November 14, 2014

"Само тие постовите за WoW не ти ги читам"

Лансираше Warlords of Draenor, петтатa World of Warcraft експанзија. Си ги однесовме дома кутиите пресреќни, додека брадавиците ни експлодираа од восхит. Паралелно со тоа, експлодираше и самата игра, со отварањето на серверите после полноќ и преминувањето низ Темниот Портал. Бесконечно чекање ред за влез на самиот сервер, констатен лаг, нефункционално инстанцирање на гарнизоните, багови и паѓање на конекции. Нешто што повеќе прилега на алфа верзија или лош руски пиратски сервер, отколку на најпопуларната MMORPG игра на сите времиња. Дали Blizzard биле технички неспремни за волку народ, дали има некој катастрофален код што ја крши мазноста на играта, и дали воопшто некако ќе се оддолжат за тоа што пола Европа и свет не може да игра нормално веќе втор ден, се само дел од прашањата кои разбеснета милионска топла ги поставува по нивните форуми. 


Моето искуство не е ништо поразлично. Мислев дека непријатноста завршува по неколкучасовното чекање да си влезам на мојот сервер, кој за беља се вика Draenor и е преполн. Поради популарноста и големата популација од претходно, а и тоа што ете, очигледно голем дел од луѓето сакаат да играат на сервер што се вика како експанзијата. За среќа, има бесплатен трансфер на друг од тука, па ќе избегам кога асално ќе се поздравиме со гилдот. 

Играта технички функционираше до оној момент кога завршија воведните квестови во новиот свет и дојде на ред градењето на Гарнизонот (намерно го пишувам со голема буква). Гарнизонот е сопствена база за секој играч, која функционира како мини-игра од оние што тетка ти ги клика на фејсбук. Си градиш градби, си ги левелираш, си прибираш ресурси, си собираш NPC-ја што ги праќаш на мисии кои ги извршуваат во позадина. Не е класичниот инстанциран player housing, но од првиот впечаток делува многу полошо од тоа. Кај што не е баш опционален, ти го натураат за прогрес на карактерот, туку не ни функционира во моментов. Башка е на фиксна локација, за разлика од други игри, пример RIFT, каде што можеш на различни места низ светот да си имаш место кое ќе си го викаш дома. Главниот проблем на Warlords of Draenor во моментот на пишувањето на постов е баш тоа, што наместо да го инстанцира секој играч посебно, ги дава сите на едно место во Гарнизон каде што нема ништо друго освен изнервирани играчи што пцујат цело време. Како на скриншотов доле.


Оној игрив дел што го видов од WoD е феноменален. Дизајнот и масивноста на зоните, амбиентот, музиката, приказните... направи да се осеќам слично како првиот пат кога стапнав во Азерот. Ако тогаш препознавав локации и моменти од Warcraft III, тука е слично, со тоа што препознаваш историски моменти и Outland. Делува стварно фасцинантно ако ти се познати сите тие ствари. Добро, дури и да не ти се. Единствена замерка, која можеби и не е на место, е тоа што постојано се присутни ликовите од приказната. Добар дел од времето ти се инволвирани во квестовите, што донекаде се создава некаква линеарна траекторија која можеш, ама па и не мора да ја следиш. Затоа најдобриот момент ми беше кога се багна Гарнизонот првиот пат, па морав да шетам во практично празен свет додека чекав да се оправи. Баш како во времето на пиратските сервери, кога левелирав само за да преживеам во следната зона што сакам да ја посетам.

Жалосно е што можеби најдобрата WoW експанзија (од The Burning Crusade.. и WotLK навака) го има најлошото лансирање на ММО игра што сум го видел. Верувам дека цел Blizzard е кренат на нозе моментално, од програмери, систем администратори до техничка поддршка, и се справуваат со проблемиве како што најдобро знаат. Што и да е причината, се надевам дека ќе се оправи ова викендов, за играта да може нормално да функционира за сите. Ќе пишам нешто повеќе кога ќе се случи тоа.

No comments: