December 28, 2010

Бета-тестирање на RIFT (прв дел)


Како што веќе спомнав пред некој ден, добив клуч за третиот RIFT closed-beta настан што почна пред два и пол саата. Од тоа што го видов до сега (level 7), можам да кажам дека конечно World of Warcraft ќе си добие вистинска конкуренција на пазарот. Играта ги исполни сите мои очекувања, па дури и повеќе од тоа. Можеби избрзувам со заклучокот, меѓутоа сигурно е дека RIFT не е една од многуте MMORPG игри паѓаат во сенката на WoW.

Да не го тупам многу уште на почеток, да видиме што е RIFT. Се случува во светот наречен Телара, свет исполнет со магија и необична технологија, каде што се борат две спротиставени фракции, The Guardians и The Defiant. Првиве имаат три раси, Dwarves, High Elves и Mathosian, додека вториве ги имаат Bahmi, Eth и Kelari. Јас се одлучив да играм Kelari, и тоа mage.

RIFT има интересен систем на спојување на класите. Има неколку главни класи, стандардни за овој тип на игри, познати ни се на сите. Е, сега, тука има еден уникатен момент (немам видено слично во друга игра, можно е и да има), а тоа е комбинацијата на 'души' (souls). Јас како мејџ, можев да изберам три додека се левелирав, избрав Pyromancer, Elementalist и Stormcaller. Секоја од 'душите' си има посебни магии и таленти и можни се многу комбинации. Нешто слично како талентите во WoW, само што тука постои можност за разно комбинирање и навистина интересно функционира.

Квестовите на почеток се стандардни. Се тепаат различни суштества, си собираат разни предмети, черепи, некои квестови што бараат нешто повеќе, како на пример да изгасиш пожар или да отидеш таму и таму и да направиш тоа и тоа. Мислам дека тоа е стандардот за секоја MMORPG игра, како и да вртиш, тие се квестовите, а финтата е да си инвентивен и да се обидеш да убациш нешто уникатно. Приметувам дека RIFT се стремат кон истово и добро им иде. Светот е огромен, преубаво изгледа, не е копи-пејст, а видов само две зони до сега и сум пријатно изненаден.

Единствен проблем во моментов, е тоа што има премногу луѓе кои ќе се погодат на истиот квест, па неможеш на ред да дојдеш да утепаш тоа што ти треба за да го завршиш квестот, и се случува цела толпа да оди во исто време да враќа квест, што на моменти е стварно смешно. :) За среќа, нема проблеми со лаг, освен неколкуте кратки паѓања на серверот во првите триесетина минути. Во зонава кај што сум сега, дојдоа и излевелирани играчи (VIP среќници кои можат да играат на сите бета-настани) од спротивната фракција, па видовме и PvP како функционира, кога почнаа да фрштат стрели, мечови, фајрболтови и глави наоколу.

Тоа би било тоа за сега. Имам три дена за тестирање, до сега не наидов на баг или нешто што треба да се пријави, и имам само пофални зборови за Trion Worlds. Допрва ќе се слушa и за RIFT и за компанијава.

Скриншотите инаку, се такви шашави, зошто уште нема опција за правење скриншоти, па морав windowed mode + snipping tool.

No comments: