Има една легенда во Холивуд позната како Superman Lives. Несуденото филмско враќање на Супермен по неславното заринкување во кал на Кристофер Рив ерата, во режија на Тим Бартон. Сценариото претрпело неколку ракописи, најзначајниот веројатно на Кевин Смит, а Супермен костимот му припаднал на Николас Кејџ. Освен анегдотите што Кевин Смит ги раскажувал повеќе пати низ годиниве и една крајно сомнителна слика од Николас Кејџ во најпластичната кинеска варијанта на костимот што изгледа како набавена од локалното пазарче, пошироката јавност немаше прилика да биде фасцинирана (или згрозена) од мамутскиот проект што не успеал да ја дочека премиерата во 1998. Warner Bros, осакатени од низа неуспешни филмови што сериозно ги удриле по џебот, одлучуваат да го спречат ризичното полетување на Superman Lives, оставајќи го само ехото кое до ден денес одекнува во подлабоките слоеви на поп културата.
Деновиве излезе документарецот The Death of "Superman Lives": What Happened? каде што Џон Шнеп решава да навлезе подетално во она што светот никогаш не успеал да го види. Низ интервјуа со луѓе директно инволвирани во продукцијата на Superman Lives и архивски снимки од Николас Кејџ и екипата задолжена за бројните варијанти на костимите кои требало да ги носи, Шнеп ги вади на маса сите тие кокаински импулсивни идеи давајќи им сосема поинакво светло од тоа што мене ми беше познато за филмот. WB не само што сакале да создадат верзија на Супермен која едвај би имала некаква поврзаност со ликот и Кристофер Рив во спандекс, туку нишанеле кон научно-фантастичен еп кој би бил поблизок со Star Wars и The Matrix отколку со денешните, а и тие претходно видени, суперхеројски шаблони.
Делумно базиран на култниот The Death of Superman стрип, филмот ќе бил преполн со сцени на Криптон, "жив" костим (Eradicator?), поларни мечки-чувари на Fortress of Solitude, Думсдеј, Брејниак и Кевин Спејси или Кристофер Вокен како Лекс Лутор. А, да, и џиновски пајак со кој Супермен би се борел на крајот, по инсистирање на продуцентот Џон Питерс. Во сценариото на Кевин Смит, имало и сцена каде што по смррта на Супермен на почетокот на филмот, Бетмен им се обраќа на граѓаните на Метрополис. Според зборовите на Кевин Смит, шансата за ваквото појавување на Бетмен, била една од причините што ја прифатил понудата да пишува. Џон Шнеп конечно му ја исполнува желбата во документарецот.
Студиото го најмува Бартон како режисер, по репутацијата стекната со Batman и Batman Returns. Но, овој пат предизвикот бил многу поголем, а освен некои точки како џиновскиот пајак, Супермен да лета и да не го носи препознатливиот костим (кои Џон Питерс некако во документарецот пробува да ги демантира), студиото имало одврзани раце и огромен, огромен буџет. Биле најмени тимови за дизајн на костими и реквизити, цртачи за концептуалниот изглед на Метрополис и разните вонземски сили против кои Супермен би се борел, чудни одлуки за актери и претпоставувам психотропни супстанци во огромни количини, зошто нема шанси вакви идеи да ти доаѓаат од друг извор.
Кога ќе ги видиш сите тие концепти и ќе чуеш што се случувало зад завесите, Superman Lives станува уште поинтригантен. Иако технологијата во 1997-1998 била нешто послаба од ова што денес е возможно, од технички како и финансиски аспект, верувам дека одлично ќе се снашле со сè што наумиле да исфорсираат. Но, идеите кои евентуално би ја поделиле публиката, или па мнозинството потребно да се оправда огромната бројка фрлени пари би ги отфрлило инстантно, не се ни малку проблем колку господинот Николас Кејџ лично. Кејџ можеби е талентиран актер, но можеби и е холивудскиот Марјан Стојановски. Tаа тема си повлекува посебна дискусија, меѓутоа во никој случај не е ни приближно добар избор за Кларк Кент/Супермен. Дел од она што Супермен го претставува како симбол, е и неговиот физички изглед. Колку и да одиш со поинаква визија за ликот, не бираш нешто комплетно спротивно што се вика Николас Кејџ. Ги разбирам аругментите за Мајкл Китон и Хит Леџер (за Бен Афлек уште не, прости), ама Николас Кејџ? Доволно е да ги видиш пробните снимки и станува појасно. А, варијантата на Кларк Кент е уште поалармантен момент.
За жал, или за среќа, никогаш нема дали финалниот производ денес ќе беше каде што е сега Batman & Robin на Џоел Шумахер или создавањето на суперхеројски филмови ќе отидеше во некој поинаков правец. Но, сепак на крајот, пак живееме во свет каде што Николас Кејџ бил Супермен на овој или на оној начин и тоа е сосема доволно. Можеби не со интензитетот на Џорџ Клуни како Бетмен, но сепак Брајан Сингер имал слика од Николас Кејџ облечен во смешниот Супермен костим за да им покажува на присутните на сетот на Superman Returns како не треба.
No comments:
Post a Comment