May 14, 2023

Ништо не се скрши на Diablo IV Server Slam

Викендов Активижн Близард почастија отворено бета-тестирање на Diablo IV, последно пред играта официјално да излезе на 6-ти јуни. Конечно начекав и јас да штрбнам малку. Еве да кажам уште сега, секој аспект од Diablo IV е феноменален. Да не ти се верува дека ваква компанија со одамна нарушена репутација, успева да обезбеди квалитетна игра, стабилно бета-тестирање и желба да им ги дадеш тие седумдесет евра за три недели. Мислам, рано е за конечни заклучоци општо за цела игра нели, ама дваесетте левели од отворенава бета беа доволни барем за да имам волја да го пукам ова од следниот месец.

Не беше така планот, се оштрев да мрчам. Искрено, имав многу ниски очекувања, а се изненадив уште од моментот кога не почекав ни минута за да влезам на серверите. Сите саати играње ми поминаа без прекин на конекција, без лагови и без ниеден баг што ми скрши нешто. Ова е веројатно и конечната игра, поентата на викендов беше да се провери издржливоста на мрежната инфраструктура која ете очигледно ги издржа сите што се нафрлија. Ќе има повеќе играчи во јуни секако, ама можно е Активижн Близард конечно да научиле лекција за помазно лансирање.

Единствено ми е криво што тие дваесет левели ги изиграв со Sorcerer. Пробав малку и Druid и многу повеќе ми легна од генеричниот мејџ што сум го преиграл во секоја можна игра што го нуди. Немам во моментов желба да ги играм истите квестови два пати во еден ден, ама сигурно ќе ми биде првиот избор во јуни доколку останат истиве класи што се сега достапни. Фали Crusader или некоја слична паладинска класа и искрено се надевам дека ќе се појави бесплатно во целосната верзија. Тоа некако најмногу сакав да го играм и ете уште го нема овде.

Пази, Sorcerer е општо забавна класа. Има повеќе варијации и комбинации што можеш да ги користиш за да не ти биде досадно, дрвото со таленти е обемно за секоја класа и верувам дека секој може да си најде склопка по терт, ама повеќе ќе преферирав да имам шанса да млатам демони со голем чекан и штит. Сепак, ми се свиѓа слободата на избор што ја има Diablo IV за експериментирање со класите, иако сигурно на крајот повеќето ќе ја играат истата мета. Барем додека се левелираш имаш повеќе начини да си го направиш карактерот како што тебе ти одговара. 

Визуелно играта многу повеќе потсеќа на Diablo II, таква е со малку полимитирана палета на темни бои за разлика од Diablo III што блештеше и во "најмрачното". Ептен е глупо да ја споредувам визуелно со Path of Exile која е баш онака директно инспирирана од двојката, ама сега озбилно е присутен тој Diablo тон што некако последниве години почесто се среќаваше во клоновите. Ова е амбиентот во кој естетиката од стариот ков на Diablo најсоодветно доаѓа до израз и среќен сум што Diablo IV вака мајсторски го создава и одржува.

Светот е отворен и за други играчи, па со нив ќе можеш да завршуваш групни квестови, настани што се случуваат некаде на мапата и да тепаш џиновски босови. Има некој MMORPG момент што во бетава верувам дека не успеав да го искусам во целост, ама очигледно ова е правецот во кој ќе се движи Diablo IV и засега изгледа интересно. Активижн Близард имаа скоро десет години да посматраат како жанрот еволуира, какви групни активности сакаат играчите и што да соберат од игри како Lost Ark, па и такви како Guild Wars 2 и последнава World of Warcraft експанзија. Некои препознатливи моменти од таму ќе ги сретнеш и тука во прилагодена варијанта.

Немам претстава каков ендгејм ќе има Diablo IV. Се трудам да избегнувам информации за да можам да ги искусам од прва рака кога ќе дојде денот, исто како што се изолирав од приказната викендов. Со тоа ограничено време не сакав да навлегувам премногу во наративните случувања, гледав само што побргу да се излевелирам за да пробувам билдови. Кампањата колку и да е интересна, сигурен сум дека ќе ја изиграм само еднаш на еден карактер и после ќе ја скокам. Никогаш не навлегов нешто премногу во Diablo фолклорот, ама сакам натенаане да седнам на четворкава и без брзање да ја изделкам цела приказна.

Се надевам и дека Активижн Близард нема премногу да се полакомат со микротрансакции за визуелни тракатанци. Сигурно нема денар да потрошам на било каква козметика што ќе ја продаваат, само се надевам дека тоа што ќе се продава со вистински пари нема да изгледа премногу подобро од тоа што бесплатно ќе може да ти се падне во игра што кошта 70 евра. Diablo Immortal им изнаправи пари од секакви глупости и скроз ќе е тапа ако се "инспирираат" од некои такви бизнис зделки. Само тоа ме плаши околу Diablo IV.

Не е далеку јуни, така што ќе се проба саглам. Diablo IV докажа дека уште е тате на жанрот и баш сум возбуден да видам како ќе се снаоѓа во овие модерни времиња. Онака, да ти дојде да провериш која година е на календар, Активижн Близард со најмалку две добри игри во исто време, еве оваа и Dragonflight. Ќе си помислиш дека некој од таму се позамарал да дознае што сака публиката да игра. Буквално пред една година им се потсмевав за Warcraft Arclight Rumble. Мислев да чепнам нешто друго слично додека да излезе Diablo IV, ете ја изиграв Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr и за малку ќе ја купев и Last Epoch периодов, ама ќе почекам да видам дали ова ќе ми стане "главниот" ARPG наслов. Озбилно е добра. Баш како што и треба да биде четвртата Diablo игра. 

Види такоѓе:

May 10, 2023

Два пати го гледав Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves

Претпоставував дека после три очајни Dungeons & Dragons филмови низ овие дваесетина години следниот ќе добие малку попристоен третман. Со толкав буџет и такви поскапи актерски имиња на список, беше очигледно дека целите на Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves се поамбициозни. Затоа и ми беше најпривлечен од сите овогодинешни блокбастери. Да се разбереме, не е The Lord of the Rings. Ни продукциски, ни тонално, ни било како. Меѓутоа, го гледав два пати во рок од една недела, па ќе заклучам дека си ја исполнува намерата да биде два саати чиста забава сместена во Forgotten Realms светот.
 
Мило ми е што се решиле на ваков лежерен пристап за Honor Among Thieves. Секако можеш да го скрпиш и ова како сериозна епска фантастика, меѓутоа со оглед на природата на изворниот материјал одлично функционира и вака позафркантски. Не е пародија во никој случај, само онака умерено и пријателски се зеза со некои клишеа и како таков е супер. На крајот е само филм, а не саботна D&D сесија кај баба ти во доградба.

Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves наоѓа начин за соодветно да го долови амбиентот на role-playing играта. Архетипските ликови често се однесуваат како друштво обични играчи кои се преправаат дека се дел од некаков магичен свет, што природно се рефлектира преку дијалозите и импровизациите, а "коинциденциите" кои ги вадат од некои критични ситуации се речиси еквивалентни на добро фрлена d20 коцка. На било кое друго место ова би личело на расклатена неумешна нарација, ама во Dungeons & Dragons филм е сосема адекватно. Дури и хуморот супер лепи во овој контекст.

Режисерите и сценаристите се истите што го имаат пишувано Spider-Man: Homecoming, па очигледно го разбираат ритамот на модерниве блокбастери, барем оние елементи што што ги прават добрите марвелски филмови функционални. Иако Honor Among Thieves не е баш истата формула, има некои моменти што можеби се препознаваат како сродни. Замисли, ова го кажувам како комплимент во 2023, ама озбилно постоеше едно време пред Avengers: Endgame кога таков филм носеше во себе некакви квалитети.

Забавна авантура е. Ги има сите зандани, змејови, магични артефакти, лоши волшебници и сè она што можеш да го посакаш од една ваква "кампања". Тоа што добар дел од филмот е сниман на вистински локации е уште еден фактор што го прави да биде и визуелно привлечен и да изгледа природно. Не е онаков пластичен и евтин како претходните Dungeons & Dragons филмови. Нормално, не ги заобиколува стандардните експлозивни CGI повраќаници, меѓутоа е доволно воздржан за да не ти го одвлекува вниманието со нив. 

Можеби единствена ситна замерка ми е изборот на актери. Крис Пајн и Мишел Родригез се одлични и очигледно и тие се забавуваат со материјалот, ама често не успевав да ги одвојам од ликовите што ги толкуваат. Повеќе ќе ценев некои непознати актери за истите ликови, ама изгледа продуцентите мислеле дека Крис Пајн и Мишел Родригез имаат некаква поголема пазарна вредност. Крис Пајн има доволно харизма за да го износи филмот со главна улога, ама на крајот пак некако го гледаш Крис Пајн, а не бардот Едгин. Среќа што Honor Among Thieves знае како да ги заигра ликовите меѓусебно, па затоа и замерката ми е онака тривијална.

Ме радува тоа што жанрот доби еден ваков свеж примерок што не настојува да е следниот The Lord of the Rings или Game of Thrones, туку си има сопствен стил и темпо. А, не ни има многу ствари за гледање од овој жанр за жал, особено не вакви блокбастери што си ја разбираат функцијата. Види што е моментално достапно за гледање од "големите" филмови и ќе те фати срам. Се надевам дека Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves ќе биде доволно успешен за франшизата да добие уште една шанса со нов филм. Не мора директно продолжение, комотно може да се извози друга приказна со други ликови.

Ова докажува дека уште е возможно да направиш забавен филм што нема да те малтретира со глупости додека си фрлаш чипс во фаца. Дури и кога визијата е веројатно повеќе студиска отколку режисерска. А, докажа и дека можеш да склопиш солидна фокусирана адаптација на постоечка интелектуална сопственост која поеднакво ќе биде ефективна за тие што се претходно запознаени со материјалот и тие што можеби за првпат се среќаваат со истиот. Камо среќа ова второво малку да го разбереше и оној Warcraft филмот од 2016.

May 7, 2023

Ретроспектива на Three Wonders

Пази која јака фора била Three Wonders низ флиперниците во девеести. Тураш едно жетонче и можеш да избереш меѓу три различни игри. Нормално, ова не го конташ дека е посебна ствар во тоа време, ама од оваа перспектива е многу јако. Мислам, тогаш не ни знаевме дека низ светот постојат оригинални аркадни машини. Во секоја флиперница ги имаше истите црни дрвени кутии и чичкото повремено ќе ставеше друга "програма". "Програми" е флиперџиското линго за зелените печатени плочи со пиратска игра, а една од најчестите такви во тие зачадени флиперници беше и Three Wonders.

Играта ја објавува Capcom во 1991, истиот тој Capcom кој е одговорен за сите клучни детски спомени на мојата генерација со насловите како Cadillacs and Dinosaurs, The Punisher, Final Fight, Warriors of Fate и Captain Commando. Има уште неколку на Capcom од тоа време што беа задолжително присутни во секоја флиперница, ама овие пет останаа со мене до ден денес. Знам некогаш да пуштам некоја од нив за да ја тргнам таа грутка во грло кога кога ќе ми текне на тоа време.

Прво нешто што ќе ти дојде на памет кога ќе помислиш на Three Wonders е веројатно run'n'gun платформерот Midnight Wanderers. Некогаш пробувам да разберам што беше толку привлечно во оваа игра за да е толку впечатлива и сега. Можеби визуелниот стил кој е значително различен од останатите во каталогот на Capcom, предизивикувачката тежина на самата игра, музиката и звуците или едноставно совршена комбинација од сите овие елементи. Дури и тие големите карти и монети расфрлани низ стазите имаат некое посебно задоволство кога ќе ги собереш. 

Тука и првпат како деца видовме некои фантастични елементи кои денес се стандард во фикција. Не дека ги немало и претходно во друг облик, ама јас бев од тие што од Midnight Wanderers првпат дознаа што е гоблин. Спореди со другине beat em ups што ги спомнав погоре, никаде немаш дрво со лице како непријател. Играта уште бара посебни вештини за да се совлада, што и не ме чуди зошто никогаш во флиперниците во кои се движев не слушнавме за некој "легендарен" играч што ја свртел со еден жетон. А, "големите" често ја штракаа и упорно умираа на втората стаза.

Кога ќе размислам, никој никогаш немаше видено како било кој врти некоја игра со еден жетон, ама за оваа не ни имаше такви гласини. Упорно ја имаше низ флиперници, макар и да дреме празна и да ја исполнува флиперницата со стравопочит. Случајно налетав на некоја статија за Three Wonders пред некое време и уште пред да дочитам веќе ја имав спремна на емулатор на таблет. Сè уште е таква магична и уникатна, со истиот предизвик од пред триесет години. Ја завршив за триесетина минути, ама ако израчунам колку петденарки "ставив" за да продолжам после секое умирање, веројатно ќе испадне некоја математика што ќе ти ја купи Elden Ring на 20% попуст.

Разбирам дека меѓудругото, многу од тогашните аркадни игри се така дизајнирани за да ти лапнат повеќе жетони за пократко време. Сепак, Midnight Wanderers е брутална и по тие стандарди. Постојано ти излегуваат непријатели од секоја страна, а исто време се обидуваш да пресконуваш работи што може да те убијат. Иако не е класичен bullet hell, нонстоп нешто се случува на екранот што ќе ти лапне жетон. И, ако конечно успееш да дојдеш до босот - ќе те пречека нешто на чија механика ќе мора да се прилагодиш брзо, а нема шанси да ти успее без прехтодно стекнато знаење и вештина. Лесно е да пробуваш сега со саати на Cuphead, ама оди прави го истото на седум години со 20 денари во флиперница. Веројатно и оваа "ексклузивност" направи Three Wonders да го има овој статус што го има денес во мојот тефтер.

Втората игра Chariot е практично продолжение на Midnight Wanderers. Ја има истата бајковита визуелна насока, меѓутоа жанровски е поразлична и помалку сурова. Со еден жетон ќе стигнеш и подалеку, иако можеби не си ја допрел со години. Игрите како Gradius се и онака полесни од тоа што е Midnight Wanderers, ама како засекогаш втор избор, Chariot остана недовршена оваа кратка играчка сесија. Кул е затоа што до некоја мера настојува да продолжи приказната од првата, барем онолку приказна колку што дозволува распонот на ваквите аркадни игри. Раскажувањето е претежно визуелно и како такво има максимален ефект. Малку да ѕирнеш од овие две игри и ќе ти стане јасно во каков амбиент се сместени.

Третата е некаков пазлер што никој не го играше. Не ни знам како се нашла во оваа колекција волку стилистички и тематски различна. Се разбира, секој имаше бар три-четири жетони потрошено на ова колку за да ја проба, ама не се сеќавам дека имаше било каква публика низ флиперниците. Првите две, особено Midnight Wanderers, се причината зошто овој наслов е толку незаборавен и важен за генерацијата што израсна на флипери. Иако можеби не е подобар од другите Capcom класици, заслужува шанса и денес, особено ако сакаш да видиш до кај можеш да стигнеш со "еден жетон". Плаче за некаква освежена верзија, штета што ретко било која од тие флиперски приказни доживеа нова помодерна инкарнација.

Види такоѓе:

May 5, 2023

За John Wick: Chapter 3 - Parabellum и John Wick: Chapter 4 на еден трошок

Конечно го изгледав новиов John Wick филм деновиве. Кога седнав да си ги евидентирам впечатоците тука приметив дека никогаш ништо немам пишано за тројката. Па, фатив го изгледав и тој. Го немав гледано одамна, па меѓудругото беше и супер прилика да ми ги зацврсти стварите од последниот. Може требаше по обратен редослед, ама бидна. Исто така, се шокирав кога приметив дека се поминати четири години од Parabellum. Ќе се кладев дека излезе среде пандемија.

Parabellum почнува онаму каде што завршува двојката. Џон Вик е екскомунициран од организацијата за која оперира и за неговиот живот сега се нудат милиони долари. А, Џон само сака да си го исчисти името и малку да се скраси. Баш тоа и го размислував кога го гледав последниот. Дали некогаш воопшто легна да дремне измеѓу филмовиве? Верувам дека креативно усмртување на четрсто луѓе кои се обидуваат да те изрешетаат е захтевен процес за кој е потребна енергија, a дали еднаш го видовме вода како се напи.

Поентата ми е дека немам осет колку време е пројдено измеѓу третиот и четвртиот филм, зошто пред да го видиме Џон Вик во последниов, не беше баш во најзавидна здравствена форма. Не е ни важно тоа, акцентот на филмовите е да понудат експертска кореографија на боречки сцени која дефинитивно успева да се надмине со секој филм. Она што можеби во 2014 почна скромно и движеше на граница со неозбилна евтиноќа, денес е златниот стандард за акционен спектакл. Тие CGI повраќаниците во актуелните блокбастери не ги ставам во иста категорија, нормално. John Wick како серијал успеа да го засени и култниот индонезиски The Raid.

John Wick сепак функционира перфектно со сите пренагласени елементи. Без разлика дали се физички невозможните акциони вештини, отпорноста на куршуми, паѓање од зграда, тркалање по скали или фактот дека никој не е загрижен за пеесетина мртви тела среде светска метропола - John Wick со сите овие елементи се справува елегантно и беспрекорно. Филм е, не е документарец и веќе четири филмови строго се придржува кон параметрите кои сам си ги постави пред некои десетина години.

Она што мене ми е најкул околу серијалот е кога се одлучија дека Џон Вик е само слој во мистериозна хиерархиска структура која оперира низ цел свет. Тогаш работите станаа многу повозбудливи. Организација со сопствена логистика, валута, шифриран јазик и кодекс. Секој од филмовите постепено воведуваше некој аспект од тој свет, никогаш предиректно, онака доволно да биде интригантно, да ја крепи приказната, без да осетиш потреба во целост да ти објасни како функционираат нештата. Таа суптилност и воздржаност го прави цел серијал толку ефективен и искрено се надевам дека во серијата и спин-оф филмовите нема да се обидат да чепнат подлабоко. Овој досегашен начин е доволен за да се спроведат сите наративни потреби.

Тој баланс е можеби најевидентен во Parabellum. Пак ги има сите состојки на оригиналниот John Wick концепт, меѓутоа без ниту еднаш да ја размрда приземјеноста на целата слика, најмногу гребе низ тој свет каде што уфирцани платеници животарат во паралелно општество. Деталите кои Parabellum ги нуди за минатото на Џон Вик, директно се врзуваат со Chapter 4 и овозможуваат уште поголем мотив за приказната и општо постоењето на целиот филм. Искрено, мислев дека после три филмови серијалот ќе почне малку изморено да диши, а види го ти колку е всушност витален во самото финале. 

Велам финале, бидејќи Стахелски реши дека е конечно време малку да го стивне Џон Вик. Не само што публиката ќе се презасити, ама и сериозно ќе треба да најде покреативен начин за да го врати некогаш пак. Иако сум сигурен дека некогаш ќе се случи, би преферирал барем главниот серијал да остане на овие четири. John Wick: Chapter 4 е феноменален завршеток и би било непријатено за петнаесет години од сега да го гледаме остарен Кијану Ривс како пак брца луѓе со пенкало во мозок. Нека остане ова како печат од оваа генерација, четири добри филмови се баш пристојно достигнување.

Бил Скарсгард и Дони Јен се можеби најефективниот додаток во серијалот после Лоренс Фишбурн. Parabellum можеше малку повеќе да го искористи Марк Дакаскос на сличен начин. Не верувам дека во денешно време е спремен како мајсторот Дони Јен, ама филмот како да не му даде доволно простор да се раскомоти како што тоа го прави Chapter 4 со новите ликови. Иако филмот трае многу подолго од Parabellum, многу некако подинамично движи и не дозволува да се осеќа развлечено. Го сакам и Parabellum, ама неколку пати приметив дека некои работи или ги претрчува за да стигне до следната акциона сцена или ги влече непотребно. 

Ниту пак врската што Џон Вик ја има со некои ликови не изгледа толку знајачно ако фатиш да споредуваш каков му е односот со оние во другите филмови. Секако дека можеш истото да го кажеш за сите во серијалот, ама Parabellum најмногу се осеќа како видео игра и тоа е комплетно ненамерно. Сепак, деталите што ги нуди во оној дел со подземниот свет, со организацијата и фоклорот за Џон Вик го прават далеку од лош филм. Еден од четири мора да е последно место и еве го номинирам овој филм за таа позиција.

А, во Chapter 4, како за последен филм во серијалот, Стахелски не штедел на ништо. Сè она што си го видел во претходните три тука пичи помоќно од било кога. Од кореографските калакурници во акционите сцени, костимографијата, музиката, развојот на светот, па и емотивниот интензитет кој меѓудругото доаѓа и од фактот дека овој филм го бележи едно од последните појавувања на Ленс Редик, Chapter 4 е масивен. Нема шанси да навлегувам на спојлери, ама ќе кажам дека конечно имаше една симпатична визуелна The Matrix референца што ја чекав три филмови наназад. Суптилна и кратка, ама толку очигледна што одбивам да верувам дека е случајно присутна.

Како растен на акциони филмови што се излезени пред да се родам, мило ми е што имав ваква историска прилика да посведочам како се изгради култот за Џон Вик. Мислам дека влијанието врз жанрот тек допрва ќе го осеќаме низ филмовите што ќе доаѓаат. Само сети се колку пати за некој од акциониве филмови излезени во изминативе десет години си слушнал дека e "како Џон Вик, ама...". Ги има повеќе, ама ниеден до сега не успеа да го достигне ова ниво. Затоа и сметам дека серијалот треба да сопре тука, пред сам себе да се претвори во обид за John Wick филм. А, Кијану Ривс може буквално што сака да снима после ова. Не верувам дека постои друг актер во моментов што публиката го сака волку многу.

Види такоѓе:

May 3, 2023

Шестиот Scream

Два океј Scream филмови во рок од една година во време кога слешер хорорите се ехо од минатото и не е толку лоша статистика. Види ги какви се шестите продолженија во другите "бесконечни" хорор серијали. Никој нема да си рече, еј ај ќе го пуштам Friday the 13th Part VI: Jason Lives или Halloween: The Curse of Michael Myers. Секако дека и овие филмови си имаат некоја публика некаде што ги сака, ама обично додека некој ваков серијал стигне до оваа бројка, резултатот е изморена и потрошена варијанта на оригиналниот концепт и работите што го направиле функционален.

Сигурен сум дека истото може да се каже и за Scream VI, ама серијалот успеа да си најде некаков тон што некако не му дозволува да биде комплетно срање. Не е лесно да останеш свеж после пет филмови, а уште помалку забавен. Scream VI и нема некој сериозен проблем со тоа. Серијалот со четвртото продолжение зацврсти некои штосови што му овозможија прикладно да егзистира во светот што си го изгради и ако ништо друго, да си ги препишува правилата во сопствен контекст. Нема сигурно никогаш пак да го смени жанрот како кецот и да ги извади белешките надвор од сопствената франшиза, ама бар не е тажен обид за хорор како, не знам, Halloween Ends?

Scream VI знае каде му е местото и кои му се органичувања. Сите "иновации" се во тие рамки и апсолутно функционираат пак. Можеби и единствениот наслов меѓу сличните на кој му упали тоа воведување на нова генерација, сега и без премногу да се потпира на носталгија и оригиналните ликови. Оттаму и отсуството на Сидни е речиси незначајно, затоа што моменталната екипа е доволно добро обликувана да може да го износи серијалот барем уште два филма. Scream гледаш за да погодуваш кој ја носи маската на Гоустфејс и зошто. Филмот има за задача постојано да ти дава лажни насоки и мотиви, да те замота во сопствената игра и така да те одржува окупиран до самиот крај. Повеќе е како настан отколку како обичен слешер хорор и како таков максимално ме забавуваше и овој пат.

Можеби се должи на мојата љубов кон кецот како нешто што ме има внесено во жанрот, па сум крајно пристрасен, меѓутоа не можам да ископам некои сериозни аномалии. Scream филм е, не можеш да бараш повеќе од тоа што настојува да биде. Ако смениш, нема да е веќе Scream. Одлично балансира помеѓу бидувањето насилен слешер, продолжение во воспоставена франшиза и себереференцирање без ниту еднаш да се клизне. Последново е многу лесно да го догураш до критична точка, ама Scream VI е доволно полн со сопствени занимации за да избегне комплетна пародија на себе. Мислам дека дури и да го направи некогаш намерно во многу поголема мера, самите "правила" на серијалот би ублажиле такво скршнување. 

Актерската екипа која е присутна од претходниот филм е веќе уиграна, па доколку тогаш не беше јасно кој управува со новиве Scream филмови, сега е сигурно дека тоа е Мелиса Барера. Иако бев малку скептичен за начинот на кој нејзиниот лик е врзан со фолклорот на франшизата, Scream VI ме увери дека одредени ризици би можеле да се исплатат долгорочно доколку добијат ваков внимателен третман. Некои детали и нишки кои филмот ги најавува не се оставени за во иднина туку добиваат задоволителна разврска уште овде, што е исто позитивен сигнал дека екипата зад овие последни два филмови сака да раскаже содржана приказна без многу да го дрви.

Повеќето наслови во актуелниве франшизи знаат да искористат цел филм со надеж дека начнатите прашања ќе ги одговорат во следниот, меѓутоа Scream VI истовремено го користи целиот простор без многу ветувања за некоја следна прилика која можеби и нема да се оствари. Сигурен сум дека овие ликови кои ги запознавме изминатава година имаат барем уште два филмови, а верувам дека ако се искористи сличен пристап како овде ќе имам позитивни зборови и за идното продолжение. А, додека приказната се држи приземјена и е лишена од натприродни ствари и вселенски Гоустфејс, мислам дека нема место за паника. До тогаш, кој сака нека му ја носи маската.

Види, ниеден друг Scream нема да биде како првиот на Вес Крејвен, сепак забавно е да гледаш како друга генерација снаодливо се справува со наследството. Ќе си дозволам да кажам и дека последниве три Scream филмови ми се многу позабавни од вториот и третиот. Неизбежно е да се штанцаат продолженија во успешни франшизи, особено во жанр каков што е овој, ама секако пре би избрал варијанти на стандардизирана функционална формула во воспоставен континуитет отколку обиди за покласично ребутирање или неумешно трупање на страни елементи онаму каде што не припаѓаат. Затоа Scream како серијал е продолжува да биде убедливо доминантен во однос на сличните во жанрот, вклучувајќи ги и оние кои на Вес Крејвен му имаат послужено како директна инспирација.

Види такоѓе:

April 11, 2023

Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr до Diablo IV

Сигурно ќе ја играм Diablo IV некогаш. Можеби нема истиот ден кога ќе излезе, ама сигурно некогаш откако ќе се осигурам дека Активижн Близард немаат спремно некое скриено лајно да ни го истријат од фаца. Некој кеш шоп што ќе никне и ќе има некои бустови за тие што ќе се спремни да платат екстра или некоја таква глупост. Тоа што некако магично Dragonflight испадна океј не ми е доволно за да си ја вратам довербата во оваа компанија. Двата бета-тест викенди на Diablo IV биле супер според тие што имаа прилика да ја пробаат и искрено сакам сè да си остане така идилично, ама ајде сепак да почекаме. И, онака кога ја најавија мислев дека ќе излезе во 2028.

Ја испукав Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr неделиве сосе Prophecy експанзијата. Практично Diablo во 40K универзумот. Баш кога пред некој месец пукав Vermintide 2 и се оштрев за Darktide, се чудев што друго е добро од оваа франшиза, па еве ми го одговорот. Таман ми се играше нешто дијаблесто до Diablo IV, а од она што е моментално достапно на пазарот или сум го прошол или ми станувало досадно со секое следно играње. Мислам дека уште само Last Epoch не ја допрев, ама и таа ќе остане за некој следен пат. Ми требаше нешто во друга тематска насока.
 

Затоа Inquisitor - Martyr се наметна како најсоодветен избор. А, ем ќе ти отечат прстите од кликање, ем е прилика навлезеш малку во обемниот 40K фазон. Мислам дека после сите оние повремени обиди да му пристапам некако на овој универзум, дали со недопрочитани книги, игри или две армии минијатури што веќе четврта година чекаат да ги офарбам, баш со Inquisitor успеав да ја пробијам таа бариера. Не било до толку комплицирано. Штосот бил во тоа да најдеш нешто што ќе ти биде доволно интересно за посериозно да чепнеш под површината на тој комплексен свет полн со мизерија, постојано војување, псевдо-латинска терминологија, интелектуално предизивикани орки, вселенски елфови и историја што се протега низ повеќе од десет милениуми.

Приказната е крајно кул, ама нема да навлегувам во детали и спојлери. Ти си Инквизитор од Империумот кој оди на мисија да истражи сигнал од изгубениот вселенски брод Martyr, да открие што точно се случило со бродот и да ги истреби ордите на Хаосот и сè што смета дека е ерес. Каков таков, достапни ти се неколку различни класи и стилови на игра кои се технички пандан на стандардните што ќе ги сретнеш во ARPG жанрот, меѓутоа со сопствен слој што соодветствува со фолклорот на Warhammer 40k универзумот. 
 

После пеесетина саати играње низ овие две недели, успеав да ги спичкам сите главни и споредни приказни со мојот Heavy Gunner Crusader, да испукам неколку ко-оп сесии со друштво и да го почнам вечниот ендгејм грајнд за подобра опрема. Она што ја прави толку добра Inquisitor за играње е колку мазно функционира самиот гејмплеј. Во вакви игри сакаш да си моќен, да можеш да истрчаш цела мапа додека собираш непријатели на себе што ги млатиш по пат. Сакаш експлозии, да фрштат екстремитети и органи насекаде, да ти светаат бои и бројки од спеловите и да слушнеш метален звук кога ќе акнеш некого во фаца. 
 
Играта е предобра од овој аудиовизуелен аспект. Не е таква досадна како Path of Exile каде што четири секунди замавнуваш со гранка и во меѓувреме те донеле на пола живот. Таква е брза, респонзивна и динамична, а тоа ми е многу важно во овој тип на игри. Дури и кога сам ќе си го наштелуваш предизвикот со Tarot мисиите каде што сам избираш награда наспроти колку ќе ти се моќни непријателите или каков хендикеп ќе имаш на таа мапа. Такви афикси има многу, можеш да правиш комбинации од три - секоја секогаш со различен хендикеп во зависност од мисијата. Самите "тарот карти" имаат и левели, па како што прогресираш предвизвиците може да ти бидат поразлични и потешки.
 

Опремата ја има насекаде и во различни варијанти, можеш нормално да си правиш и своја. Кога ќе го искомбинираш тоа со многуте дрва за таленти, речиси секоја мапа можеш да ја претрчаш во различен стил. Јас почнав со шатган, сега дробам со џиновски чекан, фрлам ракети од оклопот и местам мински полиња, а на секој удар што ќе го примам, има автоматска шанса непријателите околу да бидат спржени со струја. 
 
Има многу можности и во склоп на класата што ќе ја одбереш. Не стигнав да пробам ништо друго покрај овој главниов Crusader, освен малку еден Tech-adept, ама веројатно органичувањата се однесуваат на оружјата што можеш да ги користиш. Во моментов можам да играм со десет различни пиштоли, штит и меч, секири, пушки, шатгани, чуда, врагови. Чекав да ги завршам сите мисии што ми беа потребни за да можам да направам нов карактер со кој ќе можам да ја прескокнам главната кампања.
 

Ендгејмот е нешто што се вика Void Crusade. Се отклучува со валута што е поретка во играта, ама афиксите што ги спомнав погоре може да ти овозможат шанса за побрзо да стигнеш до тоа и да го отклучиш. Во таков Void Crusade правиш некои мисии кои на крај имаат како една поглавна по која си фрлен во просторија со ковчези со поретки награди. Секоја мисија претходно ти ја зголемува тежината, па ако не си сигурен дека ќе преживееш до крај, можеш да избереш полесен пат до крајната, меѓутоа за помала награда. Ништо посебно, не е толку интересно како нефилим рифтовите во Diablo III, ама е пак позадоволителен грајнд од сличните игри.
 
Освен ова, можеш да правиш разни мисии и во отворениот свет, да собираш "влијание" за на топ листите со најдобри играчи, а има и еден крајно скршен и неизбалансиран PvP мод за ако апла ти е смачено од стандардните опции. Секоја недела ротира и по некој ивент што додава на целокупното искуство. Минатата недела можеше да ти се појави servoskull што е практично верзијата на loot goblin во играва. Утепај го - лапај си ретки награди. Оваа недела имаат нов ивент, на секоја мапа има шанси да ти се појави непријател што би требало да е потежок од останатите. Со добар билд ништо не е тешко, ама кул е што уште мрда играва иако е од 2018 и денес поретко тинтрана од компанијата.
 

Кога сме кај тоа, Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr e од истите луѓе што ја имаат правено The Incredible Adventures of Van Helsing, така што не се нови во жанров. Од таму имаат донесено и некои глупости што ни тука не ми функционираат, како tower defense мисиите, ама не се толку чести за да страшни. Пострашни се оние каде што си сместен во голем робот или тенк и мораш така да ја играш цела мисија со два-три глупи спела. Веројатно тоа ми е единствената замерка од гејмплејот. Другото е озбилно одлично, па комотно после сите овие саати што ги накуцав можам да заклучам дека Inquisitor е една од подобрите Diablo клонови што сум имал прилика да ги играм.

Друга негативна работа е што цената е преголема. 50 евра за конкретно оваа игра е многу, ама за среќа може да се најде и за пет евра. Оди често на и попуст, ама можеш да најдеш евтин Стим клуч во секое време. Се натоварив и со други Warhammer 40k игри, па кога ќе ми се смачи ова ќе ги видам и тие, со надеж дека во меѓувреме ќе ја оправат и Darktide. Мислам дека и конечно ќе може да ја дочитам Eisenhorn oд Ден Абнет, сега кога веќе поубаво се запознав со овој свет и Инквизицијата во него. Може ќе ги офарбам и фигурине што дремат така клот.

April 6, 2023

Сè ќе проба да те убие во Elden Ring

Никогаш не сум бил љубител на Dark Souls или souls-like игрите. Не ми била привлечна идејата четири саати континуирано да се потам да убијам некоја грозомора што ме составува со земја за милисекунда ако не ѝ се поместам правилно на лево. Потоа се појави Elden Ring. Ја поиграв онака колку да се каже тогаш кога излезе, дадов шанса чисто поради визуелниот дизајн и естетиката во која се затрескав инстантно, па после ја баталив за некои други наслови за кои не верував дека ќе ме завлечат до толку да не можам ништо друго да играм тој период.

Elden Ring е од оној тип на игри што сами ќе го најдат патот до тебе во вистинскиот момент. Не е нешто што го пушташ да се олабавиш, освен не знам, ако овој тип на игри после извесно време не почнуваш да го користиш за разонода. Мене ми требаше некое време да ми легне структурата на играва за вистински да научам да ја ценам како едно од најдобрите гејминг искуства што сум ги доживеал. А, веројатно не сум ни до пола. Не знам ни точно до кај сум стигнат, бидејќи Elden Ring и тоа го чува скришно.
 

Целиот свет на Elden Ring e таков таинствен и нејасен. Немаш водичи на мапа, ја немаш ни цела мапа туку ја склопуваш дел по дел, немаш директна нарација и јасно одреден пат. Пуштен си во некоја мистериозна мрачна средина со остатоци од некаква моќна благородна цивилизација. Единствена водилка ти се сопствената вештина за да се справиш со околината и попатните кратки пораки изрезбани со светли букви на камење кои како дел од светот ги оставаат други играчи. Ќе сретнеш неколку ликови по пат, меѓутоа нивните криптични објаснувања за како треба да им бидеш од корист можеби уште толку ќе успеат да те збунат. Тоа ќе ти се разјаснува постепено, а додека да почнеш да ги склопуваш деталите ќе изгинеш 8246 пати.

Играта е најтешката игра што некогаш ми поминала низ раце. Не си свесен колку не знаеш да ги играш игрите од овој жанр додека саглам не им седнеш.  На секој чекор нешто се обидува да те убие. Без разлика дали е стражар, мечка или монструозна ноќна мора со недефиниран облик, ако не научиш како да се тепаш - ќе ти се испише 'YOU DIED' на екранот уште пред копче да притиснеш. Ќе го читаш и сонуваш тој текст некое време пред да сконташ како можеш да се справуваш со тепачките во Elden Ring. Сè со кое можеш да влезеш во некаква борба има различен пристап и механика, па постојано си приморан да развиваш своја сопствена стратегија, вештина и стил. 
 

Во ниеден момент не си поштеден од непријателите. Мораш да почнеш со ситни залци, особено ако немаш искуство со ваков тип на игра. Целиот свет ти е отворен и можеш секаде да шеташ за да вежбаш и да стануваш подобар. Ќе почнеш со обични волци, некои незаканувачки војничиња и на крај ќе успееш да му го искинеш газот на првиот грозен трол што всушност ќе испадне дека не е ништо во споредба со тоа што ќе се соочиш понатаму. Јас на почетокот некако амбициозно завршив кај првиот поголем батка Маргит и речиси бев убеден дека можам да се додржам до крај, ама после небројни неуспешни обиди ми стана јасно дека ова не е како ниту една игра што сум ја играл претходно. Колку и да мислев дека имам некакви опасни гејмерски вештини и инстинкти, Elden Ring ги зема и ги фрли низ прозор.

Тука ми кликна она чувство кое ме натера да ја засакам играта толку многу. Морам да вежбам да сум подобар, да собирам руни со кои ќе ојачам колку-толку и да барам некое посаглам оружје. Руните се посебна приказна. Сè што ќе убиеш ти дава руни кои истовремено ти служат за левелирање и како валута за ретките работи што можеш да ги купиш. Кога ќе умреш, руните паѓаат на местото на кое си умрел, па мораш пешки да ги собереш со надеж дека нема да умреш пак и да си ги земеш крваво заработените руните пред да ги снема за секогаш. Не можам да избројам колку пати до сега изгубив илјадници такви мочани руни кои не сум успеал да ги искористам додека сум бил жив. Секој левел ти бара поголем број, па често ќе се шеташ наоколу таков изложен и полн со драгоцени руни кои едвај си ги собрал.


Уште не користам никаква помош освен таа што ми е достапна во играта. Не изгледав ниедно видео за насока, не прочитав никаков туторијал и сум сериозно горд што до сега успеав да измлатам неколку босови низ Лимгрејв, вклучувајќи ги и Магрит и Годрик. За нив ќе претпоставам дека се некој јак курац во приказната зошто се единствените до сега за кои Стим ме накити со ачивменти. Не знам ни за што ми се многу од овие работи што ги собирам низ светов, ама тоа и ми е најинтересно - да оставам играта сама да ми ги покаже. Сите тие наративни детали, тајни и криптични ликови сакам сам да ги откривам постепено и природно да ги учам како функционираат.
 
Отсуството на класично квестање е баш во тој дух, сите работи што ќе ги правиш тука се твој избор. Нелинеарноста на Elden Ring ти овозможува сам да избереш како ќе ја играш. Стварно уникатно RPG искуство што тотално не го очекував. Наградата е завршувањето на целта што сам ќе си ја зададеш, а не тоа што играта ќе ти го сервира и тоа ме прави особено среќен. Некогаш е пробивање низ територија што е преполна со тешки непријатели, некогаш е одмазда за група немртви во некоја темна пештера, некогаш е само собирање руни со надеж дека следниот левел ќе те направи за нијанса поиздржлив. 


Тоа е јакото. Колку и да се осеќаш моќно и спремно, пак може изненадно да те упокои некој џиновски стаорец кога ќе залуташ во некои темни катакомби. Играта е така направена да можеш да убиеш сè што мрда и на прв левел, штосот е во тоа да ја стекнеш вештината. Не си инстантен херој во играва. Не си Гералт од Ривија или Бајек од Сива, немаш села, градови и жители на кои им помагаш, сè е такво тмурно, неспокојно и осамено. А, Elden Ring баш знае да блесне со цел тој цивилизациски пустош. Не сум видел волку добро дизајнирана игра - од гејмплејот до самата морбидна пост-апокалиптична околина во која постојано си на штрек. 
 
Со ништо не би можел да го споредам ни визуелниот стил на светот. Има некои мотиви кои се очигледно инспирирани од постоечка светска архитектура, меѓутоа оскудниот начин на кој ти е презентирана приказната не ти дозволува да се стекнеш со лесно знаење за митологијата и фолклорот. Јасно ти е колку што му е јасно и на ликот со кој играш, па сите работи ги искусуваш од таа перспектива. Ретко која игра се снаоѓа волку добро со ваков пристап. Уште во првиот момент кога ќе стапнеш во Elden Ring ти е јасно дека тоа што е пред тебе не е слично на ништо што си видел претходно. Светот во кој ќе се заткнеш е руиниран и немаш никаква претстава за тоа каков би можел да биде во неговите посреќни денови. 

 
Како да сум заборавил вака да уживам во игри последниве години, сериозно. Многу од времето ќе играш нешто со пола мозок, ќе следиш маркер за следниот квест и махинално ќе кликаш врз ствари додека не умрат. Elden Ring ми побара 100% фокус и го доби. Сигурно дваесетина години немам играно игра во која сум бил волку целосно внесен додека ми е уклучена. А, со секоја сесија успевам да сум подобар од претходниот пат. Мислам дека засега добро ми оди, особено за некој што свесно се криел од вакви игри.
 
Можеби никогаш нема да успеам целосно да ја завршам, ама знам дека ќе уживам максимално во секој обид да се пробијам низ некој разрушен мрачен готски замок или полу-потонати остатоци од некогашен град додека се обидувам да сврзам што точно се случува во Земјите Помеѓу. Откако се справив со почетните фрустрации кои доаѓаат од тежината на гејмплејот сега ми останува само да копам подлабоко во светот на ова неповторливо ремек-дело. Дефинитивно најдобрата игра што се појавила во последниве неколку години.

March 24, 2023

House of X / Powers of X на Џонатан Хикмен и Пепе Лараз

Не сум отворил нов суперхеројски стрип со години. Некогаш знам дека седнам и да прелистам ствари од колекцијата што ми е на хартија, ама откако почнаа да облекуваат некои други ликови во костимите на "познатите" и да почнуваат од #1 секоја година, некако изгубив и желба и тек. Еве, сега имаш десет тековни Бетмен наслови и во ниеден го нема Брус Вејн, на пример. Нит знам од кај да почнам да читам, нит ме интересира. Нормално дека почитувам прогрес во приказните, ама кога ќе отидат до степен на непрепознатливост, со тоа оди и мојата желба да одвојам време за нив.

А, ми се читаше ново од жанрот. Затоа и се одлучив за House of X / Powers of X од 2019, мини-серијал на Хикмен како сценарист, кој се стреми пак да ги ресетира X-Men во некаков статус кво и да почне нова свежа приказна. Со довербата што ја имам во ваков докажан автор и добрата репутација на овој наслов, видов добра прилика да почнам пак да читам нешто вакво и апсолутно не згрешив. House of X / Powers of X е еден од најзабавните X-Men стрипови до сега, можеби и наслов што најмногу се двои од тоа што е моментално достапно. 

Двете приказни се со по шест броеви. Ги имаш посебно достапни, ги имаш и собрано во колекција каде што се хронолошки наредени, па веројатно второво е форматот најпогоден за читање. Бев малку скептичен за колку предзнаење ќе ми биде потребно, ама House of X / Powers of X доволно добро се справува со материјалот да едвај ти треба нешто повеќе од тоа да знаеш кои се мутантите и каков е нивниот однос со останатата немутантска популација во светот. Единствено што ме збуни е како Професорот сега може да се движи без количка, ама тоа е веројатно една од малкуте работи што доаѓаат од некоја претходна приказна која и нема некој голем удел во она што се случува тука. 

Самиот почеток на House of X / Powers of X е општо збунувачки и поради други причини, ама кога ќе го затвориш последниот број ќе ти бидат одговорени сите важни прашања. Приказната почнува со нова коалиција помеѓу мутантите која вечната мака со немутантскиот свет ќе ја претвори во сопствена мутанска нација со амбиции да биде признаена од меѓународната заедница како автономна. Мутантите се конечно обединети со една идеја и ресурси кои ги нудат за возврат со намера овој пат да си најдат мир и раат. Нормално, ова не е воопшто лесно и без отпор, па постоечкиот конфликт не само што се продлабочува, туку оди и во некои нови екстреми.

Хикмен ја раскажува приказната нелинеарно, скока низ различни временски периоди и воведува толку многу детали и разновидни идеи што мислам дека било кој друг да би го правел, би било премногу ризично за да биде успешно. Но, Хикмен е мајстор на занаетот, па овие наративни нишки се така добро исплетени да е неверојатно колку функционален може да биде ваков сериозен тон во материјал чија редундантност последниве години го направи мета на потсмев. Затоа и сум запрепастен од ова, мислев дека времето за вакви стрипови одамна е поминато. 

Ја има целата акција што можеш да ја очекуваш од X-Men стрип, меѓутоа мотивите што ги воведува во односите меѓу мутантското општество на Кракоа и тие кои се засегнати од идејата за неговото постоење во тој облик е нешто што ретко ќе го видиш раскажано на ваков начин. Идеолошката територија помеѓу двете страни никогаш не била посива од ова, а ликовите што ти се познати од претходно се трансформирани на начин на кој ретко кој автор би се осмелил. 

House of X / Powers of X ровари низ еден куп идеи кои не познаваат жанровски граници, а пак суштински е X-Men приказна која не би можела да функционира надвор од сопствените рамки. Затоа е и толку добро. А, илустрациите на Пепе Лараз феноменално го следат епскиот раскажувачки стил на Хикмен, па секоја страница е визуелен спектакл, комплетно соодветен да оживее и крепи приказна каква што е оваа. Кога House of X / Powers of X дополнително ќе се установи како класика во X-Men издаваштвото, многу од овие дизајнерски одлуки ќе бидат пристуни да послужат како референтна точка.

Мислам дека во моментов нема подобар наслов за да се вратиш на читање X-Men или конечно да почнеш. Иако интимно редефинирани, мутантите се пак тие што ги познаваш и се во можеби најдобрата стриповска форма во последниве години. Приказната која ја етаблира краткиот серијал House of X / Powers of X продолжува со нешто што се вика Dawn of X, составено од повеќе тековни X наслови, ама собрано во културни колекции полесни за читање и следење. Тоа ми е следно за читање. Баш ме интересира каде Хикман ја носи приказната после ова. Мило ми е што после години пак ќефски седнав со нов суперхеројски стрип. Камо среќа и DC Comics да го оправат Бетмен вака и да му обезбедат некој правец што ќе можеш да го следиш без да ти експлодираат очите.

Види такоѓе:

March 15, 2023

Првата сезона на The Last of Us

Скоро ништо не знаев за The Last of Us пред да ја гледам серијата. Сè што знаев за игрите претходно беше омотот како изгледа и дека тематика е пост-апокалиптична. И, дека се вкупно две, нели. Немам модерна конзола за игри, па тие ексклузивни наслови едвај и ги следам. Тие што ги играле игрите кажуваат дека биле добри, особено првата, а баш и од таква група на луѓе ми дојде препораката и за серијата. Да сум ја проверел, не била лоша.

Последниве години таа дефиниција за "лошо" малку успеа да си ги помести границите, па сум претпазлив како ќе си го потрошам времето со нови серии. Особено за серии кои се занимаваат со веќе постоечки материјал. На тоа додај ја адаптацијата на игри и каква им е историјата. Секоја чест на исклучоци како Arcane, ама лани се појавија некоја сомнителна Resident Evil серија и Uncharted филм кои не мора ни да ги пуштиш за да се увериш во промашувањето. Подобро да не одиме поназад од тоа.

Но, The Last of Us има и други фактори покрај добрите зборови кои беа пресудни за да пружам вистинска шанса. Серијата ја води Крег Мазин, човекот одговорен за одличната Chernobyl и го има Педро Паскал во главна улога. Не дека и ова вака не можеш да го истумбаш на покрив, ама одлучив да седнам и конечно да дознаам што точно е The Last of Us. Освен информацијата дека приказната и настаните во првата сезона се држат блиску до изворниот материјал, немам апсолутно ништо друго за споредување и премерување, така што пристапувам од "чиста" перспектива.

The Last of Us е најдобрата серија што ја гледав од Severance навака, еве да речеме откако почна вистинската пандемија. Серијата е сместена години откако светот е распичкаран од нешто посмртносна пандемија која заразените буквално ги претвора во зомбиња. Не досадните сто пати видени Ромеро немртви, туку има баш занимлив уникатен пристап кон жанрот. Знаев дека  играта е нешто вакво, ама ги немав деталите. Мислев дека ќе гледам уште една The Walking Dead, а добив сосема нешто друго што тотално ме израдува.

Во она што останало од некогашното модерно општество, Џоел се спојува со младата Ели и главната мисија му е безбедно да ја однесе од точка А до точка Б. Ете, може стварно нема подобар избор од Педро Паскал за другар и татковска фигура на битни сираци. Не знам дали е спојлер ако спомнам, се надевам не, ама Ели е потенцијалниот клуч за пресврт во пандемијата во The Last of Us. Оваа информација ја добиваш рано во серијата, мислам дека уште во првата епизода.

Надвор од ѕидовите на последните човечки заедници каде што секој чекор може да е погрешен, Џоел и Ели треба да најдат и заеднички јазик кој ќе го гарантира нивниот опстанок. Ели е родена и растена во веќе сјебан свет, а Џоел доаѓа од минато со страшна загуба и сведоштво на општествениот колапс, па тој сеприсутен јаз често овозможува конфликтна динамика со која серијата баш одлично се справува. Нивната релација е најсилниот аспект од The Last of Us, па додека сезоната стигне до крајот веќе ти е јасно дека сега и ти си дел тоа нивното нераскинливо. 

Деветте епизоди се речиси беспрекорно возење, освен можеби некаде при крајот кога сезоната искористи цела саат да обезбеди позадинска приказна за Ели која иако беше важна, можеше да биде барем пола трампана за малку повеќе акција. За серија која се занимава со зомби апокалипса, некако имам впечаток дека премалку видовме од самите Инфицирани. Ценам што има огромен фокус на меѓучовечките интерации, меѓутоа The Last of Us e пред сè зомби приказна, или? Како и да е, ова е едвај замерка. Знам дека е нешто што е директно адаптирано од DLC на самата игра, ама имам впечаток како баш таа епизода малку непотребно да го стиши интензивното темпо.

За среќа, моментумот се враќа уште во следната епизода, која е можеби најдобрата после третата и шестата, таман онака да те подмачка за финалето. Многу неочекувани пресврти, дури и некои ептен кул ситни моменти каде што мали улоги добиваат и оригиналните актери од игрите. Ова немаше ни да го приметам без да го прочитам отпосле, ама ептен го ценам како гест. Да бев фан на игрите, веројатно впечатокот ќе беше уште појак. 

Серијата блеска и визуелно. Кинематографијата е феноменална, а употребата на сетови наместо компјутерски генерирана околина ја прави уште посирова и уверлива. Се навикнав на шкарт серии и филмови продуцирани во пандемија кои разбирливо крателе на вистински локации и мило ми е што после време кое изгледа толку долго, пак имаме прилика да видиме пооргански опкружувања. Или пак е едноставно доволно скап CGI што едвај може да се разликува, ама во секој случај не успеав да ја увидам јасната разлика меѓу зелено платно и тврда градба. Секоја чест за ова. Нормално дека е многу е полесно да се внесеш во амбиентот кога ти изгледа реално.

Се надевам дека The Last of Us e стварно толку верна адаптација на играта. Барем што се однесува до главниот мотив и идеја што сака да ја пренесе. Во тој случај, ова менува сè. Редно време е после триесет години, или колку и да се веќе, како индустријата настојува да го адаптира медиумот во ваков облик, да добиеме саглам екранизиција на игра која ќе испише нови правила за како се прави. Дури и да не е, пак е високо-квалитетен производ, што еве ако целта меѓудругото била и да го доближат материјалот до публика што едвај знае за игрите, можам да потврдам дека кај мене им успеа. Знам дека продолжението на играта ја има малку поларизирано публиката, ама во план ми е да сум присутен и за следните сезони да видам каде ќе отиде ова.

Види такоѓе:

March 8, 2023

Распуцавање во Broforce

Нешто ме зачеша периодов за платформери. Ми се играше нешто такво да сум подзалежан со контролер во рака. А, имам еден куп такви што времето ги заборавило во мојата Стим библиотека. Ќе ги "пробам" пиратски неколку дена, ќе ги купам, па ги оставам да дремат така неинсталирани. Баш разгледував што имам во купчето пред да испазарам нешто што никогаш не сум го пуштил и налетав на Broforce. Играна пред шест-седум години некој саат и така баталена да чмае.

Имав некои позитивни сеќавања од Broforce од тоа време, ама не очекував дека денес ќе ме заглави со саати. Broforce е сатирично насилен омаж на старошколските американските акциони филмови, нивните ликови и тропи и тоа е всушност главниот штос на кој се заснова и гејмплејот. Почнуваш со лик кој е очигледна карикатура на некој филмски акционен херој, а кога неизбежно ќе умреш или спасиш воен заробеник се преродуваш како друг таков лик доделен по случаен избор. Може да почнеш како Rambro, a да ја завршиш мисијата како Broniversal Soldier или Brobocop.

Постојат триесетина такви ликови кои постепено ги отклучуваш спасувајќи заложници низ мисиите и секој од нив има различен тип на оружје и специјална способност базирана на неговата филмска инспирација. Пример, Brodator може да стане невидлив и да експлодира кога ќе умре, Indiana Brones има само камшик и еден пиштол што може да рокне повеќе непријатели истовремено, додека Time Bro го успорува времето околу себе, итн. Некои од ликовите се стандардот и првата асоцијација за жанрот, ама некои апсолутно ме изненадија. Не очекував дека ќе се родам како некој од Kill Bill, The Boondock Saints, Braveheart, а најмалку од неправедно подзаборавениот The Rocketeer

Баш овој штос ми е најзабавен во Broforce. Никогаш не знаеш што е следно, ниту пак што ново ќе отклучиш. А, со оглед на тоа што секој лик може да биде значително различен за играње од другиот, тоа може малку и да ти ја промени стратегијата со која ќе ја завршиш мисијата. На почетокот е лесно, веројатно затоа и сум ја баталил играта тогаш. Трчаш и пукаш, доаѓаш до крајот каде што буквално пукаш во ѓаволот облечен во костум, се качуваш на хеликоптер и одиш на следната мисија. 

Понатаму станува многу потешко и комплицирано. Бидејќи нивоата се целосно кршливи, можеш да уништиш буквално сè што гледаш на нив, како што прогресира играта треба да си претпазлив да не се дигнеш во воздух сам себе или да не ослободиш некој непријател што ќе ти направи непријатна ситуација. Некогаш се случува и да си ја уништиш платформата на која стоиш и да погинеш. Стандардните мисии се најчесто кратки и јасни. Добиваш задача да отидеш во некоја земја која "ја мрази слободата" и пукаш низ неколку нивоа додека да дојдеш до главниот бос, кој нормално е повторно пародија на некоја мегаломанска идеја што е присутна во филмовите од кои играта црпи инспирација.

Има и такви мисии кои се дизајнирани за конкретни ликови, односно "bros", кои се различни и отклучуваат дополнителни ситници кои понатаму ќе ти бидат од корист. Најчесто се многу побрутални од "обичните", па некои од нив уште се гњавам да ги завршам за кампањата да ми биде 100% штиклирана. Има една таква каде што буквално секоја милисекунда е важна, ама и после кофа пот и крв на контролерот и сменети два пара батерии, уште не успевам да ја пројдам. 

Broforce нуди и ко-оп, каде што може да собереш офлајн или онлајн пријателчиња за да уништувате џунгли, згради и подземни објекти заедно. Можеш дури и свои нивоа да си градиш, ама тоа е уште во некоја алфа верзија и го немам пробано. Не ни знам од кога е така, многу е возможно да останато такво уште пред години. Не сум сигурен ни дали студиото уште работи на играва, а баш е погодна за штанцање секаква содржина околу основната верзија. До сега имаат направено варијанта со The Expendables која секако дека се вика The Expendabros, ама ја немам пробано. Таа е бесплатна на Стим.

Играта е родена на Ludum Dare гејмџемот во 2012. Добива прва награда и понатаму се развива во оваа целосна верзија која е далеку "викендашко" проектче. Иако главниот мотив е можеби на посветла нота, барем во контекстот во кој опстојува, самиот гејмплеј знае да биде исклучително предизвикувачки и може да те заебе ако го потцениш додека си се смееш на имиња како Snake Broskin и Double Bro Seven. Некои од нивоата ќе те напнат до степен и на сон да ти доаѓа гласот што најавува "Mission Failed", па ќе се запрашаш кој навистина е главниот негативец тука. Дизајнот на некои од нивота и босовите е некогаш немилосрден и ќе ти докаже дека Broforce е многу повеќе од обичен штос каде што можеш да играш пародични верзии на твоите омилени акциони херои.

Како љубител на Metal Slug серијалот и старите тестостеронски акциони спектакли, Broforce ми легна многу повеќе отколку да ја преигрувам Ori and the Blind Forest пак или да се губам во Hollow Knight. Различни игри се секако, ама дефинитивно ми требаа овие неколку саати со ваква игра пред да преминам на нешто "посериозно" од платформериве или конечно да ја јавнам метлата во Hogwarts Legacy. Препорака за Broforce, озбилно. Многу е потценета, ни името го немав слушнато со години, а е супер забавна кратка игра.

Инаку, на крај од овој месец истото студио треба да ја пушти Terra Nil, игра што ја чекам уште од периодот кога се навлеков на Against the Storm и е наслов за кој имам големи очекувања. Free Lives се мало студио, ама очигледна е нивната љубов кон создавање на игри, па баш ме занима како ќе се снајдат со тотално различен жанр.

Види такоѓе: