June 1, 2013

Зараза на месецот: Path of Exile

Океј, месецот само што почна, така што насловот нека се однесува на овој што пројде. Паузава од WoW ме натера да си барам некаков ММО фикс, па затоа пробав повеќе различни игри периодов. Повеќето и не се вредни за спомнување, освен Neverwinter каде што најмногу се задржав пред да се решам пак за Path of Exile. Neverwinter можеби и заслужува посебен пост, меѓутоа немам баш многу време за пишување. На кратко, играта е генерално добра, со некои недостаци на кои ќе замижам зошто сеуште е бета. Веќе си има своја публика и гради оргомна база на играчи, но дефинитивно не е за секого. Со секое играње некако различно ја доживував, малку ја мразев, повеќе ја сакав и секако треба време за да легне. Во ред, ако не почнам да играм нешто друго во меѓувреме, ќе напишам пост - сега сакам да зборувам за Path of Exile.


Лани учествував во затворената бета и ме воодушеви. Одлична графика, згодна механика, интересна палета на класи, и башка капнале многу од Diablo дрогата. Сега ја затекнав играта во отворена бета, каде што е уште подобро исполирана од претходниот пат. Си тераат разни лиги со бодување, преполно е со играчи и делува некако покомплетно. Ги задржале сите работи кои ја правеа толку добра, зошто очигледно формулата се покажала како успешна. За разлика од тогаш, сега навлегов малку посериозно и активно левелирам. Играм Ranger и планирам да ги пробам сите останати класи кои ми се слизнаа, веројатно во некоја друга лига покрај стандарната. 

Path of Exile ја прави мала компанија од Нов Зеланд, Grinding Gear Games. Дечките се толку фер и посветени, што играчите коментираат дека срамота е ваква добра игра да е бесплатна. Иако користи микротрансакции, воопшто не се безобразни како поголемиот дел на пазарот. Засега, како играч кој нема дадено долар, а пет долари за поддршка на квалитетни девелопери не е ништо, воопшто не осеќам дека нешто ми е скратено. Играта може да се игра сосема бесплатно, без некои буљашки рестрикции. Доколку продолжи ова и во иднина, GGG ќе можат комотно да се носат со Riot Games.

Играта има 100 левели вкупно, а моментално има само еден играч од Европа кој го има постигнато овој максимум. Досега, не сум видел како изгледа групирањето за данџни и таков мултиплеер контент, ама еве пробувам да навлечам неколку другари со кои би играл. Path of Exile, во секој случај, функционира одлично и како сингл-плеер игра. Барем до сега, во Act I, немав потреба од други играчи. Единствената замерка инаку, ми е тоа што приказната е некако оскудна. Од истиот синдром страдаше и Torchlight кецот, но подоцна научија лекција. Очигледно GGG се сконцентрирани на самиот гејмплеј, па приказната им е некако во втор план. Но, постојано се работи на подобрување, па верувам дека и овој дел од играта ќе добие асален третман. Во време каде што игрите од овој жанр се реткост, Path of Exile упорно тера кон врвот.

No comments: