May 14, 2015

Први впечатоци од RIFT: Nightmare Tide

Некако упорно се враќам на RIFT. И, покрај тоа што Азерот ми е дефинитивната MMORPG "татковина", времето поминато во Телара ми има направено да се чуствувам како дома. Тоа ти станува јасно во моментот кога ќе те спука носталгија за некој поток таму во Moonshade Highlands што претходно не ти значел ништо. Сега сум пак назад, за втората експанзија, Nightmare Tide. Ќе го прескокнам редовното тупење за популацијата и заедницата што ми е составен дел од секој пост за RIFT, ама ќе мора да го спомнам гилдот. Harshmallows е уште тука, а дел од луѓето со кои сум ги поминал најдобрите моменти во играта, се активни и денес. Неколку пати "се враќам" после долга пауза и чуството кога ти се радуваат луѓе што не знаеш ни како се викаат во вистински живот е тоа што ми ја прави играта толку драга. Толку е обединет гилдот што мислам дека не им е ни гајле дали има други играчи надвор од него.


Nightmare Tide е многу битен чекор во историјата на RIFT. Прва експанзија откако играта го гушна free-to-play моделот и дојде на Steam. Како ќе ги вратат вложените средства, како ќе играчите ќе ја прифатат и што понатаму? Отприлика тие прашања си ги поставував, зошто бев прв во групата скептични за новата содржина. Значи, овој пат одиме во Plane of Water? Директно од каде што доаѓаа заканите со кои се боревме во оргиналната игра и претходната експанзија. Прво што ми текна беше колку не ја сакав подводната зона во WoW. Зар Trion ќе го копираат најлошото нешто што многу од WoW играчите го имаат видено? Покрај еден куп други идеи и места кои можеа? Сега кога сум веќе убаво стапнат во Nightmare Tide, сфаќам колку сум грешел со глупавите претпоставки. Или па, времето поминато надвор од RIFT беше доволно пак да најдам љубов за играта што едно време ја сметав за класи над WoW

Моментално ја поминувам втората зона од новиот "континент". Пробувам да го однесам стариот мејџ од 60 до 65 левел и сум скоро на пола пат. Plane of Water е под вода, да. На почетокот на првата зона, сè се случува под вода. Се движиш со пливање. За среќа, Trion биле умерени со подводните делови, па така што огромен дел од новите зони, добри 90%, се копно. Копно кое се наоѓа под огромен океан. Да. Еби ја логиката тука за момент. Исто како и рифовите од сите останати Елементи кои покрај Телара, се отвараат и тука. Верувам дека некаде по пат во квестовите, има некакво објаснување зошто ова е такво какво што е, меѓутоа едвај ја пратам приказната. Не ми е најинтересната на светот.


Квестовите се подосадни од оние во Storm Legion, така што практично само грајндам и се шетам. Освен два, не можам да се сетам на други, колку и да се обидував да обрнам внимание. Во едниот, се најдов на некое место каде што некоја древна сиренска раса имаше потреба од моите сеќавања од авантурите низ Телара. Па низ ланец квестови, ме "прошета" низ минатото во играта, старите босови и непријатели кои и да сакаш не можеш да ги заборавиш зошто си се справувал со нив првите две години кога се појавуваа. Вториот квест што можеби ќе го памтам и следната недела, е протерувањето од едно мало село откако правиш некаква пиздарија, па креваат бунт против тебе и те гаѓаат со храна и предмети. Имаше и уште еден, ама повеќе ќе го памтам зошто беше ебано тежок, да мора пола гилд да го ангажирам. Океј не пола, ама гинев на тој еден брод многу, многу пати.

Nightmare Tide не е ниту во еден дел иновативна. Веќе се осеќа староста на жанрот. Warlords of Draenor освежи многу добро, ја ресетираше WoW на некој начин, додека тука Trion се губат во некое друго време. Не дека е лошо, туку е само повеќе од истото. Океј, има и некои ситни и практични подобрувања, како на пример новиот auction house кај што не мора да си физички присутен кај аукционерот за да продаваш. Ги памти и последните цени на напродадените ајтеми, предложува нови, има информации за како се движи цената на истиот ајтем на пазарот... Има и мини-гејм со minion карти што ги собираш и ги праќаш на мисии, и сигурно си имаат публика, но тоа и не е некоја иновација што ќе допринесе за генералниот квалитет на RIFT. Но, зоните се убаво дизајнирани и доволно големи за шетање и истражување, да ме задржат до 65 левел. И, нормално, динамичните ивенти. Сè уште ми се импресивни како првиот отворен рифт што го видов пред четири и пол години. Тоа и ми го прави квестањето поинтересно отколку што е. Затоа и се враќам во Телара, изгледа.


Експанзијата, како и целата игра, се бесплатни. Најбесплатната игра што не е MOBA. Рестрикциите се минимални. Моментално, најголемата рестрикција што можам да ја отклучам со рефундираните пари конвертирани во кредити од Storm Legion годишната претплата е Planeswalker: Water attunement-от, потребен за користење на посебна опрема. Тоа е главното што сега се плаќа, ама и онака до 60-ти левел нема потреба да го купуваш. Дури ни понатаму, само ете, нема специјална опрема за тебе. Многу се фокусирани на козметички ајтеми, па и од такви ситници прават пари за да им се исплати девелопментот.

Покрај мааните што ги има Nightmare Tide, RIFT е далеку, далеку од лоша игра. Еј, после WoW ова ми е омилената MMORPG игра. Досадните квестови се најмалиот проблем, зошто додека стигнеш до нив имаш феноменална содржина. Башка, пројдов само зона и пол, а ме чекаат уште неколку. Протрчав и некој данџн, малку PvP, тоа е супер. Далеку сум од сите актуелни рејдови во моментов, ама гледам дека нонстоп се организираат групи за старите, па ете може да поносталгичарам и таму малку.

4 comments:

nikola said...

ne mi e jasno zs e mala populacijava a igrava e wow za siromasni :D

Бојан Николов said...

Супер е, ама никако да макснам левел у експанзијава. :))

nikola said...

ja sea ja pocnav malku poozbilno 20 lvl sum, radi grafikata ne sum ja igral porano naucen sum na posareno inace najslicna igra na wow mi izglea, runes of magic na vtoro mesto ama mn fail ispadna za long run, drugovo novive action korejski samo hype ti digaat ama ne te vlecat za igranje barem za postari igraci ko mene :D

Бојан Николов said...

Супер е Рифт. Порано многу попосветено ја играв. Сега ем немам време толку, ем некако ми ја зезнаа со првата експанзија и се вратив на ВоВ со Пандарија.. :)