Го гледав Iron Man 3. И супер е, наспроти сите негативни коментари што ги прочитав изминативе два дена. Го немало Тони Старк доволно во оклопот, глуп бил пресвртот, крајот и не знам што уште друго... Мене лично, ми пружи два саата чиста забава и моќна стриповска атмосфера. Ќе се потрудам да пренесам нешто, со минимум спојлери. Љубиша има одлична рецензија за филмот, комплетно без спојлери.
Приказна е делумно базирана на арк на Ворен Елис, Extremis, и е сместена по настаните во The Avengers. Тони Старк е во незавидна ситуација после тие случувања. Иако сеуште е истиот шизик, психата му е малку разлабавена, па секојдневието му е збогатено со панични напади и анксиозност. Постојано е во работилницата каде што склопува нови оклопи, без спиење и одмор. Во меѓувреме, светот го тресе терористот Мандарин (Бен Кингсли е цар, секогаш и секаде), кој покрај другото, се обидува да дојде и до претседателот на САД. А, и Extremis тука е присутен во форма на не толку успешен лек за регенерирање човечки органи, кој од "пациентите" буквално прави бомби.
Мене баш ми се свиѓаше тоа што Iron Man 3 нуди малку поинаков Тони Старк. После три филмови, освежувачки е тоа што ликот направи ваков прогрес и видовме една поинаква страна. Доколку претходните два Iron Man филмови имаа одредена доза на "реализам", овој пат си добивме некакво фино стриповско шаренило кое супер си функционира. Не е ништо понападно од The Avengers! Сценариото можеби знаеше да зашкрипи на моменти, меѓутоа хуморот е задржан на ниво на ликот, а харизмата на Роберт Дауни Џуниор успешно вадеше некои ситуации каде што под други околности би фрлал со шишиња кон платното во Синеплекс (срање е и тука 3Д-то, мада мислам дека е до мене тоа).
Iron Patriot беше закон момент, иако различен од тоа што е во стриповите, ама верувам дека морале да напишат нешто за War Machine, па си рекле, зошто да не ова. Закон момент мислам за самиот оклоп, ликот за жал беше тука колку да го има. Гај Пирс инаку имаше фин перформанс, колку и да ликот му беше клише негативец со мотив што си го видел веќе секаде. За Бен Кингсли како Мандарин, не би зборел понатаму, тоа треба да се види. Изненадувањето ме удри по глава, апсолутно немав такво очекување. А, крајот на филмот има уште едно изненадување, кое е за дискусија со спојлери. Заокружи некаква целина и баш ме интересира што ќе се случува понатаму со ликот. Четвртото продолжение е неизвесно, мислам на The Avengers, секако.
Iron Man 3, со сите свои маани е сепак подобар од претходниот и од повеќето филмови со херои од Марвел. Не ги разбирам плукањата, сериозно. Следно е Thor: The Dark World.
No comments:
Post a Comment