February 5, 2017

Првите три Rеsidеnt Еvil филмови

Како средношколец што не знаел за подобро, уживав во Resident Evil филмовите. Првите два излегоа во тие денови, кога изгледа уште некако ме држел фанатизмот околу Resident Evil 3: Nemesis играта. Се сеќавам и на жестоки дебати со другари за тоа кој филм и зошто е подобар, како е во ред што Алис е лик смислен ексклузивно за нив и дали појавувањето на Немезис во Resident Evil: Apocalypse е најдоброто нешто што сме го виделе на филм после Дарт Мол и битката за Ајзенгард. За третиот филм, Resident Evil: Extinction, веќе интересот ми беше значително опаднат. До денес е последниот oд серијалот што го имам гледано. Престанав да бројам колку излегоа после него, ама има и нов што моментално е во кино.

Додека смислувам изговори зошто немам време за новата Resident Evil игра, решив да се навратам на филмовите. Пет саати покасно, не жалам ни малку за изгубеното време, зошто ако ништо друго, сфатив дека може да се додадат во групата на најлошите работи некогаш создадени од човек. Особено во категоријата филмови. Убав пример за како не треба. Досадни се, глупави, без тензија или било каков хорор, со неуредна логика и дејствија кои се присутни само за еднодимензионалните безимени ликови да имаат изговор да си ги пренесат газовите и оружјата со бесконечна муниција од една сцена во друга.


А, ликовите некогаш имаат потреба сосема случајно да влетаат со мотор низ прозор во црква, во точниот момент кога на друга група ликови им е загрозен животот од лоша компјутерски-генерирана зомби повраќаница. По што, се разбира, ликовите продолжуваат заедно понатму, а филмот гордо се смешка што ете, успеал да поврзе две приказни кои до тогаш се одвивале паралелно. Измеѓу сцените кои Пол В.С. Андерсон ги замислил како "кул", има некој заплет околу Umbrella корпорацијата одговорна за зомби вирусот, ама некогаш е толку смешно изведено што повеќе е дистракција отколку корисен филмски елемент. 

Тоа најмногу е изразено во Extinction, кој и покрај финиот Џорџ Милерски сетинг и повремените Ромеро референци, успева да се испосере врз себе со плеткање во неуверливи, незаканувачки завери. Мислам, во свет каде што целата планета е уништена од зомби вирус и претворена во пустина зошто ете, некако пресушиле водите и цела вегетација, постои организација која делува од подземни лаборатории и со сателити во орбитата, обидувајќи се да ги припитоми кутрите зомбифицирани луѓе. Притоа, се жалат дека во другите слични лаборатории низ светот снемува храна, а трошат ресурси на 200 клонови на Алис. Што не клонирате нешто за јадење, прости ниедни.


Extinction е и единствениот од овие три кој има барем некаква естетска убавина. Генерално страда од истите проблеми како и претходните филмови, меѓутоа е подистанциран од акционите трендови што дојдоа со Matrix трилогијата и ги фарбаа повеќето блокбастери од тој период со тоа. Има неколку океј моменти што визуелно привлечни, иако не успеав да разберам што точно се случува во филмот. Дури во првите два, кои се како долги синематици од игра, имам некоја груба идеја за дејствието што треба да го следам. Со мала модификација на елементите во Extinction, би бил стварно забавен. 

Разбирам дека Umbrella се злобната корпорација и треба да се дел од Resident Evil адаптација, но не мора да се постојано инволвирани со таков супервилански тон. Барем не толку директно и по секоја цена. Ефектот би бил многу поинаков доколку би ги користеле за повозбудливи пресврти. Ги гледам обидите за тоа, но не се доволни за да вклопат во кохеретен резултат. Последиците од експериментите на Umbrella веќе се основата на приказната и тоа треба да биде во фокусот. Како за зомби серијал, едвај се осеќа некаква закана од самите зомбија.


Првиот и вториот дел, можеле комотно да бидат еден филм. Првиот има погрешен пристап кон идејата за мала група луѓе во клаустрофобичен простор. Изведбата не помага тоа да профункционира. А, Apocalypse развлекува нешто што повеќе одговара за завршен акт на филм кој би можел да отвори баш со излегувањето од контрола на вирусот од тајната подземна лабораторија. Со таков размер, приказната би била многу повозбудлива. Барем така некако сакам да замислам добар, комплетен Resident Evil филм.

Секако, потребен и цврст лик што ќе има некаква суштина. Вака, не само што ниеден не можеш да запамтиш (освен оној што личи на шупакон Антонио Димитриевски), туку ни самата Мила Јовович не успева да износи еден филм на своите секси раменици. Нема со што. Никогаш ништо не дознаваме за нејзиниот лик за да ни биде гајле. Верувам дека идејата била Алис да е мистериозна, но тоа е океј само како почетна точка. До крајот на овие три филмови, освен што беше клонирана, носеше црвен краток фустан и пукаше со оружје при гимнастички акробации, ништо посебно не се случува со неа.

Не знам какви се следни филмови, можеби и ќе се потрудам да дознаам. Од тоа што имам случајно видено, изгледа како Андерсон комплетно да ги игнорира настаните во Extinction. Што се случи со пустината низ цела планета? Зошто клоновите на Алис се активни и зошто во една сцена има негативец како да наминал на сетот од третокласна The Matrix имитација? И, на крајот, зошто новиот филм се вика The Final Chapter кога знаеме дека нема да сопрат тука? Да. Дефинитивно ќе се потрудам да дознаам. Сепак ете, изгледа наоѓам некаква забава во филмовиве, додека ги барам најлошите сцени што сум ги видел во блокбастер, секако.

No comments: