December 21, 2019

Хенри Кавил од Ривија

Како претпазливо ѝ влегов на The Witcher серијава, ко да ќе колам стрига со сребрен меч. А, како не би. Секој следен трејлер за ова ми ја ронеше и онака слабата доверба во Нетфликс серии, па првата епизода ја кликнав со онакви минимални очекувања. За среќа, серијата е многу, многу подобра отколку што рекламниот материјал успева да ја продаде, ама има и некои работи што не се толку функционални колку што можеби мислат дека се. Едно нешто да расчистиме уште на старт - Хенри Кавил е одличен како Гералт. Дури и се наштелувал да звучи како Даг Кокл, актерот кој го позајмува гласот на Герлат во игрите.

Најпозитивното изненадување за серијата ми е тоа што воглавно ги адаптира расказите од единствената The Witcher книга што сум ја читал, The Last Wish. Иако последен пат ја имам читано пред некои три години, ете некои од приказните биле толку впечатливи што останале до денес со мене за лесно да ги препознаам. Меѓутоа, серијата не е само збир од кратки раскази засебно адаптирани, туку со нив се труди да оформира целина која позајмува и други делови од фолклорот на The Witcher. Е, сега тие делови не се баш во линија со хронологијата на изворниот материјал, но нивната основа е искористена со цел неколку ликови да се допрат во една заедничка точка.


Првата епизода ме стави малку во дилема баш поради тоа. Адаптира една крајно интересна приказна која е многу важна за ликот на Гералт и општо митологијата која овој универзум ја содржи, но истовремено се обидува да отпочне и неколку други. Разбирам дека сезоната располага со само осум епизоди, ама повеќе ќе ценев доколку почетокот беше фокусиран исклучиво на Блавикен. Не дека епизодата не се справува добро со тој дел од резимето на Гералт, само мислам дека ефектот ќе беше многу поголем доколку целата приказна се воздржеше од расплинување на триста страни.

Сепак, серијата се осеќа и изгледа како The Witcher материјал и тоа ми е најважно. Мислев дека ќе биде малку порезервирана со користење на сопствениот фолклор и мило ми е што воопшто не испадна така. Гералт нема само една мисија која ја тегне низ цела сезона, туку неколку кои ефективно ги завршува, баш онака вичерски. Супер функционира дури и кога повремено си зема одредени слободи при интерпратација на оригиналните приказни. Барем јас не сум толку заколнат на изворниот материјал за да ми смета.
 
Исто ќе налеташ и на феноменална музика која се залага целото ова и да звучи како The Witcher. Еве, цел ден го вртам саундтрекот и знам дека ќе го изљуштам од слушање периодов. Не е Percival, ама е поеднакво ефективен кога треба да се поткрепи атмосферата.

Е сега, има еден проблем што е некако виснат врз целиот наратив. Приказните за некои од ликовите што серијата се труди да ги изгради не се случуваат паралелно, туку во друг временски период. На почетокот не си баш запознаен со овој "штос", а ни изненаден кога ќе сконташ. Килаво е склопено, на моменти дури и напорно за следење. Многу работи се случуваат одеднаш и ако им ја разместиш хронологијата ќе испаднат малку покомплицирани отколку што треба. Не знам која е точната цел на ова, ама не бев шокиран на начин на кој можеби серијата се надеваше дека ќе сум. Westworld на пример, многу поелгантно изведе ваков штос во единствената добра прва сезона.

Ова ми е можеби најголемата замерка за серијата, што некогаш непотребно жонглира со работи кои не дозволуваат да видиш дали има или нема една единствена кохерентна приказна во која ќе се слеат сите други. Верувам дека целото ова би изгледало далеку попристојно со соодветно уредување на сцените. Може ете, следниот пат кога ќе ја прегледуваш сезоната ќе знаеш на што да обрнеш повеќе внимание. Да, апсолутно вреди за второ гледање. 

Да кажам пак, Хенри Кавил е одличен избор за улогата. Како што сам тврди, фан е на игрите, ги читал и книгите, па дури и ова да е само дел од маркетингот за серијата, јас сум убеден дека го дава максимумот за Гералт и улогата ја игра со вистински ќеф. Не е тешко да ги приметиш резултатите и посветеноста, а и од каде е инспириран. Некогаш е толку сличен на Гералт од игрите што изгледа како да е баш лик од игра уфрлен во жива средина. Претежно е добро ова, особено ако сакаш да задоволиш и играчи и читатели, ама има една друга ствар што Кавил ја прави секаде каде што глуми и секогаш ме вади од фокус.

Примети го како вештачки се мршти. Прави некоја ствар со веѓите што личи како да е многу неприродна глума. Може едноставно е роден со тоа, не знам, ама знам дека истото ми беше иритантно и кога беше Супермен. Можеби и до мене е ова, не знам дали друг успева да го фати истово. Значи, знае да одглуми лик што е лут и бесен и да ти го продаде тоа, дали било Гералт или Супермен, ама секогаш кога ќе ги крене веѓите да се начуди на нешто, има некоја пластична гримаса. 

Остатокот од кастингот е исто добар, особено Данделион, или како што серијата се труди да го испочитува изворниот материјал - Јаскиер. Барем надоместува за секоја непростена секунда од комплетно промашениот кастинг за Трис. Ништо против актерката, меѓутоа кој и да ја режирал очигледно намерно решил да го уништи она што е специфично за Трис, барем според игрите. Разбирам дека уште сме 2019 и дека исфорсиран диверзитет е задолжителна состојка, затоа и серијата има повеќе црнци него The Wire, ама тврдам дека публиката има тотално различна претстава за Трис.

Јен од друга страна, ме изненади позитивно. Актерката солидно го доловува ликот и хемијата која ја делат со Гералт, суперхаризматична е, шармантна, дури и во сцените каде што глуми таква грбавка и ружна како женски Реми Малек. Сири е исто океј, иако на почетокот не можев да се одлучам за крајно мислење. Не знам што планира серијата со нејзе во следните сезони и колку оваа актерка ќе трае во улогата, ама ете, барем не превртував очи како за Трис.

Сѐ на сѐ, серијата испадна достојна адаптација што супер го носи тој магичен свет на ваков медиум. Ете му и шанса на Хенри Кавил да биде заборавен како Супермен заедно со лошите одлуки на Скот Снајдер. Потенцијалот на The Witcher е огромен и се надевам дека во следната сезона проблемите кои ги има оваа ќе бидат надминати. Очигледно е дека уште од сам старт продуцентите биле свесни дека ќе им биде дозволена уште една сезона, ама тоа е не е изговор за крш финти и сомнителни експериментирања при раскажување. Втората сезона би требало да се појави во 2021. До тогаш можеш да си се почастиш со неколкуте The Witcher книги за читање и секако трите игри.

Види такоѓе:

December 15, 2019

Впечатоците од Star Wars Jedi: Fallen Order

Да не ти се верува дека ќе фалам нов Star Wars производ за толку кратко време. Дури и мене ми е неверојатно што има уште нешто добро ново Star Wars денес покрај The Mandalorian. Пројде еден месец откако Star Wars Jedi: Fallen Order е во оптег на неколку платформи и до сега немаше некој поголем скандал. Напротив, баш е одлично прифатена од публиката и тоа онаа пошироката, а не само фоките што возбудено ракоплескаат на било што Star Wars. Не би знаел дали некој конечно извлече поука после низа катастрофи или случајно потрефи вистинска нота, ама можам да потврдам дека Fallen Order е исклучително солидно Star Wars искуство.

Иако инцијално Fallen Order ме привлече со гејмплејот, приказната е она што ми го фрлаше контролерот во рака секогаш кога слободното време ќе создадеше прилика. Убаво е да се види интересна приказна за разлика од актуелната глупава и шуплива Дизни трилогија. Оваа во Fallen Order изгледа свежо, има добро осмислени и изградени ликови, вешто ја користи опширната Star Wars митологија и не бара од тебе да се преправаш дека ти се свиѓа за да крепиш смешни небулози на интернет. Раскажувачкиот потенцијал на Star Wars е многу повеќе од шаблоните воспоставени од оригиналната трилогија на Џорџ Лукас и мило ми е што франшизата повторно се разгранува во насока која не делува уморно.


Fallen Order се позиционира измеѓу приквел трилогијата и оригиналната трилогија, односно пет години по Revenge of the Sith и четиринаесет пред A New Hope и те става во улога на Кал Кестис, млад Џедај Падаван чиј тренинг е прекинат од Order 66. Кал успева да го преживее истребувањето на Џедаите и сега се крие од новосоздадената Империја на планета каде што расклопува бродови на отпад. Меѓутоа, и онака нестабилниот спокој на Кал ќе биде нарушен откако ќе биде приморан да ја користи Силата со што ќе го привлече вниманието на некои Инквизитори кои едвај чекаат да го збришат и последниот Џедај.

