March 11, 2016

Како Scream го редефинираше хорор жанрот

Оваа година Scream на Вес Крејвен полни дваесет години. Иако неретко изоставен од листите на "вистинските" хорор фанови, филмот денес удобно си го носи култниот статус и важи за еден од најдобрите филмови кои покојниот Крејвен ги остави како негово наследство. Scream доживеа уште три продолженија и една серија која се прикажува во моментот, но ништо не успеа да ја удри истата нота како првиот филм. Продолженијата, без оглед на тоа што беа забавни на свој начин, фрлија прашина на освежената формула, додека серијата ја избегнувам од проста причина што оди на MTV, канал за кој сметам дека не би можел да понуди третман на материјалот каков што би сакал да видам. Можеби и навистина вреди, меѓутоа уште не сум спремен да ги тргнам предрасудите настрана за да проверам. 

Пред Scream, слешер хорор жанрот е во коматозна состојба. Видена е веќе секоја варијанта на маскиран психопатски убиец кој демне група млади луѓе и ги убива еден по еден. А, режисерите барајќи начин да отскокнат од досадните конвенции, често ги носат антагонистите во натприродна територија која некогаш фрла поинакво светло на првите наслови во тие долги серијали. Веројатно најпрост пример за вакво сквернавење на изворот е Friday the 13th, а не е поштеден ни Мајкл Маерс и Halloween серијалот. 


Но, Вес Крејвен никогаш не ни играл по "правилата". Доказ за тоа е неговиот A Nightmare On Elm Street кој се појавува во период кога слешерите стануваат репетитивни. Не само што филмот го спасува жанрот, туку го спасува и New Line Cinema студиото од банкрот, притоа лансирајќи ја кариерата на Џони Деп кој својата прва улога ја добива баш тука. 

Во 1996, кариерата на Крејвен не е баш нешто на кое што некој би можел да подзавиди. Успехот на Scream повторно му помага на Крејвен да остане "во игра", а слешерите да ги отворат очите и да тргнат по нова крв. Scream функционира толку добро во тоа што го прави и ако си уште на линија, дозволи да ти објаснам зошто. Во секој слешер филм го има тоа што го нуди Scream, да. Маскиран сериски убиец, напалени тинејџери и скромна, храбра девојка која често е единствената што ќе го преживее крвопролевањето. Но, Scream го знае сето ова, тука е уникатниот детал кој го прави филмот интересен. Култните хорор филмови постојат во универзумот на Scream. Ликовите ги знаат "правилата за преживување во хорор филм", експлицитно нагласени од Ренди, типот опседнат со ваков вид забава. Ренди и неговите правила ја дефинираат динамиката на филмот брзо откако ќе почнат убиствата. 

Но, и покрај тој свеж пристап со мета-референцирање, Крејвен оди чекор понатаму со тоа што го крие идентитетот на маскираниот будала до самиот крај. Можеш само да се сомневаш и да погодуваш и никогаш да не си прецизен. Знаеш кои се Џејсон, Мајкл Маерс и Фреди Кругер, но тензијата е поефективна кога заканата е комплетно мистериозна. Пристапот функционира феноменално. Затоа и првиот пат кога го гледав филмот, тој силен впечаток што ми го остави тогаш ќе остане незаменет. Дури и со постојаното гледање пред години, на една излитена Scream видео касета што мислам дека ја чувам и денес, никогаш не успеа да ми здосади.  

Популарноста на Scream повлече еден краток бран на слешер хорори кои исто така го криеа она зад маската до последните минути. I Know What You Did Last Summer, Urban Legends и Valentine се можеби најзвучните наслови кои се впишаа во историјата на жанрот, иако значително заостануваат со квалитетот. Scream исто така го инспирира враќањето на Џејми Ли Кертис во Halloween H20: 20 Years Later од 1998. Па, глупаво е да ја оспоруваш влијателноста кога учителот ќе ја симне шапката пред ученикот и со реципрочни референци. 

За жал, формулата на слешер хорорите е таква што брзо се троши. Хорор жанрот подоцна доживува уште една ренесанса со Saw во 2004, филм кој дава нова димензија на експлоатацискиот хорор и повлекува бројни имитации. А, истовремено, се штанцаат лоши римејци на многу стари наслови од жанрот. Слешерите повторно се повлекуваат во филмското подземје и второкласната продукција каде што како такви опстојуваат и денес, веројатно чекајќи го следниот Scream.

No comments: