Џорџ Милер со Mad Max: Fury Road само што објасни што се случува ако вбризгаш неконтролирана доза на адреналин директно во осумдесетите. Буквално го фаќа за уши Мајкл Беј да му покаже како се прави акционен спектакл. Се надевам дека и Џос Видон посматра од некое ќоше и си прибележува во тефтерчето. Fury Road вози директно во материјалот на двајцата младичи погоре, растерувајќи ги нив и останатите колеги од патот, како би се ослободил простор за најѕверското блокбастерско остварување во последниве неколку години. А, во некое далечно идно време, кога ќе дискутираме за најдобри продолженија и филмови од оваа декада, ќе гледаме на Оптимус Прајм и Мајкл Беј со уште поголем потсмев.
Fury Road е двочасовно возење под гас до даска низ пустина во свет кој е во зрела фаза на еколошки колапс. Не се обидувај да бараш логика во временската линија на настаните од претходните Mad Max филмови, прифати ја приказната таква каква што е, и опушти се удобно во практични ефекти и каскадерски вештини. Дозволи си да ти замириса на бензин и нитро и навикни се да плукаш песок. Сите клишеа на нарација се прегазени. Но, и покрај целата таа визуелна катаклизма, Џорџ Милер успева да биде кохерентен и да ги хармонизира стварите. Сè што ќе видиш во Fury Road, безобразно те мава по сите сетила и пак те остава без зборови и насмевка.
Тешко ми е да го доловам искуството што го овозможува Fury Road. Скоро да е спиритуално. Импресионира од секаде, со секој поминат километар низ пустелијата. Кога нема никој зад воланот, ти ги напнува рецепторите со глетки што длабоко ти се вкоренуваат во истиот момент. Колку и да трае, посакуваш да возат до последната капка бензин. Еден од оние ретки филмови што би можел да ги гледам пак отпочеток одма откако ќе завршат. Веројатно и повеќе пати. Додека не оќелавам и не ми побели кожата. Fury Road ќе остане безвременска класика. Ремек дело што е примитивно и модерно во исто време. Практично ги зема сите елементи на кои е потпрен светот на Макс и ги напрегнува онолку колку што може да издржи филмска лента.
Сакам продолжение од ова. Не сум сигурен што точно сакам и можам да видам, ама ми беше малку. Сакам да видам што е останато во брилијантниот ум на Џорџ Милер, ме интересира уште колку може да стисне на педалата. Дури и повеќе од ова истото ќе ме направи среќен Бобо. Желбата очигледно ќе ми биде исполнета со она што деновиве се најавува како Mad Max: The Wasteland, така што подобро да си го врзам појасот.

