Луи ЦК, заедно со Даг Стенхоп, ми е омилениот жив комичар. Покрај тоа, има и серија, Louie, чија четврта сезона заврши денес, по торентско време. Луи сам си ја пишува, сам си ја режира, а некои од епизодите дури и сам ги има монтирано на шугав лаптоп. Добар дел од серијата е базиран на неговиот приватен живот и тоа успешно го проектира. Затоа, пред воопшто да почнам со гледање, му ги изгледав сите стендапи. Повеќе пати.
Луи е одечка депресија и човек со огромно срце. 40 и кусур години, разведен, сингл и со две деца кои ги гледа неколку денови во неделата. Остатокот од времето, истура виски по неговото голо тело до моментот кога пак ќе му зазвонат на врата. Иако веројатно не е точно како што кажува, фино знае како да долови каков му е животот во глобала. Серијата е отприлика тоа, за стварите кои ги критикува во неговите настапи, сомнителните социјални појави, несреќното секојдневие, осаменоста и љубовта. На моменти намерно претерано, но со цел поентата да биде уште поостра. Баш затоа е толку цар.
Низ сите сезони гостуваат еден куп познати фаци, колеги комичари и актери кои дури некогаш глумат некоја пародична верзија на самите себе. Во третата сезона се појавува дури и Дејвид Линч. До третата сезона, Louie ми беше една од најсмешните серии на телевизија. Далеку од класичен ситком, меѓутоа суштината беше таа. Во речиси сите епизоди, имаше и стендап парче, создадено баш за потребите на епизодата. Маките на Луи секогаш беа присутни, меѓутоа ги интерпретираше шармантно, со црн хумор на претек. И, во најсрцепарателните епизоди, како онаа со Даг Стенхоуп (или онаа со Нова година, Дамјан!) , пак ќе се најдеше нешто што направи да си истуриш кафе на тепих од смеење.
Четвртава сезона беше драма. Депресивна драма. Постепено го снема хуморот, дијалозите станаа посериозни, ситуациите станаа помрачни. Додека дојде до крај, среќен патем, буквално ме уби. Не знам дали е само до мене ова, или ја не се насмеав повеќе од три пати во овие четрнаесет епизоди? Не дека беше лошо, напротив, само што у принцип, гледав Louie за да олабавам, а не да врзувам нов чвор на јажето. Најсветлата точка во цела сезона беа двете епизоди со млад Луи и Џереми Ренер. Ем поентата беше сосема на место, ем ми докажаа уствари какво глумчиште е Џереми Ренер! Остатокот беше болка и страдание! Ако требаше да ни падне жал за Луи, еве да, мене ме дирна кога му отиде Унгарката!
Што и да направи Луи, ќе го следам. Добар е баш затоа што е ваков, ако е воопшто е ова комплимент. Дури и никогаш да не ја видиме серијава со нова сезона, има доволно материјал вреден за конзумирање, размислување и извлекување мудрост. Капа доле!
No comments:
Post a Comment