Showing posts with label DCnU. Show all posts
Showing posts with label DCnU. Show all posts

September 28, 2025

Swamp Thing на Скот Снајдер

Скоро го препрочитував Swamp Thing на Скот Снајдер и се шокирав кога ги видов датите на издавање. Неверојатно е дека поминале четиринаесет години од Новиот 52 универзум, кога DC ги ресетираа сите нивни стрипови и приказни и ги почнаа пак од прв број. Меѓу тогашните тазе 52 наслови се најде и оваа хорореста приказна, која всушност беше и моето прво прописно запознавање со ликот. Со должна почит кон легендарниот Saga of the Swamp Thing на Алан Мур што отпосле го читав, оваа итерација на Скот Снајдер некако уште ми е најдрага, особено Raise Them Bones аркот.

Влијанијата од Алан Мур се очигледни, веројатно не ни можеш да ги прерипаш, меѓутоа Снајдер создава свое дело кое лесно успева да процвета во постоечкиот обновен свет каде истовремено покрај вакви чудовишта опстојуваат и суперхерои како Бетмен и Супермен. Паралелно со Swamp Thing, Снајдер го пишуваше и водечкиот Batman наслов со веќе култните The Court of Owls и The City of Owls, па јасно е дека DC знаеле кому да го доверат ова. Апсолутен мајстор на занаетот, а низ годините што следеа се докажа како таков во повеќе прилики.

Неговиот Swamp Thing има осумнаесет броеви собрани во три колекции, заедно со специјалните, a последната вклучува неколку изданија и од Animal Man на Џеф Лемир кои го сочинуваат кросоверот Rotworld, по кој Снајдер му го предава пенкалото на Чарлс Соул. Снајдер вешто се снаоѓа со предизвикот да го продаде ликот на чудовишниот Свомп Тинг на публика која за првпат се среќава со него, концептите околу и негативците како Антон Аркејн што му ја матат водата во мочуриштето.

Според митологијата на Swamp Thing, во светот постојат неколку конфликтни мистични елементални сили кои претставуваат различни аспекти на универзумот, животот и смртта. Меѓу нив се Зеленото, кое го опфаќа растителниот свет, Црвеното што е целиот животински свет сосе луѓето, додека Гнилежот ја претставува смртта и распаѓањето. Овие елементални сили имаат сопствени аватари кои во суштина се нивната физичка манифестација. Многу е покомплексно и поинтересно отколку што го објаснувам, ама во кратки црти отприлика вака се поставени работите. 

Свомп Тинг е аватарот на Зеленото. Историски, најчесто e ботаничарот Алек Холанд, кој по сплет на околности се трансформира во вакво мочуришно чудовиште. Во некои итерации технички и не е самиот тој, туку се затекнува мртов во ситуација каде што аватарот ја презема неговата свест за да се изгради. Снајдер нуди малку поинаква варијанта на оваа приказна и наоѓа друг начин да го претвори Холанд во Свомп Тинг, без притоа да ги изгуби клучните својства на ликот. 
 
Не дека немаше драстични редизајни во Новите 52, меѓутоа овие како Свомп Тинг што не се од главната постава можеа да претрпат сè и сешто без да галамат читателите. Затоа и ќе приметиш колку Снајдер е креативно опуштен со пристапот овде и како целото е ќефски создавано со љубов. Не дека неговиот Batman е нешто помалку префинет, ама ваквите "помали" наслови повеќе трпат експериментирање со формата. Правилата можеби се посродни за суперхеројските наслови, но во ниеден момент нема да осетиш дека хорор штофот на Swamp Thing трпи поради нив. Напротив, Снајдер и таму оди далеку, а тимот цртачи маестрално ја пресретнува целата гротеска на приказните баш како што прилега.
 
Иако целата приказна убаво се заокружува во целина, некако повеќе ми лепат првите два арка. Rotworld финалето е супер, меѓутоа лик како Свомп Тинг ми е многу поефективен во компактни поинтимни приказни наместо глобални апокалиптични настани, без разлика на важноста што ја има во нив. Ништо против голем акционен спектакл, ама доаѓа малку нагло во споредба со поумереното темпо на претходните две приказни иако и тие градат кон ова. Не дека е вистинска замерка ова, повеќе е лична преференца секако. Може следен пат ќе го прелистам и Animal Man аркот од Rotworld за другата перспектива.
 
Swamp Thing на Снајдер во секој случај е феноменален и апсолутно вреди да се прочита. Дефинитивно е меѓу најдобрите наслови што излегоа од 52 ерата. Одличен авантуристички хорор, визуелно е бескпрекорно, па дури и романтичниот момент со Абигејл Аркејн е фино скоцкан, нешто што многу од 52 насловите често знаеа тромаво да го изведат. Не верувам дека постои подобар модерен вовед во Свомп Тинг. Raise Them Bones комотно би можел да го препорачам и пред тие на Алан Мур, чисто за појасен контекст, иако како литературни дела тонално многу се разликуваат. Ги стокмив и тие на Чарлс Соул за читање, ми се отвори некој апетит за Swamp Thing. Ги немам читано неговите, а знам дека малку го припитомува наративот после ескалацијата во Rotworld
 
Види такоѓе:

February 12, 2017

Bаtmаn: Тhе Dаrk Knight на Дејвид Финч

Во оној Морисоновски Бетмен период околу 2010-2011, Дејвид Финч, покрај ангажманот да го редизајнира џиновскиот лилјачки костум, добива и сопствен наслов каде ќе има целосна слобода да се курчи со неговите артистички и сценаристички вештини. The Dark Knight, замислен и како средство кое ќе ги врзе настаните помеѓу Black Mass и Batman Incorporated, трае вкупно пет броеви собрани во томот Golden Dawn, пред DC да одлучат дотогашниот континуитет да го претворат во новиот 52 универзум. Еден од насловите кои ја преживуваат таа трансформација е и The Dark Knight на Финч.

Кога лансираше 52, се дограбав и до првиот број на новиот Batman: The Dark Knight, кој памтам дека ми се допадна, приказната што ја нудеше, подоцна падна во сенка на она што тогаш Снајдер и Капуло го правеа со Court of Owls. Не успеав да се фокусирам на овој Бетмен на Финч, сè до пред некое време кога седнав и ги исчитав сите триесетина броеви. Финч го напушта серијалот некаде после вториот арк со Скеркроу, Cycle of Violence, кој е и главната инспирација за овој пост. 


Но, пред да навлезам во Cycle of Violence, мора да се обидам да го доловам тонот на раскажување што Финч го сетира во Golden Dawn, каде што всушност целиот серијал ја наоѓа основата. Пристапот во The Dark Knight кон Бетмен е секогаш поинтимен во однос на она што паралелно се случува во останатите Бет-наслови. Барем размерот на настаните дозволува таква изолација, каде што фокусот е повеќе насочен кон мотивите на ликовите, отколку стремежот да се раскаже "eпска" приказна. Еден од тие штосови кои Финч ги користи во првите аркови, а и неговите наследници во серијалот се токму тие флешбеци од минатото кои го движат Брус во денешните случувања.

Golden Dawn се присеќа на едно девојче од детството на Брус, Дон Голден, ќерка на пријатели на Вејнови. Иако е дел од животот на Брус пред и кратко после смртта на неговите родители, подоцна ја среќава сè поретко. Еднаш му го крши срцето во студентските денови, а денес се води како исчезната, во мистериозен случај во кој како Бетмен, сеќавањата за неа се претвораат во опсесија. Корените се во чудната емотивна врска со Голден, кој датира кратко откако ги губи родителите. Уште како дете, наоѓа некаква мала утеха во нејзиното присуство и темперамент, дури и ѝ простува што небрежно ќе се "ослбоди" од подарок кој тој го добил од нив, кратко пред Џо Чил да му го отвори патот кој денес го чекори.


Бетмен е едноставно фиксиран на идејата да заштити нешто од неговите среќни денови по секоја цена, а Финч, познавајќи ја природата на ликот, мошне елегантно го изведува тоа. Приказната во петте броеви на Golden Dawn повремено ги напушта рамките во кои се обидува да се задржи, истражувајќи некои натприродни територии кои се само дистракција, меѓутоа е доволно забавна за да прогледаш низ прсти. А, кога веќе сме кај гледање, цртежите на Финч се феноменални. Го обожавам неговиов Бетмен, штета што на почетокот на DC Rebirth патеше од ужасни сценарија и концепти.

