Showing posts with label League of Legends. Show all posts
Showing posts with label League of Legends. Show all posts

November 23, 2021

Сакам уште Arcane

Мислам дека можам одговорно да потврдам дека Arcane е најдобрата адаптација на игра што сум ја сретнал до сега. Без претерување, факти се ова веќе. Можеби е до минималната изворна основа која овозможува поголем креативен простор за Arcane поопуштено да дише, не знам, ама ова што го видов во овие девет епизоди ме шокираше колку е добро. Ликовите, кинематографијата, амбиентот, приказната - некако сè е убаво составено да функционира.

Најсилната страна на Arcane е што не се брза никаде. Гради бавно, посветува доволно време на ликовите, деталите на светот во кој се случува, сè со цел да те приврзе со мотивите и конфликтите. Внимателно ја тинтра секоја перспектива, успева да биде исклучително сериозна и емотивна, па и да не си запознаен со она минимално парче фолклор што го црпи од League of Legends, пак ќе можеш удобно да се внесеш во наративот без прашалници.

Arcane го одржа квалитетот по првите три епизоди. Очигледно, патот за кој се одлучи серијата беше јасно зацртан и прецизен, без ниеднаш да се расклати или да се сопне. Ниту еден аматерски пропуст. Компактно и концизно. Веројатно ова е производ на јасна визија и цел, нешто што често отсуствува кај слични екранизации кои го губат идентитетот обидувајќи се да се обратат на поширока публика. Arcane речиси магично успева да ја најде таа функционална средина.

Сигурен сум дека и да не си запознаен со било што од League of Legends лесно ќе можеш да ја видиш брилијатноста на серијата. Иако ми е потешко да се позиционирам од таков агол, некогаш толку се внесував во приказната што заборавав од каде точно потекнува. Секако, има еден куп референци што се тука да им намигнат на играчите, меѓутоа Arcane не изгледа дека е преоптеретена со задоволување на таа публика. Можеби во иднина ќе се малку повеќе фокусирани на експанзија кон потесниот League of Legends фолклор, основата сега е цврсто поставена за да одат било каде. 

Со етаблиран концепт за хекстек и успешно позиционирање на спротиставените страни, Arcane конечно ќе може да завземе уште поакционен облик во следната сезона. Не дека недостасуваше, акцијата беше одлично дозирана во овие девет епизоди, меѓутоа завршната нота ветува уште повозбудлив правец. Изворот иако е мал, има богатство таму што чека да биде истражено. 

Видовме само мал дел од светот, што и покрај густата презентација остава простор да бараш уште. Сакам некогаш да видам ја видам и помистичната страна на Рунтера, сакам приказни со Малзахар, Ка'зикс, Вел'коз и целиот тој космички хорор кој пефектно може да се вклопи како фракција што дополнително ќе го искомплицира конфликтот помеѓу Пилтовер и Заун.

Затоа се радувам што Arcane испадна вака успешно. Си ја обезбеди иднината со најавената втора сезона, а доколку останат доследни на истиот квалитет, сигурен сум дека ќе ги сркаме приказниве со години. Ја имаат добитната формула, искрено се надевам дека нема да им се сруши врз глава. Riot одржаа лекција на многумина со ова. Arcane воспостави нови стандарди за како треба да изгледаат адаптации на видео игри и баш ми занима дали и некои други компании со потенцијал за разнесување на нивната интелектуална сопственост по други медиуми си прибележаа тоа што треба во тетратките.

Пукнав некоја League of Legends партија деновиве. Уште е истата токсична депонија како и секогаш, ама даваат бесплатни скинови за Вај, Кејтлин, Џејси и Џинкс базирани на нивните Arcane варијанти што се добиваат ако победиш една или изиграш три партии. Собрав три, последниот за Џинкс ќе биде достапен утре за отклучување. Скиновите се временски лимитирани, па така што ако си колекционер, сега е шансата да лапнеш нешто муфте.

Види такоѓе:

November 9, 2021

Почетокот на Arcane, анимираната серија базирана на League of Legends

Нормално дека бев скептичен за Arcane. Не само што адаптациите на игри не се секогаш функционално изнесени од нивниот матичен медиум, туку и Netflix изминативе години агресивно си го трупаат каталогот со секакви наслови што оставаат впечаток дека никој не ги проверува пред да бидат пуштени во оптек. Еве, на што личеше она Masters of the Universe на Кевин Смит, жити сè? Уште не можам да се помирам. 

Идејата за анимирана League of Legends серија секогаш ми изгледаше примамливо. Колку и да е играта токсичен отпад денес, имам толку многу години пројдено таму што не би можел да си дозволам да заобиколам нешто како Arcane. Во првите години од League of Legends сркав сè што личеше на приказна таму, колку и да беше штуро и површно. Реално, колку па и можеш во игра од овој жанр да градиш некој слоевит фолклор што пробива подлабоко. Освен биографиите на Шампионите преку кои Riot Games ќе фрлеа нешто повеќе за светот во кој се одвива играта, приказната ретко завземаше некој поопиплив облик. 

Сепак, низ годиниве изградија некаков си универзум што сега со Arcane се покажа како одлична основа за раскажување. Два пати до сега ги спукав трите епизоди што излегоа минатиов викенд и едвај чекам следен за новите три. Имав многу мали очекувања, немаше шанси да толерирам нешто само затоа што е League of Legends, а серијата изненади колку е добро и внимателно скоцкана. Да не ти се верува, онака. Едно е да гледаш како Riot Games штанца кратки синематици околу играта, тоа и Blizzard го прават совршено добро, ама верувам дека е многу покомплицирано да ја одредиш вистинската креативна насока за нешто "подолгометражно".

Можеби најголемиот предизвик при адаптација на нешто волку обемно со ликови како League of Legends е прецизно да фокусираш. Не знаеме ни премногу за светот во кој постојат, а основата нуди огромен избор за наративна појдовна точка. Arcane успева да си најде фин агол и неверојатно е колку добро се справува со ситее елементи. Приказната во првите три епизоди е хронолошки сместена некаде пред играта, па повеќето од ликовите што ни се познати се уште млади. 

Ги гледаме нивните почетоци во свет кој е резервиран при користење на магија, па постојат разни структури кои илегално експериментираат со тоа, што е баш супер основа за поголем конфликт кој верувам дека ќе ескалира во понатамошните епизоди. Првиве три се воглавно сконцентрирани на обликување на главните ликови и тоа на начин на кој не го очекував дека ќе го сретнам тука. Arcane има некој изненадно сериозен емотивен тон што совршено те зближува со нив, па си лесно инвестиран во нивните мотиви и сè она што ги придвижува.

Иако можеби повеќе сакав да видам ликови од "првата постава" на League of Legends, од периодот кога играта беше уште свежа, овие што се во моменталниот фокус на Arcane одлично се вклопени. Приказната е доволно возбудлива да функционира со повеќето постоечки од играта, ама има толку многу што во секој случај изборот би се свел на неколку, без разлика на личната преференца. Ако Arcane успее да си ја обезбеди идината со повеќе епизоди и сезони, верувам дека ќе видиме и други. Има место. Ќе ми биде мило некогаш да ги видам тие од играта поради кои ми паднале прстиве од кликање на нив.

Анимацијата е феноменална, како и општата естетика и визуелен стил на целата серија. Присутни се многу елементи од играта, а некои толку суптилно протнати што ако трепнеш си ги пропуштил. Затоа второто гледање на овие три епизоди ми беше многу попријатно. Битно е дека го има она чувство дека си позициониран во League of Legends амбиент и многу ми е ќеф што конечно го гледам овој свет во некоја ваква форма. Копав да најдам некоја забелешка и немаше. Искрено очекував многу повеќе неконтролирани акциони сцени и пиу-пиу, а за среќа не ме дочека ништо такво. Не е ова Mortal Kombat очигледно.

Arcane е доволно добро напишана и склопена да функционира и за публика што никогаш немала и можеби нема да има контакт со играта. Не бара никакво предзнаење. Никогаш претходно не сум сретнал адаптација на игра која вака успешно се обраќа на широка клиентела. Можеби отсуството на цврсто зацементиран League of Legends фолклор го обезбеди овој простор за раскажување. Не знам, ама едноставно изгледа како да ја нашле формулата за им проработи целото ова. Викендов што доаѓа следуваат нови три епизоди, а наредниот и последните со кои ќе се заокружи сезонава. 

Види такоѓе:

June 18, 2021

League of Legends е сѐ уште најмизерната игра на светот

Не е баш некоја новост во 2021 дека League of Legends ја има најтоксичната гејмерска публика откако се измислени видео игри. Најголемиот гамад на интернет е собран тука. Не знам како е возможно. Ќе се запрашаш некогаш што мајка раѓа ваков олош, ама мислам дека всушност самата игра е таа што го создава отровот или барем овозможува да испука од дебилциве што веќе го имаат во себе. Некое од овие две го видов и од сопствена перспектива, веројатно и не за првпат. Чим сум седнал да го пишувам ова, значи нешто ме чешнало ко што не треба. 

Години се во прашање, League of Legends постои повеќе од декада. Мизеријата имала простор да порасне и да се развие како составен дел од играта. Средината е исклучително компетитивна и до некаде можам да разберам како тоа може да извади разни гнасотилаци на површина. Со вербалните и немам проблем. Играта е дизајнирана да спротистави два тима по пет играчи. За да имаат еднаква шанса, треба да се сите на број. Ако има еден помалку, толку е од тој тим. Сѐ е сведено на тимска соработка која мора да е присутна. Проблемот што го среќавам во речиси секој ranked меч е тоа што од било кој тим има играч на кој што главна цел дента му е намерно да ја упропасти секоја прилика на сопствениот.

"Тилтање" е терминот што се користи во компетитивни игри. Потекнува од покер. Обично се случува по низа порази, односно лоши мечови, и таков истилтан играч е најлошото нешто што може да те стрефи во League of Legends. Скоро секогаш има некоја агресивна будала во еден од тимовите. Среќен си ако не се погоди во твојот, или па ако извадите победа и покрај него. Некој доаѓа во мечот полн со фрустрации и само гледа прилика да ги истури насекаде. Некогаш не ни мора да е истилтан од League of Legends. Moже е нервозен од нешто трето, сите сме имале лоши денови. На таков ден е можеби подобро да одмориш. Оваа игра не е за лабавање. Бара внимание, фокус и сталоженост. Треба да мислиш со тоа главата малку. Освен ако не играш ARAM, извини.

Пак ќе речам, вербалното насилие не е инстантно нерешлив проблем. Ќе го мјутнеш на чет и нека се гони. Проблемот е кога намерно не ја следи стратегијата, демонстративно го напушта мечот или па одбива да игра доколку загине рано или другите не ги следат неговите нелогични сугестии. Некогаш е доволна и некоја тривијална ситница, без потенцијал за било какво влијание врз мечот. Си избрал шампион за кој мисли дека не е доволно ефикасен. Дечкото е едноставно изнервиран од тоа и ќе се потруди сите да ги повлече на неговото ниво. Секогаш друг му е виновен за нешто. Егото не му дозволува да размислува поинаку.

Дел од тие што учествувале во мечот, после тоа ќе го пренесат во следниот. Ќе "заразат" други и така во бескрај. Не знам како е за обичните мечови, играм строго ranked оваа сезона и баш вакви ситуации се причината што два пати ми пропаѓа унапредувањето во следната дивизија. Паднат сум во бронза I како некој глуп и после 80 изиграни мечови оваа сезона не можам да пркнам. Кога ќе ти дојде таква прилика за унапредување, треба да тепаш 3 од 5. Во еден од тие мечови и спомнав дека ми е шанса за следна дивизија и од сопствениот тим се потрудија намерно да ми ја помочаат. Мислеа дека е смешно.

Неколку сезони наназад сум во овие дивизии и искуството е одвратно. Сакам да верувам дека во погорните дивизии ситуацијата малку порелаксирана. Види, грешки се прават. Некогаш еден тим е подобар, има фер игра и почит - тоа е сосема супер кога функционира. Затоа и ја обожавам играта и се моткам тука повеќе од десет години. Поради партии каде што има добра стратегија, тимски настап и желба за победа. За жал, ваквите се многу ретки или можеби јас имам таква среќа да се погодам со комплетно непресметливи сурати.

Riot Games немаат решение за ова, а не ми изгледа како да се трудат да најдат. Ги заболе. Порано имаше еден систем што го викаа Трибунал. Можеше ти лично и анонимно да рецензираш други анонимни играчи кои биле пријавени за лошо однесување. Ти дава неколку извадоци од чет кои довеле до пријавата и одлучуваш како ќе гласаш. Со доволно гласови од други играчи, тој што бил пријавен ќе биде санкциониран. Иако и тоа можеби некогаш ќе зависи од нечиј лош ден, пак мислам дека беше океј систем за филтрирање и спроведување на казни. Сега го нема тоа и стварно не знам како компанијата се справува со оваа чума. Секоја година е сѐ полошо. Жалам што сум сведок на ова непрекинато тонење во отпад.

Види, некогаш едноставно си сркаш пораз. Еден тим мора да е подобар од другиот. При фер меч играта е препуштена на вештините на играчите. Не е секогаш поради нечие кловнување. Се прават грешки и не можеш секогаш да се справиш со тензијата што доаѓа од самиот гејмплеј. Една од вештините е и да не се обесхрабриш при такви грешки. Да не бидеш плачкото што ќе се исклучи или намерно ќе гине откако се разбира ќе почне да се пцуе со сите присутни. Озбилно, како може да си дозволиш да утепаш четириесетина минути да дремеш во база и да јадеш гомна на четот дека си подобар од сите?

Мислам дека тилтнав и јас конечно. Го приметив тоа последниве неколку пропаднати мечови. Оттаму и инспирацијата за вака да се распишувам. Неспортски изреагирав на туѓи грешки во последните мечови. Не се изгасив, не се пцуев со други, ама продолжив да играм шашаво и нефокусирано. Нервозата што ме спопадна беше... несвојствена. Иако сметам дека имам прилично челични живци и ретко нешто успева да ме извади од такт, а најмалку вакви игри - се приметив како попуштам и станувам дел од проблемот кој го гледам во League of Legends. Очигледно ова е моментот за кочницата сезонава. Време е да се поигра нешто друго. Немам толку слободно време за да си дозволам вакви глупости. Да ти се мочам во играта, да ти се мочам.

May 11, 2018

Лига на Лигуши

Не е секогаш лесно старите навики да си ги тргнеш од курот. Исто така, последниве месеци пак се вратив и на League of Legends. Поминаа три-четири години откако престанав активно да играм, а под активно мислам на секој ден да уклучувам барем една партија со цел да добијам лажно чувство на достигнување. Не беше лесно. Не само што затекнав игра поразлична од последниот пат, туку сфатив и колку ми атрофирале рефлексите. League of Legends е игра што бара брзи реакции, а веќе не сум толку млад за да не кликам панично на погрешни места низ мапата.

Хероите што ги знаев ги начекав малку сменети, а новите со кои првпат се среќавав ме кршеа толку јако што брзо ми се откри дека токсичната заедница на играчи сè уште е доминантна. Не можеш да погинеш три пати по ред без некој од твојот тим да се исклучи или фуриозно да почне да пишува на четот како сака да ти ја ебе фамилијата до трето колено. Престар за да се пцујам со копиљаци што ги бркаат на спиење во 22:00, решив дека за да продолжам со компетитивните мечови ќе мора да изиграм неколку партии со вистински ботови. Морав го вратам осетот во десната рака, а и да си најдам нов соодветен херој.


Во безработните и безгрижни денови кога можев да си дозволам League of Legends по дванaесет саати дневно, многу ретко играв џангл или сапорт од проста причина што не ми беше доволно забавно. Malzahar, Brand, Teemo, Renekton, Varus и Graves беа хероите со кои го потрошив поголемиот дел од тие неколку илјади партии. Овој нов почеток беше совршен за освежување на мојата улога на Summoner's Rift, па решив да спукам неколку партии со Rengar и Janna. Џунглата уште не ми е пријатна, ама па затоа комплетно се насочив кон обезбедување поддршка на моите соиграчи.

Janna e феноменален херој. Фрла штит на соиграчите, а со ветерот и zephyr се грижи за непријателите да си го научат местото на лентата. За групни тепачки е кошмар, зошто може лесно да го обезбеди преживувањето на цел тим. Еден од хероите со кои на добрите денови успевам да воспоставам целосна контрола врз мапата. Добрите денови се сè почести сега, толку ја усовршив Janna што не мора веќе да чекам лигушите да отидат на спиење за да играм со нормални возрасни тимови. Ако Jinx не си ја врши работата како што треба, доаѓа Janna за да ја износи играта до победа.

Сепак, најголемата грешка што можев да ја направам е тоа што почнав да играм ranked мечови можеби еден месец пред да ја разберам снагата на Janna. Изгубив седум од десетте квалификациски и завршив во Silver IV. Таа дивизија е една од послабите секако, меѓутоа искуството е за нијанса подобро од нерангираните мечови. Пак има нежни кретени чиј краток фитил ќе ти го упропасти саатот, ама не се во толку голем број. Повеќето луѓе во дивизиите се трудат да напредуваат, па дури и кога стратегијата излегува од колосек се трудат да играат фокусирано и да не го злоставуваат вербално сопствениот тим.


Пред некој ден успеав да стигнам до Silver III. Кога ќе дојдеш на врвот на табелата во твојата дивизија ти се отвара можност да се докажеш со победени две од три партии за да влезеш кај подобрите. Тепав пет по ред накај Silver III. Стресно е, ама ако му нагласиш на тимот дека следните три-четириесетина минути ти се важни за напредок изненадувачки ќе се упристојат. Silver III е веќе друго, одма се осеќа разликата во искуството и посветеноста на тимовите. Или барем на мене така ми се погодија. Фала ви рендом деца од Западна Европа.

Не верувам дека некогаш ќе ги видам големите дивизии, барем не сезонава, ама интересно ми е. Немам веќе толку време, а ни концентрација за да играм повеќе од партија или две дневно. Кога не играм ranked, играм обични партии со другари со кои и поразите се некогаш забавни, најчесто зошто јас сум тој што експериментира со различни херои кои не ги владее доволно. Како инаку ќе научиш ако прво не му усереш неколку партии на Стефан?  

League of Legends е уште најдобрата игра од овој тип. Ги пробував сите MOBA игри што излегуваа, едно време не можев Dota 2 да ја изгаснам, ама секогаш на крајот се враќам тука. Постои скоро една деценија и константно еволуира и се освежува. А, што е најбитно, Riot Games до сега ниеднаш не се обидоа безобразно да брцнат во џебовите на играчите.

March 24, 2015

Уште еднаш за League of Legends

Со Heroes of the Storm, сфатив дека јас и MOBA жанрот веќе не се согласуваме како претходно. Не ни е веќе интересно како некогаш. Меѓутоа, од просторот што си го оставив со League of Legends, пројде доволно време за партија еднаш на три дена да ми биде океј. Тоа и го правам последнава недела. Чисто од љубопитност решив да се логирам, барем да ја видам обновената графика. Можеби додека ја навикнеш редизајнираната мапа, ќе те потсеќа на DOTA 2, ама сепак не е толку детална. Го има задржано во целост претпознатливиот дух, а покрај малото визуелно освежување е многу пооптимизирана од претходно. Сега немаш време да свариш кафе, да направиш ручек, да ги испратиш децата во школо или да го преспиеш викендот додека се конектираат сите од тимовите и се излоуда играта. 


League of Legends е таа игра што е последниве години. Да, има ситни промени од минатиот пат кога се дружевме, па дури и во заедницата. Некако ги нема дебелите деца од Полска, можеби пораснале, а не дошле нови, или се заминати да упропастуваат нечие друго искуство во некоја друга игра. Или едноставно мене ми се погодија тие неколку партии. Пострашен ми е бројот на партии што ги имам изиграно од 2010 до сега. Онака, дури е и тажно кога ќе го претвориш тоа во време, сметајќи по некој просек од 30 минути партија. И, тоа само на главната мапа. Другите мапи и досадните модови како ARAM воопшто не ги внесувам во калкулацииве.

Промените не се само во дизајнот на Summoner's Rift и џунглата. Змејот сега дава и некаков баф што не памтам дека сум го видел претходно, па предизвикот за да се убие е поголем. Има и некои ајтеми што исто ми се нови, ама ништо што би го нарушил гејмплејот што ми е познат.

Има и неколку нови херои што сигурно ќе ги пробам. Ете, изиграв една партија со Braum и ботови. Да играв support, сигурно ќе ми беше поинтересен. Имам околу 40 илјади IP за трошење што веројатно ме прави некаков Брус Вејн тип на богаташ меѓу останатите деца. Не дека е нешто на кое што треба да си горд, ама и мојот Покемон е бољи од твојот Покемон. Играта си тера и понатаму и ми останува омилената MOBA. Деновиве излегува и Infinite Crisis на Steam конечно, па ќе покликам и тоа малку, колку да видам што е.

June 7, 2014

League of Legends Log #9: Обновена графика и дебели деца од Полска

Деновиве пробувам да кликам League of Legends после пауза од неколку месеци. Играта не прекинала никогаш со константната еволуција и новини, што онака се затекнав во малку поинаква околина. Нови херои, нови ајтеми, нови (глупи, додуша) модови, апдејт на некои од старите... Единствено што останало исто се разгалените дечишта уште упорно, упорно ќе ти ја упропастуваат секоја втора партија. Секоја втора партија има некој што плаче, менструира или едноставно се гаси пред воопшто да започне партијата. Верувам дека никогаш нема да се смени ова, така што можеш само да се надеваш дека другиот тим ќе го задеси ваква незавидна ситуација.


Покрај тоа што на четот си ги пцујат мајките, сестрите и си ја предизвикуваат сексуалната ориентација, деновиве играчите зборат за новиот апејт на графиката што доаѓа наскоро и е повод за постов. Искрено, никогаш немав проблем со изгледот на LoL, меѓутоа ако Riot решиле дека е време за промени, океј сум со тоа. Од краткиот тизер, може да се види дека ова е најсериозниот апдејт во оваа насока до сега. И, изминативе години играта добиваше графички подобрувања, ама никогаш до овој степен. Мене ми се свиѓа и едвај чекам да отиде ова лајв.

Промените се однесуваат само на визуелниот дел. Нема ништо различно што би ја променило стратегијата. Стилот од оргиналот се уште е присутен, па ова ќе дојде баш фино и освежувачки. Единствено нешто што приметив дека до многу потсеќа на DOTA 2. Доколку е ова намерно за да се придобијат играчи од најголемиот конкурент, некако ми делува како буљашки непотребен потег. Верувам дека поголем е бројот на играчи што играат League of Legends баш поради тоа што не изгледа како DOTA 2. Од друга страна па, логично е да оди во ваква модерна насока. Докторе, да не се предомислувам многу?


Е, сега битната ствар за тие со дрвени компјутери. Новата графика ќе бара малку поголема меморија, меѓутоа Riot правеле огромни напори за да ја оптимизираат и за сиромасите. Не само што има време за оптимизација, туку и ова не е конечната верзија, иако е блиска до крајната. Имаат време да го слушнат гласот на играчите, да направат промени кај што треба и да понудат јавна бета. Датум се уште нема, ама претпоставувам дека ќе е летово.

November 28, 2011

League of Legends Log #8

Скоро еден месец играм со Graves. Се покажа како еден од најефикасните во цела игра, а има и прилично интересна приказна. Плус се појави во период кога ја гледав Dollars трилогијата, причина плус за ќеифот да биде поголем. Ретко играм AD херои, уште помалку на горната и долната патека. Graves е толку добар што одлично функционира на средина.

Има еден куп варијации на склопки, може да се игра на различни начини. Сепак, месецов покажа дека нема добра партија со него без Bloodthrister, Phantom Dancer и Frozen Mallet. Неделата кога се појави беше појјак од што е сега, меѓутоа иако му ја намалија снагата, две од три партии ги добивам без проблем.

Настрана од фалењето колку сум добар со Graves, месецов League of Legends дојдоа до вратоломна бројка од 32 милиони регистрирани играчи. Браво и честитки! Започна и втората компетитивна сезона, а заедно со неа и неколку промени во самата игра кои не би требало да влијаат многу. Ги сменија дрвата за Masteries, додадоа некои нови магии, и исфрлија dodge од играта што сигурно малку ќе ги загрижи оние играчи кои се потпираа на ова. Лично, освен тоа што ме мрзи да местам Masteries пак, не сум нешто засегнат од промениве. Ќе видиме.

October 14, 2011

League of Legends Log #7: Уште еден Malzahar Quadra Kill

Malzahar е најдобриот мејџ во цела игра. Точка. Денeс го направив вториот quarda kill со него. И, никако да дојдам до тој епски penta kill. :)

October 7, 2011

League of Legends Log #6: Teemo Quadra Kill

Ете така. Јас кога зборам дека Teemo е еден од најопасните шизици у League of Legends, никој не ме верува. Порано и јас го потценував, додека не почнав да го играм како што треба. Освен тоа што може ја контролира цела мапа со бомбите што ги поставува, Тeemo со attack speed ајтеми може да го носи цел тим на грб. Плус, копилето е пребрзо, така што лесно може да влезе и да избега од тимска борба, оставајќи мртви непријатели позади, како во случајот од скриншотот.

Ова ми е втор quadra kill. Претходно имам направено со Malzahar.

September 23, 2011

League of Legends Log #5: Прва партија Dominion

Пред некој ден, Riot Games го отворија новиот Dominion мод за бета тестирање. Новата мапа The Crystal Scar е достапна по неколку саати дневно, па ете денес успеав и јас да начекам.

Модот е супер. Има детално дизајнирана мапа, со доволно простор за борби, куп power-ups, кратки патеки, грмушки од каде што противникот може да попие сачекуша и нормално крипови, на кој ретко некој им обрнуваше внимание партијава. Dominion е сепак повеќе сконцентриран на брзи млатњи, нели, колку повеќе непријатели се мртви, толку побрзо се освојува база. Адреналинот рипа уште на почеток, зошто хероите се директно трети левел и со доволно злато за пазарење. Цело време мора да си растрчан по мапата, зошто секоја секунда може да направи разлика.

Викаат дека Французите се лоши играчи. Меѓутоа, додека не ти се погоди цел тим со нубови од Полска што се откажуваат среде партија, ништо не си видел. Дури полошо од кретен што играше со Teemo и нареди 15-16 печурки во нашата база на Summoner's Rift! Енивеј, како за прва партија беше супер. Наскоро почнува и втората компетитивна сезона на League of Legends, па ќе биде уште поинтересно кога ќе се играва мапава во ranked.

September 7, 2011

League of Legends Log #4: Brand, the Burning Vengeance

После тринаесет од петнаесет добиени партии со Brand, јасна ми е моќта на овој херој, кој неправедно го потценував. Го купив уште кога го пуштија, изиграв неколку партии и така остана заборавен до пред некој ден. Brand ретко го среќавав во противнички тим и најчесто ми бил лесен за тепање, особено кога сум играл со Malzahar. Почнав да го играм како што треба, научив што навистина може да направи и сега ми е на листата на петте најдобри херои во Лигата.

Brand, иако е добар и на средина, вистинскиот потенцијал може да се види во горната или долната линија, особено ако има поддршка од тенк или херој како Katarina или Akali. Со правилна игра која бара нешто повеќе од обично кликање, Brand може многу лесно да стане непобедлив. Спеловите се хранат со ability power, па така што првата склопка препорачливо е да биде Rylai's Crystal Scepter. Противникот ќе биде успорен секунда и пол, доволно време за комбото од спелови појачани со Blaze да биде уште поуспешно. Најчесто се случува Brand да остане сосем нечепнат во еден-против-еден борба.

Главната моќ на Brand, како што реков е ability power. Меѓутоа, ако се игра поагресивно, со спамување на спеловите, Brand знае да остане без мана, па за тоа препорачувам или руни за регенерација на мана, или друга опција, купување на Tear of the Goddess и потоа Archangel's Staff. Така ќе се реши евентуалниот проблем со маната и плус се додава ability power. Деновиве го играм и со spell vamp, чисто да видам како функционира и не е лошо, само што тој слот би можел да се искористи за нешто друго, како на пример Void Staff или Morello's Evil Tome. Се зависи од стилот на игра и останатите херои, ама генерално тој е AP билдот со кој Brand ги добива партиите. Исто така, задолжителни summoner спелови се Ignite и Flash.

Мене деновиве ми е најинтересен за играње и плус целата приказна околу него ми е тамански погодена. Оган и пламен мејџови, во било која игра да ги има, тие ми се првиот избор. И, додека сум на тема League of Legends, Riot Games го пуштија сајтот за Dominion каде што подетално е објаснето околу овој мод. Клик тука.

August 6, 2011

Најава за League of Legends: Dominion

Првата сезона на League of Legends завршува кон крајот на август. Како што Riot Games најавија пред неколку месеци, играта тогаш ќе го доживее својот најголем апдејт за време на нејзиното постоење, апдејт кој ќе ја започне втората сезона на натпреварување.

