May 27, 2015

Најдоброто од High Focus Records

Мислам дека сум толку навлечен на звуците од британскиот High Focus Records што можеш комотно да ми ја земеш целата останата музика што ја поседувам и да си терам вака со нив до смртна постела (или грозоморна сообраќајка / автоеротска асфиксија). Имаат нечуен талент за извоз, а не е грајм и драм ен бејз. Рап е. Рап што допира до публика што не е стрикно раперска, како во случајов, јас. Веќе го претставив главниот адут на High Focus пред скоро, The Four Owls, а имав и можеби неповторлива прилика да ги гледам и во живо. High Focus има петнаесетина артисти кои моментално се столбот на британската хип-хоп сцена. Идејата била да го вратат звукот на девеесетите, златното доба, таков каков што бил одамна исчезнат на тлото на кое егзистираат. Ако судиме по тоа за што важат денес таму, очигледно им успеало. А, чим го читаш ова, некако стигнале и тука до мене. 

Преслушав добар дел од каталогот што го нудат. Нема промашување до сега. Секое име е свежо и се разликува од колегата. Повеќето од нив одлично функционираат и заедно, ете The Four Owls се највпечатливиот пример. Сакам да предложам неколку артисти што ми оставаат најсилен впечаток. Стварите им се достапни по културни цени на сајтот, а ако си ептен циција ги има за најсмешната цена на светот на Google Play Music (два долари албум, така нешто). А, ако си ептен, еееептен стиснат, побарај ми издание, ќе го споделам слободно. Само нека се шири прекраснава музика. 



Ова ми е моментално најјакото што го нуди лејблов, покрај Бувовите. Се двои од целата рап приказна, зошто ова што го нуди не знам дали воопшто може да се нарече рап. Пре би рекол мрачна поезија, исплукана на најубавите матрици на продуцентот Lamplighter. Не му се ни римуваат стиховите секогаш, а звучат течно. Пост-апокалиптични приказни на англиски кој на моменти е прекомплексен и архаичен за моето познавање на јазикот. Ако сивата боја има звук, тогаш тоа е овој на Edward Scissortongue. Мајстор за раскажување ствари што те прогонуваат долго откако ќе ги исклучиш. Ако воопшто успееш да ги исклучиш, нели. Некогаш морав да вртам една ствар неколку пати по ред за да го фатам контекстот и темата. Со секое слушање е сè подобар. Не е за групно уживање, ова си бара да се изгасиш сам со слушалици. Плус, има таков глас, што и упатство за поправање на бормашина на унгарски да ти чита ќе звучи добро.


Како за рапер, никогаш не си го спомнува името во песните, така што можам само да претпоставам како се изговара ова. Веројатно Оно Капоно? Сè друго ми звучи смешно. А, Onoe не е смешен. Не само што едвај има смисла за хумор туку не е од планетата Земја, туку од Катели. Барем така тврди, а албумот од оваа година, Voices from Planet Cattele е доволен доказ дека типот егзистира на друго ниво на реалност, различно од нашето. Еј, чим албумот го нарекуваат Pink Floyd на рап, отприлика можеш да си создадеш некаква слика за што станува збор, така? Сум слушал нешто од она што се нарекува апстрактен и експериментален рап, и одговорно тврдам дека ништо не звучело ни приближно до ова. Самиот концепт, матрици и начинот на кој ги раскажува доживувањата од улиците на лондон до џунглите на планетата Катели е светлосни години над останатото, условно кажано, слично. Имаш слушано Sun Ra? Не е такво, ама тоа ниво на забеган лик го цепа. И, феноменален е. Ако бараш музика што звучи интерпланетарно, не барај подалеку. Ова е тоа што им е потребно на твоите уши и ум.



Морам вака неблагодарно да ги ставам Fliptrix и BVA во еден куп. Fliptrix е основачот на High Focus, типот кој ја има собрано цела оваа екипа што ми ги разубавува деновите во последно време, а BVA му е другарчето од The Four Owls. Одат во истата категорија, зошто двајцата погоре се малку поразлични од "традиционалниот" рап што Fliptrix и BVA го негуваат. Башка, ми одат во комплет зошто двајцата ги запознав заедно како едната половина од The Four Owls. И во живо еј, не знам дали се испрдев доволно со ова. Иако се специјалисти за бум-бап и фанки ритмови, тематски се разликуваат до некаде. BVA знае да е напнат, да се искурчи со други рапери и талентот што му е неоспорлив, сака да си пашне и да си изрецитира за хедонизам, сака да биде оставен на раат.. Fliptrix има и поемотивна страна, со ствари што знаат да те мавнат таму каде што најмногу те боли. По осеќаите. Двајцата се одлични лиричари, имаат вештини на кои може да им завидуваат светски имиња, а сепак остануваат скромно освен кога бесмисмилосно, а верувам и со причина, провоцираат некого. Искреноста е битна на крај, а кај двајцата е толку очигледна што не мора да чуеш многу за да им ја сконташ.

Слушни Fliptrix: See the Sun, Wylin Out, Vultures, Heart Full of Love, Me Against the World
Слушни BVA: Insomnileptic, This Love is Love, I Can't Hear You, Leavin

За High Focus има многу да се зборува и да се споделуваат ствари. Да не го тегнам постов, почит и за Jam Baxter и Dirty Dike. Во следна прилика повеќе за нив и останатaта екипа.

3 comments:

Anonymous said...

Еве уште нешто (за вториот не сум сигурен дека е од лабелот)

https://t.co/Vp6bKyEJED

https://t.co/IoHqBbkoEx

Тој Едвард кине!

Anonymous said...

Еј, сега приметив дека на крајот си го спомнал Дрти Дајк

Бојан Николов said...

Партали е Dirty Dike! Вториов не е од HF, не го знаев.. Фала за препорака! :)