и ќе ја видиш неговата најголема желба? Или кога гневниот Супермен, штотуку разбуден од трансот удира со сета сила во Могул? Самиот избор на Кал-Ел на "среќниот Криптон" е доволно потресен за приказната да е таква каква што е.

For the Man Who Has Everything е адаптирана во 2004 како епизода од Justice League Unlimited анимираната серија, единствената епизода што сум ја гледал. Адаптацијата верно ја доловува атмосферата од стрипот и покрај измените на некои детали како отсуството на Робин, но на крајот па не се ни битни. Како целина функционира одлично. Единствената адаптација на дело на Алан Мур, одобрена и поздравена лично од него. Со оглед на тоа колку е осетлив, веројатно неговиот благослов во случајов, само додава на кредибилитетот на епизодата. Препорачувам, зошто дури и да не си запознаен со стрипот, приказната го има речиси истиот ефект. 

Има уште една феноменална Супермен приказна на Алан Мур, Whatever Happened to the Man of Tomorrow, но за тоа во некоја следна прилика.

Види такоѓе:

September 21, 2015

Први впечатоци од Panoramical

Panoramical не е баш игра. Panoramical е медитативно спиритуално искуство склопено од халуциногени пиксели и езотерични амбиентални звуци. Првите пет минути се чудиш како си дал 10 евра за скринсејвер симулатор, а после еден саат нејќеш да го напуштиш светот што си го искреирал, верувајќи дека си ја открил смислата на постоењето. Па, следува фаза во која се обидуваш да го пренесеш искуството со зборови, праќаш видеа, скриншоти - и, џабе. Panoramical се доживува. До тогаш може да изгледа само како збир од неповрзани форми што се движат кон тебе додека зјапаш во монитор.


Излезе на 17-ти септември, дело на Фернандо Рамало и Дејвид Канага, музичар познат по Proteus. Манипулираш звук низ разни "светови" низ кои се движиш и лебдиш, а околината се креира во зависност од звукот со кој ќе решиш да "црташ". Во главно, музиката е амбиентална, претежно без перкурсија, но има неколку скриени светови со гостински музичари кои би ставиле насмевка на оние што преферираат клуб и евтини синтетички дроги со сомнително потекло. Тие не се толку интересни, повеќе се тука за да се види потенцијалот на Panoramical, оној аритстичкиот момент. Продаваат и верзија од 100 долари со лиценца и можност играта да се искористи како визуелизација на журка.


Главните неколку светови се искуството за кое зборам. Секој од нив е различен, има една главна музичка подлога и шаблон кој може да се манипулира со математика поголема од мене. Подлогата има девет канали, секој претставен со потенциометар, а со секое поместување на потенциометарот, влијаеш на музиката, а со тоа и на визуелниот приказ пред тебе. Нема цел, нема поени, ништо. Ти, музиката и како таа изгледа. Тоа можеш да го правиш со тастатура, маус, гејмпад и МИДИ контролер, а јас ја имам таа среќа да го поседувам и последново. Во период кога интензивно вртам 36, играва ми е како божествена интервенција. Релаксира после напнат ден, ако ништо друго, ќе ти го смири умот на некое време.


Замисли го ова во VR. Според Рамало, малиот тим веќе експериментирал со технологијата, па верувам дека тоа би било следниот чекор за Panoramical, или барем за студиото. Закачуваш хедсет и се гледаме следната пролет, ако нели, не ти го најдат телото во фаза на распаѓање. До тогаш, PC верзијата. Секоја чест за целиот тим. Од секаков аспект, а особено технички, е ремек дело. Скриншотите погоре се од моите сесии. Има опција и за гифови, а ќе пробам да снимам и видео за да ја доловам атмосферата. Еве туѓо видео до тогаш, со тип што не знае да заќути додека игра.

Види такоѓе:

September 16, 2015

Лабораторијата на Метод Мен

Првиот Blackout! на Метод Мен и Редмен ми беше влезната дрога во овие црнечки рап фолдери што ги чувам наоколу. Blackout! 2 ми е дефакто саундтрекот на најубавите спомени од 2009, кога мојата пристрастност кон овие двајца ја достигна точката на вриење. Blackout! 3 никогаш излезе, а Wu Massacre на Мет со колегите од Кланот и Reggie на Ред ја немаа таа ревносност на која бев навикнат, така што освен класиците од дискографијата каде што се потпишани, немав друго нивно за рокање во кола ко некој сељак. Девет години покасно, Метод Мен се враќа со соло албум. Во меѓувреме, очигледно изгледал Breaking Bad, па самоуверено си поигрува со одредени состојки кои му ги потенцираат метафорите. Сосема сталожено и умерено за сепак да остане на негова територија. 


Освен "The Meth Lab", траката што го носи името на албумот, "готвењето" го продолжува во друга насока, негирајќи ја сугестијата дека ова е можеби некаква концептуална целина. Иако преочигледна и лесна, финтата е доволно добра за совршено да функционира на начинот на кој е пласирана. Во лабораторијата на Мет се наоѓа една голема банда рапери, познати и непознати кои го придружуваат на речиси секое парче од вкупно 19, што кога ќе ја видиш листата со песни, делува како да е микстејп. На првото слушање може и да не почуствуваш никаква кохезија во тој еден час, но со секое наредно The Meth Lab ќе се погрижи да те убеди во спротивното. 

Колку и да делува дека албумот е пренатрупан со различни вокали, Мет доминира со секоја строфа, освен во "The Pledge" каде што должноста накратко му е препуштена на стариот колега Стритлајф. Звукот на The Meth Lab варира постојано, но колку и да е шарен, жестината ја држи константа. Знаеш дека ова не се црнци со кои би се заебавал кога ќе згрми "The Purple Tape" или цела генерација рапери ќе бидат изведени пред старошколскиот суд во "2 Minutes of Your Time". Неизбежната соработка со Редмен во "Straight Gutta" е само потсетување за тоа колку недостига веќе митското продолжение на Blackout! серијалот албуми. Во ниту еден момент не се осеќаат годините што веќе го стигнале стариот Мет. Уште може да р'же и покрај тоа што гласот му е мек како памукот што го береле неговите предци. (еј, еј!)

Ако очекуваш романтично носталгичарење и нов Tical, ова не е тоа. Колку и да е хардкор, современиот тон се осеќа, но па ако нема прогрес, не е интересно нели? А, кога е во насока која може да биде свежа без да гази по некаков интегритет, зошто да не. The Meth Lab е еден од најдобрите албуми што излегоа до сега во 2015.

September 10, 2015

Ѕtraight Оuttа Соmptоn (2015)

Валканиот комптонски асфалт во средината на 80-тите, го сведочи раѓањето на една од најконтроверзните црнечки хип-хоп формации во историјата на музиката, бенд чие ехо одекнува и триесетина години подоцна. Моето скромно познавање на творештвото на N.W.A ми го направи Straight Outta Compton многу позабавно доживување. Кога не си сигурен каде треба да се наоѓа линијата помеѓу факти и фиктивно шоу, полесно можеш да ги впиеш истакнатите забавни моменти. А, Straight Outta Compton, иако е наменет да послужи како биографски третман, е чиста лимонада на која нема да трепнеш скоро два и пол часа. Дури и во моментите кога се труди да го смени тонот во посериозен и поемотивен, темелите остануваат исти.


А, токму на таа половина од филмот ми се поклопи оној "историски апсект" што ми беше близок од она минимално слушање на рап од тој западен брег. Низ неколку кратки сцени и суптилни детали, ми го поздравија она што често ми свири од звучници, а доаѓа од таму. Со оглед на тоа што за Straight Outta Compton го знаев она што го прикажаа трејлерите, ми беше навистина пријатно изненадување. Додека ги проверував фактите и автентичноста на приказната, дознав за цел еден саат материјал што не завршил во финалниот рез, и сцена која за жал не била снимена, а верувам дека ќе ме превртеше од кревет.

Straight Outta Compton кога не ја пцуе полицијата, игра прилично безбедно. Од тоа што го знам за N.W.A некако млако го прикажува расколот во редовите и караниците на членовите, нешто што и Notorious во 2009 го изведе слично. Така што, ако го очекуваш омотот на Изи со сликите од Дре во смешна облека, нема да најдеш ништо слично тука. Иако има некои сочни текстови на Ајс Кјуб, филмот не завзема страни, што е сосема логично и правилно. Мораш да останеш во сива територија доколку сакаш да ги држиш поделените табори смирени. Освен Шуг Најт, се сомневам дека некаде ужива статус на протагонист, а со оглед на неговата репутација, верувам дека е горд на тоа како е интерпретиран во филмов. Сцената на концертот во Детроит е една од тие кои најмногу се двојат од тоа што навистина се случило, но е баш во духот на целиот амбиент што Straight Outta Compton го сетира на почетокот, па не е некој сериозен проблем. Освен ако не си музички историчар или опседнат фан што кинел постери после филмот,  веројатно ќе прогледаш низ разликите.

Младите црнци што ги глумат N.W.A одлично си ја вршат работата, и покрај тоа што некои едвај имаат некакво искуство со филмови. Можеби Straight Outta Compton неферски се фокусира на одредени членови на бендот (Арабијан Принс е изоставен, верувам не ни бил толку битен?), но баш тука доаѓа до израз синот на Ајс Кјуб што го глуми татко му во младоста. Ќе претпоставам дека продуцентите се решиле најпопуларните членови да го добијат светлото, и покрај тоа што средниот прст кон авторитетите бил тимски напор. Пол Џијамати е речиси секогаш интересен кога го користиш умерено, а тука е баш таков. За жал, вистинскиот Џери Хелер не се согласува со тоа како е прикажан, ама па не можеш баш секого да задоволиш, нели? 

September 3, 2015

Првата сезона на Мr. Rоbоt

Каква година на спектакуларни изненадувања од американската телевизија. Прво Daredevil, па втората сезона на Halt and Catch Fire, и сега Mr. Robot. Ова е златното доба на телевизиски серии. Погледни само што има од последните неколку години, класици што поместија стандарди и обезбедија место во историјата, правејќи простор за уникатни експерименти и почва за гаење квалитет. А, ако почнеш да ја навикнуваш широката публика на тоа, шундот сам ќе се потисне. Веројатно. Со сезона од десет епизоди, креаторот Сем Есмаил покажа како се прави серииште, расфрлајќи се со одважни пораки, искривувања на правилата на форматот и ликови кои ти се блиски како да ги познаваш цел живот.


Mr. Robot смело зачекори по трнливи патеки со полн ранец иновативност, претендирајќи познати концепти да ги претвора во нешто големо. Можеби алузијата на Сем Есмаил да го "смени светот" не е повеќе од урлање во воздух, но користејќи медиум како телевизија каде што имаш толкава маса која те следи, веројатноста дека одредени идеи ќе ја погодат целта и не е толку мала. Без оглед на тоа дали ќе е случајно или не. Па, дури и ако примарниот мотив е комерцијален. Но, Есмаил ми делува како човек што точно знае што прави и зборува. Mr. Robot е преполн со детали на кои е им е внимателно пристапено, од "ситници" како софтверот што Елиот го користи, до сите оние испукани пушки на Чехов кои некогаш така суптилно успеал да ги протне. 

"Големото откровение" кое го чекавме и манипулираше со публиката уште од самиот старт, пристигна при крајот на сезоната. Никогаш не ми беше толку важно, зошто секогаш оној дисоцијативен дел од карактерот на Елиот ми беше позанимлив. Хаосот што го носеше во себе и работите што ги правеше чиј мотив не беше секогаш кристално јасен и понуден на тацна. Целата таа дисхармонија Реми Малек феноменално ја пренесе, доволно убедливо за да предизвика емоции што ретко може да ми се јават од нешто вакво. Дајте му некоја награда на дечкото, направете го славен, зошто заслужува со секој здив. Не дека такво официјално признание значи нешто, ама ако тоа му помогне дополнително да го експонира талентот, дајте му. 

Финалето даде претпоставка за тоа што би се случило доколку пукне меурот во кој живееме денес и дали воопшто може светот да функционира со таков наметнат условен комфорт. Самиот крај запрашува дали воопшто такви подвизи се вредни или само залудни, а верувам дека втората сезона ќе се занимава со одговарање баш на тие одговори. И, иако Mr. Robot не е прирачник за рушење на некаков систем,  доволно е да те замисли дали и колку е тоа возможно и лесно. Ако уште се двоумиш и се сомневаш во квалитетот на серијата, верувај ми овој пат. Вреди за секоја минута.