Заедно со новите 52, Финчовиот The Dark Knight започнува од ново, со арк кој сега е собран во Knight Terrors колекцијата. Финч сценаристичките должности ги дели со други колеги, за на крајот целосно да го препушти пишувањето на Грег Харвиц, пред конечно да се повлече и како цртач. Knight Terrors е фина приказна. Амбиентот и начинот на раскажување делумно потсеќаат на Arkham игрите, што лично мене ми е сосема океј, иако пошироката публика не е толку добро настроена. Да, на моменти е како колаж од негативци и членови на Џастис Лиг, меѓутоа ја сакам едноставноста и лесниот пристап. Дури и Скрекроу го има, кој после неколку броеви добива и главна улога во посебен арк. Сепак, Knight Terrors се одбидува да се одвои малку од Golden Dawn, но сепак да ја задржи таа сировост.


Крунисувањето на The Dark Knight мене ми е Cycle of Violence аркот, заедно со оној #0 број што DC решија да го доделат на сите наслови после десетина броеви. Скеркроу киднапира деца низ Готам за да го тестира новиот токсин што предизвикува страв. Немам читано многу приказни со Скеркроу, можеби затоа и ова толку ми се допадна. Ликот е одличен за хорор сетинг, а Cycle of Violence го користи потенцијалот во целост. Самиот Скеркроу е доволно морбидно нацртан за комплетно да се вклопи во она што Харвиц го има замислено. Од тоа што го имам видено до сега, овде лежат најдобрите цртежи на Финч. Парот совршено функционира, и баш е жалосно што публиката и ова некако успеа да го отфрли. Разбирам каде точно аркот отскокнува од треакторијата, но лично, воопшто не ми пречи.

Веројатно не е возможна добра Скеркроу приказна без и самиот Бетмен да биде изложен на неговите најголеми стравови. Од детството на Брус Вејн каде што бил приморан да се соочи со најлошото, до денес, кога неумешно се обидува да го воспостави балансот помеѓу бидувањето Бетмен и одржување на здрави врски со тие кои му се битни. Целиот негов репресиран страв експлодира насекаде низ страниците. Но, тука тие кошмарни флешбеци, нудат контраст и со истрауматизираното детство на Џонатан Крејн и неговата трансформација во нестабилен негативец. На моменти, Харвиц дури се обидува да изнуди и некаква умерена доза емпатија од читателот.  


Нултиот број кој е издаден измеѓу #12 и #13, е практично флешбек на Брус Вејн во деновите кога како дете се обидувал да го реши убиството на неговите родители, верувајќи дека има некаков поголем заговор за тоа. Приказната делумно потсетува на првиот саат од Batman Begins и општо познатата легенда за настанокот на Бетмен, меѓутоа има некои точки кои директно или индиректно се дистанцираат во една друга "голема" слика која ја воспоставија Капуло и Снајдер во нивниот Owls арк. Иако неповрзан, #0 функционира совршено во контекстот на Cycle of Violence. Таа хронологија мислам дека е запазена и во колекционерското издание.

По Cycle of Violence, Финч го остава Харвиц со други цртачи. Следните два арка, односно колекции, се занимаваат со Мед Хетер и Клејфејс, меѓутоа поради трапавоста на едниот, за големото финале веќе ми опадна интересот. Во дел од аркот со Мед Хетер, како еден од цртачите, се појавува и мојот омилен Spawn артист, Кудрански, и тие броеви се визуелно ремек дело, но нешто упорно фали во приказната што Харвиц не успева да го испорача во целост. Добар дел од уживањето во The Dark Knight ми беше токму Финч, а без него, доаѓаат до израз просечните приказни, филери што денес, за жал, се редовни во тековните Бетмен наслови. Финч со Том Кинг можеби ќе успее да понуди и друга солидна приказна во DC Rebirth, но со оглед на неконзитентниот квалитет, не би се залетувал толку лесно. 

Види такоѓе: 

April 6, 2016

Што е DC Rebirth?

Пред пет години, DC Comics направија потег кој историјата ќе го памети како еден од најсмелите во нивното постоење. Веројатно и еден од не толку успешните. Во 2011 решија да се простат од дотогашниот стриповски канон и да почнат од прв број. Дури и насловите како Action Comics и Detective Comics кои терале редовно од 1930-тите, сопреа после пресвртниот Flashpoint (адаптиран во одличен анимиран филм) за да почнат од ново. Линијата позната како The New 52, започна со вкупно 52 наслови. Новите 52 донесоа свежи приказни, скроени да ја запознаат новата публика подобро со ликовите, а во исто време се обидуваа да бидат допадливи и за старите фанови. Следниот месец, 52 универзумот заминува во пензија и ќе биде заменет со нов. Rebirth.

Многу од најпознатите ликови претрпеа огромни промени во рамките на овој 52 универзум, а некои култни моменти и настани од нивната претходна историја беа целосно избришани од постоењето. Додека јас пресреќен сум ги чекал новите броеви на Night of the Owls, некој тивко ронел солзи врз некој таму трет стрип што целосно му го упропастиле. Комплетно можам да го разберам тоа. Токму поради тој "испад" на DC, многу наслови денес воопшто не ни постојат, а тие што уште може да се најдат на некој рафт, ќе завршат непродадени во некој магацин или фабрика за рециклирање на хартија. Или во книжари како "Икона" за четири пати поголема цена.


Јас се забавував. Барем некое време, така поинтензивно. Бев пресреќен што ќе можам конечно да фатам нешто вакво отпочеток. Претходно ги имав читано само есенцијалните Бетмен и Супермен наслови, па ми се видe како одлична можност поубаво да го запознаам тој свет. Првите броеви на Batman ми се едни од омилените Бетмен приказни воопшто. Понатаму, квалитетот почна сериозно да опаѓа, за денес моменталниот Бетмен да е смешен. Успеав да стигнам до #50 и онемев од што е лошо. Не ми се веруваше што читам и како е возможно истиот тим што ги донесе Court of Owls во светот на Бетмен да биде толку неиновативен. Не барав константно да се толку квалитетни, меѓутоа ова беше срамно. Нит сконтав кој и зошто е негативецот, ниту па целата програма на полицијата со џиновски Бетмен роботи. 

Најочајно е тоа што на крајот од овој 52 универзум, го најавуваат и откривањето идентитетот на Џокер. Како на некој да му е гајле за тоа. Кое име и да го залепат, нема да направи голема разлика, само дополнително ќе ги заплетка во сопствените гомна и бруки. А, кога сме кај идентитети, пред неколку месеци во тој главниот Superman наслов, Лоис го открила Кларк пред цел свет! Како малку да беше тоа што ги осакатија ликовите со комплетното игнорирање на нивната романтична врска која е еден од најбитните нивни аспекти. Супер е тоа што сакале различи идеи и пристап, ама не ги разделуваш Лоис и Кларк, DC... Ова го дознав од новиот број на Lois & Clark. Наслов што за среќа продолжува и по гасењето на Новите 52 и едвај го чекам секое следно издание. Ова е вистинскиот Супермен во цела оваа калакурница.


Е, сега, конечно за Rebirth. Откако DC не успеаа да си ја вратат продажбата со Convergence, ивентот кој тековните 52 наслови ги испомеша со приказни од другите универзуми, некој конечно сфатил дека е време за уште еден нов почеток. Нешто кое што и самите се надеваат дека ќе го направат добро, ќе научат од грешките во Новите 52 и ќе си ги вратат стриповите на "корените". Rebirth почнува со издавање на 25 мај 2016, со истомениот прв број кој ќе има 80 страници. Тоа би требало да биде основата врз која ќе 32 наслови ќе почнат од кец. Овојпат DC ветуваат помалку отстапки од суштината на ликовите, враќање на она што сметаат дека го загубиле после Flashpoint, но и дека нема целосно да го заборават 52 универзумот. Се надевам дека планирааат да ги искористат функционалните елементи од 52, јас бил пресреќен ако Court of Owls останат како дел од историјата на Бетмен и Готам. 

Некои од Rebirth насловите што планирам да ги следам ќе се објавуваат два пати месечно. Batman (на Дејвид Финч и Том Кинг), Detective Comics (на царот Џејмс Тајнон) и All-Star Batman (новата шанса за Скот Снајдер?) на секои две недели е одлично. Барем нема да чекам еден месец за да испаднат срање. Superman на Питер Томаси може да е добро, зошто го носи ликот во старите времиња со Лоис, а сигурно ќе листам и Justice League поради цртањето на Тони Даниел. Џим Ли ќе го тера Suicide Squad, не ми е јасно зошто баш тоа си го доделил. Немам некоја желба, ама може чисто од љубопитност да ѕирнам што ќе направи.

April 4, 2016

Suicide Squad од Новите 52

Никогаш не сум читал Suicide Squad. Концептот никогаш не ми бил доволно привлечен да ме натера да фатам нешто да пролистам, а оние кратки средби со бандата не ме воодушевиле баш. Но, воодушевен сум од газот на Марго Роби, а наскоро DC го затвараат 52 универзумот за да почнат пак отпочеток, па видов одлична прилика да се вратам на нешто што сум го пропуштил со надеж дека можеби ќе бидам изненаден. Бев.

Почнав со првиот број од 2011. Исчитав пола пред да ми опадне интересот, но до тогаш беше крајно забавно, особено првиот арк што е собран во колекцијата Kicked in the Teeth. Сигурно ќе дочитам некогаш. Има вкупно 30 броеви, потоа се случува некаква реконструкција на тимот, па насловот се менува во New Suicide Squad и се ресетира од #1. Тоа е веројатно тој фетиш што DC го имаат за нови почетоци.


Suicide Squad или Task Force X е тим создаден од криминалци осудени на доживотен затвор (?) кои се регрутирани да учествуваат во тајни опасни мисии на американската влада. Некои олеснителни околности кои им се ветени им се мотивот за да бидат дел од ваква самоубиствена багра која нема што да изгуби, а организаторите да се осигураат дека членовите ќе соработуваат, им вградуваат чипови кои би се активирале и би ги уништиле доколку решат да ја загрозат мисијата или да се впуштат во бегство. Првата мисија им е да "исчистат" спортски стадион од некаков вирус што ги зомбифицира присутните. Доволно за да го сетира насилниот акционен тон и лесниот хумор.

Има премногу ликови за да ми биде гајле кој е кој, а стрипот не се претргнува нешто многу за да ти ги доближи. Харли Квин е најпопуларната фаца тука, па затоа можеби добива таков посебен третман. Единствено нејзината позадина е подетално објаснета, изопачената романтична врска со Џокер, и како од психијатар станува психотичен криминалец. Некаде на средина од тоа што го читав, приказната се врзува и со некои точки од Detective Comics #1 и она што следуваше понатаму. Во следниот арк Харли се отцепува од тимот за да открие што точно се случило со Мистер Џеј и токму таа е мисијата на Suicide Squad.


Дедшот исто ми е познат од претходно, а Ел Дијабло и Кинг Шарк се од тие што ми се занимливи и доволно впечатливи за да ги запамтам. Не можеш да заборавиш религиозен пирокинетичар што моќта за пламнување ја црпи од тетоважите или хуманоидна ајкула. Ова во Новите 52 е некоја нова инкарнација на ликот, гледам дека со истата варијанта на Чато Сантана како Ел Дијабло ќе послужат и во филмот чија премиера е закажана за почетокот на август 2016.

Пред некој ден прочитав дека се доснимувале сцени за филмот кои би додале хумор кој изгледаше како да е веќе присутен во филмот од трејлерите. Епа очигледно не било така, па сега DC бркаат рокови за да го направат "посмешен", а веројатно со тоа и подостапен за публика која не би сакала да гледа "сериозно" насилство. Сигурно нема да биде DC одговорот на Guardians of the Galaxy, но очекувам да биде подносливо гледлив.

October 5, 2015

Пост-Endgame Бетмен пост

Ах, таман кренав раце од редовниот Batman серијал и мислев дека ќе можам да уживам во Batman Annual #4 без да дојдам во контакт со било каков џиновски метален зајаколилјак. Не. Глупостите на DC секаде имаат пуштено пипци. Не знам ни што очекував, додуша. Морав да се вратам назад и да ги прочитам Batman #41-#44 за да си ги поврзам нејасните точки. Ми се отвори замрсена приказна на која да, можеби и можеш да го фатиш крајот, но никако и средината. Да, интересен е Готам без Брус Вејн како Бетмен, проблемот е во прифаќањето на замената што ја нудат. Дури и Скот Снајдер изгледа како да е свесен за тоа, меѓутоа ако се заебаваш на сметка на одредена глупост, нема да стане повеќе од тоа. Не е тоа начин да оправдаш нешто. 

"Ова се тешки срања, DC."

Значи, откако пештерата ќе ги затрупа Бетмен и Џокер на крајот од Endgame, Брус Вејн доживува клиничка смрт, а по тоа и амнезија која го лишува од сето она што го прави Бетмен. Почнува да живее нормален живот, онаков каков што би живеел без смртта на Вејнови. Има девојка, учествува поактивно во добротворни цели, а не само финансиски и не се сеќава дека некогаш бил симболот на Готам. Гневот и болката што се дел од Бетмен, како да исчезнале. Алфред, гледајќи го Брус среќен, го изостава баш овој "детал" во склопувањето на сеќавањата, за да го спаси од сам себе, нели. Ништо не може да го разубеди Алфред, дури ни Кларк Кент. 

Во меѓувреме, во Готам е хаос без Бетмен. Полицијата решава да го "брендира", и по низа тестирање на млади кандидати, го става Џим Гордон во огромен метален оклоп со зајачки уши кој би требало да биде Бетмен. Има тука некои интересни моменти и Снајдер супер ги третира, меѓутоа во моментот кога се појавуваат нови негативци кои би можеле да се "решат" само во ваков Бетмен, сфаќаш каде почнува да пука приказната. Не верувам дека ова е единствениот начин за да се истера ваквиот правец. Не знам ни како поинаку, но тие што се платени за да знаат, некако потфрлаат. Светлината во целата приказна доаѓа со Batman #44 на Брајан Азарело каде што со Снајдер обработуваат период на Бетмен (Брус Вејн) пред Zero Year кој се врзува со настаните денес. Убава детективска приказна кој можеби уште подобро би функционирала без крајот кој те потсетува што во моментот се случува, но ете, единственото што навистина вреди да се прочита од актуелниот серијал е баш ова. 

А, Batman Annual #4,  и покрај "воведот" што си го пружив отпосле, пак ме остави рамнодушен. Отишле толку назад што врзувале некои моменти од Batman Eternal и други наслови кои можеби ќе ги дочитав да не станеа толку досадни и напорни. Ова за жал е најслабиот Бетмен период откако почна 52 универзумот. Не знам DC колку длабоко планираат да го тонат најдобриот лик што им е на располагање, но редно време е после ова да превземе некој друг. Време е Снајдер да се префрли на нешто друго, да одмори и да се инспирира малку повеќе. Ова веќе станува жалосно за читање.

August 24, 2015

Нова шанса за Justice League

Океј, никогаш не сум бил фан на Justice League. Мислам, фини се лудак во костим од џиновски лилјак и снажен вонземјанин кој идентитетот го крие со наочари, одлично функционираат и кога ќе ги споиш заедно. Ептен ретко ќе прогледав и низ волшебни зелени прстени. Меѓутоа, линијата сум ја влечел на амазонски принцези со невидливи авиони и магично ласо кое жртвите ги принудува да ја кажат вистината. Имам дадено 462 шанси на Џастис Лиг. Стрипови, филмови, серии... Дури ни оној легендарен JLA на Морисон не ме завлече. Не било ништо лошо и неподносливо, секогаш сум бил толерантен кога ќе ми влета некој од ликовиве кои не сум успевал да ги засакам во Бетмен или Супермен стрип, ама кога бил цел тим споен, брзо сум го губел интересот. 

Периодов читам Супермен. Стари, нови, што сум ги читал, што не сум ги читал, секакви... Се опседнав со ликот како да сум Лекс Лутор. Навечер ми доаѓа во сон и ме прогонува. Тука некаде дојде и мојата желба за нова шанса за Џастис Лиг. Ако не Морисон тогаш што? Новите 52 на DC. Нели се скроени за нови фанови? Епа, со умот во таа состојба, отворен како никогаш претходно, ги симнав првите шест броеви. Третирајте ме како нов фан, покажете ми зошто е добро ова. Кецот го памтам како солиден уште од пред четири години, Аквамен веќе го засакав како лик, а со оглед на тоа што веќе изградив култ околу Џеф Џонс - зошто да не. 


Ја затворив првата приказна, шест броја, собрана е како Origin, и седев така и ќутев неколку минути со осмех. Еј, ова било добро. Или се начекавме во вистинскиот момент. Добро, не истекува безусловна љубов од мене кон Вондер Воман или Грин Лантерн, ама ете, конечно природно ми се склопија во целата слика. Фала Џеф Џонс. Ако ова успеа да натера некој што не е фан да почне да копа подлабоко во приказните, браво. Мајсторија. Џим Ли го црта ова, така што можеш да го претпоставиш квалитетот. Му го обожавам Бетменот. 

Во Origin е раскажано создавањето на Џастис Лиг. Бетмен, Супермен, Флеш, Вондер Воман, Аквамен, Грин Лантерн и Сајборг. Сајборг ми беше најнепознат лик, препоставувам тоа го заклучиле и DC, дека не бил толку достапен на публика што површно го чепкала универзумот, па акцентот тука е ставен баш на него. Покрај тоа, другите веќе имаат и сопствени серијали, така што и немаше потреба од некакво посебно претставување. Тимот е соочен со Дарксајд. За да споиш херои како овие погоре, мора да им дадеш некаков голем негативец, а Дарксајд е баш таков. Тука е преголем и за Супермен да може да застане сам пред него. Супер прилика да го донесат и него во 52 универзумот. 


Спојувањето на ликовите е мазно, постепено, баш како што расте целата закана која ги принудува на соработка. Некои едвај се познаваат, не знаат еден за друг, немаат ни доверба меѓусебе, барем до моментот кога баш тоа ќе е најпотребно. Толку е почеток што Бетмен уште важи за некаков мит за кој не ни верувале дека навистина постои. Коментарот на Грин Лантерн е бесценет. Исто како и неговиот однос со Флеш. Двајцата ликови имаат посебна врска и онаква buddy cop тензија каде што Џеф Џонс искористил прилика да протне суптилен хумор за колку да се изнасмееш на глас. 

Да. Ќе читам Џастис Лиг. Ми се свиѓаат ликовите во 52 унивезумот, има доволно за си ја задоволам потребата. Љубопитен сум да видам како се развиват понатаму, така што имам многу пред да се навратам на тоа што претходно ме одбило. А, приказнава што ја читав е адаптирана во Justice League: War анимираниот филм, па ете уште една прилика да бидам позитивно изненаден.

August 23, 2015

Superman: The Men of Tomorrow на Џеф Џонс и Џон Ромита Џуниор

Почетокот на месецов донесе ново издание на DC, колекција собрана од арк од редовниот Superman серијал, #32-#39 броевите. Не го следам редовно овој Супермен од новиот 52 универзум, меѓутоа приказнава ми беше привлечна затоа што ја потпишуваат две легендарни имиња. Џеф Џонс и Џон Ромита Џуниор. Интересно, зошто ова е првиот ваков ангажман на Ромита за DC (има учествувано во некои кросоувери пред години), по четириестина година поминати во Marvel со нивните најпознати херои. Феноменален е и тука. Џонс е веќе докажан DC ветеран, речиси целата негова кариера ја има поминато таму и е одговорен за некои од најквалитетните наслови последниве години. Со оглед на тоа што не знам што се случува моментално со Супермен, Џеф Џонс со ваква приказна на средина на серијалот, докажува дека можеш да создадеш класичен Супермен во било кој континуитет. Разликите кои Новите 52 ги содржат речиси и да не се осеќаат тука.


The Men of Tomorrow е приказна за двајца луѓе со супермоќи. Едниот е човек, дете на научници кои барале спас за планетата, обидувајќи се да најдат пат до нов свет, до Четвртата Димензија. Експериментот тргнува наопаку, па соочени со сопствената пропаст, малото дете го испраќаат на друго место, каде што е одгледан од други, како да е еден од нив. Ситуација аналогна со нашиот човек од Криптон. Не случајно велам човек, зошто Супермен ако нешто докажува тука, тоа е дека е многу поголем од сите нас. Еј, фала Николов што ни објасни за Супермен, стварно. Јулисиз, сега возрасен, доаѓа на Земјата, се спријателува со Супермен и открива дека неговите биолошки родители се сепак живи. Луѓето, овој пријател на Супермен го дочекуваат како уште еден спасител, на кој му ја даваат целата нивна доверба. Дуото функционира одлично, имаат слични моќи и се спремни да се спротистават на секаква закана. 

Јулисиз ветува многу повеќе од Супермен. Зборува за утописката Четврта Димензија каде што нема глад, војни и има среќа за секого. Нуди арка на тие кои што сакаат да заминат таму, група од шест-седум милиони. Но, благословот од Четвртата Димензија е всушност заеб кој луѓето кои наводно ги спасува, сака да ги искористи како енергија за да го спаси неговиот свет кој е пред уништување. Слично како Криптон. Што би направил Супермен доколку би имал шанса да жртвува милиони животи за да го спаси Криптон? 

Џеф Џонс одлично го познава Кларк Кент/Супермен и умешно си игра со сите негови слабости и доблести. Секогаш ми се интересни приказните со Супермен каде што е соголен од моќите, соочен со некои дилеми и ситуации кои би ги предизвикале и неговите челични морални вредности. The Men of Tomorrow носи и неколку нови негативци кои се надевам дека DC ќе ги искористи понатаму. Сакам да видам повеќе од Машинистот, или новата верзија на Клерик. Иако си ја изиграа улогата баш онака како што одговара на приказната, премногу забавно делуваат за ова да е последното од нив. А, Јулисиз има потенцијал да биде уште еден сив лик што може да се комбинира во новиот универзум. 

Шлагот на The Men of Tomorrow е Бетмен. Чудо е колку добро функционираат заедно тука. Жалосно е што онoj Batman/Supermаn серијал што моментално е во тек, ни во 10 броеви не успева толку добро да ја долови братско-пријателската врска што ја имаат двајцата. Може да продолжам да го читам тековниот Superman. The Men of Tomorrow завршува со откривање на тајни, една од нив е идентитетот на Супермен пред Џими Олсен. Скептичен сум дека има уште нешто добро во 52 серијалот, меѓутоа осеќам сериозна потреба од нов Супермен материјал во моментов, па ќе пробам.

August 16, 2015

Superman Unchained на Скот Снајдер и Џим Ли

Со тековните DC расчистив после Batman Endgame. Не сум баш сигурен дека можам да ги следам таму каде што тргнаа, особено ако има џиновски метален Бетмен со зајачки уши. За Convergence некако изгубив интерес, па додека се појави нешто што ќе ми го привлече вниманието ќе се обидам да го надохнадам тоа што го пропуштив. Swamp Thing имаше интересен почеток, Action Comics на Морисон почна добро, така што да, има едно купче што ќе биде разлистано периодов. Дури може ќе стиснам заби и ќе дадам уште една шанса на Justice League. Веројатно нема, ама држам отворени опции. 

Меѓу редовните наслови, има еден краток серијал од девет броеви, Superman Unchained. Со оглед на епскиот размер на приказната, и легендарниот статус на Снајдер и Џим Ли, зошто имам некој впечаток дека Unchained не го добива силниот аплауз што го заслужува? Или поминало најјакото, а јас сум успеал да го преспијам. Зошто не зборуваме секој ден за ова? 


Снајдер е брилијантен, не само што длабоко навлегува во Супермен, туку буквално го носи 420 милји под површината на Земјата. Си игра со сите аспекти на ликот, вредностите, правилата по кои делува, неговата смрттност, улогата што ја има како носител на доброто на овој свет, хероизмот, посветеноста и пожртвуваноста. Иако можеби неговата врска со Лоис не е толку клучен елемент тука, стрипот се занимава со друг Лејн, одлично успева да го долови пријателството со Бетмен/Брус Вејн, правејќи го многу побитен лик кој паралелно го касапеа во неговиот редовен серијал со Капуло додека се објавувал Unchained. Топлото чувство во стомакот доаѓа во моментот кога ќе видиш Џим Ли како мајсторски се справува со Бетмен, особено ако последен пат талентот си го осетил во Hush. А, не е само Бетмен, течат лиги на секој панел. И, тоа Џим Ли појачан од Скот Вилијамс и Алекс Синклер, двајцата потпишани на Hush, Superman: For Tomorrow и добар дел од стриповите каде што стои неговото име. 


