April 12, 2018

Кита у Била

Исклучително тешко ми е да издвојам еден филм на Тарантино како омилен. Дури и на оние што сум ги доживувал како најслаби при првото гледање, со секое следно сум се колебал да им ја залепам етикетата на магнум опус. Скоро ги гледав двата Kill Bill и сега ако ме прашаш веројатно нив би ги посочил како неговото најголемо дело. Не само по должината туку и распонот на приказната и елементите кои ѝ орбитираат околу јадрото. Тарантино никогаш не ја криел фасцинацијата со стари филмови и специфични жанрови, има и два вестерни зад себе, меѓутоа тој совршен амалгам на неговата вештина и оние од кои учел и бил инспириран ми е најизразен во Kill Bill.

Филмот се р'ти на паузите од снимањето на Pulp Fiction каде што со Ума Турман го конципираат ликот на Невестата, платен убиец кој сака да го замени моменталниот ангажман со понормален начин на живот. Не само звучниот наслов, туку и сцената што го отвора Kill Bill Vol. 1, кога ја гледаме Ума Турман на претсмртни маки во невестински фустан по крвава свадба е смислена десет години пред да биде снимена. Но, Невестата го преживува тој масакар и после неколку години во кома тргнува да прешкрта неколку имиња од листата на одговорните меѓу кои најбитното е нејзиниот поранешен работодавец и љубовник, Бил.


Во Kill Bill главната струја е одмаздата, a Тарантино користи неколку грајндхаус школи за да ја спроведе. Шпагети вестерни, самурајска кинематографија, кунг фу филмовите на Shaw Brothers Studio, комбинација која е толку функционално изнесена што и покрај бројните познати референци, мотиви и архетипски ликови, пак ти нуди чувство на нешто уникатно. Ситните штосови како повивањето на Невестата во мистерија кое оди и до цензурирање на нејзиното име кога друг лик го изговара до моментот кога подоцна е конечно откриено или брзите зумирања во лицата пред борба се само дел од деталите каде што Таратино се расфрла со извонредниот мајсторлук. Некогаш дури и дијалозите се така склопени да го емулираат 'евтиниот' стил на неговите омилени филмови.

Приказната која не е секогаш хронолошка е сегментирана на делови кои се референцираат меѓусебно со цел да ја зајакнат експозицијата. Како што пишува Роџерт Ибер во неговата рецензија, Тарантино тука раскажува и без приказна, бележејќи  само клучни моменти. Но, тоа не значи дека филмот ја губи доследноста, баш напротив, токму преку ова ја постигнува неговата симпатична привлечност. Дури има и цела аниме сцена која можеби и не би поминала поинаку кај студиото поради експлицитноста на темата. А, Тарантино не се воздржува да шокира со насилство и осетливи лајтмотиви.


Сцената кога Невестата се бори против приватната армија на О-Рен Иши е така понудена зошто била премногу крвава за да биде во боја. Кога цензорите реагирале на содржината на таа сцена, Тарантино тоа го врти во своја полза и го преправа во омаж на старите црно-бели самурјаски филмови. Сепак, поради фантастичната кореографија и режија, тој ефект само го зајакнува статусот на самата сцена која пак е комплетно изведена со вистински каскадери и практични ефекти. Попатен забавен факт, истиот кореограф е потпишан и на сцената во The Matrix Reloaded кога Нео се бори против двеста Агенти Смит.

Поради времетраењето филмот е поделен на два дела. Често слушам дека луѓе повеќе го преферираат првиот дел, ама и покрај малите тонални разлики пак не успевам да ги гледам како различни филмови. Ако веќе се затекнам во ситуација да треба да ги споредувам, за секоја сцена во едниот можам да најдам подеднакво ефективна и во другиот. Дури и Тарантино ги третира како целина и еден филм. Подоцна во Kill Bill: The Whole Bloody Affair резот со ситни измени ги спојува двата филмови во еден четиричасовен.


Од актерите е изваден максимумот. Ума Турман нема подобра улога од невестата Беатрис Кидо во кариерата, иако на почетокот не знаела ни мечот да го држи правилно. Којзнае како би изгледал филмот доколку Тарантино не ја одложел продукцијата поради нејзината бременост и била заменета со друга актерка. Но, занимливо е продукцијата не секогаш била така планска. Пример, јапонскиот бенд што свири во сцената во изакајата е случајно откриен откако Тарантино ги чул во бутик и се убедил со менаџерот да му го продадат ЦД-то. Подоцна решава дека не само што ќе им ја искористи музиката за саундтрекот туку и ќе ги покани на сетот со симболична улога.

Најзабавниот дел што го открив подоцна откако малку повеќе навлегов во кунг-фу филмот е целиот мит за Пај Меј. Ликот е често дел од тој тип на кинеска кинематографија, а Тарантино како најпрестижен комплимент, улогата за оваа верзија на Пај Меј му ја доделува на еден од најбитните актерите кои биле соочени со големиот Мајстор во претходните инкарнации - феноменалниот Гордон Лу од The 36th Chamber of Shaolin и еден куп други кунг фу класици. Тоа ми се свиѓа најмногу кај Kill Bill во однос на останатите Тарантино филмови. Влијанијата му се толку опширни што како одат годиниве и се запознавам со различни филмски школи, така можам да откривам нови моменти во него кои претходно не ми значеле многу.

Тарантино уште од 2004 зборуваше за можно продолжение каде што овој пат Невестата ќе биде мета на одмаздата на Ники Бел, малото девојче чија мајка е првата елиминирана од списокот. Дури имаше и гласини за приквел аниме филмови, ама последниве години сè околу можно остварување во истиот универзумот полека замираше до степен да денес Тарантино тврди дека воопшто ништо нема да го дочека денот. Можеби и подобро. Поголема желба ми е да видам како ќе се снајде со гангстерски филм за време на прохибицијата во САД отколку Kill Bill продолжение.

Види такоѓе:

No comments: