Расчистив и со тековните DC стрипови месецов. Фино е тоа што некои наслови излегуваат два пати месечно, па побрзо ќе се соберат повеќе за читање од кои можеби некои ќе бидат и пак добри. Како што ветуваше јакиот почеток, нели. Ова моментално што е во печат, ниту сакам ниту можам да го следам. Бетмен насловите се упорно катастрофа, Супермен дополнително се искомплицира, а Trinity затера некоја приказна што е аналогна на For the Man Who Had Everything. Не е толку лошо тоа, ама ќе почекам цело купче.
Па, што правиш кога ќе изневерат DC и Marvel? Чукаш на врата кај Image Comics, се разбира. Тоа е таа "трета опција" за стрипови што никогаш до сега не промашила наслов. Барем од тоа што јас сум фатил во раце. Одлична алтернатива е и кога сакаш да избегаш од напорни суперхерои, особено овие што се со приказни чии настани се еквивалентни на хрчак што трча во тркало.
Така и дојдов до East of West, стрип што редовно се објавува од 2013 и некако ми бил присутен пред очи, ама никогаш не сум се наканил да видам што е. Хикмен е цар, сум му ги читал само Marvel NOW насловите од пред некоја година и криво ми е малку што оваа негова ултра-креативна страна ја откривам дури сега. Типот е ебен гениј и ќе се обидам да објаснам зошто без спојлери.
Тоа ми е уствари најголемиот проблем со Image наслови. Не можам добро да ја доловам суштината на приказните без да го посерам искуството за некого. East of West е научна-фантастика, вестерн, политичка и љубовна драма во исто време. Тоа што се занимава и со алтернативна историја е само дополнително кул, зошто има ли позабавен елемент во фикција од тоа, патување низ време и паралелни универзуми?
Добро, East of West засега ги нема последниве две, но се случува во време кога Американската граѓанска војна зела поинаков правец. Наместо САД, на таа територија во сурова дистопија постојат Седумте Нации, откако во 1908 во Канзас паѓа комета која уште толку го размрдува општествениот амбиент. Заедно со кометата, се случуваат и неколку пророштва кои во стрипот се познати како Пораката. Низ самите страници има извадоци од Пораката кои дополнително го градат и онака богатиот слоевит свет кој Киркмен го создава тука.
Од некаде се појавуваат и Четирите јавачи на Апокалипсата за да го исполнат крајот на светот кој го најавува Пораката. Но, Смртта се одметнува од "мисијата" и тера некоја своја агенда не толку типична за она што го претставува, на начин кој изгледа како да е излезен од филм на Серџо Леоне. Нема црна наметка и коса, туку е персонифициран како бел (буквално бел, не е обоен со боја.. океј, не знам како да го пренесам ова без да е двосмислено) каубоец што јава на механички "коњ". Реченица повеќе од ова и ќе го заебам уживањето на некој што ќе се реши да го чита стрипот, затоа ќе престанам тука.
East of West е комплексно срање. И, како такво го обожавам. Не само што Хикмен споро ги движи многуте настани, туку е и таинствен околу деталите. Некогаш мораш да се вратиш број наназад кога ќе реши да ти ги поврзе точките или да фрли светло кон некоја мистерија. Читачкото искуство што го нуди е на сосема друго ниво од тоа на кое сум навикнат, дури и кога станува збор за Image Comics. Приказната, цртањето и боите се ремек дело и тој прв впечаток го зацврстив со прочитани 15 броеви. Стрипот е уште во тек, до крајот на годинава ќе излезе и #30. Излезени се пет колекции кои ги укоричуваат првите 20 броеви, па многу е веројатно дека ќе почнам полека да ги собирам на хартија.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment