April 6, 2023

Сè ќе проба да те убие во Elden Ring

Никогаш не сум бил љубител на Dark Souls или souls-like игрите. Не ми била привлечна идејата четири саати континуирано да се потам да убијам некоја грозомора што ме составува со земја за милисекунда ако не ѝ се поместам правилно на лево. Потоа се појави Elden Ring. Ја поиграв онака колку да се каже тогаш кога излезе, дадов шанса чисто поради визуелниот дизајн и естетиката во која се затрескав инстантно, па после ја баталив за некои други наслови за кои не верував дека ќе ме завлечат до толку да не можам ништо друго да играм тој период.

Elden Ring е од оној тип на игри што сами ќе го најдат патот до тебе во вистинскиот момент. Не е нешто што го пушташ да се олабавиш, освен не знам, ако овој тип на игри после извесно време не почнуваш да го користиш за разонода. Мене ми требаше некое време да ми легне структурата на играва за вистински да научам да ја ценам како едно од најдобрите гејминг искуства што сум ги доживеал. А, веројатно не сум ни до пола. Не знам ни точно до кај сум стигнат, бидејќи Elden Ring и тоа го чува скришно.
 

Целиот свет на Elden Ring e таков таинствен и нејасен. Немаш водичи на мапа, ја немаш ни цела мапа туку ја склопуваш дел по дел, немаш директна нарација и јасно одреден пат. Пуштен си во некоја мистериозна мрачна средина со остатоци од некаква моќна благородна цивилизација. Единствена водилка ти се сопствената вештина за да се справиш со околината и попатните кратки пораки изрезбани со светли букви на камење кои како дел од светот ги оставаат други играчи. Ќе сретнеш неколку ликови по пат, меѓутоа нивните криптични објаснувања за како треба да им бидеш од корист можеби уште толку ќе успеат да те збунат. Тоа ќе ти се разјаснува постепено, а додека да почнеш да ги склопуваш деталите ќе изгинеш 8246 пати.

Играта е најтешката игра што некогаш ми поминала низ раце. Не си свесен колку не знаеш да ги играш игрите од овој жанр додека саглам не им седнеш.  На секој чекор нешто се обидува да те убие. Без разлика дали е стражар, мечка или монструозна ноќна мора со недефиниран облик, ако не научиш како да се тепаш - ќе ти се испише 'YOU DIED' на екранот уште пред копче да притиснеш. Ќе го читаш и сонуваш тој текст некое време пред да сконташ како можеш да се справуваш со тепачките во Elden Ring. Сè со кое можеш да влезеш во некаква борба има различен пристап и механика, па постојано си приморан да развиваш своја сопствена стратегија, вештина и стил. 
 

Во ниеден момент не си поштеден од непријателите. Мораш да почнеш со ситни залци, особено ако немаш искуство со ваков тип на игра. Целиот свет ти е отворен и можеш секаде да шеташ за да вежбаш и да стануваш подобар. Ќе почнеш со обични волци, некои незаканувачки војничиња и на крај ќе успееш да му го искинеш газот на првиот грозен трол што всушност ќе испадне дека не е ништо во споредба со тоа што ќе се соочиш понатаму. Јас на почетокот некако амбициозно завршив кај првиот поголем батка Маргит и речиси бев убеден дека можам да се додржам до крај, ама после небројни неуспешни обиди ми стана јасно дека ова не е како ниту една игра што сум ја играл претходно. Колку и да мислев дека имам некакви опасни гејмерски вештини и инстинкти, Elden Ring ги зема и ги фрли низ прозор.

Тука ми кликна она чувство кое ме натера да ја засакам играта толку многу. Морам да вежбам да сум подобар, да собирам руни со кои ќе ојачам колку-толку и да барам некое посаглам оружје. Руните се посебна приказна. Сè што ќе убиеш ти дава руни кои истовремено ти служат за левелирање и како валута за ретките работи што можеш да ги купиш. Кога ќе умреш, руните паѓаат на местото на кое си умрел, па мораш пешки да ги собереш со надеж дека нема да умреш пак и да си ги земеш крваво заработените руните пред да ги снема за секогаш. Не можам да избројам колку пати до сега изгубив илјадници такви мочани руни кои не сум успеал да ги искористам додека сум бил жив. Секој левел ти бара поголем број, па често ќе се шеташ наоколу таков изложен и полн со драгоцени руни кои едвај си ги собрал.


