Ситуацијата е следна. Се собираш со друштво со намера да си поприкажеш, да опцуеш држава и да видиш како изгледа The Witcher 3: Wild Hunt на PS4. Завршуваш со гаден грч во стомак и блага анкциозност при отварање на првата врата која те носи дома. Игравме P.T. Домаќинот ја имал таа среќа да ја грабне играта пред да ја тргнат од маркет. Тоа ти е нешто како јас сега што ја имам Flappy Bird на телефон, уредот вреди многу повеќе. Само што P.T. те остава малку повеќе истрауматизиран, и тоа само после пола саат.
P.T. стои за "playable teaser". Слободно може да стои и за "посттрауматски". Демото, наменето да ја изрекламира и најави новата, сега веќе откажана, Silent Hills (множина од Silent Hill, да) игра на Коџима и Гилермо Дел Теро, е најинтензивната хорор игра што сум ја видел до сега. Растен на хорори, Resident Evil и едно време опседнат со Amnesia: The Dark Descent, срипав! Срипав како мала кучка. Ни [REC] немаше таков ефект. Да поигравме уште пола саат, добриот домаќин Пецо ќе мораше да го реновира станот и да купува нов мебел.
Играта се состои од еден мрачен мал ходник. Покрај стандардните језиви црно-бели фотографии од исто така језиви луѓе, има наткасни со разни предмети на нив. Дигитален часовник кој постојано покажува 23:59, телефон со крената слушалка од која излегуваат некои нечовечки звуци, радио кое фаќа френвенции кои веројатно доаѓаат од некој друг свет, една заклучена врата и веце кое изгледа како ќенефот во летната "Хавана" во три по полноќ. На крајот од ходникот има врата која те носи назад во истиот ебен ходник. Практично вртиш кругови во истото клаустрофобично место, но секој пат кога ќе излезеш од вратата на крајот (после интеракција со нешто од ходникот), се враќаш на почетокот на ходникот само за да го затекнеш малку изменет. Светлото е црвено, од таванот каде што ѕирка и вториот спрат виси фрижидер со нешто што вриска од внатре, на ѕидовите се испишани пораки кои се надеваш дека нема да ги видиш и на твојот ѕид кога ќе одиш по нужда во среде ноќ... Такви некои морбидни детали кои секогаш се различни, се генерираат процедурално во зависност од твоите акции. Или од зависност од мрачни сили, не знам, домаќинот имал сосема друго искуство кога ја играл првиот пат.
Гејмплејот се состои баш од тоа. Имаш една батериска лампа и се движиш наоколу. Ако останеш подолго време во место, добиваш jump scare и тахикардија што не ги очекуваш. Првиот "круг" влеговме во вецето. Класичен хорор сетинг за нужник. Валкано огледало, шолја што изгледа како оние на бензинска пумпа на автопат према бугарска граница, када во која си миеле нозе британци што поминале три дена боси во каловите на Петроварадинска тврџава.. и лавабо со крвав фестус што е некако жив и вришти.
P.T. е сè што треба да е една хорор игра. Нема е класично преживување и бегање од зомбија и разни суштества на ноќта, туку е тензична, хаотична и се потпира на многу работи кои не се класичен jump scare. Ако е вака ефективна со повеќе луѓе, замисли како е да ја играш сам во темна просторија. Тројца возрасни мажи бевме на работ од троседот на штрек од језивите гласови што доаѓаа од радиото во ходникот, измешани со потсмевот на храбриот бестрашен витез Наум.
Штета ако никогаш не видиме повеќе од ова. Веројатно ќе биде првата Silent Hill игра што ќе ме завлече асално. Или, не е битно, како сака нека се вика, најважно е потенцијалот на механиката и гејмплејот што е во демово да не остане на ова. Среќни сте тие што сте го собрале додека било достапно, пак ќе кажам. Ремек дело е. Еве и видео, ама не верувам дека има приближно сличен ефект како кога ти го управуваш ликот.
No comments:
Post a Comment