Како и со се' останато изминатиов месец, каснам и со The Walking Dead серијата. Долгоочекуваната адаптација на стрипот на Роберт Киркмен (еден од креаторите на Haunt, Marvel Zombies и Ultimate X-Men) започна неодамна да се прикажува на американската кабловска телевизија AMC. Да, истата телевизија каде што до скоро се прикажуваше Rubicon, пред да биде укината.
Стрипот уште не ми дошол на ред за читање, така што нема да правам споредби со серијата, и ќе се обидам да ја оценам таква каква што е. Зомбија отсекогаш биле кул и речиси секоја приказна во која што се нашле била солидна, освен во случај кога се работи за некој нискобуџетен металски хорор од Д категорија.
Изминативе месеци The Walking Dead крена огромна прашина, по блогови, сајтови, форуми, твитери и сегде кај што би можела да се најде потенцијална публика. Имајќи го тоа во предвид и моите очекувања за оваа серија беа големи. Тоа што не очекував од The Walking Dead е да биде премногу драма за мој вкус. Настрана од зомбијата, се останато во првава епизода е некако споро, половично и на моменти досадно. Незнам какво е сценариото во стрипот, меѓутоа во серијата и не е баш на некое завидно ниво.
Серијата го следи Рик Грајмс, локален заменик шериф во мало место во САД, кој после одреден период поминат во кома, се буди среде зомби апокалипса. Дали некој приметил колку неприродно се однесуваат ликовите во филмовите кои се затекнале среде некој ваков настан? Мислам, зомбија се, ало? Баш поради ова Shaun of the Dead е најдобриот зомби филм некогаш снимен (настрана раните остварувања на Џорџ Ромеро). E, сега. Шерифот се буди од кома и воопшто не се труди да дознае што навистина се случува. Разбирам дека шокот е голем, ама wtf? Сите некако се мирни, едвај паничат и понекогаш се однесуваат како никогаш претходно да не чуле за зомбија. Тоа ме тера да помислам дека зомбијата воопшто не се дел од фикцијата во самите филмови. Како тотално да се избришани од универзумот во кој е сместен филмот.
Друго, преголем акцент на емоции кај ликовите, дури и кога најмалку треба. Сфатив дека ова е пред се драма, само што навистина нема потреба од толкава театралност. И да, шерифот личи на Благоја Грујовски, една причина плус што ја прави The Walking Dead уште почудна серија. Ликовите моментално ништо не ми значат. Со ништо не се потрудија да го заслужат моето внимание. Од друга страна, режијата и фотографијата се одлични. Се осеќа некоја стриповска атмосфера. Зомбијата се добро направени, баш такви какви што треба да бидат, без непотребно експериментирање.
Иако е рано за краен заклучок, ќе кажам дека серијата не ме чепна нешто којзнае колку. Првава сезона ќе има само шест епизоди, значи ништо страшно, па ќе видиме понатаму. Во меѓувреме, ќе прочитам нешто од стрипот, колку да имам претстава што точно (ќе) гледам.
No comments:
Post a Comment