Unchained е претежно акциона приказна. Почнува интензивно, фрлајќи го Супермен директно во пиздарии предизвикани од хаотична комбинација од Лекс Лутор, терористичката организација Ascension и татко ѝ на Лоис, генералот Сем Лејн. Лејн го смета Супермен за закана која треба да се уништи, а по откритието дека армијата веќе 75 години чува сличен вонземјанин од кој црпи технолошка и воена моќ ја прави намерата да изгледа многу посериозно. Особено зошто Рејт, суштество која соларната енергија ја складира и користи поумешно од Кал Ел, е многу помоќен од него. И, покрај тоа што успеваат да најдат заеднички јазик, идејата дека нема место за двајцата на планетава е јасна уште од самиот старт. Преку Рејт, Снајдер ги покажува мааните на самиот Супермен, играјќи си со некои егзистенцијални концепти, кои иако не се нови за ликот, доволно добро ги ракува за да го поремети балансот. 


Како што спомнав, Лоис е повеќе позадински лик, иако ова личи на класична Супермен приказна. Во новите 52 на DC, Лоис и Кларк не се заедно, Супермен е со Вондер Воман. Меѓутоа Снајдер и Ли наоѓаат начин да создадат неколку интимни, емотивни прилики и ситници кои ја потенцираат нивната врска од претходно. Ја има и Вондер Воман на кратко, но претежно е небитна. Она што остава силен впечаток се неколкуте сцени со малиот Кларк во Смолвил, кога првпат станува тоа оружје кое е наводна закана за безбедноста на светот денес. Unchained таа тематика ја третира многу поелегантно од пример, Man of Steel или ова новово со Бен Афлек. Тука одлуките се свесни, а дилемата за дали да се уништат други раси за да се спаси планетата што не е ни негова, тежат многу повеќе од било која намера на Зек Снајдер. Зек. Не Скот. Скот е добриот Снајдер. 

Неочекувано си добив Супермен приказна што ќе ми биде во омилените. Не се обидува да биде нешто ново, се потпира на безбедни параметри, ама блеска од сите страни. Можеби не толку храбра со иновативноста, но секако смело се пробива низ познати територии кои не секогаш може да испаднат вака занимливи. Предвидливо да, меѓутоа доволно комплексно и испреплетено за да те остави сит во моментот кога ќе стаса до крајната дестинација.

May 2, 2015

Новите DC: Второто полувреме на Batman Endgame

Минатава недела, во зрелата фаза на завршувањето на новиот 52 универзум на DC Comics со Convergence, дојде и крајот на Endgame аркот. Почекав да заврши втората половина со броевите #38-#40 да можам да ја прочитам во еден здив. Иако беше најветувачката приказна после Death of the Family, самото финале страда од истата неинспиративност на Снајдер. Не знам дали е немање храброст за создавање на последици, или има некаков поголем план на DC што не успевам да го видам, меѓутоа вторпат гледам како се билда некоја добра приказна каде што на крајот е притиснато само копчето за ресет. И, тоа не зборам за судбината на Бетмен тука, туку за целата приказна со "вечниот" Џокер. За Бетмен веќе одамна знаеме дека ќе се врати како метален зајак


Convergence беше одлична прилика да си поиграат малку со митологијата на овој Џокер, а се одлучија за најевтиниот, безбеден пат надвор. До самиот крај мислев дека ќе видам нешто поголемо. Кога се појави и Court of Owls, мислев дека тоа е тоа. Ќе се заокружи една навидум голема приказната почната уште во раните броеви. Ама не, треба јајца за такви ризици, а очигледно тоа му недостасува на некој во DC. Ако некогаш ги набавиш Endgame и Death of the Family на хартија, слободно можеш да ги искинеш последните неколку страници и да се препуштиш на имагинацијата. Снајдер колку и да е мајстор за дијалог, исто така многу добро знае како да ти ги потрупа очекувањата со земја. Или карпи во пештера.

Со Convergence, DC ми изгледаат најизгубено до сега. Ги читав првите броеви од неколку наслови, интересно е, ама делува како да е последната идеја за спас за нешто што можеби и не треба да биде спасено. Ќе дочитам веројатно кога ќе заврши цело. Со крајот на Convergence, почнува нова ера за DC. Континуитетот на Новите 52 ќе биде задржан, ама повеќе ме занима што ќе се случи со остатокот од мултиверзумот. Има некаков потенцијал да е добро, барем во следните две години додека не им текне пак да ресетираат нешто. 

Знам дека е глупаво да споредувам, ама последниот Endgame што го читав, а не беше Бетмен, туку Спон, го тргна главниот лик цели пет години. Не барав тука некој да го убие Бетмен на некое време, Морисон веќе го направи тоа генијално, ама очекував нешто што ќе остави длабока трага во универзумот. Очигледно сè што ќе остане од Снајдер и Капуло по овој број се Court of Owls. Штета ако останатото се памти само како обид.

January 10, 2015

Новите DC: Batman Endgame (#35-#37) и Batman Annual #03

Бев решен да оставам време пред да допрам било што Бетмен од Снајдер и Капуло после Zero Year. Некако не ми кликна како што треба уште од самиот почетокот. Приказната беше досадна, цртањето од просечно кон лошо (барем според мојот вкус и она на кое ме навикнаа), а потенцијалот на Ридел некако сомнително искористен. Пред некој ден за роденден ги добив The Court of Owls и The City of Owls, колекции собрани од една од најдобрите Бетмен приказни кои некогаш сум ги прочитал и за која пишував претходно, во неколку наврати. Она што Снајдер и Капуло го направија со Night of the Owls ќе ми остане запамтено како едно од најдобрите Бетмен искуства до сега. Тоа и ми ја врати желбата да видам што се случува моментално со овој наслов и со ова дуо. 


Три прочитани броеви од Endgame аркот, заедно со Batman Annual #03 и еве ме назад, чекам ново. Имав скроз заборавено сè што знаев за Endgame од претходните најави, така што неколку пати бев прилично изненаден од она што се случува. Првиот број, Batman #35, отвара со накурчени Justice League кои се решени да го убијат Брус Вејн. Ни самиот Бетмен не знае зошто, ама може да примети дека тоа е целта на секој JL член. Мислиш дека ти си имал лош ден? Епа, замисли како е да си приморан да се браниш од Аквамен! За среќа, има дизајнирано борбен оклоп наменет за да се справи баш со цело ова разбеснето друштво. Бетмен е. Секогаш планира чекор понапред. 

Тука некаде почнува да ми се раѓа некој сомнеж, нешто не ми е како што треба. За кратко сфаќам дека читам Џокер приказна, и со секоја наредна страница од тие три броја, ми станува јасно дека Снајдер и Капуло полека се враќаа на она на кое ме навикнаа. Не само што буљашите го вратија Џокер, туку го планирале уште одамна, после Death of the Family и оној досадниот Batman Annual #02 од пред година и пол. Џокер бил присутен и пред очите на Бетмен цело време. Откритието не беше толку шокирачко колку мотивот на Џокер овој пат. Смета дека неговата "негувана" врска со Бетмен не е како претходно и не е баш задоволен. Можеби не е толку физички одвратен како претходно, ама стварите што ги прави се прилично гнасни. Се расфрла со психолошки терор, методите му се побрутални и некако не му до заебанција како претходно.

За да биде целосно јасна сликата за оваа верзија на Џокер, да бидеме убедени е дека многу, многу повеќе од умоболно копиле, тука е Batman Annual #03. Наменет да делува како Endgame tie-in, раскажува за она што би се случило ако Џокер ти се наметне како "другар". Опсесивно, манијакално и на моменти крајно одвратно и тажно. Онака, ќефски е кога гледам како Тајнон успева да ги надмине ветераниве како Снајдер некогаш, баш оние од кои учел. Дечкото има невиден талент и мило ми е што гледам дека станува сè подобар и подобар со ствариве што ги пишува. Единствено цртањето на Џокер тука ми беше малку чудно, но со самото тоа што приказната скока низ различни временски периоди, овој "потрадиционален" изглед некако успева да се вклопи. 

Остануваат уште три броја од Endgame. Не верувам дека ќе има некаков историски крај, знаеме сите дека нема шанси било кој од овие двајца вечни непријатели да се тргне од сликата. Но, ме занима како ќе се развие овој најнов конфликт, до каде ќе тераат со гневот на Џокер, со психопатската страна на Брус Вејн и дали воопшто ќе се случи нешто големо. Последен пат кога тоа "големо" требаше да се случи, а не се случи, беше во Death of the Family, па затоа не би избрзувал со претерани очекувања како тогаш. Сега за сега е супер. Второто полувреме ќе реши дали Endgame ќе влезе во друштвото со Night of the Owls.

June 22, 2014

Неделна Бетмен инјекција: Batman Eternal

Да бидеме реални, Скот Снајдер и Грег Капуло потфрлија со Zero Year аркот во редовниот Бетмен, кој моментално доаѓа до конечната завршница. Приказната не е воопшто револуционерна како што ја најавуваа кај Кевин Смит, цртањето е просечно и искрено едвај чекам да заврши, за Бетмен да се врати во "денешно време". Останува уште еден број до крај, следниот месец, па ќе се потрудам да помуабетам нешто повеќе на темата. 

Бројот #28 од редовниот Batman, фрустрирачки избега од и онака досадната Zero Year приказна, за да ја запознае публиката со Batman Eternal. Замисли чекаш продолжение на претходниот број, а добиваш блатантна реклама. Веројатно ќе продолжев да го игнорирам Batman Eternal, и онака има премногу Бетмен наслови во моментов, додека не сконтав дека се работи за неделно издание. Три броја нема да ми наштетат многу, нели? Само што го дочитав и #11 и еве ме, го пишувам постов. 


Batman Eternal е одличен наслов за пополнување време додека заврши Zero Year. Толку е добро што сега знам дека секоја недела ќе чекам нов број. Не е најдобриот Бетмен што ќе го прочиташ, нема да биде влијателен наслов за десет години од сега, меѓутоа нуди интересена приказна, која според Снајдер, ќе содржи 60 броеви. Да, Скот Снајдер го пишува ова, заедно Џејмс Тајнон IV (секоја чест за Game of Thrones името, дечко!) и цела екипа на цртачи, а и сценаристи. Тајнон го пишуваше Batman Annual #1 заедно со Снајдер, и се покажаа како фино комбо.

Првиот број отвара скроз моќно. Во некоја (блиска) иднина, Готам е цел во пламен, а Бетмен е поразен и заврзан полу гол и без маска за бет-сигналот. Има некоја нарација што директно му се обраќа на Брус, што веднаш додава дека кој и да е непријателот, има некаков личен сукоб со него. Приказната потоа се пренесува во "денешно време", каде што Бетмен и Гордон го бркаат Професор Пиг и неговите луѓе во метрото во Готам. Гордон, со цел да се спротистави на еден од луѓето на Пиг, испукува куршум во трансформатор со што предизвикува сообраќајна несреќа и е одговорен за смртта на стотици жители на градот. Иако околностите се крајно сомнителни, Гордон е притворен и лишен од функција, заменет со друг комесар со сосема поинаква политика и намери. Целата ситуација е всушност голема завера за превземање на Готам и тргање на Бетмен од сликата. Вмешани се многу луѓе, а не верувам дека ќе почне да се отплеткува во брзо време.

Новите раководители на Готамската полиција создаваат општ хаос со нивните сомнителни постапки, Мафијата е исто така вклучена и присутна, а мобилизирана е цела Бет-фамилија заедно со интернационалните членови на Batman Incorporated. Случувањата се насекаде низ светот, буквално се води војна за Готам. Некои од ликовите што не ми биле никогаш интересни, тука фино се вклопуваат. Пропусти во приказната секако дека има, меѓуоа станува сè поинтересно. Во следниот број треба да се случи и судењето на Гордон. Доколку екипата на Batman Eternal продолжи со истово темпо, ќе ме задржи како редовен читател и во следните месеци.

January 12, 2014

Новите DC: Detective Comics #27 (75 години Бетмен)

Мај 1939. Боб Кејн и Бил Фингер првпат го преставуваат Бетмен во Detective Comics #27, херој нешто поразличен од тогаш актуелните кој речиси инстатно ја освојува публиката. 75 години подоцна, Бетмен е еден од најпопуларните и најкомплексните ликови на денешницата и не му е потребно никакво претставување. Во меѓувреме, DC ги ресетира насловите и започнува од нула. Деновиве, нивниот освежен наслов Detective Comics стигна до 27-мото издание. Причина за да се обележи годишнината и да му се оддаде почит на Темниот Витез. 

Од новите DC, Detective Comics ги баталив некаде на почетокот. Не ме завлече приказната, не знам што се случувало до сега, а веројатно нема ни да се обидам да дознаам во скоро време. Но, бројот #27 не можев да го пропуштам. Специјалното издание ја слави годишнината на Бетмен баш онака како што доликува. Собрани се звучни имиња на луѓе кои го создаваат или го создавале Бетмен низ годините и секој тим се има претставено од една од седумте кратки приказни кои ги содржи ова издание. Само што го дочитав, ми стана јасно дека веќе имаме историско издание. Detective Comics #27 е совршен во секој поглед.

Низ седумте приказни, запазен е секој аспект на Бетмен. Како и самиот лик и неговата суштина, така и историските стази низ кои еволуирал. Има омаж на оргинални приказни, Сребреното доба, па дури и приказна која е актуелна во тековните стрипови под името Gothopia. Зошто не сум комплетно во тек, последното ќе морам убаво да видам што е. Делува ептен интересно. Приказните скокаат од  раните денови на Бетмен до остарен Брус Вејн кој го прославува својот 75-ти роденден, истражуваат алтернативни изходи на вечерта после "Зоро"... И, една многу заебана на Скот Снајдер која се случува во далечна иднина каде што сè уште постои Бетмен во некоја форма. А, првата приказна со која отвара колекцијата е посебно забавна, бидејќи е еден вид римејк на првата Бетмен приказна воопшто. Страшно добро е како сите успеале на толку малку страници да пренесат вакви моќни идеи. 

Да прекинам пред да откријам било што, само ќе го препорачам Detective Comics #27 на сите на кои некогаш им бил интересен Бетмен и прочитале нешто од стриповите. Ако ова излезе на хартија некако полуксузно спакувано, би сакал да го поседувам. Чиста десетка.

September 18, 2013

Новите DC: Zero Year и Batman Annual #2

Направив мала пауза со новите DC после Death of the Family, колку да се соберат повеќе. После година и кусур откако го ресетираа универзумот, DC се враќаат уште еден чекот назад. Како хронолошки, така и со квалитетот, за жал. Она што го навикнав од Капуло и Снајдер кога станува збор за Бетмен, некако се разводени. 

Death of the Family не заврши така спектакуларно како што се надевав. Не само јас, многумина го делат истото мислење. Мислам дека тука си го испукаа потенцијалот, зошто она што го прочитав следно беше некоја досадна филер приказна со Clayface. Кога веќе имаш таков негативец за филер, гледај извади му го максимумот. Ова делуваше ради реда и колку да утепаат време до Zero Year. Филтерот го очекувавме и онака. Zero Year ќе биде подолг арк (една година ако добро разбрав), кој ќе се занимава со почетоците на ликовите. Го следам само Бетмен, зошто за другиве и не ме занима баш многу. Не е лошо, не викам дека е, ама ништо посебно не се случи во овие три броја. Позната приказна е, има интересни ликови, само што се плашам дека Капуло и Снајдер не ја раскажуваат нешто посебно. Да, мајстори се на занаетот, меѓутоа нешто како да фали. Го има Ридлер, ете него сакав да го видам одамна во "поголема" во овој универзум, само што уште како да треба да почне ова да функционира. Дури и финиот Year One омаж на крајот од #23, некако ме потсети дека ова упорно ќе паѓа во сенка на тоа дело. Среќен ќе сум ако ме разубедат.

Batman Annual #2 почнува феноменално. Бетмен доаѓа во Аркам, врзан со лисици. Најопасниот човек што стапнал таму. Дојден е да ги тестира ќелиите на Аркам. Добар дел од познатите непријатели се таму, нели, како што доликува на Annual издание. Сите да ги ѕирнеме на кратко. Додека Бетмен се обидува да бега од ќелиите, размислувајќи како пациентите затворени таму, налетува на нов - Anchoress. Anchoress е сместена во посебна ќелија, дизајнирана специјално за неа, бидејќи може да поминува низ ѕидови. Исто така, е еден од најстарите пациенти на Аркам, зошто е ... некако бесмрттна. Океееј. И, и, од некоја причина сака да му се одмазди на Бетмен. Мотивот не го разбрав во целост зошто веројатно кога заспав од досада сум свртел некоја страница напред. Не знам, претходниот Annual беше одличен, што се случи, Снајдер?

Со другиве наслови сме на пауза. Ќе ги читам кога ќе немам апсолутно ништо друго за читање. Мислев да ѕирнам Batman & Nightwing, или како и да се вика веќе, ама ќе го оставам за понатаму. Не пратам што се случува ни со Swamp Thing, а тоа може да е добро.

March 24, 2013

Новите DC: Смртта на Робин

Кога крајот на Death of the Family аркот на Снајдер ме остави рамнодушен, не можев да претпоставам што всушност во меѓувреме се случува со оној дел од приказната за која е задолжен Морисон. Таму кај што Снајдер заврши лабаво, Морисон уште еднаш го измести светот на Бетмен од шините. 

После феноменалниот R.I.P. приказната продолжи со еден непривлечен наслов за мене, Batman Inc. Го оставив некаде на почеток, зошто идејата за организација "бетмени" кои делуваат на глобално ниво, спонзорирана од Брус Вејн, и не ми изгледаше којзнае колку интересна. Талија, Левијатан, повторно закана за Готам и Бетмен... Се изначитав доволно кога одеше Night of the Owls. Меѓутоа, Морисон ја доведе оваа војна на малку полично ниво, решавајќи да посегне по Демиан Вејн, актуелниот Робин и синот на Брус и Талија која пак го замислувала како новиот владетел со светот. Без да навлегувам многу во детали, Демиан избира поинаков пат кој и не ја воодушева Талија. И така, Морисон, кој го доведе малиот Робин во универзумот, пред да замине од Batman, реши да го земе со него.

Смртта на Демиан ја остава целата Фамилија во празнина и болка. Дојде како разгалено нервозно детиште, го превзема костимот на Робин и откако ја освои целата публика, си замина херојски и тивко, жртвувајќи се да го спаси Бетмен и Готам. Batman & Robin #18 е до сега најмоќното издание од овој наслов. Иако очекував Капуло да го понесе товарот и да ја преслика темната ситуација како што најдобро умее, Томаси го стори тоа на маестрален начин со овој "нем" број. Истрошената изрека дека сликата вреди илјада зборови? Тоа е Batman & Robin #18. И претходно сме го гледале Брус комплетно скршен, но ништо не успеало да го преслика тоа како овој број. Без линија дијалог, со само едно писмо од Демиан до Брус на крајот, гледаме како Брус и сите останати се соочуваат загубата. Цртежите на Глисон едноставно зборуваат премногу.

Batman #18 па од друга страна не ги исполни моите очекувања. Можеби затоа што Batman & Robin #18 толку мајсторски се надоврза на ситуацијата која ја направи Морисон, па што и да читав ќе изгледаше инфериорно во однос на тоа. И, доколку сеуште има такви што не го сфаќаат стрипот како сериозен медиум, предлагам да ги грабнат последните броеви од приказнава да им удри шамар.

February 13, 2013

Новите DC: Batman #14 - #17

Со 17-тиот број, се заокружи големото враќање на Џокер во новиот универзум на DC, познато како Death of the Family. Бетмен конечно доби прилика да се соочи и тука со неговиот најголем душман, кој Капуло и Снајдер мајсторски го претставија во неговата најгрозоморна варијанта. Самото финале на оваа прилично тензична приказна, мене лично повеќе ме изнервира отколку било што друго. 

Замисли, градиш феноменален плот, го имаш можеби најболниот лик во историјата на стриповите (можеби мислам на Бетмен, можеби не) и шанса да направиш пресврт кој засекогаш ќе остави трага во стрипот. На крај, го ресетираш сето тоа во духот на старана Бетмен серија. Од онаа историска приказна што јас ја очекував, испадна класичен цртан филм. Сите шокантни моменти се испозаебаа на само неколку страни. Штета е кога таков потенцијал ќе ти падне во вода (pun intended).

Џокер, Пингвин, Ридлер, па дури и Мистер Фриз на едно место, Фамилијата (сите Робини, Бетгрл и Алфред) во длабоки лајна и ни малку муда за да "оштетиш" некој лик кој до сега упорно бил безбеден. Кога Фамилијата беше седната на маса со главите во завој и траги од крв, мислев дека тоа е тоа. Снајдер собрал храброст да ги сруши границите, да видиме уште еден R.I.P... Можеби и не е одлука на Снајдер, но секако требаше да биде нешто поголемо од "класична шега на Џокер". 

Врската помеѓу Бетмен и Џокер беше одлично разработена, но тоа мислам дека веќе и не е тешко да го склопиш квалитетно. Дури и тука имаше простор да се чепне нешто што до сега не сме го виделе, но и тоа беше "класична шега на Бетмен", нели? Сепак, се остава простор за Џокер, нормално, прерано е да отиде прерано, меѓутоа мислам дека приказнава имаше невиден потенцијал малку да ги размрда работите од шини. 

Доколку крајот беше таков каков што претпоставував, пардон, сите претпоставуваа, можеби и ќе ги читав поврзаните приказни од другите наслови. Вака, некако и ми нема поента, освен некогаш кога ќе ја ги проаѓам броевиве на Бетмен пак. Сега очекувам филери во следните број, два и се надевам за добра Ридлер приказна. Уште стојам на тоа дека Снајдер и Капуло се легендарен тим, и ете, не губам доверба. 

December 30, 2012

Новите DC: Краток муабет за Aquaman

Кога Љубиша ми го предложи Aquaman од рибутот на DC, мислев дека ме ремети. "Океј, читни го барем првиот број и кажи ми што мислиш." Да читам Aquaman? Сериозно? Лик од време кога некој мислел дека и Superdog е добра идеја? Го послушав зошто му верувам на вкусот. За неколку дена летнаа сите 13-14 броеви. 

Значи, замисли колку е тешко да пренесеш ваков лик во денешно време. Лик кој со години е омаловажуван, во сенка на група сериозни херои и си го перцепирал само како предмет за ремет. Аквамен - последниот лузер што плива и збори со риби.

Прв број. Аквамен спречува грабеж и ги остава локалните џандари, случајни минувачи и авторот на овој текст со подотворена уста и крената веѓа. Како е Аквамен ваков шизик на копно? Следната сцена е во рибен ресторан каде што истиот тој Аквамен решава да мезне нешто. Сите сме уште толку збунети... Како тоа ќе јаде риба, чекај малку? Дури и гостите го прашуваат какво е чувството да бидеш ничиј омилен херој и му ја претставуваат општо познатата слика за него. Во следните неколку страници, најискулирано ги крши сите предрасуди и се позиционира во мојата листа на наслови што обавезно ќе ги чекам секој месец.

Дури и заканата со која лик како Аквамен би можел да се соочи е генијално изведена. Хуманоидни пирани? Одлично за почеток. Запазен е неговиот главен душман, Black Manta од старите броеви, кој јас го дознав дури сега. Како што течат броевите, така се открива и потеклото на ликот и неговото место на копното и во подводниот свет. Последнава приказна која се врти околу Атлантис, некако ми кажува дека следно за читање ќе ми биде и новите Justice League, уште еден наслов кој сум го избегнувал. 

Сеуште не ми се верува како е можно Aquaman да е толку добар стрип. Џеф Џонс тука е дефинитвно она што е Скот Снајдер кај Batman, со тоа што имал дури и потешка работа зошто Бетмен како лик е класи над Аквамен. Ете, рибутот на DC со кој планот беше, меѓудругото, да се претстават стари ликови на новите генерација очигледно успеа. Аквамен си доби уште еден нов фан.

October 28, 2012

Новите DC: Batman #13

"Кловн влегува во полициска станица..."

А, исто така и во новата приказна чија тежина е логичен следбеник на маестралната Night of the Owls. Џокер се враќа во новиот универзум на DC, откако последен пат го видовме неговото брутално одрано лице. Отсутен една година од Готам, се враќа повторно да го тероризира градот, како физички така и психички. Морници уште на моментот кога всушност се дознава колку е блиску до своите (потенцијални) жртви. 

После два филери, ова е тоа што се чекаше од Капуло и Снајдер. Првиов број одлично го сетира патот за тоа што ќе го видиме во следните.

Овој пат заканата е многу пострашна, особено кога мотивот за неочекуваното "исчезнување" на Џокер станува крајно сомнително. А, со оглед на тоа што досега овој тим успеа да го испорача, несомнено се работи за историски добра Џокер приказна. Снајдер е на цврста позиција и веќе на сите ни е јасно што сè е способен да направи. 

Цртежите се перфектни. Капуло и овој пат заслужува овации. Само чекав да стигнам до страниците каде што конечно се појавува Џокерот за да видам што успеал да создаде. Моменталната физичка состојба во која се наоѓа ликот, е веројатно најморничавата варијанта во кој го имам видено.

Крајот наговестува нешто за кое се надевам дека нема да има таков исход како што изгледа. И, иако мислев да почекам да се соберат неколку броеви, ова нема шанси да го оставиш недочитано. Новите броеви од другиве наслови сеуште не ги разлистав, меѓутоа мислам дека ништо не е на ова ниво. Браво!

July 22, 2012

Новите DC: Крај на Night of the Owls

Конечно купив таблет, пред некој ден. Евтин, веројатно склопен на брод на пат од Кина за навака, ама си ја врши работата - одлично се читаат книги и стрипови на него. За друго и онака не ми треба. Прво што грабнав за читање беше тековниот Batman, кој со бројот #11 ја заокружи приказната за Court of Owls.

Шокантно финале, баш какво што доликуваше на приказната која Снајдер ја билдаше изминативе десет месеци. Целата таа мистерија околу Court of Owls крие една многу поголема, директно поврзана со Брус и Вејнови. Снајдер се осмели да отиде толку далеку и Линкол Марш во Талон костим да го претстави како изгубениот брат на Брус Вејн, за кој се верува дека починал брзо по предвременото раѓање. Брус одбива да верува во она што го зборува Линколн Марш, иако тоа што го зборува додека се борат низ Готам (браво за цртежите на Капуло) звучи убедливо и прави смисла. Во иста мера и неверојатно, но доволно моќно да го збуни и Бетмен и читателите. Приказна која чепкаше по корените на Готам и неговите еминентни жители, како Вејнови, требаше да дојде до некоја ваква точка. Самиот крај и The Fall of the House of Wayne оставаaт отворени прашања кои ја размрдуваат почвата на која стои ликот и неговата историја. 

А, кога сме веќе кај поместување на бет-чизми, дочитав/прочитав R.I.P. конечно. Со главоболка и падната вилица на крај, ќе се поклонам пред Грент Морисон за мајндфакот. Единствено нешто што можев да го читам со восхит после Batman на Снајдер беше ова. Заслужува посебна анализа и дискусија, само ќе треба време за да легне ко што треба. Премногу е. На Снајдер приказната колку и да е добра, е безкофеинско кафе со млеко од соја во споредба со ова. 

Nightwing и The Dark Knight за жал паѓаат во сенка на тоа што го прочитав викендов. Особено Nightwing, на кој ќе му дадам уште една шанса да ме запрепасти. Под влијание на останатите, мислам дека не го оценив како што треба. The Dark Knight е океј, лајт приказни, преубаво нацртани. Прочитав и Hush. Ги исполни очекувањата, може да пишам нешто и за тоа ако имам време.

Значи, сега го чекаме новиот арк на Batman. До тогаш, читам новиве Batman & Robin, зошто ми делуваа како да чепкаат моменти од R.I.P. а не стигнав да ги пролистам асално.

June 19, 2012

Новите DC: Batman Annual #1

Ах, каде да почнам. Прочитан е пред недела дена, а ограниченото слободно време не дозволува пост каков што заслужува. Затоа и ќе бидам краток. 

Бетмен како лик добива посебен третман откако DC се решија да ги ребутираат насловите. И, упорно ќе ги верглам истите работи за Скот Снајдер, за Грег Капуло и за тоа колку е добро тоа комбо. До сега, цепаат напред со приказна која веќе има антологиска тежина. Барем според мене. 

За ова Annual издание, Скот Снајдер е појачан од двајца релативно млади автори, Џејмс Тајнон и Џејсон Фабок. Првиот е бивши студент на Снајдер, повикан лично од него како ко-сценарист, додека другиот има само 27 години и "чкртка" The Dark Knight.

Заедно, во ова издание, го донесоа Мистер Фриз назад во освежениот универзум на DC. И тоа со феноменална приказна за неговото потекло, многу појезива од таа што е општо/грубо позната. Снајдер точно знаел како да го чепне ликот, да го направи посуров и да му даде една темна димензија која одлично се вклопува во оној Готам кој го постави во Batman. Тајната, мотивот и идејата на Виктор, го прават посериозен од било кое друго негово издание што сум го видел.

Бидејќи во тек е Night of the Owls, логично е приказната некако да се преклопи и тука. Има еден интересен детал кој спојува неколку точки. Иако можеби изгледа исфорсирано, вториот пак кога го листав, некако и направи повеќе смисла. Веќе имаш ивент кој се шири низ повеќе наслови, зошто да не ја искористиш приликата да го врзеш и тука. Барем некои работи добија и (логично?) објаснување. А, Пингвин ми беше изненадување кое не го очекував.

Со Фриз е далеку од готово. Не верувам дека ќе се врати во скоро време, но знам дека следното ќе биде уште подобро. Браво за уште еден одличен наслов.

Види такоѓе:

May 17, 2012

Новите DC: Кој ќе владее со Готам?

Осумката на насловната на неколку стрипови од DC рибутот, го означи почетокот на ивентот Night of the Owls. Основата на целата оваа ситуација која моментално се одигрува во темниците на Готам, лежи уште во првите броеви на Batman

Мистериозното друштвенце кое обожава бувови и го тормозеше Бетмен, почна да ја спроведува својата мисија во Готам, елеминирајќи влијателни имиња, кои го одржуваат и обликуваат градот. Истата ноќ, Court of Owls праќа огромна група на Талони и во куќата на Брус Вејн, кој уште не е целосно закрепнат од нивниот психофизички терор. Побројни се, и го знаат неговиот идентитет. 

Како што битката се пренесува во бет-пештерата, така Скот Снајдер запрепастува со неговиот феноменален стил. За толку кратко време докажа дека му е влезен на Бетмен во срж, па што е до мене, може што сака да прави со ликот после ова. Талоните се во пештерата, каде што предците на Брус Вејн ги требеле лилјаците со бувови. Имало бувови насекаде. Кога ја напуштиле пештерата, лилјаците се вратиле, бидејќи се скриле во најмрачните делови, каде што бувовите не успеале да пристапат. Лилјаците подоцна се вратиле да се одмаздат. Бетмен ќе се одмаздува во следните броеви, кои едвај ги чекам. Му влегоа во домот - ќе ги запали нивните. По ова следи кратка приказна која води до минатото на Алфред и одлично се вклопува во целата ситуација.

Nightwing си истера одлично и се надоврза кон случувањата во Готам. Дик Грејсон си доби посебен третман на своето минато, циркусот каде гинат неговите родители и неговото место денес во градот. Не очекував дека токму тој бил планиран за еден од Талоните, но пред да го земат тие, Брус Вејн веќе си го прибрал кај него. Делот со изнесување нови детали од минатото на овие ликови го обожавам. Им дава некоја друга димензија и поинаква перспектива. Најтвинг, неговата неисполнета судбина, буквално го соочи со сопственото минато и откри факт за презимето Грејсон, со што се крена левелот на бизарност во целата приказна. 

Неверојатно е колку добро го тераат целото ова, што дури ми иде и Batgirl да читам. Приказната се раскажува од различни аспекти, а верувам дека за да се продаде и Batgirl, имаат и таму скриено некој детал. Night of the Owls се случува и во Batman & Robin, Batwing и Detective Comics. Тие не ги следам редовно, па имам доста за читање.