May 4, 2015

Првата сезона на The Last Man on Earth

Најновиот додаток во малата листа на хумористични серии што редовно ги следам, денес ја заокружи првата сезона. The Last Man on Earth имаше феноменален почеток со пилотот и првите неколку епизоди. Уникатен третман на пост-апокалиптична ситуација, кој иако се оддалечи малку од она што го вети на почетокот, успеа да ме задржи до самиот крај. Серијата прекина да биде за последниот човек на Земјата од моментот кога се појави Керол, и прекина да биде за последниот маж кога дојде Тод. Ама, не е ни битно дали насловот тука ќе се поклопи целосно со приказната, нема да навлегувам во тоа. 


Најбитен е Фил Милер. Фил е најнесреќниот човек на Земјата, тоа е сигурно. За сè што му се случуваше во заедницата која се прошири за уште неколку луѓе, е сам крив. За сите пропуштени жени, шанси да допринесе со нешто добро и да освои било чии симпатии, па дури и да си го задржи името кога ќе се појави црнецот со исто име. Затоа и ние му се смеевме, зошто ете, се смееш на туѓата несреќа кога е предизвикана од тврдоглавост и такви "бели лаги". Фил не е лош човек, едноставно не знае да лаже, а мисли дека со обидите ќе добие нешто што може да го добие и ако биде целосно искрен. Но, тоа е идејата на ликот, затоа и во ниту еден момент не може да ти биде жал за него. Освен кога е заглавен на висок билборд со саати на најголемото сонце што Тусон може да го понуди.

The Last Man on Earth испадна најлабавата нова серија сезонава. Секако дека има маани, концепт кој или ти се свиѓа или не, меѓутоа Вил Форте е толку цар што морав да видам каде сè ќе го однесе ликот и во какви гомна. И, како некој што успеал да преживее сосема сам цела година, едвај се снаоѓа при обични социјални интеракции и си е сам себе најголемиот непријател. Форте понуди и свежи ликови, непредвидливи ситуации и достоен хумор за да сум тука и втората сезона. Не верувам дека има капацитет за нешто повеќе од тоа, ама ќе видиме. Финалето беше супер, со пресврт кој можеби ќе ѝ даде поинаков правец на серијата.

Останувам сега со Silicon Valley и Louie од хумористичниве. Silicon Valley станува подобра од првата сезона, додека Луи и покрај тоа што малку го врати хуморот, пак забегува со некои депресии како мината година. Што и не е баш лошо, само што повеќе го сакам кога е малку посветол. Нека довршат сезоните, па ќе пишам повеќе.

2 comments:

MikBok117 said...

Ако сакаш добра комедија (серија) ти ја препорачувам мојата најомилена The Office (US верзијата), изгледај 3-4 епизоди па кажи или напиши пост, мислења :)

Бојан Николов said...

Ехее, изгледано, прегледано. :) Има и постови. :)