Showing posts with label The Simpsons. Show all posts
Showing posts with label The Simpsons. Show all posts

May 19, 2015

Дваесет и шестата сезона и иднината на The Simpsons

Дваесет и шест сезони, еј. Никогаш годините што ги имале The Simpsons не ми делувале така сериозно додека не почнав да го пишувам ова. Да, отсекогаш биле тука присутни, некогаш си ги следел опсесивно, па си ги игнорирал, а си постоеле во позадина... ама дваесет и шест сезони, еј. Голема бројка е тоа. Тука се од 1989. Голема е веројатноста додека беа на врвот на популарноста, уште да си немал историја како предмет во школо. Толку се стари. Малку помлади од мене додуша, ама јас и онака изгледам како да сум се откажал од животот пред седум месеци. 


Сезонава беше одлична. Имаа супер Treehouse of Horror, што секогаш ми бил најзанимливиот дел во сезона, па беа домаќини на Futurama, и имаа гости како Вилијам Дефо, Илон Маск и Кристофер Лојд. Дури ги примија и Rick and Morty во couch gag-от од финалето. Тоа беше еден од подобрите couch gag-ови што сум ги видел до сега, и ако некогаш успеам да ја направам листата на омилените, овој сигурно ќе е меѓу првите. Повеќе пати го гледав тоа, отколку што траеше самото финале. Иако со по некоја филер епизода, многу подобар и погледлив материјал од оној на Мекфарлејн. Очигледно Family Guy се сега во истата криза и неивентивност кај што беа The Simpsons пред години.

Добри се последните неколку сезони откако почнав да ги следам редовно. Нешто се случи со The Simpsons откако наполнија 20 години. Тука некаде и ги стигнав, кога почнаа да се прикажуваат во HD. Пред тоа, квалитетот беше драстично опаднат, уште беа заглавени во 90-ти со хуморот, а околу дваесеттата сезона имаа и проблеми со главните актери кои бараа повеќе пари за да продолжат. Веројатно тука некаде продукцијата има одлучено дека е време The Simpsons пак да живне, и иако далеку од најславните денови, да не ги валка со мрзливо пишувани епизоди. 

Пред да заврши сезонава, Хари Ширер најави дека ја напушта серијата. Тоа секогаш ме занимало, што ќе се случи со The Simpsons кога некој клучен актер ќе замине. Да, наоѓање на замена која ќе може да ги имитира гласовите што ги позајмувал оргинален актер може да биде решение, ама се сеќавам колку беа бесни критиките кога продукцијата размислуваше за нови актери за некое од враќањата на Futurama. Истото веројатно ќе се случи ако не успеат да го убедат Ширер да остане. Многу гласови се тоа. Брнс, Смитерс, Кент Брокман, Нед Фландерс, Скинер, Лавџој, Лени... листата е огромна. Третина ликови можеби? 

Ако не успеат некако (со многу, многу повеќе пари) да го убедат да остане додека е жив и не ја напушти "природно" серијата, The Simpsons нема да бидат веќе исти. А, веројатно, The Simpsons ќе живеат до моментот кога отиде и последниот оргинален глас.

September 29, 2014

The Simpsons Guy, заедничката епизода на ...океј, во насловов е..

И покрај ривалството кое трае(ше) со години, главно предизвикано од обвинувања дека едната страна ја копира другата, дочекав да гледам Family Guy / The Simpsons кросоувер епизода. Во ниту еден момент не се посомневав дека ќе успее, и покрај тоа што трејлерот што излезе пред месеци, јасно ми даде до знаење на што ќе се базира. Познати финти од двете серии, референци кон некои класични, незаборавни моменти и ситуации, мета-заебанции и нормално реметење за сличностите и потенцирање каде се разликуваат. 

Не добив ништо повеќе или помалку од тоа што го очекував, а тоа што го добив одлично функционира. Забавни 40тина минути, кои веројатно засекогаш ќе бидат запамтени во историјата на телевизијата. А, со оглед на рејтингот и заработката која ја донел на FOX, ништо чудно да се случи некогаш пак во иднина. Сепак, мислам дека ова би функционирало вака добро само еднаш.