Уште не користам никаква помош освен таа што ми е достапна во играта. Не изгледав ниедно видео за насока, не прочитав никаков туторијал и сум сериозно горд што до сега успеав да измлатам неколку босови низ Лимгрејв, вклучувајќи ги и Магрит и Годрик. За нив ќе претпоставам дека се некој јак курац во приказната зошто се единствените до сега за кои Стим ме накити со ачивменти. Не знам ни за што ми се многу од овие работи што ги собирам низ светов, ама тоа и ми е најинтересно - да оставам играта сама да ми ги покаже. Сите тие наративни детали, тајни и криптични ликови сакам сам да ги откривам постепено и природно да ги учам како функционираат.
 
Отсуството на класично квестање е баш во тој дух, сите работи што ќе ги правиш тука се твој избор. Нелинеарноста на Elden Ring ти овозможува сам да избереш како ќе ја играш. Стварно уникатно RPG искуство што тотално не го очекував. Наградата е завршувањето на целта што сам ќе си ја зададеш, а не тоа што играта ќе ти го сервира и тоа ме прави особено среќен. Некогаш е пробивање низ територија што е преполна со тешки непријатели, некогаш е одмазда за група немртви во некоја темна пештера, некогаш е само собирање руни со надеж дека следниот левел ќе те направи за нијанса поиздржлив. 


Тоа е јакото. Колку и да се осеќаш моќно и спремно, пак може изненадно да те упокои некој џиновски стаорец кога ќе залуташ во некои темни катакомби. Играта е така направена да можеш да убиеш сè што мрда и на прв левел, штосот е во тоа да ја стекнеш вештината. Не си инстантен херој во играва. Не си Гералт од Ривија или Бајек од Сива, немаш села, градови и жители на кои им помагаш, сè е такво тмурно, неспокојно и осамено. А, Elden Ring баш знае да блесне со цел тој цивилизациски пустош. Не сум видел волку добро дизајнирана игра - од гејмплејот до самата морбидна пост-апокалиптична околина во која постојано си на штрек. 
 
Со ништо не би можел да го споредам ни визуелниот стил на светот. Има некои мотиви кои се очигледно инспирирани од постоечка светска архитектура, меѓутоа оскудниот начин на кој ти е презентирана приказната не ти дозволува да се стекнеш со лесно знаење за митологијата и фолклорот. Јасно ти е колку што му е јасно и на ликот со кој играш, па сите работи ги искусуваш од таа перспектива. Ретко која игра се снаоѓа волку добро со ваков пристап. Уште во првиот момент кога ќе стапнеш во Elden Ring ти е јасно дека тоа што е пред тебе не е слично на ништо што си видел претходно. Светот во кој ќе се заткнеш е руиниран и немаш никаква претстава за тоа каков би можел да биде во неговите посреќни денови. 

 
Како да сум заборавил вака да уживам во игри последниве години, сериозно. Многу од времето ќе играш нешто со пола мозок, ќе следиш маркер за следниот квест и махинално ќе кликаш врз ствари додека не умрат. Elden Ring ми побара 100% фокус и го доби. Сигурно дваесетина години немам играно игра во која сум бил волку целосно внесен додека ми е уклучена. А, со секоја сесија успевам да сум подобар од претходниот пат. Мислам дека засега добро ми оди, особено за некој што свесно се криел од вакви игри.
 
Можеби никогаш нема да успеам целосно да ја завршам, ама знам дека ќе уживам максимално во секој обид да се пробијам низ некој разрушен мрачен готски замок или полу-потонати остатоци од некогашен град додека се обидувам да сврзам што точно се случува во Земјите Помеѓу. Откако се справив со почетните фрустрации кои доаѓаат од тежината на гејмплејот сега ми останува само да копам подлабоко во светот на ова неповторливо ремек-дело. Дефинитивно најдобрата игра што се појавила во последниве неколку години.

2 comments:

Cyb3rAng3l said...

Целиот се најдов во статијава, истиот сум и јас со Елден Ринг. Ја поиграв 20тина саати на почеток, ја оставив 2-3 месеци да седи и пак од негде ме закопка да ја заиграм.. и еве, на 80 саати сум за 1 недела, се внесов 100% во играва. И јас исто не сум љубител на соулслике игрите, единствено Секиро ми е изиграна другото играно пола саат и избришано. Ама оваа игра, бреј-момент ми беше. Светот во играта како е дизајниран е... без зборови сум, топ 3 светови евер. Излегуваш од пештера и пред тебе се шири замок на цел остров, губиш некои 20тина секунди гледајќи само и продолжуваш, ретко која игра знае таков момент да ти направи. Карактер дизајнот е исто јапонски мастерклас.

P.S нема да е лошо да упалиш стримче да ги ѕирнеме малце твоите вештини во Елден Ринг, а? :P

Бојан Николов said...

Предобра е. Една од најубавите игри што сум ги видел до сега. :) Толку и ја ги имам "играно" Соулс игрите, по 10 мин макс. За стрим тешко, ова сакам да го играм натенаане. Стримање ќе ме дефокусира :))