September 1, 2015

Batman: Earth One на Џеф Џонс и Гери Френк

Приказната за тоа како малиот Брус Вејн по убиството на неговите родители одлучува да се облекува како џиновски лилјак и да се бори против криминалот е раскажана милион пати преку различни медиуми. Основата е секогаш иста, и покрај тоа што различни автори нудат нивни перспективи. Градот е секогаш Готам, а ликовите кои се составен дел од Бетмен, како Гордон и Алфред, се пристуни во секоја верзија. Џеф Џонс и Гери Френк, во графичката новела Batman: Earth One од 2012, ја обработуваат нивната. Иако паралелна со Новиот 52 универзум, приказната во Earth One е засебна, наменета за нови фанови на ликот, како и за тие поупатените во митологијата на Темниот Витез. Џонс храбро си игра со сите елементи, ги прилагодува и менува во занимлива целина, која и покрај тоа што можеби не е од рангот на Френк Милер, вреди да се искуси. 


Неговиот Бетмен тука е човечки, ранлив, често крвари и знае да напушти битка, но е сепак придвижуван од истиот мотив и бес. Реткост е да се видат очите на Брус Вејн додека ја носи маската во стрип, обично се бели намрштени триаголници. Гери Френк, со цртањето на очите под маската, ја доловува секоја емоција што во моментот поминува низ Бетмен. Со оглед на тоа што приказната се занимава со раните почетоци каде што легендата за Бетмен уште не е воспоставена меѓу Готамскиот гамад, вакви детали додатно го зацврстуваат наративот. 

Во оваа верзија на Бетмен, Брус Вејн има причини да верува дека актуелниот градоначалник на Готам, Освалд Коблпот (Пингвин) е одговорен за смртта на неговите родители. Коблпот ја има целата контрола врз градот, полицијата, криминалот, па дури и умоболните сериски убијци. Покрај Бетмен, отпорот доаѓа и преку младиот Гордон кој исто е под притисок и закани од Коблпот и една поинаква верзија на Булок кој во Готам доаѓа да го реши убиството на Вејнови за да стекне слава, откако пропаѓа неговото холивудско детективско реално шоу. Но, најголемата помош на Бетмен е Алфред. Алфред тука не е баш батлерот со префинети манири, туку поранешен војник кој служел британската Кралска морнарица. Покрај тоа што му е легален старател по смртта на Томас и Марта, туку му е и ментор кој уплашеното дете го претвора во оружјето кое е денес. А, на Бетмен кој не носи ни панцирен костим и има нефункционални гаџети, ваков Алфред му баш тоа неопходното. 

Оваа година излезе и вториот дел од Earth One. Бетмен веќе има некаква посериозна репутација меѓу оние кои треба да се плашат од неговата сенка, а благодарение на помошта од Фокс, има и кука што успешно се закачува за ѕид. Џонс овој пат зема поголем замав, носејќи уште повеќе ликови во универзумот што го создава. Крајот на првиот дел ја најавува приказната со Ридлер што се случува тука и на која се потпира продолжението, како и храбар неочекуван потег со Харви Дент и неговата сестра. Таман кога ќе помислиш дека читаш нешто што ти е познато, Џонс ќе скршне и ќе те посети дека ова не е "твојот Бетмен". Единственото нешто што ја преполнува приказната тука е Килер Крок, можел Џонс да биде малку посуптилен како со Селина Кајл, зошто на моменти изгледа како да ќе почне да тече од сите страни. Среќа, тоа што е околу е доволно цврсто за да може експресно да ги стегне работите во критичните моменти. 

Џонс добро ги познава ликовите и знае што прави со нив. Со Гери Френк се очигледно веќе добро уиграни за вакви подвизи уште од Superman: Secret Origin. Пред месец Џонс го најави Earth One v3, па со оглед на тоа како заврши претходниот очекувам уште една добра приказна. Сам кажа дека го чекаат вистинско време за Џокер, веќе имале смислено како ќе биде додаден во овој универзум, па се надевам дека нема да поминат години додека стигнат до таму.