Вакви серии како Wayward Pines не знаеш дека ти требаат до моментот кога ќе почнеш да ги гледаш. Со две епизоди до сега, Wayward Pines ме доби како гледач што од недела за недела ќе се надева дека серијата нема да се претвори во следната Under the Dome. Споредбата, колку и да е глупава, има неколку паралели што може да се повлечат, меѓутоа Under the Dome пред сè ја спомнувам како серијата што успеа да ме одвикне да гледам сè и сешто. Еве грубо, главната заедничка работа е тоа што се двете базирани на книги и приказната се одвива во изолирано гратче. Исто така, Wayward Pines, покрај тоа што има интересен почеток, има потенцијал да удри јако на дното баш како Under the Dome.
Wayward Pines инспирацијата ја црпи од поинакви серии. Има нешто што потсеќа на Twin Peaks, The Prisoner (римејкот со Иан МекКелен), па дури и True Detective. Вејворд Пајнс е планински мал град, каде што агент на тајната служба, Итан Бурк, е испратен да ги најде неговите исчезнати колеги. После тешка сообраќајка, се буди во градот, без пари, лични документи, затекнат од жителите кои се толку неуслужливи кон него, како да е дојден само за да им се измочат во езероно. Секое ќоше е сомнително во мрачниот и ладен Вејворд Пајнс. Сите имаат некаква тајна, а на Бурк никој не му верува кој е и зошто е тука. Додека талка низ градот и се обидува да стапи во контакт со светот позади високите дрва, успева да ги најде колегите што ги бара. Едниот е мртов, очигледно убиен, додека колешката и поранешен партнер, тврди дека живее во Вејворд Пајнс дванаесет години, иако е исчезната пред само неколку недели.
Веќе ти е јасно кај оди ова така? Бурк следно што дознава е дека нема да го напушти Вејворд Пајнс во брзо време. Ти можеш да си дадеш шанса уште бар две епизоди, па да одлучиш дали остануваш со него да ги откриваш мистериите што ти ги фрла градот. Јас ќе се проврткам уште некоја епизода. Одамна не сум гледал серија што во главно се базира на шамарање на публиката со мистерии, а да е вака фина. Има убава режија и фотографија, супер актери кои не си ни знаел дека ги преживеале девеесетите, како Мет Дилон и Џулет Луис. Тука е и несудениот Вор Машин, Теренс Хауард и мојата симпатија од Californication, Карла Гуџино. Сценариото е подносливо, барем до степен каде што оди во прилог на целото темпо на серијата.
Но, има и некои поалармантни ствари за кои треба да е човек претпазлив пред да почне да се навлекува на Wayward Pines. Првата е што едниот од продуцентите е М. Најт Шамаламалама..ј..нам.., тип што од The Sixth Sense навака нема ништо направено што публиката го нема дочекано со мотики и факели. Другата е FOX. FOX се познати по заебување потенцијал на серии, и укинување серии како Firefly. Како и да е, штом го читаш постов, значи успеале да ме подлажат, па еве ме со препорака за серија што може, а и не мора да се заебе додека стигне до десеттата, последна епизода.
No comments:
Post a Comment