Во врска Chappie, најмногу бев заинтересиран за напредокот на режисерските вештини на Нил Бломкемп. По одличниот District 9, и не толку пријатниот Elysium, ме занимаше во која насока ќе ги движи работите. Периодов ми е исто така на радар поради новиот Alien. Немав никакви очекувања за Chappie, отидов во кино само со изгледан трејлер и идеја за приказна што баш тој трејлер ми ја создаде. Chappie наиде на малку лоши коментари и оценки кои решив да ги игнорирам, баш поради што во некои од нив публиката и критичарите го бараат следниот District 9. Кој пак, очигледно е дека Бломкемп не успева да го повтори, ниту да му се доближи.
Chappie не е лош филм. Бломкемп допрва ќе треба да сними филм што ќе биде налепен со таква етикета. Само е малку... просечен. Проблемот со Chappie е што упорно страда од неконзистентност насекаде. Хаотична нарација, слабо напишани дијалози и идеи кои се гледа дека Бломкемп јасно ги замислил, но потфрла кај начинот на кој ги презентира. Од дводимензионалните ликови и нивните нелогични мотиви, до чекорот кој го прави на трансхуманистичка територија. Пробував некако да ги рационализирам ликовите, кои можеби Бломкемп намерно да ги создал такви за да остави простор да дојде "човечноста" на роботот Чапи до израз. Меѓутоа кога некои постапки ќе почнат да се граничат со неподносливост, некако сфаќаш дека и тоа не е баш така намерно, туку е само неуспешен обид. Таман кога помислив дека Бломкемп прави излет од Холивудската шема, добив еден куп објаснувања со лажичка и звуци на авион додека пробува да ми ја стави во уста.
Die Antwoord се во главна улога тука, појачани од Дев Пател, Сигурни Вивер и Хју Џекмен. Die Antwoord не беа толку лоши колку што Сигурни Вивер беше неискористен ресурс и Хју Џекмен можеше да биде заменет со дрво и никој да не примети. Или плиткото сценарио не успева да ги долови. Додуша, Хју Џекмен можеби ни тоа немаше да го спаси, зошто изгледа како улогата да ја прифатил на кладба и едвај чека да заврши и да си оди дома, за да си ја намести Вулверин фризурата, додека се обожава себе во огледало.
Ликот на Чапи има многу добри моменти. Штета што некако се гуши од целата каша околу, а некогаш и од сам себе. Секогаш кога идејата за филмот и ликот ќе го завземеше замислениот правец, се испречуваше некое ненамерно смешно срање. Дури и крајот, кога можеби доаѓаат избавувачките квалитети, осеќаш дека е некако предоцна за тоа и дека не е доволно, па тука го влечеш заклучокот дека си изгледал нешто волку просечно. Сепак, уште имам верба во Бломкемп за Alien, зошто таму веќе има основа која мора да ја користи, сакал или не.
1 comment:
Elizium bese kopija na Distrikt9 minus dobrata akcija humorot i interesniot glaven lik (negovata transformacija) od D9...zasto Blomkamp napravi 2 isti filma po red samo na nego mu e jasno, a ovoj obid za (uste eden) rimejk na Robokap uste od trejlerot se gledase deka e tapa i zatoa ne go gledam.
Kade e kreativnosta od negovite kratki filmovi?
...a od noviov Elien ne ocekuvam nisto zatoa sto filmovive bajgi padnaa u kvalitet posle 2000ta...taka i za Prometeus se izraduvav i na kraj sto iskoci - sranje od film :/
Post a Comment