January 10, 2015

Новите DC: Batman Endgame (#35-#37) и Batman Annual #03

Бев решен да оставам време пред да допрам било што Бетмен од Снајдер и Капуло после Zero Year. Некако не ми кликна како што треба уште од самиот почетокот. Приказната беше досадна, цртањето од просечно кон лошо (барем според мојот вкус и она на кое ме навикнаа), а потенцијалот на Ридел некако сомнително искористен. Пред некој ден за роденден ги добив The Court of Owls и The City of Owls, колекции собрани од една од најдобрите Бетмен приказни кои некогаш сум ги прочитал и за која пишував претходно, во неколку наврати. Она што Снајдер и Капуло го направија со Night of the Owls ќе ми остане запамтено како едно од најдобрите Бетмен искуства до сега. Тоа и ми ја врати желбата да видам што се случува моментално со овој наслов и со ова дуо. 


Три прочитани броеви од Endgame аркот, заедно со Batman Annual #03 и еве ме назад, чекам ново. Имав скроз заборавено сè што знаев за Endgame од претходните најави, така што неколку пати бев прилично изненаден од она што се случува. Првиот број, Batman #35, отвара со накурчени Justice League кои се решени да го убијат Брус Вејн. Ни самиот Бетмен не знае зошто, ама може да примети дека тоа е целта на секој JL член. Мислиш дека ти си имал лош ден? Епа, замисли како е да си приморан да се браниш од Аквамен! За среќа, има дизајнирано борбен оклоп наменет за да се справи баш со цело ова разбеснето друштво. Бетмен е. Секогаш планира чекор понапред. 

Тука некаде почнува да ми се раѓа некој сомнеж, нешто не ми е како што треба. За кратко сфаќам дека читам Џокер приказна, и со секоја наредна страница од тие три броја, ми станува јасно дека Снајдер и Капуло полека се враќаа на она на кое ме навикнаа. Не само што буљашите го вратија Џокер, туку го планирале уште одамна, после Death of the Family и оној досадниот Batman Annual #02 од пред година и пол. Џокер бил присутен и пред очите на Бетмен цело време. Откритието не беше толку шокирачко колку мотивот на Џокер овој пат. Смета дека неговата "негувана" врска со Бетмен не е како претходно и не е баш задоволен. Можеби не е толку физички одвратен како претходно, ама стварите што ги прави се прилично гнасни. Се расфрла со психолошки терор, методите му се побрутални и некако не му до заебанција како претходно.

За да биде целосно јасна сликата за оваа верзија на Џокер, да бидеме убедени е дека многу, многу повеќе од умоболно копиле, тука е Batman Annual #03. Наменет да делува како Endgame tie-in, раскажува за она што би се случило ако Џокер ти се наметне како "другар". Опсесивно, манијакално и на моменти крајно одвратно и тажно. Онака, ќефски е кога гледам како Тајнон успева да ги надмине ветераниве како Снајдер некогаш, баш оние од кои учел. Дечкото има невиден талент и мило ми е што гледам дека станува сè подобар и подобар со ствариве што ги пишува. Единствено цртањето на Џокер тука ми беше малку чудно, но со самото тоа што приказната скока низ различни временски периоди, овој "потрадиционален" изглед некако успева да се вклопи. 

Остануваат уште три броја од Endgame. Не верувам дека ќе има некаков историски крај, знаеме сите дека нема шанси било кој од овие двајца вечни непријатели да се тргне од сликата. Но, ме занима како ќе се развие овој најнов конфликт, до каде ќе тераат со гневот на Џокер, со психопатската страна на Брус Вејн и дали воопшто ќе се случи нешто големо. Последен пат кога тоа "големо" требаше да се случи, а не се случи, беше во Death of the Family, па затоа не би избрзувал со претерани очекувања како тогаш. Сега за сега е супер. Второто полувреме ќе реши дали Endgame ќе влезе во друштвото со Night of the Owls.

No comments: