May 1, 2015

Avengers: Age of Ultron (2015)

Првпат после долго време да отидам на ваков филм со минимални очекувања и скоро без никаква возбуда. Веќе имам некаква мачнина од суперхерои во ваква филмска форма до степен да ми е сеедно. Затоа и пристапот кон Age of Ultron си го сметам за прилично објективен. Пристраноста некако ми ја снема. Да, забавен е, создаден по проверена формула која му го овозможува тоа. Било кој ќе отседи два саати, и дедо ти и внук ти. Функционираше повеќе пати до сега, па не гледам овојпат како би било различно. Прашањето е до кога суперхеројските филмови ќе се водечките блокбастери, и дали бројот на публиката ќе успее да биде вака голем додека Marvel си го остваруваат планот до 2040-та?


Мене ми е веќе заморно. Прво беше онаа прекрасна фаза кога ги создаваа хероите на филм, па се радуваш на Ајрон Мен, па чекаш со години за нов херој, продолжение. Па во еден момент си горд што, не знам, Тор е богот мејнстримот, наместо нешто што не би го допрел ни со стап од далеку. Додека ете, не ти дојде точката на презаситеност. Ништо нема да го повтори првиот пат кога се собраа дел од овие на сликата горе на едно место. Не го ни барав тоа. Ама, не најдов ни нешто што малку ќе ми го одвлече вниманието од спектакуларните Мајкл Беј експлозии и долги хаотични акциони сцени. Ни финтата со Хокај не запали. Единствениот што не доби посебен филм, ниту некаков асален третман претходниот пат. Џос Видон пробува да надомести за тоа, ама делува крајно исфорсирано ако умот ти е подесен да не ти биде многу гајле. Блек Видоу добива(ше) нешто поелегантен развој на ликот.

Кога сме кај форсирање, што беше со хуморот? Океј беа неколку фори, се насмеавме сите, ама после тоа? И, не само тоа. Туку наместо филмот да се обидува да биде иновативен, исполнува желби и поплаки на фановите. Буквално ги гушка и гали ситничарењата на публиката, со оправдувања за тоа кај им се девојките на Тор и Тони, до "моќите" на Хокај и неговата улога во тимот, притоа создавајќи уште еден куп такви "дупки" чие постоење не секогаш е предизвикано од некаква приказна. Јасно ни е Marvel дека Натали Портман е поскапа од Коби Смолдерс. Нема потреба од такви мрзливи објаснувања за каде е ликот.

Пред да помислиш дека само што комплетно се помочав врз твојот нов омилен филм, еве ќе ги разгледаме деловите што беа интересни. Не доволни за да го пуштам пак во следниве триесет години, ама барем ме одржаа буден. Почетокот беше супер. Борбата во Соковија со трупите на Стракер, сцената кога ќе се обидуваат да го кренат чеканот на Тор, тизот со Ваканда, Хулкбастер оклопот.. Првата акциона сцена и Хулбастерот (или "Вероника") ми беа единствените подносливи од тој тип.

Captain America: Civil War е последното што го чекам со некаков ќеф. После тоа, сајонара...

No comments: