June 13, 2016

Warcraft (2016)

Ете, го гледав пак. Овој пат во IMAX 3D. Нешто што ме разгали до степен да сум сигурен дека ниту едно друго кино искуство нема да успее така да ми ги раздрма сетилата. Уште ги осеќам звучните вибрации во стомак. Веројатно истото чувство е кога поминуваш низ Темниот Портал. Од претпремиерата до овој хордашки аџилак со Бојчо во Софија, имав време да прочитам некоја рецензија, претежно од тие кои го распнаа филмов на сув асфалт под жешко сонце, и уште не ми е целосно јасно што не е во ред. Се обидов вториот пат да имам пообјективна перцепција, да ја разберам и страната која можеби е делумно одговорна за финансиската катаклизма на филмот (освен во Кина, нели), но на крајот пак ми изгледа како да сме гледале нешто комплетно различно. 

Иако е уште рано да се зборува за пропаста на Warcraft, јасно е дека филмот не доспеа до тој епохален триумф по кој времето во филмската историја ќе се сметаше "пред и потоа". Штета. Но, можеби сепак не е доцна за втора шанса. Има некој финансиски залет последниве денови што теоретски би можел да обезбеди продолженија ако воопшто студиото има волја за тоа. Единствената причина поради која ме загрижуваат лошите рецензии е токму ова. Сакам да видам уште. Во овие два саати, колку и да е густ материјалот, пак покрива само еден мал дел од митологијата. Уживав во секоја секунда, секое намигнување со референци ексклузивни за играчите, секој компјутерски допрен Орк и цел феноменален кастинг.


Разбирам дека приказната можеби е нејасна за публиката која немала контакт со изворниот материјал, но филмот не е толку лош. Warcraft не се обидува премногу да надомести за отсуството на некаков солиден вовед и запознавање. Не знам зошто е тоа така, можеби Данкан Џонс имал премногу верба во "домашната" публика, па не се претргнал премногу со крпење на дупките каде што би можел да се сопне остатокот. Но, ете, таа публика, заедно со критичарите, испадна факторот кој ќе го одредува успехот на филмот, што некако е логично кога веќе го претставуваш ова пред широка маса како блокбастер. Не се тие виновни. Од друга страна, имаш и хардкор публика која се беси за секоја ствар што се разликува од историјата што ја познава. Јас, како некој што е упатен во игрите и нема проблем со таквите разлики, си добив нов омилен филм.

Го видов Стормвинд, Голдшајр и Елвин Форест на самиот почеток на филмот. Истите локации кои ми се првите спомени од World of Warcraft пред десетина години. Премногу сум слаб на носталгија за да сум рамнодушен. И, не, тоа не е нешто што филмот го прави за да ти се продаде во замена за тие чувства. Мурлокот во реката и Харвест Големот се тоа. Ова е тој ебан свет што толку долго чекам да го искусам на ваков медиум и сега е конечно тука. Го видов Ајронфорџ. Видов Орки и лидерите на нивните кланови. Дуротан и Оргрим. Гул'дан. Мрсулаво бебе Трал. И, оние како Хелскрим, што само беа во позадина. Некои не беа ни спомнати по име, но знаев кој е кој и се смешкав од возбуда. Кога Лејн ќе му се обрати на малиот Варијан, кога глинениот џин што Медив го ваја во Каразан ќе стане Фел Инфернал... Тоа се тие моменти што ми го градат ова филмско искуство, макар биле и само сентиментални парчиња фрлени на едно место.


Се изначитав и глупости за тоа како Данкан Џонс не обрнувал внимание на детали. Од истите тие критичари кои освен тоа дека постојат игрите, не знаат друго за нив. Има една сцена каде што од изометрична перспектива камерата се движи низ неколку Оркшки кампови во уништени шуми и директно ги референцира стратегиските игри. Тоа ако не е обрнување внимание на детали, господо, не знам што е. Со што го споредувате филмот и какви детали фалат? Ги контам критиките за сценариото, дури и оние за темпото, но ако нешто е присутно во филмот, тоа се ебаните детали, украси и ситници. На моменти темпото е чудно, да. Ќе се сложам. Фали минутажа од тие 40 кои не завршиле во крајниот рез. Пример, сцената кога Кадгар заминува за Даларан е премногу кратка и сигурен сум дека има материјал кој не е искористен во оваа верзија.

Многу сакав Warcraft да биде повеќе од "филм само за нас" и сите да ја осетат магијата на тој универзум. Мене секако ќе ми беше ова што ми е, без разлика кој дел од фолклорот ќе го опфатеше. Прецизно ми ги погодува сите ноти. Не беше тмурен и мрачен, напротив, беше разигран и комплетно во духот на корените. Ама, јас ќе бев среќен дури и со Орки што берат цвеќиња два саата. Тоа е таа безусловна слепа љубов.

No comments: