August 31, 2016

Глупавата судбина на Wаrcrаft

Излезе Legion. Ама, не сум сега тука за да зборувам за тоа. Кога ќе пројде доволно време и ќе си потврдам дека ендгејмот не е катаклизмички, тогаш сигурно ќе ги наквасам елфовите во зелениот Фел. Во меѓувреме, ајде да се фатиме цврсто за раце и да се соочиме со фактот дека Warcraft филмот е последниот во франшизата која изгледа стигна до крајот уште пред да почне. Сега откако е напуштена и последната кино сала, продукцијата се пребројува и ги крпи евентуалните загуби, а топлото чувство го снемува од стомаците на оние што го сакаа од првиот ден, време е за трезвена дискусија околу тоа што се случи и што носи иднината.


Прво, и по веќе не знам кој пат, да ја соопштам мојата длабока емотивна наклонетост кон филмот. Се заљубив уште пред да се случи. Го познавав материјалот доволно за да знам што да очекувам. Како што се наближуваше летово јасно ми беше дека тоа е тоа што го барам од тој универзум со години и некако бев убеден дека ќе ми се допадне тоа што ќе го добијам. Затоа секоја минута ми беше епска. Бев и во Софија за повеќе од истото. Откако подоцна се појави солидна пиратска снимка и филмот ми беше достапен и дома, можев да го засакувам повеќе со секое ново гледање. 

Наскоро Warcraft ќе биде официјално објавен на ДВД и Блу-реј и заедно со таа вест од последниве денови, пристигнаа и некои помалку забавни. Данкан Џонс конечно потврди дека нема да има друга верзија од филмот. Ништо од тие дополнителни четириест минути зошто воопшто не биле ни довршени. Некогаш постоела долга верзија, меѓутоа поради барањата на студиото за кои Џонс првпат огорчено прозоборе деновиве, од тоа се останати само сцени без комплетирани специјални ефекти кои ќе се објават како бонус. Исто така спомува дека едвај се убедил да му дозволат да направи филм кој нема да завземе некоја страна од фракциите. 

Првата замисла на студиото била да ги прикаже Орките целосно како негативци. Но, добар дел од идеите што ги имал не успеал да ги спроведе со одврзани раце. Крајниот резултат од мешање на луѓе од други бранши во филмска уметност не испадна толку очаен како Suicide Squad, но сепак голем дел од публиката одлучи дека не е тоа што сака да го гледа. Барем американската, каде што Warcraft едвај оствари профит. Сакам да верувам дека критичарите што го распнаа филмот уште пред било кој да стане во кино се одговорни за креирање на таа негативна перспектива, ама тоа е тема за некој следен пат. Филмот одлично помина во Азија, а бројките изгледале супер и во Европа.

Денес, после цело лето молк околу продолжението и дали воопшто ќе се случи, пак се истите муабети. Азиската публика, особено Кина, го обожава филмот. Постави рекорд за најгледан филм во нивната историја. Таму и го оствари најсериозниот профит што го спаси студиото од поголеми загуби. Затоа, единствената надеж за Warcraft е некаде на 8000 километри од твоето најблиско кино, зошто доколку би имало следен филм, би бил објавен само таму. Што исто така мислам дека е далеку од реализација, освен ако не се надеваат на некој профит од продажбата на официјалното издание следниве месеци. Има ли воопшто простор за продолжение?

И, пак. Не ми е јасно што видов во филмот што не го видоа другите? Дали се случи менталитет на стадо обратен од оној кога фуриозно мастурбиравме во кругче на Star Wars: The Force Awakens или на трејлериве за Rogue One? Каде конкретно се сјеба филмот за и дел од публиката да ги следи критичарите во групното каменување? Нека ми објасни некој зошто еве, стварно не знам.

2 comments:

Unknown said...

Niche филм е. Претпоставувам кремот на критичарите врска немаат што е WarCraft, или барем не им претставувал значаен дел од детството (види: животот), така што немаат никаква шанса да го почувствуваат филмот како останатиот плебес. А и сепак, не е крај на светот. Ова е само byproduct, вистинскиот WarCraft си останува таму некаде позади 7 бинарни планини и мориња.

silfiriel said...

Зошто не ме бендиса?
Да почниме со “графиката“, иако изгледа фантастично, не знаеш дали гледаш филм, анимација или видео игра. Истовремено сè изгледа реално и ништо не изгледа реално, особено сцените со орките и реални снимки од природа, изгледа крајно неприродно и аматерски.

Актерската екипа. Нема актер постар од 40 години, а сите изгледаат ко да имаат 25. Си треба диверзитет. Тешко е да замислиш дека Лохтар е било чив татко. Бен Фостер е Медив(а)??? Ја играв само Воркрафт 3 ама воопшто не го замислував онака. Исто се гледа дека штеделе на актери или поскапите не сакале да учествуваат.

Приказната. Постојано нешто се случува од сам почеток па се до крајот, нема воопшто вовед во ликовите, мотивите се неубедливи пошто некои се претставени само со една реченица. СУм видел многу полошо претставени приказни, па да речиме дека колку-толку имаше некаков си ред, меѓутоа приказната останува незавршена, колку и да се надеваш на сиквел не може да оставиш онаков расплет помеѓу Гарона и Лохтар особено ако публиката знае што било и како било.

Премногу магија. Иако видео играта е таква, ликовите користат магија премногу, губи од мистика и на значење во приказната.

Ииии не ми текнува повеќе, меѓутоа стварно изгледа ко филм кој заслужува само ДВД издание.