July 5, 2010

Hot Tub Time Machine (2010)

Последнава година, The Hangover стана репер за комедија, па излегоа еден куп филмови кои се "шлепаат" со споредбата. Hot Tub Time Machine горе-доле го правеше истото, рекламирајќи се слично, додека критиката, заедно со публиката, го нарекуваше "The Hangover со патување низ време". Можеби и тоа е проблемот со овој филм, а и сличните на него, што упорно пробуваат да се носат со туѓ успех, формула и идеја.

Сепак, Hot Tub Time Machine е различен од The Hangover и затоа немам намера да го споредувам. Во филмот се работи за четворица пријатели, кои патуваат назад во осумдесетите со помош на мистериозно џакузи кое е временска машина. Идејата можеби звучи интересно, меѓутоа реализацијата е просечна, некомплетна и преполна со досадни клишеа од кои одамна ми е здосадено. Уште на почетокот, видов за какви изџвакани ликови станува збор кои ни малку не отскокнуваа од шемата по која се прават слични филмови, но идејата ми беше доволно добра за да очекувам опуштена, солидна комедија. Значи, го имаме главниот лик, Адам (Џон Кјузак), најнормален од целата екипа, но со пропаднат брак (стандард), потоа Лу, стар ерген кој не престанал да се забавува и да пие во изминатите дваесетина години и нормално, дебел црнец (Дерил од Офис) со мизерна работа и фино семејство. Да, тука е типичниот гик што живее во подрум и е најчесто задолжен за форите кои се однесуваат на технологија, како филмов да е сниман пред 15 години, па технолошкиот напредот е СФ за останатите во светот.

Друштвото решава да замине неколку денови на место од младоста, во туристичко гратче кое некогаш било главно место за забава, преполно со луѓе, алкохол и дроги од кое останале само добри спомени, собата во која секогаш престојувале и едно старо џакузи кое преќу ноќ се претвара во временска машина. Без никаква причина, или причина доволно битна за да има смисла. Океј, комедија е, нема да се фаќаме за ситници, но... Претпоставувам дека сценаристите имале идеја што да прават со филмот, знаеле што сакаат, нели, ликовите да се вратат во минатото, но заборавиле да вметнат причина за тоа. Основата веќе е тука, се што фали во филмот се ситуации, нели комични, во кои би се наоѓале ликовите, за филмот да си го оправда жанрот. Толку добра идеја, толку многу очекувања, а капацитетот не е ни до пола искористен. Некое клише ваму-таму, ефтини фори и неуверливи ситуации кои во ниеден момент не ме натераа да се грижам за ликовите. Само што ќе почнеше некоја сцена, точно знаев како ќе заврши. Е, токму ова го двои The Hangover од останатите нови комедии. Реков не го спомнувам, меѓутоа морам да кажам дека во другиве филмови нема кинез од багажник, на пример. Тоа фали. Сите се дават во клишеа, а не верувам дека е многу тешко да се понуди нешто оргинално. Публиката тоа го бара.

Актерската екипа е супер, ама што е тоа битно кога мораат да работат со некомплетно, досадно сценарио. Чеви Чејс, на пример, да добиеше некоја сцена повеќе, целиот филм ќе беше многу подобар. Не е во никој случај лош, таман си е и заслужува второ гледање, но ништо повеќе од тоа. Следно за гледање ми е Date Night со Стив Карел, повторно филм рекламиран како "најдоброто после The Hangover"...

3 comments:

Наум said...

Не е лош филмов, ама не е ни којзнае што. Онака,со доста клишеа. Date Night не е ни блиску до Hangover, камо ли па најдоброто нешто после него :D Гледај го, ама мене ми се виде прилично на сила изглумено. И со плитко сценарио.

Random nobody said...

Глеав нешо слично , коа дрѕгарчиња патуваат у измислен свет од порки , мислам Deep in the valley се викаше or smth like that.
полека но сигурно филмовите ја губат способноста да ме насмеат :)

Данче said...

Досаден, досаден филм. Немаше ништо смешно (освен 2-3 реплики). Ликовите беа крајно стереотипни и неитересни (40 годишни мажи што се однесуваат како тинејџери). Полошо од било која тинејџерска комедија. Второ гледање? Јас едвај и првото го издржав.
Исто така, премногу мизогинија :)