Иако развојот на мапата Magma Chambers, што јас ја чекав со месеци, е стопиран, верувам дека новиот мод во Dominion апдејтот, ќе ја освежи играта баш како што треба. Новиот мод, односно новата мапа, ќе понуди сосема различна стратегија. Наместо класичното рушење кули за да се стигне до Нексусот за победа, овој пат играчите ќе се борат во capture-the-нешто мод, барем од тоа што може да се види во тизер трејлерот. Сеуште нема детални информации околу ова, меѓутоа и тоа што го има, е доволно за да ме израдува.

Се надевам дека Riot нема да сопрат тука и дека конечно ќе ја завршат и Magma Chambers.

UPDATE: Видео "Behind the Scenes: Gameplay Design"

June 1, 2011

Бесплатна игра на годината: League of Legends

Без двоумење, можам да кажам дека од сите бесплатни сериозни онлајн игри, League of Legends е упорно на првото место. Од моментот кога почнав да играм, Riot Games, компанијата која стои зад LoL, не сопре ни еден ден со развој на нивната игра. На две недели вадат нови херои и скинови, постојано ги балансираат старите, имаат секојдневна интеракција со заедницата и очигледно немаат намера да сопрат.

Последниве неколку месеци, самите играчи се задоложени за создавање на новите херои, преку тема на форумот каде што може да се предложи или да се гласа за херој. За разлика од другите игри кои се рекламираат како бесплатни, League of Legends е навистина бесплатна. Иако функционира со микро-трансакции кои нормално, се опционални, нема ништо во самата игра кое би им овозможило на играчите кои платиле да имаат некаква предност. Значи, главната разлика меѓу оние кои плаќаат и оние кои не, се скиновите, односно изгледот на херојот. Останатите работи кои може да се купат од продавницата на Riot се некои руни, пакетчиња за поголем XP и нормално херои, но истите се купуваат и со поени кои се добиваат бесплатно, со секоја изиграна партија и се лесни за собирање.

Друга работа која ја двои играва од останатите "бесплатни" е тоа што развивачите навистина се грижат за играчите, ги слушаат фалбите и поплаките и соодветно одговараат на истите. Не сум сретнал ниту една бесплатна игра во која заедницата има толку фер треман. Дури и при најмал проблем со серверите, што е навистина реткост, Riot Games се трудат да им надоместат на сите играчи преку мали, симпатични награди.

Од скоро, воведоа и нов начин на казнување на играчите кои не се однесуваат културно во самата играта, ги напуштаат партиите и влијаат негативно на тимот, преку систем кој се вика Трибунал. Сите играчи може да учествуваат во Трибуналот, каде што им се понудени профили на пријавени играчи и самите одлучуваат дали ќе ги казнат или ќе им простат. Секој играч дневно може да обработи десет пријавени играчи, каде што може да се види зошто одреден играч е пријавен и како се однесувал во играта.

League of Legends се избори и за место на WCG, така што на крајот од првата сезона, најдобрите играчи ќе може да се натпреваруваат за фонд од 100000$.

За регистрација на нов акаунт, може да се искористи овој линк.

December 27, 2010

League of Legends Log #3

Вчера ја изиграв најдобрата ranked партија на League of Legends. Во кратки црти, губиме уште од самиот почеток, прво се гаси еден од нашиот тим, па друг и остануваме тројца. Мaster Yi лагира цело време, па го снемува и него. Остануваме двајца против цел тим од пет луѓе кои се веќе влезени во нашата база и кршат што стигнат.

На крај останав да го бранам сам нашиот Нексус и во рок од една минута успевам да направам четири убиства, иако еднаш гинам во меѓувреме. Еве ги скриншотите, за успомен и дуго сеќање. :)

Double kill и во исто време гинам и правам скриншот. :)

Го убивам Gangplank, а Ashe гине од Malefic Visions спелот. Втор double kill.

Good job, Malzahar. :)

Нема врска тоа што изгубивме партија, што реално, дури и со четворица од мојот тим можевме да ја добиеме. Ќеифот се убиствава на крај, без никаква опрема. Дефинитвно една од најдобрите партии што сум ги играл. Покољ.

December 10, 2010

League of Legends Log #2

30 / 13 / 13

Деновиве фатив 30-ти level, што значи од сега ќе можам да играм и ranked партии. Од последниот пат кога пишував за League of Legends, имаше неколку patch-ови, нови херои и неколку измени на старите. На пример, Corki е целосно nerf-нат, спеловите му се значително ослабнати сега, па дури имаше измена и на ultimate спелот кој што сега наместо мета, има цела стрела која го одредува правецот на гранатите што Corki ги испукува.

Со Corki се простив и моментално најмногу ги играм Malzahar и Mordekaiser. Malzahar е можеби најдобриот спел-кастер во играта моментално. Со добра комбинација на руни и распределба на masteries, може да биде непобедлив. Единствено малку има проблеми со маната, меѓутоа лесно успевам да го изрегулирам со Malefic Visions спелот, руни за регенерација на мана и фини склопки.

Mordekaiser е еден од најкорисните тенкови во играта. Покрај тоа што во одредени ситуации може сам да бутне кула (30% од демиџот што го прави со спелови, му создава дополнителен штит) и без проблем да преживее во 3v1 ситуации. Првпат во League of Legends играм тенк и за среќа лесно се навикнав и сконтав што како функционира. Освен тоа што може да направи огромен melee демиџ (доколку не е тенк), има и одличен AoE спел што совршено доаѓа до израз во одредени ситуации кога се чистат крипови пред кула или се пробива патот до непријателската база. Следните руни што ќе ги купам, ќе бидат наменети за Morde.

Неделава има супер ротација, баш хероите што сакав да ги пробам уште кога почнав да играм, ама никако не беа free-to-play. Во следниот лог ќе пишам нешто повеќе. Ranked уште не стигнав да играм, зошто интернетов ми е ужас цела недела, а не ми се напушта таква партија ради лаг.

October 22, 2010

League of Legends Log #1

Едвај две недели пројдоа откако почнав со League of Legends и сум тотално навлечен на играва. Најзаразно нешто за играње по World of Warcraft во последниве години, а и многу подобра од DotA.

Неделава има нова ротација на херои. Ги пробав скоро сите, најинтересни ми беа Annie, Garen и Sivir. Сепак, собрав поени и си го купив Corki. Моментално, Corki е херој што најмногу ми одговара. Има најпрактични финти, бара повеќе од кликање, ефективен е и со attack damage и ability power... Единствена маана му е тоа што е малку спор, меѓутоа го регулирам и тоа некако. За нов херој, ќе почекам до следната недела. Иако имам развиено некој скил за вакви игри уште од DotA, некако потешко се навикнувам на нови херои во LoL.

Ми се свиѓа колку се посветени Riot Games околу играва и целата заедница на играчи. Баш неделава пуштија и нов херој, Lux, а гледам дека ја прилагодуваат и приказната на светот на League of Legends со некои настани и празници (Blizzard како што прават со WoW). Деновиве актуелен е Харовингот, случување во League кое е аналогно на Халовин. Напитоците за mana, health и слично, се заменети со бомбони и овојше кои одат во прилог со Харовинг, а и големата мапа си доби нов скин.

Следниот месец ќе има комплетно нова мапа, а најавени се и нови херои. Доколку некој игра на европските сервери, нека ме побара под ник Zearthex, за 3v3 или 5v5 тим. А, за регистрација на нов акаунт, клик тука.

October 13, 2010

Зараза на месецот: League of Legends

На кратко, League of Legends е клон на DotA, и тоа направен од луѓето директно инволвирани во оргиналната DotA кои се собрале во мала компанија позната како Riot Games. Играта е објавена минатиот октомври и е бесплатна за играње. Потребно е само да се направи акаунт и да се симне клиентот.

LoL нуди широка палета на херои, околу 60тина. Преку една недела ротираат само 10. За купување на херој кој ќе биде постојано достапен за време на ротациите, се користи кеш или influence points кои се добиваат со играње. Моментално собирам за да си го купам Corki. Спелови, оружја, напитоци и комбинации од истите се достапни во огромен број и што е подобро за разлика од DotA, сите се купуваат од еден вендор. Дури има и комбинации кои се препорачуваат за одреден херој, што е одлично за нови играчи.

Стратегијата и начинот за победа се исти како кај DotA. Мапата што е за 5v5 е идентична на DotA мапата. Има и помала мапа, 3v3, а се најавуваат и нови. Спојувањето на играчи по случаен избор се врши со еден клик со што се елиминра чекањето и собирањето на тим. Секако, постои опција играчите сами да си направат тим и како тим да стапнат на мапите.

Една од работите што ми се допаѓаат во LoL е тоа што со секоја партија се добива XP за левелирање, па со секој левел се добива поен за talent tree како во WoW, бидејќи покрај стандардните спелови уникатни за секој херој, има уште два други кои се на самиот акаунт и доаѓаат со било кој херој што играчот ќе го одбере. Со секој левел, се отвора можноста за нови вакви два спела. Покрај нив, постои и спел за телепортирање, па нема потреба од купување на Scroll of Town Portal или нешто слично.

Значи, играта е се она што е DotA, со неколку додадени ситници и подобрувања кои не се возможни во DotA, поради ограничувањата на Warcraft III. Деновиве сум тотално навлечен на играва и моментално сум во ситуација кога кажувам дека е подобра од DotA. Нови херои, нови спелови, нова мапа, некако делува освежувачки. Сепак, задржан е филингот на DotA, намерно е така нели, за да се привлечат и тие играчи. Графиката е убава, мапите се детални и шарени, хероите се супер изработени, ефектите на спеловите исто.

League of Legends прави напредок секојдневно. Колку што видов, играта има голем број играчи кои придонесуваат на заедницата со туторијали, водичи, стратегии и се останато. Сметам дека времето на играва допрва доаѓа. Не верувам дека лесно ќе ја истисне DotA, но барем нуди соодветна замена на оние на кои им е здосадено од таа мапа.

Уште една работа за крај. Регистрацијата на нови играчи се врши и преку препорака, со тоа што се добиваат некои бенефиции во играта, па ако некој се регистрира, не е лошо тоа да го направи преку овој линк. :)