По една феноменална воведна мисија која те запознава со основната механика на играта, Кал успева да се побегне од Инквизиторите и да се поврзе со некои ликови чиј главен интерес се чини дека е опстанокот на преживеаните Џедаи. Ќе сопрам со спојлери за да не бидам ко оние проклетите јутјубери што сите можни спојлери ги имаа ставено во наслови на видеа што јутјуб секојдневно ми ги препорачуваше по неколку пати. За среќа, приказната е покомплексна и иако добар дел од главните сегменти ми беа испојлани, многу пати се затекнав изненаден од некои поситни детали.

Ќе прошеташ низ неколку планети, ќе видиш некои познати и многу непознати фаци, места кои никогаш претходно не си ги видел во Star Wars игра, а се дел од Галаксијата што ја знаеш. Ќе го видиш и одблиску оној спиритуалниот, мистичен тон на Star Wars кој е често изразен во некои епизоди од The Clone Wars серијата, а е некако жалосно занемарен во поновите филмови. Тоа ми е омилениот дел од Fallen Order, што не прави задршки кога решава да загази подлабоко во митологијата. Резултатите се претежно незаборавно епски.

Практично, Fallen Order го прави баш она што денес би можело да биде функционален Star Wars и на филм. Наместо да препишува неколку шаблонски Star Wars елементи, иновира со некои други постоечки и си создава свои, се надевам долготрајни. Дури и кога се обидува да ти се допадне со работи кои ти се познати од Star Wars, ти ги пакува и сервира како единствено, уникатно исуство. Нема ни ликови што се недоправени, нема магично моќни Рејови, туку сите што ќе ги сретнеш се со свои специфични карактеристики, логични постапки, животен товар и патување кое ги прави допадливи. Ликови со кои ќе сочуствуваш и природно ќе си инвестиран во нивната приказна и позиција во општиот наратив на Fallen Order.

Вакви ликови со повеќе од една-две карактеристики се уште една работа која отсуствува од денешниот филмски Star Wars. Не? Океј, тогаш како домашна задача размисли еве, кој е По Дамерон, кои се неговите особини, кое точно е неговото место во новите филмови и каков е неговиот придонес кон приказната. За бонус поени опиши ја приказната што се обидува да ја раскаже сиквел трилогијата.

Сега откако ја испофалив Fallen Order за создавање на исклучително возбудлива Star Wars авантура, ред е да го разгледаме самиот гејмплеј. Играта е претежно акциона авантура очигледно инспирирана од игри како новата Tomb Raider трилогија, па дури има и слични пазлови и гробници кои би ја разлигавиле и самата Лара Крофт. Ако тие предизвици ти изгледаат лесни, тепачките во Fallen Order може да се наштелуваaт на тежина која позајмува механики од Souls игрите каде што секој потег треба да ти е прецизно пресметан ако сакаш да преживееш.

Ми се свиѓа и што моќите и способностите Кал Кестис ги добива ситуационо и не го достигнуваат степенот на The Force Unleashed каде што си семоќен богочовек чија Сила и лајтсејбер се практично незапирливи елементи. Нормално, игрите се различен жанр, ама некако очекував во еден момент Fallen Order да почне да исполнува такви насилни фантазии. Можеби вака е пологично бидејќи Кал не е баш созреан Џедај, па механиките ги учи така попатно. Но, има делови од нивоата каде што поминувањето на одредена препрека премногу се ослонува на комбинирање на тие неколку механики, па не само што престанува да е предизвик туку станува и досадно. Тоа трчање по ѕидови и лизгање по удолници имаат ограничен рок на забава.

Играта трае изненадувачки долго за ваков наслов од 2019. Нема да си под дваесет саати играње, што е сигурно супер ако си ја платил целосната сума. Нема ни микротрансакции, иако има механизми како ЕА би можеле лешперски да ги протнат во иднина откако сите ќе се сложиме дека го направиле правилниот потег со немање микротрансакции и слично. Пример, Fallen Order нуди еден куп пончоа во кои можеш да го облекуваш Кал и кои се собираат низ локации во играта, меѓутоа многу е лесно уште толку пончоа и скинови да ги понудиш за вистински пари.

Без глупи потези од EA и ваква каква што е, Fallen Order има потенцијал да прерасне во следната голема Star Wars гејмерска франшиза, па во иднина да видиме и други наслови со други Џедаи. Можеби и надградба на гејмплејот каде што играта би имала поголем отворен свет со сајд-квестови и слични активности за малку да се разбие линеарноста. Не сум бил вака возбуден за Star Wars игра од The Force Unleashed навака, па ете тоа нека е бонус аргумент за мојата топла препорака. A, за тие што ја играле и сакаат уште од приказната, скоро се заокружи и приквел стрип мини-серијалот, Dark Temple.

November 24, 2019

Тринаесет години Crapwerk

Поради минималната активност што ја имаше Crapwerk оваа година како блог, не бев ни сигурен колку точно години полни. Ете, тринаесет биле. Не дека се толку многу, па сум престанал да ги бројам, туку за жал во последно време оваа пишувачка активност ми е сè полуксузно хоби што некогаш не сум во тек ни со сопствениот блог. Не е само недостатокот на време, туку очигледно е дека и интересите не ми се толку опширни како во, не знам, можеби 2015 кога сум иштракал 140 текстови за секакви филмови, серии, игри, стрипови...

А, па да не почнувам за тоа во какво тажно ќоше е втурната денешната поп култура, онаа што некогаш јако ме привлекувала. Немам толку енергија за тоа. Едвај постигнувам да се напроливам по Star Trek: Discovery и новата Star Wars трилогија, а камоли да се занимавам со родовите студии на Terminator: Dark Fate или која и да е друга култна франишиза што си погина годинава обидувајќи се да задоволи непостоечка публика. Слава им.


Со ова предвид и овие дваесетина постчиња до сега објавени во 2019 се сосема таман. Доволно за во иднина да ме потсетат како сум бил испровоциран од тогашната мејнстрим забава. Не е дека немаше интересни ствари до сега. El Camino беше супер пример за како може да разграни приказна од познат основен материјал без да му се измоча во уста на истиот. The Mandalorian пак потсетува дека Star Wars има уште приказни за раскажување. Го болдирав приказни зашто сериозно не успевам да склопам што се случува во актуелнава трилогија.

Најмногу ми е криво што на музички план 2019 некако преслабо испорача за мој вкус. Претходни години што сè немаше, еј. Од секој жанр барем по неколку албуми што се тркаа за прво место. Ете упорно се трудам од летоска да склопам плејлиста со омилени албуми од 2019, ама ужасно тешко ми оди. Иако утепав од слушање неколку овогодинешни албумчиња, некако пак се враќам на претходни години што до лани не беше толку чест случај. Лани само рап плејлистата беше обемна, да не збориме за други жанрови. А, сè уште секојдневно следам изданија и преслушувам тон музика. Ретко што потазе допре до мене.

Но, еј. Имаме уште малку 2019 на располагање. Роденденскава прилика сакам да ја искористам да ве поздравам вас што ме читате низ годиниве, а и што од скоро ме гледате како си пијам пиво на YouTube дур играм глупи игри. Тие што ве познавам лично и вас што никогаш не сум имал прилика да ве запознаам, а со години Crapwerk нè поврзува. Душава ми е полна што сте тука сите овие години, особено вие што ве познавам само преку Crapwerk. Фала ви.

Традиционалната роденденска листа на постови е исто смалена во однос на претходните. Ќе бидам среќен ако догодина имам повеќе постови отколку што блогов ќе има години. Сепак, нешто сакам да издвојам и од оваа, па бујрум:

November 16, 2019

Почетокот на The Mandalorian

Не беше многу одамна кога Боб Ајгер, извршниот директор на Дизни, зборуваше како општиот замор и презаситеност на публиката од Star Wars имале врска со неуспехот на последните филмови. Не знам како три-четири нови Star Wars филмови од кои некои не се воопшто поврзани меѓусебно може да те презаситат, но во ред. Тоа му е работа на Боб Ајгер. Секако не може да ти рече "никој не се стрча да го гледа Solo зашто повеќето не ги заболе за таков филм". Но, мислам дека поширката публика ја напушти франшизата уште со The Last Jedi. Значи, може да се правиме наудрени колку сакаш, ама Star Wars никогаш не бил понепопуларен. Па, затоа периодов ќе чуеш гласини како Дизни модуларно го скрпиле Rise of Skywalker и прикажуваат различно склопени верзии на тест публика.

И, глеј чудо. Неделава излегоа првите две епизоди од првата Star Wars играна серија The Mandalorian и интересот за франшизата нагло ескалираше. За само неколку денови, замисли. Сепак можело, а? Кога Star Wars ќе заврши во правилни раце, сепак може да биде квалитетен, свеж и да не те "презаситува". Мислам дека сите таму во Дизни се веќе свесни како и зошто е заринкана новата трилогија и баш изгледа како The Mandalorian да бива поштеден oд одлуките во кои поголем удел има козана Кејтлин Кенеди. The Mandalorian го движат Џон Фавро и Дејв Филони, господа кои се многу покомпетентни и од идиотон Рајан Џонсон, а по само две епизоди тоа е скроз евидентно.


Филони знае како да се справи со Star Wars во телевизиски формат. Ако се сетиш какви работи правеше со The Clone Wars јасно ти е дека нема подобар човек од него за во тимот на Џон Фавро за создавање на серија како The Mandalorian. Филони ја познава душата на тој опширен Star Wars универзум, знае што и како функционира, а на моја голема радост, сосема е способен да инкорпорира вестерн елементи во Галаксијата далеку, далеку. Тоа веќе многу пати го докажа и во The Clone Wars. А, The Mandalorian е всушност баш таков вселенски вестерн каде што е потребна вештина за соодветно да се изведе, a да не изгледа како комплетно друг свет отсечен од Star Wars

Ајде, без спојлери. The Mandalorian следи засега неименуван мандалориски платеник кој се ашка низ подземјето на галактичките вукојебини и извршува разни задачи. Серијата се случува по падот на Империјата и пред настаните од The Force Awakens, па таму владее уште поголемо безредие. Стормтруперите се распуштени и можеш да видиш како некои од нив работат и како приватно обезбедување на сомнителни криминални фаци. Светот е прљав и непријатен, а кантините кои отсекогаш изгледале како опасно место, сега од перспективата на лик како Мандалоријанецов, додатно личат на локали кај што не стапнуваш освен ако ептен не мораш. Шпагети вестерн амбиентот е целосно доловен во контекстот и е надополнет со прикладна музика која никако не може да ми излезе од глава.

Еден од најпривлечните моменти во серијата ми е тоа што иако приказната ја позиционира во опширен свет, не се обидува да ја расфрла насекаде. Ова е серија за еден лик и засега е фокусирана на него и на она што му е главна дејност. Не се расплинува со паралелни приказни како што мислев дека ќе тера во втора епизода. До сега имаше така кул вестерн акција и престрелки што во секој момент очекував да се појави млад Клинт Иствуд од под шлемот. Сепак, Педро Паскал е повеќе од доволен за улогата. Иако лицето му е скриено, така добро е изрежиран да можеш да му ги осетиш емоциите дури и во сцени без никаков збор. 

Тоа е уште една од посилните страни на The Mandalorian, начинот на кој мајсторски ја раскажува приказната само со визуелен јазик. Да, првата епизода има постандардна експозиција колку да ги стави стварите во погон, ама понатаму си тече природно без да замара со згуснати информации. Можеле комотно да користат некаква нарација во прво лице, ама само би била вишок во случајов. Во цела втора епизода едвај и да има некаков дијалог и прекрасно е изведено. 

Се надевам дека серијата ќе го сочува стилот воспоставен во овие две епизоди и во следните шест. Потенцијалот е огромен. Атмосферата е совршена за да се раскаже ваква приказна, а со извонредниот баланс на акција, мистерија и умерен хумор - серијата до сега ветува многу. Искрено, не знаев што да очекувам. Се плашев дека премногу ќе се заснова на сервисирање фанови со постојано фрлање познати парчиња во фаца. Но, наместо тоа, внимателно се труди да се осамостои додека Star Wars елементите ги нуди природно како дел од светот. Нема намигнувања со стари фори, барем не онака како што разни продолженија мислат дека тоа ги врзува со основниот материјал. 

После долго време сум пак возбуден за Star Wars. Од актуелната трилогија кренав раце, ама ќе oставам простор на The Mandalorian да продолжи да ме освојува. Интересна е, стилски е прејака, има главен лик што инстантно го прави допадлив и во ниеден момент не осетив дека рециклира и препакува било каков претходен Star Wars, па дури ни Боба Фет. Уште да остане чиста од било какви трендовски политички струи и ова има шанси да ми биде омилената серија од 2019. Во секој случај, догледувам до крај и се надевам дека квалитетот ќе се одржи на исто ниво.

Види такоѓе:

November 3, 2019

Утринско драмење за World of Warcraft: Shadowlands

На овогодинешниот Blizzcon чекав само една работа - точниот датум за Warcraft III: Reforged. Знам дека најавата за Diablo IV беше неизбежна после ланската катаклизма со Diablo Immortal, како и најавата за нова досадна World of Warcraft експанзија, ама 2019 е при крај, а јас се надевав дека ќе играм Reforged до декември. Тоа "наскоро" лесно може да се претвори во класичното "ќе ја одложиме малку за да ја дотераме дополнително за вас, играчите". Што од една страна е можеби малку чудно зашто не беше вчера најавена играта, ама од друга и разбирливо со оглед на тоа дека одамна оваа компанија е далеку од нејзините златни денови. 

А, кога сме кај далеку од златните денови, ајде да помуабетиме за новата World of Warcraft експанзија, Shadowlands. Некако се надевав дека после лошиот одзив на Battle for Azeroth, која патем успешно ја прерипав, Blizzard ќе сконтаат што функционира за играчите, а што не, па ќе понудат нешто посвежо и инспирирано. Но, очигледно уште не. Shadowlands, иронично сместена во задгробниот живот на Warcraft фолклорот, ми изгледа дека е експанзијата што конечно ќе фрли една убава лопата земја врз играта. Веќе мириса малку чудно од Battle For Azeroth навака.


Ова што во моментов е познато за Shadowlands воопшто не ми изгледа привлечно. Само пет нови територии, без нови класи и раси за играње, туку само дополнителни визуелни штимања за постоечките, осум данџни, рејд секако и една нова глупост што треба да го оправда отсуството на идеи за асален ендгејм. Torghast, Tower of the Damned е нов данџн во кој ќе можеш да влезеш сам или со група и секое претрчување ќе ти е различно затоа што нивоата внатре ќе се генерираат процедурално. Сега не само естетски, туку експанзијата и духовно ќе може да потсеќа на Diablo и сличните игри каде што постојат вакви бескрајни инстанци. 

Наместо играта да се фокусира на MMORPG аспектот и да научи лекција од Classic додека не е касно, дополнително се изолира во поакционен RPG жанр. Види ги денес двете World of Wacraft игри. Во едната уште се чекаат редици за да влезеш на сервер, а другата е празно шарено корејско ММО кое е несигурно кон сопствената публика. На крајот на краиштата, не ти ни требаат нови класи и раси. Ниту нови зони за да направиш добра игра или експанзија. World of Warcraft има огромен, огромен свет и површина која може да се искористи за нови свежи гејмплеј механики и ова веќе ми е скурчено да го зборам. 

Старите зони дремат така замрзнати во време и можам да ценам дека и од фолклорен аспект е така. Пример, кога денес одиш во Пандарија, искусуваш друг момент во временскиот континуитет на играта и не би било логично од нигде никаде да почне да се случува некој динамичен настан како во RIFT (амин!) или Guild Wars 2, бидејќи тековната експанзија постои во друго време. Не можеш да фрлиш демонска инвазија во териториите од Warlords of Draenor и тоа да има смисла. 

Меѓутоа и покрај таквите енкапсулирани зони, Азерот е доволно широк за да послужи како игралиште за порандомизирани настани кои би биле базирани на актуелната содржина. Еве, Shadowlands те праќа во задгробниот живот, од синематикот гледаш дека има некаков процеп до таму, па зошто такви "рифтови" да не се отворат и над Танарис и не знам, да дојде процедурално генерирана армија од другата страна и да треба играчи од сите левели да се организираат да ја победат. Со Torghast ја имаат и функционалноста спремно, само треба да ја имплентираат на неколку други места.

Знам дека со години кенкам за RIFT механики во World of Warcraft, ама тврдам дека тоа може асално да ја размрда играта и да ја тргне од досадниот шаблон на нова експанзија каде што сите случувања се сконцентрирани во едно мало ќоше. Ете, пример со Battle of Azeroth. Се случи ли "битката" надвор од тие четири-пет зони? Не. А, што прават Blizzard со старите територии сега? Епа, од Shadowlands ќе имаш некој воведен квест по кој ќе ти се понуди опција да се левелираш во експанзија по избор.

Левелите во Shadowlands ќе се компресирани и максимумот ќе биде 60, па така што до 50-ка квестај кај сакаш и после елај си во новите пет непривлечни зони. Ова со кратењето на левелите и не е така лошо, 130 левели за нови играчи изгледаат како преголем залак иако реално не се, ама сепак делуваат како влечкање. Мислам дека во моментов нема детали за како ќе биде решена нстанцираната содржина и како точно ќе скалира. Фино би било да можам да ги прескокнам веќе досадните данџни до Cataclysm додека стигнам до 50. 

Со ова всушност гледаш колку е играта стара и дека можеби опциите за нејзиното вистинско ревитализирање се ограничени. Ама, сигурен сум дека нема уште долго да тера со ваков тип на експанзии чиј придонес е моментален и незначаен долгорочно. Ако веќе целата претходна содржина ја тргаш настрана, ја стеснуваш на 50 левели и ја нудиш опционално, тогаш таа содржина што е актуелна треба да е вистинска, голема надградба. Истото што сега ќе можам да го правам секаде, ќе го правам и во новата, ама поспоро? Веќе е досаден овој концепт во World of Warcraft и намалувањето на претплатниците од експанзија во експанзија го докажува тоа. 

Првпат се осеќам волку рамнодушно за експанзија. Не ја играв Battle for Azeroth, ама следев што се случува со приказната и слично. Сите случувања таму ми ја направија Shadowlands дополнително непривлечна и од тој аспект. Не можам веќе да следам како ја форсираат Силванас во ваков негативец. Приказната е некако искомплицирана и на сите страни, а уште помалку би одел некаков задгробен живот кој во тематскиот контекст на Warcraft ми изгледа подалечно и од кунг-фу панди на скриен мистериозен остров.

Но, очигледно Blizzard се трудат и тие да се дел од актуелниов бизарен тренд со помрачни MMO експанзии. FFXIV ја објавија Shadowbringers (многу слична на Shadowlands), ArcheAge имаат нова содржина што се вика Shadows Revealed, па дури и Destiny 2 одат во слична насока со Shadowkeep. Нема шанси да е ова случајно. Сепак, колку треба да си стварно мотивиран за да останеш во ваква игра каде што основната содржина ќе ја спржиш за десетина денови? Затоа и се надевам дека баш Shadowlands e последната "голема" дестинација на оваа World of Warcraft. Сосема би било прикладно, дури и поетски, овие наши авантури да завршат тука додека го правиме првиот чекор во World of Warcraft II

Види такоѓе:

October 19, 2019

El Camino, (не)потребниот шлаг на Breaking Bad финалето

Крајот на Breaking Bad е еден од најдобрите завршетоци на серија што сум ги видел. Можеби и најдобриот. Ретко што успева да удри со таков емотивен интензитет и чиста телевизиска беспрекорност. "Felina" останува со тебе долго откако ќе завршиш со гледање. За некои од работите е потребно време да ти поминат низ систем, да сопреш малку и да рефлектираш. Breaking Bad често овозможува такви возења, но ова е тоа конечното каде што сите доаѓаат до некаква финална точка. Затоа и ми беше чудно што сепак се реализираше овој Breaking Bad долгометражен филм El Camino кој намерава да доврши нешто кое изгледаше како да е веќе готово.

Судбината на Џеси Пинкман во "Felina" ја сметав за разрешена. Имајќи ја предвид неговата ситуација до самото финале на серијата, она што се случи со него на крајот беше доволно за ја му ја заокружи приказната. Слободата, буквална и фигуративна, беше најважното за Џеси во тој момент, а Винс Гилиган му овозможи најпосле да ја добие. Можеби за првпат во целата серија, Џеси Пинкман не беше ничиј заложник. Го видовме ослободен од секакви дроги, нео-нацисти, Волтер Вајт и сомнителните бизниси. Не беше важно кај спичи со колата, изгледаше среќно и насмеано со новата прилика.


Мотивот на El Camino е да понуди одговор на тие кои ги копкало што всушност се случува со Џеси одма после таа сцена. Ова и најмногу ме имаше исплашено пред да го гледам затоа што сметам дека тој исход што го понуди последната епизода на Breaking Bad е апсолутно задоволителен и е во полза општо на целиот наратив. Но сепак, постоењето на овој филм е доказ дека Винс Гилиган не мисли така. После неколку денови инат, седнав го изгледав и наспроти мојот "голем страв", филмот не е лош. Дури е и безопасен кон изворниот материјал. Нема баш многу што да додаде, а за цела среќа, ниту пак одзема нешто од Breaking Bad. Никако не го нарушува тој впечаток. Си се држи настрана од тоа и е фокусиран исклучиво на судбината на Џеси. 

Па така, El Camino e сосема безболен и слободно би го препорачал на тие што ја изгледале серијата до крај. Океј е за тоа што е. Не функционира како засебно дело, за жал. Мора да имаш гледано Breaking Bad, да ги познаваш ликовите и нивната судбина. Филмот има едноставна приказна која комотно може да се збие и во дваесетина минути,  нешто како она "The New Man In Charge" што излезе по финалето на Lost. Но ете, Гилиган одлучил дека треба да трае цели два часа и многу од наративните контролни точки да бидат проследени со флешбеци кои треба да одат во прилог на моменталната ситуација. Некои од нив се така конструирани како засебни парчиња, па дури и кога не ја крепат тековната приказна со мотиви и контрасти, изгледаат целосно.

Сите тие идеи личат како да тлееле во умот на Винс Гилиган сите овие години, па сега конечно испукале на површина. Општиот сензибилитет и темпото се секако различни од Breaking Bad, но не ни треба да очекуваш нешто такво. Она што најмногу ми недостасува во El Camino се кинематографските детали што правеа Breaking Bad да е така визуелно атрактивна серија, со ситни финти што може ќе ги пропуштиш на прво гледање. Начинот на кој е режиран El Camino некогаш повеќе личи како имитација на таа постоечкa рамка. Претежно можеш да осетиш дека е граден од истата материја, ама некогаш изгледа толку многу туѓо и чудно. Или можеби само отсуството на визуелната симболика која се движи паралелно со приказната ми го прави ова, не знам.

Што се однесува до приказната, ова изгледа како најбезбедната опција за едно вакво продолжение. Ќе ценев малку повеќе тензија и неочекувани прсврти. Сега не Волтер од гробот да стане, ама ретко кога се чувствуваше некоја преголема напнатост. Дури и во сцените каде што Џеси е очигледно во опасност не бев целосно убеден. Единствената сцена што беше јако ефективна, онака баш својствено за материјал потпишан од автор на Breaking Bad, е оној флешбекот во пустината со Џеси и Тод. Иако го знаев исходот на ликовите, ми сопре дишењето на неколку секунди. Другото е многу помлако. Значи види, немам проблем ни со оваа траекторија, ама некако ми е нетипична во однос на ситуациите во кои сум се навикнал да ги гледам овие ликови.

Другата приказна за El Camino што Гилиган ја имал како идеја била Џеси да е веќе некаде далеку пребеган и пак инволвиран во некаков криминал. Можеби пак таква приказна ќе била поадекватна за "осамостојување" на филмот, меѓутоа не ја гледам потребата. Ако веќе правиш филм исклучиво за Breaking Bad фанови, фер е да ги опслужиш прописно. Во овој контекст, секоја чест за тоа како успеале да го прошверцаат Брајан Кренстон на сетот во Албакерки без да протече некоја слика во јавност. Во 2019, замисли. Но, Волт е само еден дел од она што е на располагање за посветената Breaking Bad публика. El Camino има уште многу, многу референци.

Еден од најзабавните моменти во El Camino ми е Тод. Тод е еден од најјезивите ликови што некогаш се појавиле на телевизија, а така презентиран да никогаш не си точно сигурен со кој си имаш работа. Таков е незгодно непредвидлив, со постапки што некогаш тешко можеш да ги сместиш во оној социопатски архетип често користен во фикција. Тод упорно делува кротко и пријателски, а спремен е на секакви ужасности кои ги прави онака лежерно и рутински, што не си баш сигурен дали воопшто е свесен за природата на неговите постапки. Никогаш не би сакал да сум близина на Тод. Толку ми е станат одвратен што имам лоши чувства кон Џеси Племонс, а човекот само си ја работи работата. 

А, кога сме кај работа, морам да ги пофалам сите актери што се дел од El Camino. Стари ликови или нови, секој максимално се труди да го направи сопствениот најуверлив што може. Арон Пол иако го достигна врвот со Џеси во Breaking Bad, има и тука многу прилики кои му овозможуваат да блесне пак со ликот. Одличен актер е, не знам уште колку време ќе му биде потребно да закачи некој проект што ќе му го однесе талентот во нови предизвици. Супер е и во BoJack Horseman, дај да го видиме во нешто поживо. Ете, се приклучува во третата сезона на Westworld, ама после катастрофалната втора, немам желба да ја гледам таа серија пак.

Искрено, се надевам дека со ова завршува гранењето на Breaking Bad приказната. Ново Better Call Saul или El Camino би било премногу. Знам дека може уште да се цеди од ова, ама кога е доволно? Талентот на Винс Гилиган е евидентен и сигурен сум дека е способен да осмисли нова свежа приказна. Можеби и не е лесно да излезеш од таа сенка на Breaking Bad и да градиш над тие стандарди, меѓутоа автор од овој крој нема шанси да го има само ова на располагање или па латино верзијата на истото. Мора да може повеќе. Ајде, време е.

October 12, 2019

За Joker

Никогаш не успеа да ме превозбуди Joker филмов. Ни кога го најавија, ни после првите трејлери, а ни Хоакин Феникс иако ми е добро познат неговиот гигантски актерски капацитет. По повеќе од десет години уште ми е свеж впечатокот од Хит Леџер, а и без тоа си викав што ќе ми е Џокер филм - два-три филмови се недоволни да го исцрпат ликот за сега да гледам вакви самостојни интерпретации на неговиот постанок. Се разбира, бев малку во право, ама малку и не баш. Joker е само океј филм, често и просечен. Не е воопшто лош, ама не е ни најбрилијантниот на сите времиња.

Многу поинтересна ми е неговата позиција во моменталниот мејнстрим загушен од погубни либтардски идеали чии жртви веќе се најголемите филмски и телевизиски франшизи. Тоа и ме испровоцира да одам во кино, да видам што е тоа што запали и растревожи еден голем круг на критичари кои изминативе неколку години заборавија дека можеш да се забавуваш и без политички контекст. Истите тие што скоро удрија по Дејв Шапел, сега му се навртени на Joker, а јас немаше шанси да пропуштам да го погледнам тој оган одблиску.


Сепак, Joker не е воопшто "опасен" колку што некои сакаат да го претстават. Има многу, многу пострашни работи кои се надвор од стриповската фикција и би можеле да поттикнат ситуации од какви што стравуваат душебрижните критичарчиња и белите тетки на интернет. Ваквите филмови не се тие кои се навистина скршени и сигурен сум дека на многу од луѓето ова е им е кристално јасно, ама па полесно се решаваат проблемите кои сами ќе си ги измислиме. Joker само уште еден филм од многу какви што отсекогаш можеле да се сретнат во кинематографската историја. Е, сега оттука надолу продолжувам со спојлери.

Наспроти трендот со заеднички универзуми кој изминатава декада е ткивото на разните филмски и телевизиски адаптации на стрипови, Joker се стреми да стои засебно. Самото тоа откинување од таков постоечки континуитет овозможува поголема креативна слобода која режисерот Тод Филипс не се воздржува да ја зграпчи. Џокер е еден од најкомплексните и најслоевитите ликови во стрип. Има толку многу начини да му пристапиш и карактеристики од кои можеш да разгрануваш цели приказни.

Интерпретацијата на Тод Филипс се обидува да понуди приказна која се занимава со ликот пред да стане она што денес го знаеме како Џокер. Или барем, како што и самиот Тод Филипс вели, некој што инспирира друга будала да стане Џокер како што знаеме денес. Иако филмот воглавно се дистанцира од The Killing Joke на Алан Мур, приказна која често се користи како основа за ликот, со ова Тод Филипс вешто се штити од тие неколку кловнови кои не успеваат да направат разлика помеѓу адаптација и интерпретација. Мора да има такви.

Приказната во Joker иако е свежа во однос на тоа што можеби претходно си го видел или го знаеш за ликот, некако премногу се потпира на познати клишеа кои фикцијата често ги користи за да создава социопати и психопати. Го нема оној постулат на Алан Мур од The Killing Joke за "еден лош ден". Барем не е така експлицитно присутен како што можеби ќе очекуваш да биде. Артур Флек има повеќе лоши денови кои го обликуваат во Џокер, па тој колапс во комплетен мрак се случува постепено откако ќе се изрони дел по дел.

Трагично го кршат повеќе неприлики, а некогаш изгледа како да ја кани публиката да навива за него без нагло да ја сврти ситуацијата наопаку и јасно да ги прикаже последиците. Храбра и ризична одлука, ама почитувам што не ја потценува сопствената публика. Остава сам да сфатиш дека ако си доволно глуп или психички нестабилен за да те инспирира некој како Џокерот, тогаш заслужуваш да те застрелаат специјалци во глава со снајпер.

Да беше било кој друг актер наместо Хоакин Феникс, сигурен сум дека Joker немаше да ја има истата ударна снага. Феникс е внесен во ликот и со неговиот доминантен перформанс упорно ги вади сценаристички шаблони од нивниот иницијален просек. Совршено е вклопен во тактот на ликот и дури и физички прогресира заедно со него. Во која и да е ситуација сместен Артур Флек, тоа Хоакин Феникс генијално го пренесува преку поглед, говор на тело или некаква гестикулација. Не мора ни да е вербален за интензивно да ја осетиш неговата општа состојба или намера. Ова е еден од најдобрите актери на денешницата и стварно е привилегија да посведочиш ваква мајсторија.

Морам да ја пофалам и режијата и феноменалната фотографија. Одлично го надополнуваат општиот тон и амбиент на филмот. Секој еден кадар преполн со детали, внимателно осветлен и со прекрасна композиција. Од друга страна, музиката и не ме воодушеви премногу, зошто освен неколку познати песни, не успеав да приметам ништо друго. Некако се сомневам дека тоа била намерата на самиот филм. Како и да е.

Е, сега. Не можеш да зборуваш за ниеден Џокер без да спомнеш некој друг. Барем јас не можам. Џек Николсон и Џаред Лето нема да ги коментирам. Особено овој вториот што им праќаше стаорци на колегите додека се спремаше за улогата за на крај филмот да го заебе комплетно и него и сите инволвирани. Лето е супер актер, ама очигледно има менаџмент кој не успева да препознае лоши кариерни одлуки. Марк Хамил е исто надвор од категоријата бидејќи само го позајмува гласот, па така останува засекогаш непреболениот Хит Леџер.

Џокерот на Хит Леџер сè уште повремено ме прогонува. Без разлика колку е добар Хоакин Феникс, оној Џокер од The Dark Knight ми е многу позастрашувачки. Всушност, и застрашувачки воопшто, зашто никогаш не осетив таква закана од овој Џокер на Феникс. Ниту пак осетив дека е генијалниот манипулатор што подоцна царува со готамското криминално подземје. Да, ментално е нестабилен и насилен, ама доколку не му застанеш на патот, не би требало да имаш проблем со него. Од тоа што филмот го зборува, не изгледа како некој што е природно злонамерен туку некој кој бидува таков поради одмазнички мотиви. Ќе преминеш улица и океј си. Додека Џокерот на Леџер ќе премине со тебе.

Пред да кажеш дека ова е филм за почетокот и дека можеби не е оформен како таков - стој. Ова треба да е целосен филм. Не е филм што прави подлога за продолжение. Барем така се надевам. Ова е едноставно филм со поинаку развиен Џокер кој лично не ми е толку ефективен како онаа хаотична енергија на анархистичкиот Џокер од The Dark Knight. Можеби и гласините се сепак точни, дека ова оригиналното сценарио за Joker не ни било Џокер филм туку е подоцна адаптирано од студиото. Џокерот на Хоакин Феникс е и првиот што нема некаква комична нота и тоа му недостасува на филмот, а и ликот. Не барам да кажува смешки во секоја втора сцена, ама ликот ќе беше многу побогат доколку протнеше некоја успешна фора. Такви детали знаат да се многу значајни, не ми е јасно како се изоставени.

Но, Joker ќе добие уште многу награди и признанија. Веќе собра неколку. За Хоакин Феникс комплетно заслужено. Штета што остатокот од филмот е просечен, а критиката која не е негативно настроена кон него го слави во друга крајност, па се добива некој впечаток дека ова е најдобриот филм во поновата историја. Сосема е далеку од тоа, ама среќен сум што конечно мејнстримот е вака јако поларизиран. Убаво е ваква галама малку да ги размрда работите и да видиме дали е возможно поп културата навремено да се спаси од обидите за монетизација на трендовски политички струи и да ја врати забавата во преден план, па макар била и ваква провокативна.

Види такоѓе:

September 28, 2019

Назад на Островот: Петнаесет години од почетокот на Lost

Ах, Lost. Ако на ден кога немам помислено на Breaking Bad или BoJack Horseman ме прашаш која ми е омилената серија воопшто, одговорот сигурно ќе биде Lost. Можеби малку збунето ќе се намрштиш, а јас на прашалната гримаса веројатно би ти возвратил со "Ама, јас другачие ја гледав, затоа" и ќе ја смениме темата или ќе се зазбориме за некои "сто пати подобри" серии. Да, знам дека ти станала глупа во текот на сезоните или кон крајот. Јасно ми е дека понекогаш сценариото добиваше импровизиран попатен третман и знаеше да заскита во некои чудни криви насоки. И, сосема е легитимен тој впечаток за Lost. Сепак, за мене и неколку луѓе што ги познавам оваа серија беше поинакво, неповторливо искуство.

Многу пати сум ја раскажувал приказната за едно широко друштво, Lost и јас. Самото постоење на една таква приказна е доказ дека Lost не само што ги искриви општите правила на телевизијата, туку напиша и сопствени за како може да биде сервирана и консумирана. Не верувам дека било што друго од поп културата ќе ми овозможи еднаш неделно да имам нешто како што беше ритуалното собирање што го викавме "Lost кафе". Одиш да си се видиш со другарите, ама средбата веќе има однапред одредена тема - ќе дискутирате Lost теории, откако претходната вечер повеќето од вас окапале да ја гледаат новата епизода во живо на некој пиратски ABC крш стрим со два пиксела вкупно.


Најзабавното беше меѓу сезони. Тука расцепкувањето на Lost теориите и мистериите го достигнуваше врвот. Она време измеѓу епизоди за публиката да ги вербализира сопствените препоставки и толкувања беше кратко, само една недела, ама сепак специјализираните Lost фан-сајтови, блогови и форуми генерираа обемен материјал. И, покрај тоа што се занимаваа со теми кои претежно врзуваа епизода со епизода, имаше доволно за да отпечатиш цела книга со најкреативните. Сега замисли го ова од финалето на една сезона до почетокот на друга. Замисли само колку материјал имаа тие што детално ги пишуваа теориите. Оваа посветеност на заедницата ти овозможуваше да бидеш учесник во серијата дури и кога имаше пауза од прикажување. Да можеш да живееш и дишиш Lost постојано. И, верувај го правевме.

Но, не беше тајна дека Дејмон Линделоф и Карлтон Кјуз исто така дремат на интернет и читаат што публиката теоретизира за природата на нивните мистерии и тајни. Не беше ни тајна дека Линделоф и Кјуз намерно се трудеа да ги избегнат и да понудат тотално различни, потег што според многумина го оштети раскажувањето и текот на серијата. Сепак, тоа беше можеби и првиот пат каде што публиката така активно учествуваше во обликување на парче поп култура и тоа самото по себе ми е крајно фасцинантно. Се сомневам дека ваква интеракција може да се повтори. Не, The Last Jedi не е таков случај.

По повод неодамнешната петнаесетгодишнина од почетокот на Lost, им седнав на првите неколку епизоди. Можеби не ги памтам сите детали, ама општо трагите што ги остави целата серија ми се некако свежи, па прегледувањето немаше некоја особена носталгична нота. Ама, сега после сите овие години од финалето на Lost во 2010 кога сум нагледан со други ствари, баш се изненадив од тоа како одлично се држи пилот-епизодата денес и колку внимателно и прецизно ја гради основата за серија што инстантно ќе те зграпчи. Една од јадиците е фрлена уште во првите десет минути, кога Џек се буди во џунглата и публиката набргу конта дека се наоѓа среде тензичен хаос од тазе срушен патнички Боинг на песочна плажа.

Како што прогресира пилот-епизодата (и нејзиниот втор дел), постепено ти фрла некои трошки кои даваат уште позастрашувачки нијанси на целата авионска несреќа. Не ти е познато нивното потекло и природа, а сè што откриваш е од перспектива на ликовите и како тие реагираат на тоа што обично не го очекуваш на било каков остров, а најмалку на еден ваков тропски. Да, поларната мечка ја гледаме сите, ама ни ти, ни ликовите не знаете како и зошто се нашла таму. Тоа беше и најдобриот наративен момент од Lost, што намерно ретко нудеше друга перспектива. Флешбеците беа една, ама пак воглавно се занимаваа со раскажување на паралелна приказна која обично ги поткрепуваше постапките, мотивите и конфликтите на ликовите на кои островот им имаше наштелувано различни правила.

Затоа, и не беше многу тешко Lost експресно да се здобие со таква верност од публиката и да ја потткнува нејзината креативност. Идејата на пилот-епизода е нели да ја продаде серијата на телевизиската мрежа, меѓутоа Lost истовремено испишуваше историја и создаваше шаблон кој беше насекаде копиран и експлоатиран во годините што следеа. Никнаа еден куп нови серии кои си ги лепеа етикетите "следната Lost", ама едвај издржуваа по сезона, најмногу две. Очигледно тешко разбираа дека Lost не се само мистериите, туку и грижливо скоцканите ликови преку кои тие мистерии ја добиваа смислата и тежината. Добар дел од тие серии ги гледав, сигурно за едно пет-шест од нив имам пишувано и по Crapwerk. Спојлер: ништо од нив во ниеден дел не се ни приближи до Lost

Влијанието на Lost е присутно и денес, иако серијата ја нема веќе девет години. Ги нема ни сериите кои се обидуваа да бидат слични, тоа целосно замре откако ништо не го повтори успехот со штосовите што Lost ги смисли. Денес можеби ќе сретнеш некои познати наративни елементи во понови серии како Westworld и нејзината благо-опседната публика, меѓутоа и тоа е далеку од тоа што на времето го проаѓавме со преживеаните од Oceanic Flight 815 и сè што Островот го имаше спремно за нив. Единственоста на Lost е во тоа што комплетно ја исцеди таа потреба за телевизиска мистерија. Никогаш нема да се случи пак, а и нема потреба. Островот засекогаш ќе биде тука да те пречека, а судејќи по тие неколку епизоди што ги гледав деновиве и во 2019 е супер дестинација.

September 15, 2019

Недела-две со World of Warcraft Classic

Нема бегање од World of Warcraft за мене и добро е што конечно го прифатив тоа. Мислам, на така скромно количество слободно време и куп други игри што чекаат да си ги оправдаат парите фрлени за нив, јас играв Legion на пиратски сервер месециве пред Classic со намера да ми пројде ќефот за WoW. А, сепак еве сме. Сериозно се потрудив да ја избегнам Classic со изговор дека немам кога и демек тоа ванила искуство ми е свежо од неколку пиратски сервери изминативе две-три години, ама пусти мерак - не оддолеав. Не ме одврати ни тоа што серверите се често претоварени, па некогаш чмаам и по четириестина минути дур да влезам на Razorgore (EU) кај што животари мојот нов немртов ворлок Zearth.

World of Warcraft Classic e сè што ветуваше дека ќе биде. Ги прибра и носталгичарите и оние што првпат се среќаваат со оваа легендарна варијанта на Азерот или општо WoW. На вториве сум им крајно љубоморен за свежото искуство и покрај тоа што ќе се во свет полн со ветерани. Всушност, тоа е и најинтересниот аспект на Classic - што само еднаш можеш да пројдеш низ ова ако ти е првпат. Само еднаш во животот имаш фора да си наивен и неук на тој начин во World of Warcraft. Но, светот е толку моќно имерзивен што ете јас успевам со секое следно играње да приберам различни впечатоци и покрај тоа што многу од квестовите ги знам напамет. По слух ќе ти ја најдам жена му на Манкрик.


Нема брзање во оваа верзија. Особено ако немаш време за крајната содржина на 60-ти левел. Авантурите се по пат, а со овој број на играчи се буквално на секој чекор. Постојатно среќаваш луѓе со кои сте си потребни еден на друг. Играта е така скроена што многу од предизвиците се релативно тешки за да можеш да им пристапиш сам. Без разлика дали ти треба друг играч за квестање, за продукти од некаква професија, за здружување против играчи од непријателската фракција или едноставно друштво за долгите пешачења, Classic охрабрува и се потпира на групирање. Баш таква заедница е јадрото на MMORPG жанрот, нешто што последниве години едвај е видливо во преживеаните слични игри.

Затоа и сум задоволен со тоа како ги трошам тие малку саати неделно што денес ги имам за WoW. Classic не ме притиска да бркам ништо, целите се поинаку поставени и можеш лесно да ги прилагодиш за сопствениот стил играње и времето одредено за тоа. Пример, може да завршам само еден-два квеста дневно или да испешачам од Андерсити до Тандер Блаф за да тренирам стапови и тоа да ми испадне презабавно. Никогаш овие работи не се така стерилни како во поновите полинеарни верзии на WoW зашто често доаѓаат во пакет со некое попатно непланско скршнување. Онака, таман си стигнал на планираната дестинација и затекнуваш заседа од непријателската фракција.


Баш можеш фино да се внесеш кога саат и пол-два за WoW дневно ти се редок луксуз. Се плашев од Classic за да не ме завлече како некогаш, ама годините си направиле природен одбранбен механизам. Сега ако веќе сум седнал да играм, правам целото тоа време да ми се исплати и да не ја играм на автопилот туку да сум потполно внесен. Не дека и на некогашните целонеделни сесии не сум бил, ама сега е друго време со различни приоритети. Некогаш и се чудам што уште можам да извлечам од играта и како ми е упорно интересна. Таман ќе решам дека нема ништо ново - ќе затерам со некоја забавна група луѓе на квестови како Tribes at War или Gerenzo Wrenchwhistle и се потсеќам дека не се битни самите квестови туку колку јако можеш да си го направиш филмот додека ги завршуваш.

Баш заради тоа Classic ми е феноменална. Се помирив со тоа дека често во животот ќе имам желба да играм една или друга верзија на World of Warcraft, па во моментов нема подобра од оваа. Не мислам дека е најдобрата верзија на играта, ама тоа што сега ми треба го има само тука. Можеби нема Аутленд, Нортренд, метросексуални Елфови или Панди, ама има посветена заедница што грижливо се труди да внесе динамика во свет што е воглавно статичен. Нема случајни ивенти под покровителство на самата игра, туку сами се трудите да создадете свои. Да, повремено ќе налеташ на некој што дошол од друга игра и е научен на токсично однесување, ама заедницата лесно ги филтрира таквите кои и онака ќе се исчистат сами откако ќе заврши овој прв месец.


Ќе играм додека ми е интересно. Можеби и нема да стигнам до 60-ти левел, ама не ми е ни важно. Само сигурен сум дека сега е најдобриот период за Classic зошто не знаеме каква иднина ја очекува оваа верзија. Со тек на време повеќето играчи ќе прогресираат до крајната игра и многу од серверите веројатно ќе се опустошат. Слушам некои гласини и желби за ClassicPlus каде што после петте фази на целосната оригинална содржина играта би се надоградила со нешто комплетно ново, меѓутоа уште е премногу рано. На крајот на денот, ако смениш било што во Classic веќе нема да биде Classic.

Она што најмногу ме интересира во врска со целово ова е како ќе се одрази на MMORPG жанрот и на моменталната WoW која би требало да е пред крајот на Battle of Azeroth. Голем дел од публиката сега е фокусирана тука на Classic и кога ќе секне оваа содржина, барем Blizzard ќе треба да се потрудат да ја задржат. Нема сигурно некој да чека да им се здосади ова на играчите, па да си отидат или да очекуваат нова голема милионска група. Оваа монетизација на носталгија е секако со ограничен рок. Баш во периодов што следува е шансата да се печали и веројатно вистинската прилика за MMORPG жанрот поинтензивно да се обрати и кон нова помлада публика. Можеби ќе има доволно луѓе кои би играле исплатливо MMORPG што не е World of Warcraft Classic. А, можеби и целото ова Classic лудило ќе придонесе за некаква World of Warcraft II.

Види такоѓе: 

August 7, 2019

Ретроспектива на Batman Forever

Што знае дете што е добар или лош Бетмен филм во 1995? Имаш некои наивни критериуми за оценување на филмови. Си собираш албум со самолепливи сликички Batman Forever, со другите копиљаци од маало играш некој бордгејм со ваши измислени правила, покасно ја пукаш и онаа чудната игра за ПлејСтејшн кец... Такво мултимедијално искуство нема шанси да имаш денес. Не е битно дали бил Мајкл Китон или Вал Килмер, Бетмен е, филмовите и онака воглавно ги разликуваш по негативците. После тоа малку растеш, ти се гради и обликува вкусот, па стигнуваш до фаза во расудувањето каде што Batman Forever е "срање невидено" и единствени добри Бетмен филмови на светот што ги признаваш се само оние на Тим Бартон.

Откако покасно ги прифатив Бетмените на Нолан, ми се случија дополнителни осцилации на перспективата кон оние на Џоел Шумахер. Со Бетмен врамен во свет поблизок до реалниот некако е уште полесно да го отпишеш тој пластичниот неонски циркуз на Шумахер. И, тоа не беше само Нолан, туку општо последниот суперхеројски бран влечеше цврста линија помеѓу себе и неговите прекурсори од деведесеттите. Па, додека жанрот ги утврдуваше новите стандарди, Batman Forever и Batman & Robin беа влечкани и покажувани неоколу како лош пример, често пати и од авторот на овој муабет кој како да имаше заборавено каков интегрален дел се од неговите рани филмофилски чекори.


Можеби е до начинот на кој некогаш сум ги искусувал овие Бетмени на Шумахер, ама секое наредно прегледување ми е различно доживување. Впечатоците не ми се толку фиксни како филмовите што ги гледам денес и не е само поради тоа што детскиот мозок ми функционирал поразлично. Достапноста на старите Бетмени беше подруга. Ќе те однесат во кино еднаш да го гледаш, ама после ќе си го чекаш во видеотека или на телевизија. До тогаш, контактот со филмот ти е ограничен. Ќе најдеш некои статиички по списанија, постерчиња или ете конкретно со Batman Forever, неколку други алтернативни аналогни тракатанци. На следното гледање желбата ти е толку набилдана што си импресиониран со стопати поголем интензитет од претходниот пат.

Низ годиниве сфатив дека уште имам остатоци од оваа врска со филмовите на Шумахер. Да, сега ми се достапни на клик, ама ги пуштам со сите овие ствари од минатото што ми тлеат негде позади во мозок. Затоа и ми е интересно да видам што ми спремил филмот следното гледање. Batman Forever го немав гледано одамна, некои четири години кога го гледав и Batman & Robin последен пат. Тогаш впечатокот некако го фокусирав повеќе на вториов и како е позициониран во однос на тогашната жанровска атмосфера, па Batman Forever успеа да куртули од ваков пишан третман.

Всушност, и не се премногу различни, со тоа што Batman & Robin скоро и да ги елиминира најдлабоките траги што Бартон ги има оставено на франшизата, а Шумахер поцврсто гази во сопствените кои ги создава во Batman Forever. А, продукцијата е бизарна исто како и многу елементи од самиот филм. Од почетокот кога студиото решава да го разбие мракот на Бартон за да го направи филмот подостапен до деца, до крајниот резултат што е преполн со разни уредувачки грешки, неправилен ритам и брадавици на костимите за кои се побунил дури и самиот Боб Кејн. Не е ни чудно што си умре човекот кратко после Batman & Robin кога истите тие брадавици беа најизразени, Џоел.

Со Бартон напушта и Мајкл Китон, па на негово место доаѓа Вал Килмер. Не е толку впечатлив Брус Вејн како Китон, ама ни отприлика не штрчи како Џорџ Клуни. Добро се справува со многу аспекти од улогата и претежно те убедува дека е Бетмен. Може е премногу спокоен во однос на целата бучава која ја создава филмот со преексцентричните негативци и брзото темпо, ама тоа се должи на некои други одлуки. Бил замислен како многу помрачен филм кој намеравал подлабоко да ја истражи психата и дуалноста на Брус Вејн, ама на крајот е таков каков што е, со неколку исечени сцени кои се остаток од иницијалната идеја. Па, затоа Вал Килмер често пати изгледа како жив глумец залутан во цртан филм, а Никол Кидман нема никаков психијатриски придонес туку неколку секси црни фустанчиња.

Batman Forever има двајца негативци чии манеризми се повеќе прикладни за Џокер, но вистинската инспирација што не ја цениме доволно е некаде во старата серија со Адам Вест и стриповите од една поодмината ера. Денес нема да најдеш суперхеројски филм каде што негативецот има тајно скривалиште уредено во тон со неговиот моден имиџ. Нема ни да најдеш суперхеројски филм каде што таков негативец има банда што исто фура слична тематска гардероба. Само со таква наивна логика битангите што би се тепале од твоја можеш така да ги дотераш. Нема ништо појако од брендираните предмети на Ридлер кои се појавуваат по потреба од сцена во сцена.

Во овој контекст, има една сцена во филмот каде што Робин првпат му се приклучува на Бетмен како партнер и тргнуваат кон Ту-Фејс и Ридлер со бет-чамец и бет-авион. Иако Ту-Фејс и Ридлер немаат никаков начин да дознаат дека Бетмен доаѓа со засилување, Бетмен и Робин се пречекани со бомби кои се активираат со хардверски панел за "Подморница". Тоа ако не е ситуација директно од цртан филм, не знам што е. Разбирам дека после двата поозбилни филмови на Тим Бартон е тешко да го свариш ова ако си бил возрасен во 1995, ама без разлика, заслужува секаква почит бидејќи е едноставно генијално. Човек што го става ова во филм не е некој што не знае што прави. Твое е дали ќе го прифатиш. Мене ми е мило што научив комплетно да го сакам Batman Forever.

Дури и ако сè во филмот уште ти изгледа како пропаст, не можеш истото да го кажеш и за музичката подлога на Елиот Голдентал. Темата на Дени Елфман засекогаш ќе биде ненадминлива класика, ама Голдентал внимателно и прецизно гради врз нејзината основа. Ако Шумахер ровари по сè што воспоставил Бартон, тогаш овој би бил комплетната спротивност. Прво мислев дека е до звучниот микс и како доминантно е поставена музиката во Batman Forever, ама по внимателно преслушување на саундтрекот сконтав дека е самостојно феноменален, а во некои аспекти и помоќен од оној на Дени Елфман.

Е, сега види. Секако можеме до утре да ги чешламе и аспектите што го прават филмот "срање невидено". Наглите коси кадри, неонската естетика, истиот Џим Кери од сите негови филмови тој период, физиката и функционалностите на играчките на Бетмен, сексуалните испади на Џејс Меридијан кои се речиси престап, отсуството на логика кога Бетмен е уценет да го прифати Робин кој е патем возрасен маж посвоен од Брус Вејн, отсуството на логика во играчките на Ридлер, отсуството на полиција или воопшто било каква корисна моќ во Готам освен будали преправени во џиновски лилјак, секако дека можеме.

Има многу такви моменти и добар дел од нив се стандардната аргументацијата против филмот. Само што после сите овие години не осеќам потреба јас да го правам тоа. Ова е од едно друго време кое не можеш и не би требало да го оценуваш по денешни стандарди. Не подлегнува на шаблони и не се органичува со креативноста. Не крши никакви правила бидејќи воопшто не ни се труди да воспостави било какви. Целта му е да биде чиста, проста забава и да профитира воглавно од тоа, најбитно без натопорување некаква политичка агенда - нешто што денес упорно го труе она што е останато од жанрот, за жал.

Види такоѓе:

July 23, 2019

Анимираниот Batman: Hush

Си ги гледам скоро сите овие анимираниве DC филмови. Особено овие што се адаптации на култни стриповски наслови. Попрецизно веројатно би било инспирации од култни стриповски наслови, бидејќи некои од филмовите се прилагодени да функционираат во веќе воспоставен наративен континуитет со сопствени параметри и основа во Новиот 52 универзум. Како и да е, се појавуваат неколку пати годишно и се трудам да најдам време за повеќето, ама имам впечаток дека квалитетот веќе им е дојден до точка каде што само верглаат во некој чуден агол. Оттаму и трагите што многу од овие анимирани филмови ги оставаат се краткотрајни, па ретко нешто да те натера да го погледнеш пак. 

Со Batman: Hush ситуацијата не е ништо поразлична, за жал. Повторно е искасапен добар изворен материјал и парчињата му се налепени врз тој еден ист стерилен шаблон што само повремено успева да се оттргне од сервирањето просечна забава. Често пати Batman: Hush во тие саат и пол напорно се бори со сопственото темпо и набрзинка премотува некои мотиви кои се носечки во стрипот на Џеф Лоуб и Џим Ли. Јасно ми е дека не можело без нив, ама некои се шашаво и невешто изведени. Особено оние кои најсилно треба да ги извлечат емоциите на публиката.


Верувам дека е комплициран и амбициозен потег да напикаш толку обемен материјал во така скромна минутажа, меѓутоа е веројатно изводливо со поинаква насока. Доколку ова би било реализирано како засебна адаптација на Hush стрипот наместо ситуација која им се случува на ликови во постоечки континуитет можеби би било и пофункционално и покомпактно. Вакво личи на пропуштена шанса да се склопи како што анимираните Year One и The Dark Knight Returns на Френк Милер. Или некој формат каде што поприродно би легнале сите сегменти со кои ова се мачи да се справи одеднаш. Мини-серија, нешто такво.

Чудно ми е и тоа што Batman: Hush одлучува да го замени пресвртот без некоја посебно исплатлива причина. Hush како приказна е многу поефективна со тој залог, а анимираниот филм го одзема и тоа речиси во целост. Одлуката да се ослободи од таков интегрален дел на оригиналната приказна ми е некако непотребна и аматерска, не заради тоа што со ништо не придонесува, туку крати и на некои други места. Не знам каков е интегритетот на овој DC континуитет, претпоставувам дека се држи до некакви правила, а Batman: Hush со некои постапки ми личи како да ги прерипа или па можеби само ги потенцираше. Не сум баш најуверен дека адаптацијава има јасни цели.

Една многу интересна технички страна на Batman: Hush е тоа што светот во кој опстојува е изграден од различна Бетмен материја и приметувам дека не се стегаат да трупаат што им дојде при рака. Некои моменти од филмот наведуваат дека можеби следниот чекор на DC ќе биде во територијата на Бетмен на Том Кинг, па со оглед на тоа што не сум претерано врзан со овие анимирани екскурзии, држам отворена прегратка за позитивни изненадувања. Има многу материјал, барем на Бетмен му оди добро последниве години по медиумите што не се филмови со Бен Афлек.

Како и да е, не е толку лош како некои други анимирани Бетмен филмови. Ете адаптацијата на The Killing Joke ми доаѓа инстантно на ум, ама пак е далеку од вистинскиот начин за да се пренесе една ваква одлична приказна. За саат и кусур лабаво Бетмен цртанче сигурно проаѓа, ама за вистинската интензивна Hush приказна строго го препорачувам стрипот кој го сметам за еден од најдобрите во историјата на Бетмен.

July 20, 2019

Не сум убеден за The Witcher серијата

Прв сум ако треба да се брани Хенри Кавил. Особено од една толпа што не се труди да разбере дека неуспехот на неговиот Супермен не е целосно негов и го напаѓа затоа што другиот до него зел камења во раце да фрла. Океј е Кавил, олабави се. Можеби и не беше најдобриот избор за Гералт од Ривија, ама кога пред некоја недела се појавија првите асални слики од The Witcher серијата ми се створи трунка оптимизам. Мислам дека неговиот ограничен актерски капацитет е сосема доволен за да го истрча ликот доколку сценариото овозможи терен. 

Aко The Witcher се дистанцира од досадната меѓучовечка драма што ја истормози The Punisher серијата, тогаш Кавил нема гајле. Терај, мајсторе. Реално, ова ми беше најголемата грижа околу сето ова. Се надевам дека ќе сме поштедени од сапуница и напорни политички интриги до претпоследната епизода каде што ќе ни фрлат малку акција. Сакам пофреквентно присуство на мечови, магија и чудовишта и ги сакам во огромни количини. Да претекува.


Сепак, по првиот тизер трејлер имам повеќе секирации, а сега главната е дека воопшто не предизвика никаква возбуда кај мене. Напротив. Не барам адаптација на книгите страница по страница, ни целосно да биде пренесена естетиката на игрите, ама овие две минути ми изгледаат премногу генерички и евтино. Можам да ги ценам сите ситни референци и детали на кои не се штедело во трејлерот, ама и покрај тоа општиот тон е некако чудно раштиман. Освен со мрачниот мизерен Game of Thrones видео филтер, трејлеров со ништо друго не успева да го најави амбиентот на светот во кој се случува приказната или па да те наведе дека е воопшто приказна за некаков вичер. 

Сакам да испадне дека е само лошо уреден тизер со случајно нафрлани сцени и обична досадна музика, ама се плашам дека крајниот резултат нема да е ништо подобар. Веќе создавам некоја слика што не ми се свиѓа и ја базирам на предвидливоста на индустријата и третманот на Нетфликс кон адаптирање на туѓ материјал. Ако грешам, прв ќе си ги изедам лајната кога ќе искочи ова, опушти се. Првата епизода сигурно ќе почне интензивно, скоро секогаш е така. Веројатно со Гералт како си ја брка вичерската работа. Некој краток извадок од The Last Wish книгата кој истовремено ќе биде привлечен за публиката која првпат се среќава со материјалот и ќе послужи како јадица за фановите кои веќе се запознаени со франшизата. 

Потоа, приказната почнува да вергла во кал во неинтересни црно-бели паралелни случувања кои едвај им влијаат на ликовите. Паралелно на тоа, серијата се гуши во непотребно долго објаснување за минатото на ликовите и како се дојдени до точката во која се наоѓаат. Тука веќе се појавуваат и првите разочарувања на интернет од тие што приметиле дека Нетфликс сака да го замаскира темпото и промашената динамика на серијата со тоа што епизодите ти ги има скроено да ги гледаш една по друга. 

The Witcher ќе земе замав некаде при крајот на сезоната кога Гералт конечно ќе треба расчисти со второто чудовиште (ако имаат буџет може да и се повеќе) и чудовиштето кое е всушност некој корумпиран лик на власт кој до тогаш е пријател со главните ликови, но "изненаден" пресврт открива дека тој бил вистинскиот негативец цело време. Нема шанси серијата да пројде без такво предавство. Тоа е и мотивот на рекламите на серијата нели, "чудовиштата што сами ги создаваме". Некое такво површно срање.

Без разлика дали ќе го правдаш ова како адаптација на книгите, има уште ствари за кои мислам дека ќе се ткивото на оваа серија. Серијата нема да биде приказна само за Гералт и мислам дека овие две минути фино го нагласуваат тоа. Ако ја земеш моменталната кобна ситуација на поп културата и не е баш некое изненадување. Ова е најавено како приказна во кои главни ликови се Гералт, Сири и Јенефер. 

Па, како што е редот во 2019, очекувам "рамноправна" застапеност и епизоди во кои едвај ќе го има Гералт за да му се овозможи простор на диверзитетот во кастингот. Значи, не барав словенски кастинг во американска серија секако, ама сум сигурен дека изборот за Јен не е случаен и искрено се надевам дека актерката има некаков талент со кој може да ме убеди во спротивното. Меѓутоа ако разгледаш што и како се сервира денес во мејнстримот, мотивот е јасен. Често за жал се турка диверзитет само како таков - да е присутен.

Не се виновни актерите кои се инволвирани во овие глупости, гледај каква глупост се случи со азијатката од Star Wars: The Last Jedi, туку проблемот е кај сите тие што мислат дека ова продава повеќе, дека полесно е за рекламирање или па го прават за да се заштитат од бучавата на расплаканите борци за социјална правда. А, кога пробуваш да им пикнеш нешто на луѓе со сила, нормално е да наидеш на отпор. Кругот е толку проколнато маѓепсан што ни сите вичери од Каер Морен веќе не би можеле да помогнат.

Камо среќа да дојде ден кога ќе си го изедам напишаново. Ден кога The Witcher серијата ќе е стварно следната Game of Thrones како што се обидува да се наметне и ќе постави нови правила за како се адаптира ваков тип на фантастика. Ама, сѐ повеќе ми изгледа дека ова нема да е многу повеќе од Хенри Кавил со бела перика преправен во Кристофер Ламберт од Mortal Kombat филмот, актерска екипа неадекватна за улогите, споро, мачно и со едвај некаква вичерска акција. Една голема пропуштена прилика. Нешто што втората сезона ќе се обиде да го поправи, но ќе се сопне во процесот и ќе ја уништи шансата за трета сезона. The Witcher серијата треба да се појави до крајот на 2019.