October 31, 2021

Пак го промашија Halloween

Halloween серијалот има само два добри филмови од вкупно дванаесет. Првиот и H20: 20 Years Later. Тaa "рекалибрацијата" од 2018 е за нијанси подобра од просечниот накај лош остаток, ама пак е некако недоволно ефективна со тоа што сака да го пренесе. Идејата за франшизата да го спушти Мајкл Маерс на земја после приказните за мистицизам, култови и натприродни сили изгледаше како примамлива прилика за освежување, ама филмот не успеа целосно да си го утврди сопствениот идентитет, ниту пак да создаде шаблон за следните.

Овој новиов Halloween Kills што е директно продолжение на тој од 2018 е показател за тоа дека освен бизнис планот за штанцање на нови филмови, Дени МекБрајд и другарчињата сценаристи немале ништо друго спремно. Halloween Kills не само што не се труди да ја разбере франшизата од која е дел и да ги идентификува нејзините функционални компоненти, туку често успева да го промаши и жанрот. Ова е еден од најлошите Halloween филмови досега, некаде на слично рамниште со Halloween: Resurrection
 
 
Некако мака ми падна. Halloween од 2018 не беше најдобар, ама барем одлучи пак да ги спои Лори Строуд и Мајкл Маерс и да се фокусира на нивната четириесетгодишна историја. Имаше главни ликови со мотив и предизвици, дури и природно успеа да протне и нова генерација во заплетот без ја угуши главната движечка енергија. Halloween Kills не само што ја дистанцира Лори Строуд од тековната приказна и буквално ја сместува во болница, туку и неуспешно се гњави да најде главен лик од чија перспектива како публика би можел да ги следиш настаните. 

Филмот е повеќе како колаж од досадни сцени со ликови што немаат грам памет и елементарно познавање на ладни оружја. Кој нормален би му се спротиставил на Мајкл Маерс со ноже за мачкање паштета? Не барам реализам, само сакам пологичен пристап и малку попаметно напишани ликови. Да има некој за кој ќе се грижиш и ќе навиваш низ филмот. Разбирам дека некој треба да биде изнабоден во слешер хорор и најчесто жанрот сака да таргетира приглупи тинејџери, ама невозможно е во цел град да не постои некој што не се однесува како аматерски испрограмиран бот.

Идејата за топла што се собира за да го улови Мајкл Маерс е секако интересна, ама во Halloween Kills нема момент каде што функционира затоа што некој не знае да пишува сценарија и ликови. Има еден сцена каде што истата таа вооружена толпа разбеснети граѓани едноумно почнува да брка недолжен несреќник откако ќе го смешаат со Мајкл Маерс. Без размислување и задршка, само удри мајсторе. Да е уште полошо, кога истата таа толпа ќе се соочи со вистинскиот Мајкл Маерс не ја ни спроведува намерата, туку гине инстанто. Еден по еден. Или го нишанат во невитални делови од телото или им снемува куршуми во клучните моменти. Налет, еј. Невозможно е да си платен да смислуваш вакви глупи сцени. 

Со сето ова, Halloween Kills нема никаква тензија и хорор. Воздржан е и со насилството што е карактеристично за слешер жарот, така што ни од тој аспект не е нешто привлечен ако си од таа публика. Никогаш со ништо не укажува дека Мајкл Маерс може да биде било како повреден и совладан, а ниту имаш главен херој меѓу ликовите што му е достоен противник. Разбирам дека можеби ја чуваат Лори Строуд за следното продолжение, Halloween Ends, меѓутоа не можеш вака шашаво да го склопиш средниот дел во трилогија, ако па воопшто тоа сака да биде филмов. 

Штета за потенцијалот што го имаше Halloween од 2018. Мислев дека ќе успеат да го разгранат првиот на Џон Карпентер во нов забавен серијал со Kills, ама очигледно не постои талент што знае како. Не знам ни јас, слешер жанрот е досаден, ама има начини веројатно каде што може да комепнзираш за ограничувањата. Happy Death Day кецот е супер освежување на жанровската формула, топла препорака за гледаање. Презабавен е. А, Halloween очигледно ќе стане бетер од Terminator франшизата и ќе се ресетира додека ќе можат да ги мкнат глумците од оригиналните филмови на сет. Ете и Scream нов ќе имало догодина. 

Види такоѓе:

No comments: