Showing posts with label Under the Dome. Show all posts
Showing posts with label Under the Dome. Show all posts

September 18, 2013

Under the Dome: Најлошото финале на сезона во историјата

Океј, сигурно има и полоши. Мора да има. Ама, ова е најлошото што јас сум го гледал. Не треба да предупредувам за спојлери, зошто и онака никој не гледа. А, ако некој го видел постов, сигурно веќе е на некој друг сајт. Како и да е, успеав да догледам Under the Dome. Веќе се испукав за серијата, сега на ред ми е финалето.

Иако е крајно неразумно да спомнам серија како Breaking Bad во пост за вакво колосално срање како што е Under the Dome, морам. Претходната вечер Breaking Bad ја имаше најдобрата епизода во своето постоење, а следната се пцуев зошто, о зошто гледам глупости. 13 епизоди. По 40 минути епизода. Со финалево се простувам од серијава. Дадоа објаснување за куполата што го снајде гратчено, и фала, не можеше да биде поглупо. Не дека очекував којзнае што, ама веројатно начинот на кој го соопштија беше дебилно клише. 


Во кратки црти, пред некоја епизода децата што немаат апсолутно никаков талент за глума, најдоа мини-купола со црно јајце внатре. Претпоставија дека тоа е тоа што ја контролира големата купола околу градот и целата серија продолжи со тоа. Тоа е уствари најсмешното. Секоја претпоставка на неколку дечишта станува факт. Така ја раскажуваат приказната. Баш така. Така ти ги фрлаат сите информации врз кои се базира серијата. Директно, во случај да си комплетен морон. А, од некоја причина, големата купола се затемни, како што може да се види од лошиот CGI на сликата погоре. 

Сега доаѓа најдоброто. Зад куполата стојат вонземјани кои за да комуницираат со ликовиве затворени таму, ја завземаат формата на нивните мртви блиски, зошто "само така научиле да комуницираат". Нема да навлегувам во тоа колку има смисла технолошки напредна вонземска цивилизација баш ТАКА да комуницира, не. Нема поента веќе да се дискутира за тој дел од серијата. Сакам само да напоменам колку таа финта е смешна и видена едно 31509 пати. А, куполата не го заробила градов, туку го заштитила! Колку се само овие граѓани што си ги вадат очите посебни! Колку е само уникатен овој никогаш виден во фикција вонземски експеримент! Чао, пријатно!

Самиот клифхенгер на крај не можеше да е полош. Заврши со еден од ликовите кои никогаш не ми беа битни на бесилка. И, сега, дали ќе го обесат или не? Леле, како ќе издржам до следното лето?! Серијава можеби и нема да ја заборавам до крај на неделава. A, барем до следната ќе ми биде криво за времето што го скурцав.

September 7, 2013

Пред да заврши Under the Dome...

Да си запишам дека ова е најлошата серија во купот на лоши серии во последниве неколку години. Исто така и дека трошам четириесетина драгоцени минути еднаш неделно. Ќе беше можеби подобро доколку паралелно со спориот прогрес на приказната за куполата не опаѓаше и онака слабиот скил на сценаристите. Освен тој мал елемент, кој всушност е и централен во цела серија, нема ама баш ништо друго поради кое следам. Изгурав 11 епизоди, ќе издржам уште две. До следното лето веројатно ќе заборавам и дека постои. Еве, пример, Falling Skies ми e сосема матна сега. 


Пред некои две епизоди сите лоши страни на Under the Dome кулминираа во еден момент. Толку неталент на едно место нема ни во домашниве серии. Најголемиот проблем на Under the Dome се оние неколку деца што некако се наместија како клучни ликови. Освен ако не волонтираат со нивната "глума", не гледам друга причина зошто уште се тука. Особено тој младичот што е некој наводно битен лик, а се потсмевнува кога треба да глуми загрижен. Понекогаш си мислам дека воопшто нема режисер серијава, туку дека се оставени сами на себе и импровизираат додека сценаристот врши нужда и ги пишува репликите за следната сцена која треба да почне да се снима откако ќе пушти вода. 

11 епизоди и не знам ниеден од ликовите како се вика. Добро, освен Барби. Толку е лошо името за главната машка улога што не можеш да го заборавиш. Другите се Хенк од Breaking Bad, тој син му ненормалниот, дебелата латино џандарка, таа со црвената коса, дечкото и сестра му, дебелата од радиото, стариот Клинт-Иствуд-за-сиромаси и црнецот. Стварно не знам како се викаат. Ги распознавам по стереотипите. 

Приказната забега тотално. Во лош правец. Осум денови, ОСУМ денови како куполата е над гратчето и веќе изби општ хаос. Осум дена и веќе имаат андерграунд коцкарница кај што се коцкаат со ресурси, фајт клуб, розеви јајца и куп мртви. Мислев дека се подолго таму. После осум дена сите некако прифатија каде живеат и никој не се надева дека ќе биде спасен. Главната приказна некако се расплетува, споро, ама правецот што го зема некако не ми се свиѓа. Чија и да е идејава, на Стивен Кинг или не, лошо е. Веројатно е негова, од тие евтините што ги генерира автоматски со софтвер.

Уште две епизоди до крај на прва сезона. Рејтинзите им се добри, чудно ми е како. Не знам дали стварно има публика или ABC имаат купено хангари со телевизори на кои оди серијава за генерира гледаност. Којзнае...

August 2, 2013

Нова серија: Under the Dome

Некако бев убеден дека ова почнува од есен, а тоа веќе стигнато до пола сезона. Овие шест епизоди од тринаесет, ми дојдоа таман, иако се работи за сосема просечна серија. Измеѓу Hannibal и Breaking Bad, може и нешто лабаво да се проба, нели. 

Under the Dome е базирана на истоимената книга на Стивен Кинг. Стивен Кинг го почитувам како автор и неколку негови дела имаат добиено одлични адаптации. Ваквите како Under the Dome, најчесто добиваат мини-серии, како The Tommyknockers или The Langoliers, па некако ова ми изгледаше како голем залак. Океј, ја немам читано книгата, зборам на памет ваљда, ама се гледа дека е од "поефтините". За среќа, продуцентите решиле да го изменат крајот во книгата за да се задржи мистеријата и тензијата. Поточно, изменето е потеклото на куполата, која го обвива малиот град Честерс Мил. Дури и самиот Кинг, кажа дека подобро што направиле така зошто читателите не го бендисале неговиот крај.


Приказната е едноставна. Еден нормален дел, Честерс Мил ќе биде обвиткан со проѕирна, непробојна купола каде што неговите жители остануваат заробени. Никој не знае од каде е, зошто е таму и зошто баш овој град. Жителите се стандардни ликови за ваква непогодна ситуација, карактери кои веќе сме ги гледале во еден куп слични серии. Овде, има прилично аматерска актерска екипа. Главен лик што се вика Барби, парови што имаат хемија на ниво на Хајден Кристенсен и Натали Портман, специјално гостување на актер кој би можел да ја извади серијата и Хенк од Breaking Bad. Хенк ми е најјак тука, зошто делува како на сетот карши, да снима Breaking Bad и тука доаѓа на пауза. Дури и истата облека ја носи.

Дури и со огромните недостатоци, серијава успева да задржи над 10 милиони гледачи секоја епизода. Што за споредба, не е случај со слични серии како Revolution. Тоа имаше по седум милиони во просек, а ете ќе има втора сезона. Да, и Under the Dome ќе има втора сезона што искрено се сомневав дека ќе се случи. Дури и Стивен Кинг ќе ја пишува првата епизода. Не знам што ќе се случува понатаму, зошто како што разбрав, првата сезона ќе ја опфати цела книга. Веројатно со изменетиот крај, се отвара простор за уште една шанса. Искрено се надевам дека ќе се сменат стварите на подобро, и покрај тоа што серијата нема капацитет за нешто повеќе од ова. Тој е потенцијалот и искористен е максимално. 

Ќе ја догледам првава сезона. Интересно е, лабаво е и ме занима во кој правец ќе ја носат приказната со куполата (у живо викам "доумот", ама шубе ми е така да го пишам тука). Жителите веќе снемуваат ресурси, почнуваат дури и за вода да се тепаат. Никој не може ни да влезе, ни да излезе. Доколку не фрлат нешто повеќе од ова, малце да се забрзаат настаните, осеќам дека втората сезона ќе е кобна. Обично ваквите серии кои сакаат да возат на мистерии, не ни добиваат завршеток каде што нешто ќе се разјасни. 

Види такоѓе: