Помина месец и некоја недела откако излезе првата RIFT експанзија, Storm Legion. Лично, ја чекав со нетрпение долго пред воопшто да ја најават. И, после еден месец, конечно стигнав до 60-ти левел. Со оглед на минималното слободно време што го имам за играње, успеав да видам добар дел од експанзијата. Асално можев да седнам еднаш во две недели, а под асално мислам на повеќе од два саати дневно. Генерално, Storm Legion е солидна експанзија, меѓутоа има и одредени недостатоци кои ќе ги спомнам понатаму.
Една од најбитните работи кои мора да ги спомнам за RIFT, е дека е единствената игра која успеа да преживее со моделот на месечна претплата и да продаде експанзија. Иако е рано да се зборува, сеуште се држи океј, па дури собра и награда за најдобра експанзија за 2012.
Trion го проширија светот со два континенти кои се поголеми од светот кој е дел од оргиналната игра. Новите континенти се поделени на десетина зони, чиј дизајн е најмоќниот сегмент од целата експанзија. Доколку стариот свет делуваше клаустрофобично на моменти, овде е сосема поинаку. Зоните се сериозно добро изработени, полни со детали и места за посетување. Дури и тие што изгледаат мрзливо (има две-три кои можеле комотно да се спојат во една голема), си имаат одредена убавина. А, со целиот суптилен СФ, RIFT успеа да си создаде идентитет, кој успешно ја двои од останатите игри.
Иако светот е огромен, Trion заринкале кога дошло време истиот да се пополни со содржина. Темата на експанзијата е Crucia (змејот на Воздухот) и нејзината армија, Storm Legion, и тимот за развој на приказната и квестовите, мислел дека тоа е доволно. Речиси во секоја зона, слична тема и непријател се присутни, па некако престанува да е интересно после седмиот пат. Покрај тоа, Trion воведува Carnage квестови кои дополнително ја влошуваат ситуацијата. Што се Carnage квестови? Сите оние "Убиј X свињи" кои се стандарден елемент од секој MMORPG наслов, тука се добиваат автоматски. Кога ќе убиеш одредено суштество што се шета рендом низ светот, се активира Carnage квестот кој бара да убиеш уште 15 исти такви. Без оправдување, без приказна. Кога веќе убивам 10 џиновски пајаци, сакам да знам зошто. Читам квестови, сакам RPG. Со Carnage квестовите, Trion го сведува грајндот на најлошото можно ниво.
Останатите "нормални" квестови се поврзани во една голема приказна, посебна за секоја зона. Механиката им е подобрена во однос на сличните квестови од оргиналната игра, меѓутоа приказната е претежно бледа, да не речам досадна. И, плус тоа, има само по еден таков ланец во секоја зона, па изгледа некако лимитирано. За разлика од WoW каде што во една можеш да следиш повеќе различни приказни. Не само WoW, дури и оргиналната RIFT функционираше така.
Акцентот е ставен на Димензиите, player housing кој го нуди експанзијата, ама па за тоа имам уште помалку време. Моментално во тек е Fae Yule фестивалот и има еден куп тематски ситници што може да се искористат во Димензија. И да, овогодинешниот Fae Yule е многу подобар од лани, има дури и трка со санки. Инаку, од целата експанзија ми остануваат уште две цели зони во кои не сум стапнал. Од новите данџани, влегов во два. Од Storm Breaker Protocol излегов разочаран и сеуште останува најомразената инстанца во цела игра. Целиот концепт изгледа интересно (играчите управуваат со Mecha роботи), меѓутоа реализацијата и механиката се фрустрирачки. Затоа и ретко кој има нерви да го заврши до крај. Од рејдовите ништо немам видено, веројатно и нема во брзо време. А, за новиот Warfront ќе зборувам во посебен пост.
Е, сега што ми направи ќеф. Ивентите во зоните се одлични, најмногу поради тоа што играта е сега преполна со играчи. До тој степен што некогаш и ми сметаше. Новите Рифтови, Hunt рифтови го носат и тој дел на друго ниво и се супер освежување од класичните. После 60 левел, има разни варијанти, со различни предизвици и наменети за поголеми групи. Onslaught модот (tower defense) е пристуен и на новите континенти во феноменално издание. Од новите класи, играм само дел од Harbinger (главниот soul ми е Warlock сега) и интересно е.
Музиката за жал е очајна. Има само две различни траки, една за еден континент. Може да има и три, само што јас упорно слушам една иста музика тука. Trion никако не ја научи таа лекција. Сакам да верувам дека ќе го корегираат ова во иднина, зошто ја прави играта да изгледа недовршено уште толку. Да не спомнувам колку багови имаше првите две недели, и покрај успешното лансирање со минимален лаг (освен првите неколку саати).
Trion веќе одбраа правец за RIFT и тоа јасно се гледа. Само што некогаш премногу се трудат да ги задоволат сите играчи, па денес играта во одредени делови изгледа како монструозна крпеница. Има за секого по нешто, но крателе и додавале кај што сериозно немало потреба. Јас сум претплатен до септември следната година, па има шанси да ме убедат дека и во иднина ќе остане мојата примарна МMORPG зараза.
No comments:
Post a Comment