Скоро ништо не знаев за The Last of Us пред да ја гледам серијата. Сè што знаев за игрите претходно беше омотот како изгледа и дека тематика е пост-апокалиптична. И, дека се вкупно две, нели. Немам модерна конзола за игри, па тие ексклузивни наслови едвај и ги следам. Тие што ги играле игрите кажуваат дека биле добри, особено првата, а баш и од таква група на луѓе ми дојде препораката и за серијата. Да сум ја проверел, не била лоша.
Последниве години таа дефиниција за "лошо" малку успеа да си ги помести границите, па сум претпазлив како ќе си го потрошам времето со нови серии. Особено за серии кои се занимаваат со веќе постоечки материјал. На тоа додај ја адаптацијата на игри и каква им е историјата. Секоја чест на исклучоци како Arcane, ама лани се појавија некоја сомнителна Resident Evil серија и Uncharted филм кои не мора ни да ги пуштиш за да се увериш во промашувањето. Подобро да не одиме поназад од тоа.
Но, The Last of Us има и други фактори покрај добрите зборови кои беа пресудни за да пружам вистинска шанса. Серијата ја води Крег Мазин, човекот одговорен за одличната Chernobyl и го има Педро Паскал во главна улога. Не дека и ова вака не можеш да го истумбаш на покрив, ама одлучив да седнам и конечно да дознаам што точно е The Last of Us. Освен информацијата дека приказната и настаните во првата сезона се држат блиску до изворниот материјал, немам апсолутно ништо друго за споредување и премерување, така што пристапувам од "чиста" перспектива.
The Last of Us е најдобрата серија што ја гледав од Severance навака, еве да речеме откако почна вистинската пандемија. Серијата е сместена години откако светот е распичкаран од нешто посмртносна пандемија која заразените буквално ги претвора во зомбиња. Не досадните сто пати видени Ромеро немртви, туку има баш занимлив уникатен пристап кон жанрот. Знаев дека играта е нешто вакво, ама ги немав деталите. Мислев дека ќе гледам уште една The Walking Dead, а добив сосема нешто друго што тотално ме израдува.
Во она што останало од некогашното модерно општество, Џоел се спојува со младата Ели и главната мисија му е безбедно да ја однесе од точка А до точка Б. Ете, може стварно нема подобар избор од Педро Паскал за другар и татковска фигура на битни сираци. Не знам дали е спојлер ако спомнам, се надевам не, ама Ели е потенцијалниот клуч за пресврт во пандемијата во The Last of Us. Оваа информација ја добиваш рано во серијата, мислам дека уште во првата епизода.
Надвор од ѕидовите на последните човечки заедници каде што секој чекор може да е погрешен, Џоел и Ели треба да најдат и заеднички јазик кој ќе го гарантира нивниот опстанок. Ели е родена и растена во веќе сјебан свет, а Џоел доаѓа од минато со страшна загуба и сведоштво на општествениот колапс, па тој сеприсутен јаз често овозможува конфликтна динамика со која серијата баш одлично се справува. Нивната релација е најсилниот аспект од The Last of Us, па додека сезоната стигне до крајот веќе ти е јасно дека сега и ти си дел тоа нивното нераскинливо.
Деветте епизоди се речиси беспрекорно возење, освен можеби некаде при крајот кога сезоната искористи цела саат да обезбеди позадинска приказна за Ели која иако беше важна, можеше да биде барем пола трампана за малку повеќе акција. За серија која се занимава со зомби апокалипса, некако имам впечаток дека премалку видовме од самите Инфицирани. Ценам што има огромен фокус на меѓучовечките интерации, меѓутоа The Last of Us e пред сè зомби приказна, или? Како и да е, ова е едвај замерка. Знам дека е нешто што е директно адаптирано од DLC на самата игра, ама имам впечаток како баш таа епизода малку непотребно да го стиши интензивното темпо.
За среќа, моментумот се враќа уште во следната епизода, која е можеби најдобрата после третата и шестата, таман онака да те подмачка за финалето. Многу неочекувани пресврти, дури и некои ептен кул ситни моменти каде што мали улоги добиваат и оригиналните актери од игрите. Ова немаше ни да го приметам без да го прочитам отпосле, ама ептен го ценам како гест. Да бев фан на игрите, веројатно впечатокот ќе беше уште појак.
Серијата блеска и визуелно. Кинематографијата е феноменална, а употребата на сетови наместо компјутерски генерирана околина ја прави уште посирова и уверлива. Се навикнав на шкарт серии и филмови продуцирани во пандемија кои разбирливо крателе на вистински локации и мило ми е што после време кое изгледа толку долго, пак имаме прилика да видиме пооргански опкружувања. Или пак е едноставно доволно скап CGI што едвај може да се разликува, ама во секој случај не успеав да ја увидам јасната разлика меѓу зелено платно и тврда градба. Секоја чест за ова. Нормално дека е многу е полесно да се внесеш во амбиентот кога ти изгледа реално.
Се надевам дека The Last of Us e стварно толку верна адаптација на играта. Барем што се однесува до главниот мотив и идеја што сака да ја пренесе. Во тој случај, ова менува сè. Редно време е после триесет години, или колку и да се веќе, како индустријата настојува да го адаптира медиумот во ваков облик, да добиеме саглам екранизиција на игра која ќе испише нови правила за како се прави. Дури и да не е, пак е високо-квалитетен производ, што еве ако целта меѓудругото била и да го доближат материјалот до публика што едвај знае за игрите, можам да потврдам дека кај мене им успеа. Знам дека продолжението на играта ја има малку поларизирано публиката, ама во план ми е да сум присутен и за следните сезони да видам каде ќе отиде ова.
Види такоѓе:
1 comment:
Не само што е верна адаптација, него скоро кадар по кадар е извадена од играта :) Дури до толку што ми фали малце експериментирање, ама не сум стигнат до финалето за да видам :)
Post a Comment