May 9, 2024

Годзила Минус Еден

Имаше повеќе Годзила продукти од 2016 наваму откако Toho ја означи новата ера во франшизата со Shin Gojira на Хидеаки Ано, ама за ниеден не бев загреан како за Godzilla: Minus One што излезе кон крајот на минатата година. Во меѓувреме гледав нешто од тие анимињата и секако холивудските Годзили што не ни успевам да ги разликувам од што се досадни. Ништо не ми залепи. Само чекав некое продолжение на Shin Gojira, меѓутоа наместо тоа, Ано ребутираше Ultraman и Kamen Rider за кои изгледа не сум доволно виб за да ми е гајле.  
 
Сепак, со Ано или без, единствено што се надевав е дека следниот Годзила филм ќе ја грабне американската франшиза за опаш и ќе ја акне од земја зашто упорно не успеваат да убодат нешто саглам. Стварно не разбирам како е толку успешно за да штанцаат нови филмови секоја втора година. Има и серија со Курт Расел од скоро. Прв сум да гледам како џиновски монструми, мајмуни и роботи пробуваат да се испоубијат меѓусебно, ама некако не ми пасуваат американскиве интерпретации колку и да им давам шанса. Не дека не можеш да најдеш петнаесет-дваесет минути забава во секој од нив, само пре би гледал јапонски гумен Годзила како шутира макети од згради. 


Godzilla: Minus One на Такаши Јамазаки е нешто малку трето. Не е како ниеден претходен Годзила филм, а притоа е најгодзила филм од оригиналниот навака. А, веројатно и најдобриот до сега. После сите ескалации на концептот, соочување со други чудовишта, пазари и адаптации - Minus One го сведува на најосновната идеја, но погледната од агол кој не знам како порано бил занемаруван. Како публика и некој што треба да е внесен во филмот, присуството на Годзила најчесто го набљудуваш од "подалеку", од перспектива на група научници или воена организација. Едвај гледаш како влијае индивидуално и како се одразува на некој обичен човек што ја имал таа судбина и Годзила да му се посере на животот дента. 
 
Без да навлегувам во спојлерска територија, Minus One има ликови за кои конечно ти е грижа и чија приказна е вистинскиот столб на филмот. Овој пат приказната за првото појавување на Годзила во светот е раскажана низ очите на Коичи - камиказе пилот кој освен како посрамотен дезертер, во неговото уништено родно место се враќа и со друг товар, ненадминливи трауми и блиска средба со мистериозно чудовиште.
 
Иако филмот двои голем простор за Коичи и луѓето околу него, во ниеден момент не ти дозволува да подзаборавиш дека гледаш каиџу еп, дури и кога самиот Годзила не е присутен на екран. Само е мајсторски е позициониран во пост-воена драма која се занимава со физичкиот и емотивен пустош оставен во Јапонија по Втората светска војна. Ниту еден друг Годзила филм од помодерната ера не успеал волку ефективно да ја спроведе темата која е инспирацијата за создавање на чудовиштето и неговата природа.
 
А, што се однесува до самата акција за која веројатно седнуваш на ваков филм - најдобар е и во оваа категорија. Јапонската продукција со вкупен буџет помал од 15 милиони долари овде нуди спектакл што е неспоредливо подобар од оној што холивудската кираџиска франшиза не успева со четири-пет далеку поскапи филмови. Дизајнот на Годзила и самите специјални ефекти во Minus One се феноменални, без разлика дали сцената е денска, ноќна или во вода. Не знам колку се потпирале на гумени костими, практични ефекти и реални сетови, меѓутоа сè е некако органски вклопено и нема да те оќори ко американските. Дури и им отиде таму да ги нагази малку, им собра Оскар за визуелни ефекти.

Додека американските адаптации не можат да се решат дали сакаат да бидат Transformers или суперхеројска франшиза, Godzilla: Minus One докажа дека е возможно да направиш возбудлив Годзила филм што ќе биде сериозно, созреано дело и покрај тоа што главното средство е некој ваков џиновски воден диногуштер со апетит за правење хаос. Мило ми е што вака го брани интегритетот на брендот, комплетно спротивно од тоа што модерниот Холивуд моментално му го прави. 

Се надевам дека следниот јапонски Годзила ќе е нешто уште поразлично од ова. Нема потреба да се наративно поврзани филмовите за да се добри, еве овој нема никаква врска со Shin Gojira освен тоа што го користи истото чудовиште. Ете, можело да се биде свеж и после триесетина наслови. Не знам дали Toho тивко се натпреварува со холивудската штампарија или само неплански ги дроби вака од шала, ама квалитетот на Godzilla: Minus One е неспоредливо над повеќето скорешни блокбастери, не само Годзила филмовите. Не дека е многу тешко да си подобар од холивудскиот Godzilla vs. Kong, ама смешно ми е кога гледам колку е крш вака во споредба.