Family Guy, иако домаќини на оваа заедничка епизода, се случајни гости во Спрингфилд. Средбата на двете семејства, на почетокот изгледа среќно, секој ќе се поврзе со некој член од другото семејство, барем додека не испливаат некои карактеристики на ликовите кои ќе го затераат односот во некоја друга насока. Со самото тоа што дејствието е сместено во Спрингфилд, на моменти доминираат ликови и ситуации од The Simpsons, меѓутоа сценаристите не пропуштиле да донесат уште по некој лик од сериите на МекФарлејн, па дури и од други анимирани серии на FOX. Нормално, не се сите, имаше некои што сакав да ги видам, но со оглед на тоа што вниманието требаше да биде свртено кон двете фамилии, нема простор за фаќање кусури.

Некаде на пола, доаѓа до кулминација на форите околу ривалството, споредбите и копирањето идеи, каде што конечно ликовите седнуваат во судница пред лик за кој други би рекле дека е "предок" на двете серии. Тука некаде епизодата стана "самосвесна" и експлодираше со мета-хуморот и поенатата дека споредбите треба да престанат. Двете серии се доволно различно созреани, па дури и Family Guy да почнале како копија (со што никако не се сложувам, барем не после толку пати прегледување), одамна идентитетот им е зацврстен поинаку. Да, можеби The Simpsons имаат поголема публика и популарност, но тоа не значи дека другиве се во сенка на тоа. 


Сцената на крајот, иако претпоставувам дека беше неизбежна, секогаш ми делува како да е само колку за да пополни време. Беше интересно првите неколку пати, океј? Но, како и за еден куп моменти во епизодава, секогаш кога ќе се спремев да промрчам за нешто што е очигледно зошто е тука, ќе се појавеше некој лик преку кој сценаристите ќе ми кажеа "океј е, знаеме" и малку ќе ти ја размрдаат перспективата. Самото ова е толку мајсторски направено што ете, ќе се воздржам од некои мали ситни замерки. 

Дали со ова значи дека сериите се "смирија"? Дали воопшто некогаш биле стварно толку "скарани"? Веројатно не. На крајот од денот, профитот и рејтингот е битен на FOX, макар би имале и три различни серии со истите ликови. Тоа што останува на телевизија, не останува (само) поради креативноста. Двете серии си ги имаа своите добри и лоши денови. Family Guy, последниве сезони се катастрофални, веќе не ги ни следам редовно, додека The Simpsons ми се некако пак симпатични, можеби поради тоа што конечно последниве години некако дојдоа во чекор со времето и хуморот што го носи.

October 19, 2009

20 години The Simpsons

The Simpsons го слават својот 20-ти роденден. Цртаната серија која ми го обележа детството, доживеа 21 сезона со вкупно 445 епизоди и еден долгометражен филм, што излезе во 2007. Плус огромен број на игри, стрипови и куп други ствари. Не знам што се случува денес со серијата, не ја следам редовно, имам гледано негде до 17-та или 18-та сезона, а првите 10 сезони ги имам гледано најмалку три пати, уште кога ги даваа на телевизија.


Дома ги имам до 18-та сезона, знам да си пуштам некоја епизода од време на време, особено старите кои голем дел ги знам на памет. Хуморот не може да се мери со генијалноста на Family Guy или South Park, но ликовите тука ми се подраги од било кои други и баш поради тoa, серијата ми е секогаш интересна. Квалитетот е одамна опаднат, меѓутоа гледам дека и понатаму си фураат и успеваат да задржат доволно публика за уште сезони. Не верувам дека имаат нешто ново да понудат, ќе ѕирнам баш кога ќе немам нешто друго за гледање, а сигурен сум дека ќе траат повеќе од било која друга анимирана хумористична серија која се прикажува денес.

По овој повод, фановите ќе може да земат учество на натпреварот во создавање на нов карактер кој ќе стане дел од серијата.