Има една сцена од пред дваесет години во Halloween: Resurrection кога Баста Рајмс ќе го исклоца Мајкл Маерс со нога низ прозор на која Џеки Чен би се откажал од боречки вештини од срам. Сцената е толку ненамерно смешно позиционирана во и онака лошиот филм што го шутна целиот серијал на долгогодишна пауза. Роб Зомби во меѓувреме го дотепа така легнат на земја со два катастрофални римејци, а бидејќи Halloween како бренд е секако исплатлив да постои - онаа "рекалибрација" од 2018 беше сосема неизбежна. Одамна се помирив дека оригиналноста е реткост во денешните мејнстрим филмови, па го сркнав и тој од 2018 сосе ланското продолжение, Halloween Kills.
Halloween Ends некако успева да е понегледлив и од Halloween: Resurrection. Концептот на Halloween е многу едноставен за добро да функционира само првиот пат и еднаш случајно во 1998. Филмови со такви органичени својства и правила се функционални само во склоп на истите. Ако не успеш да им најдеш нов соодветен штос ќе го добиеш Alien: Covenant или сите седумнаесет продолженија на The Terminator после Judgement Day. Halloween секогаш се кршел кога филмот несмасно ќе се оддалечел од формулата и ќе се обидел да го демистифицира Мајкл Маерс или во најлошите примери да понуди натприродно објаснување за неговата моќ.
Мајкл Маерс треба да е само психопат кој хара со кујнскиот нож зошто е непресметлив. Баш тој аспект го прави толку језив и адекватен. Тоа што некогаш докторот Лумис го дефинира како буквално олицетворение на зло е само неговата перспектива и субјективно толкување во неможост да прифати дека обичен човек може да е ладен и свиреп до таа мера. Серијалот врз тоа подоцна има направено неколку филмови кои се занимаваат со древни клетви, култови и слични неинвентивни бабини деветини. Halloween Ends се сопнува тука некаде. Иако е посуптилно за разлика од претходно, пак му дава некои натприродни нијанси за Мајкл Маерс што никако не успеваат да пркнат во оваа нова трилогија која до сега воглавно се потпираше на поприземјени концепти.
Од тука веќе сме во спојлерска територија. Филмот почнува интересно, неколку години пред главните настани што ќе се случуваат во него. Имаш еден млад дечко, Кори, кој од небрежност ќе го убие детето што го чува додека неговите родители се излезени за Ноќта на вештерките. Иако подоцна ослободен од вина, Кори станува новиот монструм во градот и едвај живурка во околината која уште смета настанот не е баш таков каков што одлучил судот. Практично, пола филм не го ни гледаме Мајкл Маерс, туку фокусот е на Кори и внуката на Лори Строуд која од некоја неразјаснета причина му се има јако настрвено.
Додека се тегави оваа невешто презентирана романтична драма, Мајкл Маерс престојува во канализација, повреден и немоќен да го тероризира градот. Во една од тие пет минути колку што вкупно го има во филмот, Мајкл ќе го начека Кори залутан во истата канализација и од тој момент Кори ќе добие сличен таков неконтролиран нагон за убивање. Филмот не е сигурен дали сака да каже дека Мајкл Маерс некако магично го запоседнува телото на Кори или Кори конечно соочен со таква фигура како Мајкл сфаќа дека убивањето е дел од неговата природа, ама има една крајно глупава низа на сцени како двајцата другарски убиваат луѓе низ градот. Како деца да го пишувале ова. Фали уште монтаж музика за да е посмешно.
Halloween Ends како крај на трилогијата имаше прилика да биде многу повеќе од ова. Ги имаш двете најголеми ѕвезди на серијалот и не правиш ништо со нив. Во претходниот филм ја тргнаа Лори Стоуд на страна, сега Мајкл Маерс. Како да ги обмислиле само последните пет минути, а другото да е чиста импровизација или сценарио од друг филм залутано на снимањето на овој. Немаше да боли уште еднаш да ја видиме Џејми Ли Кертис асално против Мајкл Маерс наместо саат и кусур токсични тинејџерски романси и фаци што наместо да глумаат некако се моткаат на сет пред камери. Ја имаа основата со Halloween (2018) и буквално ја пуштија низ канализација.
А, како за хорор филм е прилично нехорорест. Никаква тензија, никаква закана од ништо, само си тече предвидливо и досадно. Едвај чекав да заврши. Не успева да ги пресретне ни тие ситни очекувања што ги имав, односно беше полош на многу поразличен начин отколку што мислев дека ќе биде. Реално, не ни можеш да очекуваш којзнае што од франшиза што е стара четириест години и вклучува петнаесетина филмови од кои добри се еден и пол. Гледам дека неделава Halloween Ends направил скоро дупло повеќе пари од продукцискиот буџет, па ете барем тие што работеле на филмов ќе се задоволни.
Ова се разбира не е крајот за Мајкл Маерс, колку и да заврши како паштета смелен на автомобилски отпад. Завршеток е само на оваа неуспешна трилогија со која прекинува лиценцата на Blumhouse. Не се ни сомневам дека за некоја година пак ќе почнат да штампаат глупи Halloween филмови за да пак да се отпочне циклусот. Прво еден што пак ќе се обиде да го измисли првиот на Карпентер, па уште неколку други разочарувачки по ред. А, јас ќе ги гледам и тие зошто упорно верувам дека Halloween има некој скриен потенцијал за конструктивно маневрирање низ основниот концепт што ќе резултира со добар филм. Само што ете никако го погодат.
No comments:
Post a Comment