Како совршено се погоди ова за продолжен викенд, еј. 13 епизоди, на неколку пати, без гледање на саат. Доволно маратонски за да осеќам дупка во стомак. Или едноставно, зошто ми се потроши најдобрата серија што ја гледав, и веројатно ќе ја гледам до крајот на годинава. Серија чија големина и квалитет потсеќаат на Breaking Bad, True Detective или The Wire. Не ме гледај така, ни јас не очекував нешто вакво. Се надевав дека барем нема да ме разочара, а добив нешто што интензивно ќе ми го окупира паметот во следните неколку недели. Реалната споредба и начинот на адаптација на стрип, повеќе оди во контекст со Бетмените на Нолан, меѓутоа квалитетот на самата серија и она што го предизвика кај мене е слична на тие што ги набројав погоре.
Додека го чекаш Гордон да порасне брк во Gotham или се восхитуваш на шеширот на агентката Картер, Нетфликс собрале храброст да ја направат најсуровата и најмрачната адаптација на Марвелов херој до сега. Нешто што сигурно би ја поместило границата и начинот на правење вакви ствари, да не беше поголемиот дел од публиката заслепен од останатите, веќе шаблонски, суперхеројски шаренила кои ти се сервираат повеќе пати годишно. Но, Daredevil не е добро само затоа што е различно. Низ целиот тој реализам во извалканиот Њујорк, има ликови чиј развој е феноменално изведен, дијалози што не ги пишувалa група ментално предизвикани бабуни (пинг The Flash), и кастинг што ќе го натера Роберт Дауни Џуниор да си ја почеша главата. Колку и да блеска Чарли Кокс како Мет Мудрок тука, Винсент Д'Онофрио упорно успева да го засени на моменти. Доколку има потреба од Кингпин во било што од следните адаптации, мислам дека веќе имаат избор кој нема логика да биде заменет. Одличен е секоја секунда, во секоја сцена.
Daredevil ми е најдобрата приказна за зачеток на херој од Batman Begins навака. Не само што има црни пижами наместо црвен панцирен костум, туку созрева заедно со грозниот свет кој се обидува да го направи подобар, и покрај тоа што го гледаме директно во акција. Но, упорен е во тоа што го прави, без оглед на тоа колку пари ќе се најде претепан и во животна опасност. Паралелно со него, го гледаме и издигнувањето на Кингпин од сенката од која ги влече конците во цел град. Сите ликови прават моќна целина, опфаќајки различни аспекти од митологијата на Дердевил која ми беше позната претходно. Го има Стик, слепиот експерт за борчеки вештини кој му го пренесува занаетот на Мурдок, го има Бен Јурик, новинарот што ги истражува криминалите во Хелс Кичен, па дури има верзија на Night Nurse која ги крпи раните и исекотините на Човекот без страв. Нарацијата е со прикладни флешбеци кои нема да ти остават ниту една точка неповрзана.
Во ниту една друга адаптација на Marvel не сум видел толку крв и црева. Ни во The Punisher. Не е Spartacus, меѓутоа тоа што го има тука нема да го видиш со деветгодишното внуче во Guardians of the Galaxy. Кореографијата на акционите сцени те остава со подотворена уста. Уште во првите епизоди, има една таква долга сцена во еден кадар што ќе ја памтиш како брканицата во True Detective.
Се надевам дека Нетфликс нема да сопрат тука. Колку и да се овие 13 епизоди фина целина, има уште многу Дердевил што сакам да го видам. Тек почна на крајот, зошто да заврши тука? И, кога сме кај пустиве желби, сега сум сигурен дека сакам да видам ваков Панишер. Во епизоди. Гнасен и без грам милост. Баш како што заслужува господинот Френк. Но, до тогаш, Нетфликс спремаат уште три серии за Marvel ликови кои не се супер-војници од минатото и мултимилионери со научно-фантастична технологија. Бев решен да ги скокнам, ама после ова мислам дека ќе добијат шанса.
No comments:
Post a Comment