November 23, 2021

Сакам уште Arcane

Мислам дека можам одговорно да потврдам дека Arcane е најдобрата адаптација на игра што сум ја сретнал до сега. Без претерување, факти се ова веќе. Можеби е до минималната изворна основа која овозможува поголем креативен простор за Arcane поопуштено да дише, не знам, ама ова што го видов во овие девет епизоди ме шокираше колку е добро. Ликовите, кинематографијата, амбиентот, приказната - некако сè е убаво составено да функционира.

Најсилната страна на Arcane е што не се брза никаде. Гради бавно, посветува доволно време на ликовите, деталите на светот во кој се случува, сè со цел да те приврзе со мотивите и конфликтите. Внимателно ја тинтра секоја перспектива, успева да биде исклучително сериозна и емотивна, па и да не си запознаен со она минимално парче фолклор што го црпи од League of Legends, пак ќе можеш удобно да се внесеш во наративот без прашалници.

Arcane го одржа квалитетот по првите три епизоди. Очигледно, патот за кој се одлучи серијата беше јасно зацртан и прецизен, без ниеднаш да се расклати или да се сопне. Ниту еден аматерски пропуст. Компактно и концизно. Веројатно ова е производ на јасна визија и цел, нешто што често отсуствува кај слични екранизации кои го губат идентитетот обидувајќи се да се обратат на поширока публика. Arcane речиси магично успева да ја најде таа функционална средина.

Сигурен сум дека и да не си запознаен со било што од League of Legends лесно ќе можеш да ја видиш брилијатноста на серијата. Иако ми е потешко да се позиционирам од таков агол, некогаш толку се внесував во приказната што заборавав од каде точно потекнува. Секако, има еден куп референци што се тука да им намигнат на играчите, меѓутоа Arcane не изгледа дека е преоптеретена со задоволување на таа публика. Можеби во иднина ќе се малку повеќе фокусирани на експанзија кон потесниот League of Legends фолклор, основата сега е цврсто поставена за да одат било каде. 

Со етаблиран концепт за хекстек и успешно позиционирање на спротиставените страни, Arcane конечно ќе може да завземе уште поакционен облик во следната сезона. Не дека недостасуваше, акцијата беше одлично дозирана во овие девет епизоди, меѓутоа завршната нота ветува уште повозбудлив правец. Изворот иако е мал, има богатство таму што чека да биде истражено. 

Видовме само мал дел од светот, што и покрај густата презентација остава простор да бараш уште. Сакам некогаш да видам ја видам и помистичната страна на Рунтера, сакам приказни со Малзахар, Ка'зикс, Вел'коз и целиот тој космички хорор кој пефектно може да се вклопи како фракција што дополнително ќе го искомплицира конфликтот помеѓу Пилтовер и Заун.

Затоа се радувам што Arcane испадна вака успешно. Си ја обезбеди иднината со најавената втора сезона, а доколку останат доследни на истиот квалитет, сигурен сум дека ќе ги сркаме приказниве со години. Ја имаат добитната формула, искрено се надевам дека нема да им се сруши врз глава. Riot одржаа лекција на многумина со ова. Arcane воспостави нови стандарди за како треба да изгледаат адаптации на видео игри и баш ми занима дали и некои други компании со потенцијал за разнесување на нивната интелектуална сопственост по други медиуми си прибележаа тоа што треба во тетратките.

Пукнав некоја League of Legends партија деновиве. Уште е истата токсична депонија како и секогаш, ама даваат бесплатни скинови за Вај, Кејтлин, Џејси и Џинкс базирани на нивните Arcane варијанти што се добиваат ако победиш една или изиграш три партии. Собрав три, последниот за Џинкс ќе биде достапен утре за отклучување. Скиновите се временски лимитирани, па така што ако си колекционер, сега е шансата да лапнеш нешто муфте.

Види такоѓе:

No comments: