November 9, 2021

Почетокот на Arcane, анимираната серија базирана на League of Legends

Нормално дека бев скептичен за Arcane. Не само што адаптациите на игри не се секогаш функционално изнесени од нивниот матичен медиум, туку и Netflix изминативе години агресивно си го трупаат каталогот со секакви наслови што оставаат впечаток дека никој не ги проверува пред да бидат пуштени во оптек. Еве, на што личеше она Masters of the Universe на Кевин Смит, жити сè? Уште не можам да се помирам. 

Идејата за анимирана League of Legends серија секогаш ми изгледаше примамливо. Колку и да е играта токсичен отпад денес, имам толку многу години пројдено таму што не би можел да си дозволам да заобиколам нешто како Arcane. Во првите години од League of Legends сркав сè што личеше на приказна таму, колку и да беше штуро и површно. Реално, колку па и можеш во игра од овој жанр да градиш некој слоевит фолклор што пробива подлабоко. Освен биографиите на Шампионите преку кои Riot Games ќе фрлеа нешто повеќе за светот во кој се одвива играта, приказната ретко завземаше некој поопиплив облик. 

Сепак, низ годиниве изградија некаков си универзум што сега со Arcane се покажа како одлична основа за раскажување. Два пати до сега ги спукав трите епизоди што излегоа минатиов викенд и едвај чекам следен за новите три. Имав многу мали очекувања, немаше шанси да толерирам нешто само затоа што е League of Legends, а серијата изненади колку е добро и внимателно скоцкана. Да не ти се верува, онака. Едно е да гледаш како Riot Games штанца кратки синематици околу играта, тоа и Blizzard го прават совршено добро, ама верувам дека е многу покомплицирано да ја одредиш вистинската креативна насока за нешто "подолгометражно".

Можеби најголемиот предизвик при адаптација на нешто волку обемно со ликови како League of Legends е прецизно да фокусираш. Не знаеме ни премногу за светот во кој постојат, а основата нуди огромен избор за наративна појдовна точка. Arcane успева да си најде фин агол и неверојатно е колку добро се справува со ситее елементи. Приказната во првите три епизоди е хронолошки сместена некаде пред играта, па повеќето од ликовите што ни се познати се уште млади. 

Ги гледаме нивните почетоци во свет кој е резервиран при користење на магија, па постојат разни структури кои илегално експериментираат со тоа, што е баш супер основа за поголем конфликт кој верувам дека ќе ескалира во понатамошните епизоди. Првиве три се воглавно сконцентрирани на обликување на главните ликови и тоа на начин на кој не го очекував дека ќе го сретнам тука. Arcane има некој изненадно сериозен емотивен тон што совршено те зближува со нив, па си лесно инвестиран во нивните мотиви и сè она што ги придвижува.

Иако можеби повеќе сакав да видам ликови од "првата постава" на League of Legends, од периодот кога играта беше уште свежа, овие што се во моменталниот фокус на Arcane одлично се вклопени. Приказната е доволно возбудлива да функционира со повеќето постоечки од играта, ама има толку многу што во секој случај изборот би се свел на неколку, без разлика на личната преференца. Ако Arcane успее да си ја обезбеди идината со повеќе епизоди и сезони, верувам дека ќе видиме и други. Има место. Ќе ми биде мило некогаш да ги видам тие од играта поради кои ми паднале прстиве од кликање на нив.

Анимацијата е феноменална, како и општата естетика и визуелен стил на целата серија. Присутни се многу елементи од играта, а некои толку суптилно протнати што ако трепнеш си ги пропуштил. Затоа второто гледање на овие три епизоди ми беше многу попријатно. Битно е дека го има она чувство дека си позициониран во League of Legends амбиент и многу ми е ќеф што конечно го гледам овој свет во некоја ваква форма. Копав да најдам некоја забелешка и немаше. Искрено очекував многу повеќе неконтролирани акциони сцени и пиу-пиу, а за среќа не ме дочека ништо такво. Не е ова Mortal Kombat очигледно.

Arcane е доволно добро напишана и склопена да функционира и за публика што никогаш немала и можеби нема да има контакт со играта. Не бара никакво предзнаење. Никогаш претходно не сум сретнал адаптација на игра која вака успешно се обраќа на широка клиентела. Можеби отсуството на цврсто зацементиран League of Legends фолклор го обезбеди овој простор за раскажување. Не знам, ама едноставно изгледа како да ја нашле формулата за им проработи целото ова. Викендов што доаѓа следуваат нови три епизоди, а наредниот и последните со кои ќе се заокружи сезонава. 

Види такоѓе:

No comments: