Последниве години, компанијата на Тод Мекфарлејн профитот го вади од играчки, додека стриповите полека им умираат. За жал, Spawn е единствениот стрип на Image Comics што колку толку успева да се одржи, и тоа благодарение на успехот во 90-тите.
По Армагедон аркот, Spawn и немаше баш кај и да оди, веројатно и МекФарлејн го сконтал тоа уште тогаш, меѓутоа му требаа години да се обиде да го мрдне стрипот од мртва точка. По Армагедон аркот, имаше лош обид да се рестартира приказната, дури и буквално. Откако светот е уништен, Спон наоѓа начин да го врати назад комплетно со помош на мистични фактори, измислени веројатно во последен момент, во фрка, кога сценаристите барале начин како да продолжат понатаму. Во реконструираниот свет, приказните не се воопшто сјајни, а за да биде полошо и Никс е сеуште присутна. Искрено, се надевав дека некој ќе види колку е лош и исфорсиран ликот уште во првите неколку броја откако се појави. Веројатно МекФарлејн со вакви глупости, wicca, вампири и слични инфантилни теми (претставени во најкатастрофална форма) се надевал на гот/емо/твајлајт публика. Сценаристите упорно се губат во наоѓање некаква замена за Ког, еден од најдобрите ликови кои се имаат појавено во Spawn. Откако ќе го снема, квалитетот на Spawn значително се намалува.
По крајно чудната приказна (лоша е, но си има моменти достојни за внимание) за Ал Симонс и неговата трансформација во Хелспон, МекФарлејн го прави најхрабриот чекор во 15 годишниот развој на стрипот, го убива Спон. Баш делуваше некако симболично, Симонс со последни сили успева да си ја разнесе главата и конечно да умре, како што МекФарлејн со последни сили прави обид да го врати сјајот на Spawn.
Со смртта на Ал Симонс, почнува Endgame аркот каде што симбионтот и моќта се префрлаат кај Џим Даунинг, пациент кој со години бил во кома и нема никакви сеќавања. Под сомнителни околности, во болницата, исчезнати се сите информации за Џим Даунинг и се води како "Пациентот 47". Единствената личност која му е блиска е медицинската сестра Сара, која се грижела за него додека бил во кома. По Џим трага тајна организација, а со добивање на симбионтот и разни ентитети од рајот и пеколот, меѓу кои и Кловнот (The Violator) кој се враќа назад во стрипот по години отсуство. Џим полека почнува да се трансформира во Спон, незнае што му се случува и е во постојана потрага по одговори, како за новите физички промени, така и за сопствениот идентитет. Постепено дознава за необичните моќи, симбионтот и Ал Симонс и на крај конечно станува комплетен Спон. Во меѓувреме, дел од болните од болницата каде што престојува Даунинг мистериозно се излекувани. Вака завршува Endgame аркот од неколку броја, а од тогаш излезе само еден нов.
Endgame го рестартира Spawn, многу поуспешно од претходно. Приказните во Endgame во духот на првите броеви, кога главна движечка сила на стрипот беше развојот на главниот лик и неговата емотивна страна. Искрено, ми беше тешко да ја прифатам смртта на Симонс, иако сум сигурен дека во иднина некако ќе се врати. Друго битно за спомнување е тоа што МекФарлејн се враќа како сценарист, додека Грег Капуло (според мене, најдобриот Spawn цртач) е исто назад со насловните и еден број комплетно негов. Да, маркетингшка фора за колку да се привлече назад старата публика, но и последниот обид на МекФарлејн да си го спаси она што го направи богат и познат.
Искрено, ми требаше две читања на Endgame за да видам дека сепак има некаква вредност и надеж за Spawn. Со малку повеќе креативност и труд, наместо шарено чкрабање демонски ентитети со смешни имиња, Spawn ќе блесне повторно и ќе може да се надеваме дека некогаш ќе видиме нов филм или анимирана серија. Ќе следам редовно што се случува, ме интересира до каде ќе оди приказната и како ќе се расплетуваат мистериите околу Џим Даунинг. Враќаат многу од старите ликови, како Сем и Твич, па може МекФарлејн ќе се договори Нил Гејмен за Колиостро.
No comments:
Post a Comment