March 11, 2014

Првата сезона на True Detective

Посведочивме една од најквалитетните серии во историјата на американската телевизија. Пак. Серија, што покрај другото, убаво го потенцираше талентот што го поседувал Метју МекКонахи. Ете, потврден и со Оскар (за филм што уште не го гледав), ако тоа на некој му е некакво мерило. Во True Detective е маестрален.

Финалето ја затвори истрагата за мистериозното убиство со кое почна серијата. Осум епизоди. Сосема доволно ако знаеш вака мајсторски да раскажеш приказна. Крајот за мене беше совршен. Гледам дека оние кои се занимавале со "мистериите" не се баш највоодушевени. Нормално дека некои прашања нема да се одговорени, но дали воопшто и биле прашања, а не преголемо обрнување внимание на незначајни детали? Фокусот уште од самиот старт беше на ликовите. Приказната, иако крајно занимлива и интригантна, никогаш не (ми) беше во преден план. Како што спомнав и во претходниот пост на истава тема, професијата на ликовите на моменти воопшто не е битна, туку врската меѓу нив и нивниот прогрес. Да, ситуацијата во која беа, е можеби специфична, но не и пресудна.  


Оној дел од приказната, со детективскиот случај, се заврши баш фино. Барем оној дел кој беше важен за Раст и Марти. Навидум премногу едноставно, но воопшто не е. Патот до таму, не беше така мазен како што можеби изгледаше. Погледни во животот на главните ликови. Изброј. Не знам какво откровение очекуваше интернетов што е толку разочаран? Возење, од првата до последната епизода е толку феноменално, што исходот на крај немаше ни да ми биде толку битен.

Не сум сигурен што да очекувам понатаму. Втората сезона доаѓа со нови ликови и комплетно нова приказна. Како се надминува нешто вакво? Додека дочекаме втора сезона, ликовите и целата симболика и мит околу True Detective ќе се врежува сè подлабоко во поп-културата. Се надевам дека нема да се обидат да ја ископираат истата формула. Ова функционира само еднаш. Доколку имаат нешто различно, моето тело е спремно! Додека го држи нивото на квалитет, тука ќе сум како публика.

No comments: