January 2, 2018

Кошмарната Cuphead

Не го следев развојот на Cuphead, ама не успеа да ме одмине репутацијата со која играта се раскомоти од денот кога излезе. Cuphead е платформер чија надреална естетика и амбиент се инспирирани од стари цртани филмови од 1930-тите години. Со рачно нацртаните позадини и џез музиката од времето кон кое е упатен омажот, бев сигурен дека пред мене го имам следниот најубав платформер од Ori and the Blind Forest навака. Но, со Cuphead дојде еден дополнителен опис - рецензиите ја нарекуваа "Dark Souls со шољи". Dark Souls едвај имам допрено, ама имам доволно слушано од другарите на кои тој серијал им го одземал сонот и спокојот.

Dark Souls е наводно најтешкото и најкомплексно гејмерско искуство. Се фокусира на напорни борби со босови по кои веќе не си истата личност. Како може тогаш Cuphead, игра што изгледа како саботниот мамурлак на Волт Дизни, да биде толку погана како Dark Souls? После неколку изиграни саати и вирчиња пот под мене од стегање на гејмпадот, почнaв барем делумно да ја согледувам споредбата. Да, Cuphead се фокусира на кратки тепачки со брутални босови кои еве, со денови ми ги тестираат сите гејмерски вештини што сум ги стекнал низ годиниве.


На почетокот ќе те прелаже со класичните аркадни платформерски нивоа каде што практично трчаш по темпото на некои пријатни џез звуци, пукаш во бранови од антропоморфни цвеќиња и слични кошмарни инкарнации, собираш парички и скокаш низ препреки. Ќе умреш неколку пати, ама си самоуверен - доаѓаш од игри како Contra и Three Wonders, ќе стигнеш до крај, лесно е, полека. Очигледно само разгалени миленијалци кои се навикнати игрите да ги држат безбедно за рака проплакале од Cuphead. Пак умираш. Смешно ти е, а освен тоа не можеш да замериш на игра што изгледа толку слатко и невино, нели? Умираш. Умираш уште.

Си успеал некако да ги пројдеш нивоата каде што трчаш, скокаш и пукаш, задоволството е големо, ама сега е време за озогласените босови. И, умираш уште пред да почнеш да разбираш како да пристапиш кон тепањето на босот. Добрата работа кај босовите во Cuphead е што секој од нив има различна, но јасна шема која мора да ја научиш на памет ако сакаш да излезеш како победник. Имаат неколку фази кои се менуваат во точно определен момент. Меѓутоа, за да почнеш да ја препознаваш ќе треба да умреш многу пати, па така бос кој реално се победува за две минути, ќе ти одземе пола саат додека сконташ само како функционира, па да поработиш на своите методи.


Финтата е тоа што во моментот кога ќе научиш што треба да правиш, играта ќе продолжи бездушно да те убива додека не си ги прилагодиш рефлексите и концентрацијата. Еден скок во погрешна милисекунда или кратко неправилно дишење, и толку си. Мораш пак да почнеш. Немаш никаков индикатор до кај си босот, туку дури откако ќе умреш, прогресот ти е произволно обележан. Колку е Капхед поблиску до знаменцето во анимацијата, толку отприлика си успеал да преживееш до крајот на битката. Често ми се случува да умрам и Капхед да е позициониран на милиметар од знаменцето. Toгаш љубовта кон играта ми се претвара во краткотраен презир.

Cuphead има едноставна приказна чија нескриена морбидност функционира совршено во контекстот. Наивноста на главните протагонисти, Капхед и Магмен, ќе ги доведе во казино каде што ќе си ги искоцкаат душите на Ѓаволот, по што се задолжени лично од него да соберат пари од сите негови должници доколку сакаат да си ги вратат назад. Должниците се секако босовите кои треба да ги победиш. Но, тука има и уште еден штос, треба да ги победиш на регуларното ниво на комплексност кое е далеку позаебано од тоа што е обележано како "едноставно". Со второво само напредуваш низ трите острови, додека со комплетирање на регуларните нивоа ги добиваш и договорите од должниците на Ѓаволот кои ти овозможуваат прогрес кон уште потешки срања.


Трпението и упорноста ме доведоа до вториот остров каде што во моментов се обидувам да отклучам нови босови што ќе ми ги тестираат нервите и рефлексите. До тука успеав да стигнам без да купам било какво појачување со органичените парички што ги собирав низ нивоата, само да видам колку можам да преживувам. За вториот остров веќе почнав да обезбедувам некои ситуациони помагала. На секое следно ќоше од островот те чека уште поголем предизвик, а овој овде нуди и (срамна) информација за троцифрениот број на умирачки што ти ги приредуваат босовите. Сигурно бројката би била дуплирана доколку ова го забележуваше секое start > retry.

Не знам колку време ќе ми треба да ја завршам цела. Можеби и никогаш нема. Сепак, Cuphead засега ми дава сосема нова димензија на гејмерско задоволство, дури и самите обиди против навидум невозможните босови се максимално наградувачки. Многу е подруго откако ќе си го напрегнеш газот и прстите ќе ти развијат необична мускулна меморија. Мило ми е што единствените две игри од 2017 кои успеав да ги играм, испаднаа волку добри. Cuphead комотно може да си застане до Hellblade и да си ја делат титулата што ѝ ја залепив пред некој месец.

No comments: